логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

 „На Гората Света гледајќи го Твоето Вознесение, Христе, Светлино на славата на Отецот, го воспеваме светлоносниот изглед на Твоето лице, се поклонуваме на Твоите страдања, го почитуваме Воскресението, славејќи го славното Вознесение, помилуј нè“ (стихира на Господи повикав... на голема вечерна на Вознесение Христово).



Уште во времето пред да претрпи страшни страдања и да биде распнат на Крстот, нашиот Спасител, Господ Исус Христос, им го навести Своето Вознесение на учениците, но и слегувањето на Светиот Дух, велејќи им: Добро е Јас да си заминам, оти, ако Јас не си заминам, Утешителот нема да дојде (Јн. 16,7). Но, и откако славно воскресна, им се јавуваше  на Своите ученици и ги поучуваше, апо четириесет дена Он се вознесе и седна од десната страна на Бога Отецот. Со тоа, Он ја вознесе и човековата природа, давајќи и неискажлива големина, зашто созданието седна оддесно на Создателот. Толку многу Бог го возљуби човекот.

На овој светол и возвишен празник, кој оваа година го прославивме на 29.05.2014 година, во манастирот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во с. Г. Лакочереј, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, свештениците Никола Христоски, Горан Ставрески и Владо Недески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а беше извршена и литија до светиот Крст, поставен во овие прекрасни планински предели.  Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројните верници со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, по Своето воскресение, 40 дена престојува на земјата, јавувајќи им се на Своите ученици. Во тој период, Он им сведочи за големата победа над смртта, за тоа големо чудо, за кое уште многу одамна пророкувале старозаветните пророци. Спасителот воскреснал имајќи го преображеното тело, односно она тело кое ќе го имаме сите ние во идното царство. Он не можел да остане во овој свет, кој е подложен на распадливост, односно на трулежност. Затоа и денот кога Господ ја оставил оваа земја, бил неизбежен.

Ние знаеме колкава била радоста на севкупното создание, во моментот кога Господ Исус Христос дошол на овој свет. Сите ние доживуваме радост и за рождеството на Богородица, и за Благовештението и за Христовото Преображение. Сите овие празници нè водат, нè поучуваат и нè упатуваат кон спасението на нашите души. Празникот е радосен, бидејќи Господ нè удостои, и покрај сите наши слабости, да дојде и да живее помеѓу нас во овој грешен свет. Он проповеда и се вознесува на небото и седнува на Своето место, односно од десната страна на Бога Отецот. Кога ние ги празнуваме големите празници, секогаш се трудиме да ја разбереме духовната смисла на тие настани. Ние сакаме подобро и подлабоко да ги разбереме, за да можеме да извлечеме и посилна поука и духовно да се надградиме. Големите празници имаат голема смисла: Рождеството на Пресвета Богородица е почеток на  нашето спасение. Исто така, и Рождеството и Преображението Христово, како и останатите празници, се поврзани со нашето спасение. Но, кога го прославуваме празникот на Вознесението на Господ Исус Христос, од нас се бара посебен напор и труд, односно духовно размислување, за да можеме да го разбереме значењето и духовноста на овој настан. Празникот е исклучително голем и во него силно се чувствува Божјата благодат.

Светите отци ни оставиле поука за овој празник, нарекувајќи го Празник на радоста, според онаа радост којашто ја чувствувале апостолите, и покрај тоа што Спасителот ги напуштил. Празникот особено го потенцира почитувањето на човекот, бидејќи Спасителот се вознел на небото со Своето тело, со она тело кое го примил на земјата. Тоа човечко тело сега се вознело на небото и во тоа се состои големата тајна: човечкото тело се вознело и сега седи оддесно на Бога Отецот. И покрај тоа што ова човечко тело е преобразено, тоа е вознесено од земјата на небото, а тоа вознесување, св. отци уште го нарекуваат и обожување. Затоа нам ни останува голема духовна одговорност, која нè задолжува да го задржиме нашиот земен живот чист, па да бидеме удостоени  и со духовен живот. Ние треба да се очистиме од секакви страсти и слабости, знаејќи дека еден ден ќе настапи смртта, а потоа и ние ќе бидеме горе на небото. Затоа потребно е и духовно и телесно да се подготвуваме овде на земјата за тој пат.

Кога ние, пак, размислуваме за овој настан, се радуваме, бидејќи знаеме дека нашиот Спасител, и со божествената, но и со човечката природа е на небото. Не треба да заборавиме дека телото што Господ Исус Христос го вознесе на небото, е телото коешто беше прободено со копје и со клинци и кое претрпе страдање и распнување на крст. Тој ист Богочовек - Христос и денес претрпува страдања, секогаш кога ние со нашите гревови повторно Го прободуваме и Го рануваме. Од светото Евангелие, знаеме дека по Воскресението апостолот Тома постанал сведок, ставајќи ја својата рака во раните од ребрата Негови. Тоа значи дека и по Воскресението, Господ Исус Христос го имал истото тело, коешто го примил како Богочовек. Ние како христијани сме должни да се покаеме, да се исправиме и да не го рануваме повторно нашиот Спасител со нашите гревови. Ние не зборуваме само за некогаш, туку знаеме и сигурно веруваме дека Господ се распнува секогаш кога ние грешиме. Прославувајќи го денешниот празник на радоста, знаеме дека Духот Утешител ќе слезе на нас, бидејќи и ние сме членови на Црквата, на мистичното тело Христово. Св. Дух слегол на апостолите и ќе слезе и врз нас, затоа ние сме должни да бидеме единствени, како што биле и апостолите. Тогаш сите маки, страдања и искушенија ќе можеме да ги надминеме со благодата на Св. Дух.

Денеска, кога го прославуваме Воснесението Господово, треба да знаеме дека еден ден сите ние ќе бидеме вознесени, но не телесно, туку со нашата душа. Затоа да се подготвуваме за тој час, нашата душа да биде очистена, исповедана и преобразена, зашто само таква ќе биде вознесена и ќе се најде од десната страна на Бога. Само тогаш душата ќе биде подготвена да влезе во Царството Небесно.

Ви посакувам радост и никакви земни непријатности, болести, маки, страдања и искушенија да не ја намалат радоста што толку векови пред нас ја доживеале апостолите. Да испросиме Божја помош, за да можеме и ние радосно да го прославиме славното Христово Вознесение и да ни послужи за спасение на нашите души! Амин!

 

Вознесение Христово
29. 05. 2014 година
ман. „Св. Спас“ - с. Горно Лакочереј


Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Беседи

Митрополит Европски Пимен: "Од ближниот ни доаѓа и животот и смртта.“, Плаошник (09.08.2020)

Митрополит Европски Пимен: "Од ближниот ни доаѓа и животот и смртта.“, Плаошник (09.08.2020)

Ако го избереме животот треба да се трудиме да бидеме семилостиви кон сите и кон сé. Семилостиви како оној кој го носел тоа име, како светиот Пантелејмон. Човекот кој ги...

Митрополит Струмички Наум: Ниту популизам, ниту индиферентност; туку пастирска грижа (08.08.2020)

Митрополит Струмички Наум: Ниту популизам, ниту индиферентност; туку пастирска грижа (08.08.2020)

Тоа, секако, зависи и од односот на луѓето кон Него: прво, Неговите ученици се во однос на послушание кон Него – тие се отворени кон Него и подготвени да прифатат...

БEСEДА  за лажнитe учитeли

БEСEДА за лажнитe учитeли

Чoвeкoт на oвoј свeт e вo вoјна. Бoрбата e нeпрeстајна, а нeпријатeлитe сe мнoгубрoјни. Пoмeѓу најoпаснитe нeпријатeли спаѓаат лажнитe учитeли. Самo акo чoвeчкиoт ум e впeрeн вo Бoга, чoвeкoт ќe...

Митрополит Струмички Наум: Екстремно одрекување – екстремни дарови (01.08.2020)

Митрополит Струмички Наум: Екстремно одрекување – екстремни дарови (01.08.2020)

Спомнатите и ветени од Бог екстремни дарови, не се однесуваат толку на материјалното колку на духовното. Тоа се даровите на умно-срдечната молитва, на суштинско просветлување на умот, на расудување, на...

Митрополит Кумановско-осоговски д-р Григориј:Ние сме возљубени Божји созданија, кои имаат можност да создадат сопствен начин на постоење...“

Митрополит Кумановско-осоговски д-р Григориј:Ние сме возљубени Божји созданија, кои имаат можност да создадат сопствен начин на постоење...“

Епископскиот чин што денеска преку вас го примам, го разбирам како служење, што во себе ги обединува и најголемата чест и свеста за сопственaтa немоќ. Има ли поголема чест и...

Митрополит Струмички Наум: Бесчувствителност (25.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Бесчувствителност (25.07.2020)

Инаку, ако дозволиме прелеста да навлезе во нас, дали преку страстите на срцето (сластољубие и среброљубие) или преку страста на паднатиот ум (славољубие), таа потоа станува сеопфатна состојба која ги...

Викарен Епископ Јаков Стобиски:„Не плашете се да страдате...“

Викарен Епископ Јаков Стобиски:„Не плашете се да страдате...“

Се одрекуваме од Крстот Христов ако на прекорот враќаме со гнев и бунт, праведен или неправеден, без разлика. Се одрекуваат од Крстот Христов децата кои се непослушни кон родителите, оти...

БEСEДА  за спасeниe на душата какo крај на вeрата

БEСEДА за спасeниe на душата какo крај на вeрата

Никoј нe патува заради патoт туку заради нeкoј или заради нeштo, штo гo oчeкува на крајoт на тoј пат. Никoј нe гo фрла јажeтo вo вoдата вo кoја нeкoј сe...

Митрополит Струмички Наум: Прелест на умот и прелест на срцето (18.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Прелест на умот и прелест на срцето (18.07.2020)

Како што рековме, има лажна состојба (прелест) на умот, но има и прелест на срцето. Првата прелест настанува поради прифаќање и усвојување лажни мисли, а втората од прифаќање и усвојување...

« »