РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО – БОЖИК, ВО SYRACUSE, NEW YORK
Што да Ти принесеме, Христе, за тоа што заради нас како човек се јави на земјава? Секое Твое создание Ти принесува благодарење; ангелите - песна; небесата – ѕвезда; мудреците – дарови; пастирите – восхит; земјата – пештера; пустината – јасли; а ние - Мајката Дева…
(Црковна песна)
Празникот на Рождеството Христово е слава и благодарност за се` што Христос ни принесе и ни принесува. Од друга страна, пак, тоа е ден што не` обврзува и самите да се прашаме – „Што да Му принесеме ние на Христа?“ Во Светото Евангелие тоа прашање е одговорено од оние што со своето присуство учествуваа во славното Рождество на Спасителот. Светата Дева Марија – се понуди себеси, потчинувајќи се на Божјата волја и носејќи Го Христа во утробата своја, од која Он се роди (Лука 1, 26 – 38). Праведниот Јосиф, пак, ја запази Господовата заповед, грижејќи се за Божјата Мајка и Богомладенецот Христос (Матеј 1, 24 – 25). Пастирите, откако ја чуја ангелската песна и откако Го видоа Детето, Му принесоа сведоштво за чудесните работи – за она што беа виделе и чуле (Лука 2, 8 -20). Мудреците, следејќи ја ѕвездата на исток, дојдоа кај Исуса да Му се поклонат, принесувајќи Му ја својата служба и своите дарови (Матеј 2, 1 – 12).
Ете, тоа ни покажува како треба да го чествуваме овој голем Празник и што да Му принесеме на Христа. Како одговор на Неговата љубов, должни сме целосно да Му се предадеме Нему, со сето свое срце, со сиот свој разум и со сета своја душа.
Празникот на Рождеството Христово Христово свечено и достоинствено беше прославен и во нашата црква „Свети Ѓорѓи“ во Сираќуз. Торжество и божиќен дух се чувствуваа во секое катче, но и благодарност на Бог Отецот за Неговиот Дар, додека на Богомладенецот Му се принесуваше Божествената Литургија. Нашите најмлади, кои и најмногу Му се радуваат на Детето Христос, на крајот ни приредија незаборавна престава, откако на почетокот го испејаа тропарот на празникот, а потоа неколку божиќни песни на македонски и англиски, по што заслужено ги примија своите божиќни подароци.
Ако Божик е празник на љубовта, мирот и радоста, сите тие дарови Воплотениот Син Божји изобилно ни ги изли на денот на Неговото Рождество, а тие нека бидат присутни меѓу нас и во текот на Новото Лето Господово.
Нека ни е честит и за многу години Божик. Христос се роди!
Известува: протоереј-ставрофор Бранко Постоловски
Лето Господово 2013