Целосно заокружен проектот „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература“
Понеделник, 15 Април 2013 13:28
На промоцијата, во присуство на голем број писатели, преведувачи и издавачи, се обрати и претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, а промотор на новите дела од проектот беше академик Влада Урошевиќ
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Бизнис-салата на Скопскиот саем се обрати на промоцијата на последните 20 дела од едицијата „Превод на литературни дела на добитници на Нобеловата награда за литература“, со што реализацијата на овој проект, кој има 146 дела, целосно се заокружи.
-Овој проект има длабоко и трајно интелектуално влијание во македонскиот културен контекст и, што е најважно, тој ги потврдува животворноста и виталноста на македонскиот јазик. Едицијата на преведените дела на добитниците на Нобеловата награда за литература ги афирмира изразните капацитети на македонскиот јазик и потврдува дека колоритноста на македонскиот збор може да ги артикулира најсложените нијанси на мислата и значењата кои се кристализирани во густите семантички слоеви на изворните дела - истакна министерката за култура. Таа додаде дека преведените 146 дела на Нобеловците создаваат едно ново јазично соѕвездие, своевиден литературен пантеон од кој ќе се инспирира македонската творечка сегашност и иднина.
-Верувам дека новите 20 дела на нобеловците Киплинг, Рејмонд, Стајнбек, Солженицин, Памук, Бекет, Милош, Морисон, преведени на македонски јазик, во нашето културно живеење ќе опстојуваат како извор од кој ќе се инспирираме, нишан по кој ќе се ориентираме и висина кон која ќе се стремиме и ќе ја надвишуваме со сопствените, македонските литературни далечини - рече Канческа-Милевска. Таа се заблагодари на Владата на Република Македонија и на претседателот Никола Груевски за поддршката на овие иницијативи со кои се збогатува македонскиот книжевен корпус и се афирмираат македонски книжевни дострели во меѓународен контекст. Канческа-Милевска упати благодарност и до редакцискиот одбор, преведувачите и лекторите.
======
Текст: Министерсво за култура на РМ
Фото: ПП
Скопје, 15.04.2013 год.