Слика

 Во Африка живеел еден жестокосрдечен и немилостив митар (собирач на даноци), по име Петар. Тој никогаш не ги жалел оние што немале, во својот ум немал мисла за смртта, не одел во Божјите цркви и неговото срце секогаш било глуво за оние кои проселе милостиња. Но, благиот и човекољубив Бог не ја сака смртта на грешниците, туку се грижи за спасението на сите и секого спасува со Својата неискажлива Промисла. Тој ја покажал Својата милост и кон Петар и го спасил на следниов начин.
Еднаш, сиромашните и просјаците, кои седеле на улица, почнале да ги фалат луѓето кои се однесуваат милосрдно кон нив, се молеле за таквите на Бога, а немилостивите ги прекорувале. Разговарајќи така, тие заговориле и за Петар. Раскажале за тоа колку жестоко постапувал со нив и се прашувале еден друг дали некој од нив некогаш добил милостина од домот на Петар. Кога не се нашол таков човек, еден од сиромашните станал и рекол:
- Што ќе ми дадете, ако сега одам и побарам од него милостина?
Кога се договориле, тие собрале меѓу себе залог, а просјакот тргнал и застанал до портата на Петар. Наскоро тој излегол од дома водејќи осле, натоварено со леб за кнезовиот ручек. Просјакот му се поклонил и гласно почнал да проси милостина. Петар зел еден леб, го погодил просјакот со него и го одминал. Кога го зел лебот, просјакот се вратил кај своите собраќа и рекол:
- Го добив овој леб од рацете на самиот Петар.
Притоа, тој почнал да Го прославува Господа и да Му благодари за тоа што Петар е толку милостив. По два дена, митарот се разболел толку лошо, што дури се наоѓал блиску до смртта. И ете, во видение видел како стои на суд и на вага ги мерат делата негови. Од едната страна на вагата стоеле смрдливите и зли духови, а од другата се наоѓале светли и благообразни мажи. Злите духови ги донеле сите зли дела, извршени од митарот Петар во текот на целиот негов живот од најмлади години, и ги ставиле на вагата. Светлите мажи не наоѓале ниту едно добро дело, кое ќе го стават на другата страна на вагата. Затоа тие биле тажни и во недоумица си говореле еден на друг.
 - Нема што да ставиме на вагата.
Тогаш, еден од нив рекол:
- Навистина нема што да ставиме, освен еден леб, кој тој го даде заради Христа пред два дена, и тоа во небрано.
Тие го ставиле тој леб од другата страна на вагата и тој натежал над злите дела. Тогаш светлите мажи му рекле на митарот:
- Оди, беден Петре, и додади уште кон овој леб, за да не те земат демоните и да не те поведат на вечни маки.

Повеќе