логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Во понеделникот вечерта, за време на Бадниковата трпеза на љубовта, беше промовирана првата збирка со проповеди од нашиот Старец, Архимандрит Партениј, насловена како Бог се јави во тело, воскресна во слава. Всушност, овој настан беше изненадување за Старецот, приготвено од нашето монашко братство и сестринство и воедно, со него започна празнувањето на илјадагодишнината од основањето на Свештената Бигорска Обител. Како промотор на книгата, од страна на братството беше повикан почитуваниот свештеник од Скопје, отец Бобан Митевски, долгогодишно духовно чедо на Старецот.

Во продолжение го наведуваме неговиот говор, како и предисловието од новоиспечатената книга.

Слово на Неговото благоговение, презвитерот Бобан Митевски, при промоцијата на книгата „Бог се јави во тело, воскресна во слава“ од Архимандрит Партениј Бигорски

 

Високопреподобен оче свет, за секоја почит достоен игумене на оваа сечесна Претечева обител, г. Партениј,
Возљубени отци на Бигорскиот манастир,
Возљубени сестри од синодиите при манастирите Рајчица, Пречиста и Кнежино,
Браќа и сестри во Христа, воплотеното Слово,

Од самиот момент кога бев почестен со ваквата прилика, да се обратам на овој свет ден пред ваков почитуван собор, почнав да  составувам разни концепти во мислите: како и со што да ви се обратам, како да кажам, што да кажам, па се пишуваа редовите во главата, па се бришеа… сѐ додека не си реков – зборувај за тоа што го гледаш, на што си сведок, што и самиот го чувствуваш и немој многу да должиш.

Љубовта е идентитетот на оваа свештена обител, на нејзиниот игумен и на браќата и на сестрите од метосите. Таа љубов, во Христа Родениот и Воскреснатиот, сите овде присутните, без исклучок, сме ја почувствувале и виделе, и ја чувствуваме и ја гледаме. И токму поради таа љубов сме собрани вечерва – за љубовта што нѐ приведе кон Христа и за љубовта на која толку силно, толку секогаш и секаде, толку од сѐ срце сакаме да ѝ се заблагодаруваме на разни начини, со големи и ситни нешта… Значи собрани сме за да објавиме една благодарност, еден благодарствен дар.

Отец,

Бев повикан вечерва да Ви го објавам дарот на Вашите деца, на монасите и монахињите, дарот со кој тие сакаат и да се заблагодарат за Вашата љубов и за Вашата жртва, но и со кој сакаат да го отворат прославувањето на јубилејот 1000 години од основањето на свештената Бигорска обител и 25-годишнината од Вашата монашка и свештеничка служба, како и 50-годишнината од Вашето раѓање по плот.

Ете тие, и мои браќа и сестри, со кои заедно духовно се родивме од вас во Исуса Христа преку Евангелието (сп. 1. Кор. 4, 15), ми дадоа ваква животна привилегија, и затоа сум и радосен, а воедно и со трепет што изразува почит Ви обзнанувам дека излезе од печат Вашето прво авторско дело, книгата со Вашиот потпис: Бог се јави во тело – воскресна во слава.  

Не толку често се случува ова – личниот јубилеј да се поклопи со јубилејот на светињата во која духовно си се родил и за која животот си го посветил. И тоа, без да гледаме во сѐ нешто смисла, значи нешто, кажува нешто. Зборуваме за еден милениумски и еден личен јубилеј, за една милениумска и за една поединечна свештена историја, и двете и толку лични и толку заеднички, и наши и нечии, и минати и сегашни, истории со падови и подеми, со искушенија и победи, со распетија и воскресенија…

Книгата што е пред нас, само по обем е мала, а во сѐ друго е голема. Во неа се поместени десет беседи, од кои пет за Рождеството Христово и пет за Пасха, за Воскресение Христово. Рождественските се од периодот 2014-2018 година, а Воскресенските од 2015-2019 година.

Прво, зошто токму овие беседи? Воведничарот во ова дело, авторот на предисловието, доволно прецизно го сублимира одговорот во една реченица: „Празникот на Рождеството, како почеток на Евангелието, нѐ упатува на раѓањето на Бигорската обител, а Светата Пасха – на нејзиното севкупно воскресение, што таа го живее во годините на игуменувањето на старец Партениј“.

Второ, на каква критика ќе ги изложиме стилот и структурата на текстот?

Несомнена и лесно согледлива е констатацијата дека проповедите се производ на духовничката дејност и на солидната богословска наобразба, на искуството на овој очевидец и служител на Словото (Лука 1,2).

Отец Партениј говори, би рекол, со леснотија и спонтаност, фиксирајќи се на одредена главна тема во една проповед, околу која го составува мозаикот. Така, на пример, читајќи ја книгата, со едно чувство на ексклузивност што ми го овозможија браќата и сестрите монаси, ги забележав следните главни теми, и тоа:

Во Божикните омилии: смирение / мир / вера, надеж и љубов / острастената човечка природа – обновена од Воплотеното Слово / обожение;

Во Пасхалните: Преобразување на светот преку сведоштво / преобразување и лично воскресение / за жедта по Бога / Воскресението Христово – постојана наша реалност и за совршената Христова љубов.

Сите теми се постојани актуелни, потребни и за почетниците и за тие што веќе напреднале во духовниот живот. Овие теми се и поттикнувачки и отрезнувачки, и те воведуваат и те утврдуваат.

Авторот на беседите настапува моќно, внесувајќи го читателот со силен вовед, кој најчесто е сублимат на чувството, на она духовно треперење произлезено од молитвата и расудувањето пред самиот празник. И така говори низ целиот текст, сигурно, со таа негова препознатлива љубовна доза на строгост, но истовремено и со длабока емотивност – чиниш како тука да ти зборува и да го слушаш тој толку познат мелодичен глас што говори во такт и во прецизни интервали, и те тера да слушаш, но истовремено и ти го активира умот да размислуваш. Главно, те успокојува.

А како зборува отец Партениј? Со срце и од срце. И самиот вели, цитирам: „ќе дадам целосна слобода на срцето мое, за самото тоа да ви се обрати“ или на друго место: „Како да ви зборувам и како би можел да ви ја објаснам радоста што сега ми гори во срцето?“

По текстот се познава дека повеќе се говори од веќе стекнатото знаење, без онаа непотребна моментална подготовка – пред самиот чин, туку со подготовката што е постојана, што е континуирана. Лесно се гледа дека авторот живее и со богословието и со преданието, зашто текстот е светопреданиски – светоотечки, се цитираат и светите отци и нивните расудувања и се говори и со теолошките претпоставки.

Ќе си го дадам тој простор, да завршам со една своја исповед, со едно чувство на благодарност и си едно барање и од своето, но и од името на сите присутните и на тие отсутните:

Отец,

Ви благодарам за тоа што нѐ научивте да љубиме и да пребиваме во послушанието,

за тоа што својот живот ни го посветивте и што нѐ направивте интерес на вашето секојдневие,

за тоа што ни помагате крстот свој да го носиме, правејќи го неретко и Ваш крст,

за тоа што се молите за  нас и ни служите,

за тоа што постојано Христа ни го сведочите,

за тоа што нѐ љубите.

Мили наши браќа и сестри – ви благодарам за оваа можност и, не земајте ми го следново за суета, туку како барање: чувајте го Старецот, овој дар од небото, заради самите себе и заради нас сите! Чувајте го како што впрочем и го чувате, со послушание и оддаденост, со добар подвиг и голема ревност, неотстапувајќи од заветите и исполнувајќи ги до совршенство.

На едно место и при една прилика, чинам поучувајќи за Новото Лето Господово, отецот ја заврши својата поука со зборовите на свети Василиј Велики: „Сите за еден, еден за сите“. И оваа максима е суштината и на вечерашново дело и на сите Бигорски дела и на овдешните Бигорци и на сите нас Бигорците во светот.

Отец, нека Ви се множат делата – и непишаните и пишаните. На многаја лета!


Предисловие на книгата „Бог се јави во тело, воскресна во слава“

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Во 2020то лето од Рождеството на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, се исполнуваат точно илјада години од основањето на Свештената Бигорска Обител на чесниот и славен Пророк Претеча и Крстител Господов Јован. Едно цело илјадалетие исполнето со Евангелска проповед и сведочење за радоста што произлегува од животот во Христа!
Старец и Игумен, Архимандрит Партениј Бигорски

Кон тоа милениумско проповедање возгласување на Словото на вистината и на радоста, во последните две и пол десетлетија, мошне усрдно и  сеоддајно се приклучува и пастирското слово на нашиот возљубен Старец и Игумен, Архимандрит Партениј, кој, низ духовничката му дејност и искуство, се покажува како вистински, преку духот, очевидец и служител на Словото (сп. Лука 1,2). Впрочем, според Божјата семудра Промисла, илјадагодишниот јубилеј на Бигорскиот Манастир се совпаѓа со педесетгодишнината од раѓањето на Старецот и дваесет и пет годишнината од неговата монашка и свештеничка служба кон Бога.

Токму ова времесловие, но и големата желба на духовните чеда на Старецот, нè поттикнаа да ја составиме и издадеме оваа скромна збирка со избрани десет слова од неговата обилна проповедничка дејност, изговорени за двата најголеми празника на Црквата Божја: Митрополијата на сите празници – Рождеството Христово и круната на Господовата служба на Земјата – Неговото сеславно Воскресение, со кое е победен најголемиот непријател – смртта.

Изборот на овие две суштествени за нашето спасение собитија од земниот живот на Богочовекот, не е случаен, туку има своја симболичка смисла. Имено, празникот на Рождеството, како почеток на Евангелието, нè упатува на раѓањето на Бигорската Обител, а Светата Пасха – на нејзиното севкупно Воскресение, што таа го живее во годините на игуменувањето на Старец Партениј.

Накрај, би сакале да им се извиниме на сите читатели за можните ненамерни пропусти, но и смирено да побараме прошка од нашиот Татко во Христа Родениот и Воскреснатиот, за сите дополнителни крстови што му ги додаваме на неговиот и онака претежок игуменски крст. Го молиме добриот наш Христос да му даде на Старецот Архимандрит Партениј долги години живот, со крепко здравје и духовни сили, за да поведе уште многу души кон благодатниот пат на радоста во Христа.

На многаја лета!

Црнорисците на Свештената Бигорска Обител



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Беседи

Митрополит Методиј - МЕЃУ ПОКАЈАНИЕТО И ПРАВДАЊЕТО

Митрополит Методиј - МЕЃУ ПОКАЈАНИЕТО И ПРАВДАЊЕТО

Духовниот живот не се состои од некакво израмнување на нашите сметки со Бога. Зашто, она што е содржина на нашата побожност, не треба да го извршуваме затоа што тоа така...

Митрополит Струмички Наум:  На Крстот Твој се поклонуваме, Христе (21.03.2020)

Митрополит Струмички Наум: На Крстот Твој се поклонуваме, Христе (21.03.2020)

Деца, разните страдања, при градењето на личносниот однос со Бог, нема да нѐ одминат; ако не поради недоволниот подвиг, тогаш секако поради нашата грешност и суета. Бог најубаво, наместо нас,...

 о. Горан Стојчевски: ЛИТУРГИСКИ МИГ ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ ПОДВИГ

о. Горан Стојчевски: ЛИТУРГИСКИ МИГ ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ ПОДВИГ

За мене е подобра видливата убавина, отколку убавината изразена во зборови, претпочитам богатство, што е во рацете, отколку богатство вообразено на сон; сакам мудрост, која не сјае на зборови, а...

БEСEДА  за Oтeцoт и Синoт

БEСEДА за Oтeцoт и Синoт

 Физичкиoт свeт би бил сиoт вo тeмнина да нe e свeтлината oд Сoнцeтo. А духoвниoт и мoралниoт свeт, и сиoт чoвeчки живoт, би бил тeмнина, акo нe e свeтлината штo...

Фејсбук православие (07.03.2020)

Фејсбук православие (07.03.2020)

На пример, оној кој нема барем просветлување на умот не може јавно да се занимава со световни теми, а никако, пак, со сложени теолошки теми. Световни теми се: политика, туѓи...

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (7)

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (7)

 Христос рекол: “Кога ќе пријде Синот Човечки во славата своја и сите свети ангели со него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него...

БEСEДА за расудувањe пo тeлoтo и пo духoт

БEСEДА за расудувањe пo тeлoтo и пo духoт

Така им рeкoл Сeзнајниoт Гoспoд на Eврeитe: “Виe судитe пo тeлo”, бидeјќи тиe фатилe вo прeљуба eдна жeна и сакалe да ја камeнуваат заради тeлeсниoт грeв. Нo Гoспoд ја сoглeдал...

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (8)

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (8)

За големото мнозинство на верни луѓе Великиот Пост - тоа, пред се, е кратката молитва, позната под името молитва на Ефрем Сирин, еден од источните христијански учители од ИВ век...

« »