ВОСКРЕСЕНИЕ ХРИСТОВО-ВЕЛИГДЕН ВО REYNOLDSBURG, OHIO
Reynoldsburg (Columbus)
Овој ден го создаде Господ, да се возрадуваме и да се возвеселиме во него.
Ден е на воскресението, да се просветиме, луѓе:
Пасха, Господова Пасха!
Од смртта кон животот,
и од земјата кон небото,
Христос нашиот Бог нé преведе,
нас кои што победна песна пееме.
На овој светол и славен ден на Воскресението Христово, на овој Велигден во присуство на многуброен верен Македонски Православен народ, но и Православни од други народи, кои секоја Пасха го одбираат нашиот Храм за да се возрадуваат заедно со нас на Воскреснатиот Христос, на полноќ, се одржа Света Божествена Литургија. Дел од верниците ја примија Светата Тајна Причест.
Свечено и посетено беше и следниот ден на Вечерната на Пасха-таканареченото Второ Воскресение. Следниот ден, на втор ден Велигден, го прославивме и споменот на Светиот Великомаченик Ѓорѓи Победоносец. Со тоа завршија торжествените богослужби започнати во претходната Страсна Седмица, кога со надежта за наше совоскреснување со Христа во последниот ден, ги минавме и страдањата на нашиот Спасител.
Вечерта на Воскресение Христово, се одржа традиционалната игранка во Големата сала на Старата Црква на Whitehall. Главен настан на вечерта беше настапот на најмладите членови на Играорната секција при нашата Македонска Заедница.
Христос воскресна! Навистина воскресна!
Дури и во гроб слезе Бесмртен,
но силата адска ја разурна,
и воскресна како победник, Христе Боже,
на жените мироносици велејќи им-радувајте се!
и на Твоите апостоли мир им дарува,
на паднатите им подаде воскресение.
Подготвиле:
Лазар Пурдеф
Кристина Балевска
Лазар Пасковски
ипоѓакон Ѓорѓи Ѓурчиновски
08.05.2013 год.