логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Skit.dobrotoljubie.jpg


ПРЕИСПИТУВАЊЕ ПРЕД ИСПОВЕД
Најдобра подготовка за исповед е самоиспитувањето со помош на Христовите зборови искажани во Беседата на гората. Овие неколку глави од Евангелието, кои почнуваат со набројување на блаженствата, го изразуваат собрано христијанскиот живот во неговите најважни моменти.


Пред исповед треба да ја земеме својата Библија и да читаме, промислувајќи и преиспитувајќи се во однос на зборовите од Беседата; земајќи ги предвид не само своите општи ставови, туку секоја своја мисла, збор, дело; не само својот „личен живот”, туку сето она што го означува нашиот живот на земјата: нашиот живот во домот со своето семејство, на работа, во нашите општествени и политички активности, во организациите и сојузите во кои работиме, во работните активности, во личните работи; начинот на кој го обликуваме своето мислење, донесуваме одлуки и ги спроведуваме своите дела. Сите овие полиња мораат да бидат вклучени во нашите преиспитувања пред да Му пристапиме на Господа.
Следниве прашања, поставени во светлината на набројувањето на блаженствата, се понудени како помош при самоосознавањето. Дадени се повеќе како општи упатства за потребниот пристап, а не како исцрпно „преиспитување на совеста”. Пред сè, меѓутоа, треба себе си да си ги поставиме најосновните прашања, пред кои сето друго или паѓа или опстанува: дали навистина веруваме дека Христовото учење е практично применливо на нашиот живот и во светот? Дали навистина веруваме дека Светиот Дух во нас ги прави „сите нешта можни”, вклучувајќи го и држењето на Христовите заповеди? Зашто, ако не веруваме, нема зошто да одиме понатаму, било на исповед, било во Црква воопшто?
Блажени се оние кои плачат...
Дали плачам? Дали тагувам над човечките страдања? Дали жалам поради неволјите во Црквата и државата, во семејството и општеството? Дали страдам заедно со сите кои страдаат, во беда и нечистотија, во очајание и грев? Дали жалам поради болестите, заразите, несреќите и умирањата? Или сè едноставно прифаќам „така како што е”, преминувајќи преку сè и мислејќи дека е храброст тоа што е, всушност, скаменетост на срцето и недостаток на сочувствена грижа? Имам ли сочувство за простите, похотните, острастените, себичните, неволните, злите и грешните од овој свет без осуда? Дали туѓите гревови и беззаконија ме натажуваат? Или им се смеам, уживам радувајќи се на злото, ликувам во изопачено задоволство над она што вистинскиот христијанин, налик на Христа, го оплакува?
Блажени се кротките...
Дали сум кроток со кротоста Христова? Дали сум кроток, победувајќи го злото со доброто? Дали го прифаќам и живеам според фактот дека смирената љубов, вистината и храброста во доблеста се единствените прифатливи оружја во СЕКОЈА борба против гревот и грешните? Дали си умислувам дека владеам над другите, дома, на работа, во Црквата? Дали сакам и дури користам сила, брутално наредувајќи, управувајќи слепо, застрашувајќи, принудувајќи, за да постигнам тоа што сакам? Дали ги благословувам тие што ме пцујат, дали се молам за оние што ме малтретираат, дали им правам добро на оние што ме мразат, им служам на оние што ме злоупотребуваат, зборувам со оние што ме одбегнуваат? Дали ги сакам своите непријатели и им простувам на оние кои ме навредуваат? Дали верувам дека Христовата кротост е единствениот начин да се стигне до вистинската доблест?
Блажени се гладните и жедните
за правда...

Дали сум гладен и жеден за Бога? Дали сакам да бидам праведен? Дали настојувам да станам свет? Дали читам, проучувам или на кој било начин се трудам, непрестајно, за Љубовта, Вистината, Божјиот Дух? Дали се молам? Дали постам? Дали правам „духовни вежби” што ме утврдуваат во добрината? Дали одам во Црква? Дали учествувам во светите тајни? Дали се трудам да помогнам некому, да го поучам и услужам? Ги правам ли оние работи кои знам дека ја шират праведноста?
Блажени се милостивите...
Имам ли милост за другите? Дали им простувам на оние што ме навредуваат? Дали се трудам да ги разберам оние што се разликуваат од мене? Дали уживам да зборувам лошо за другиот и да осудувам? Дали зборувам за другите? Дали се забавувам оговарајќи? Дали зборувам нешта, иако можеби точни, што не би требало да ги зборуваме, зашто можат само да повредат? Дали се насладувам од неправдата? Дали сум јас еден од закониците, кој законот го сака повеќе од Животот? Дали се трудам да ги измазнам работите и ги кријам навредите, или ги бранувам работите со приговарање и осудување? Дали сум ситничав и тесноград? Дали ги клеветам и срамотам другите? Дали сум полн со предрасуди, осудувајќи и проценувајќи ги отпорано и веќе утврдените ставови без соодветни факти? Дали повеќе ги сакам острите осуди од нежното милосрдие?
Блажени се чистите по срце...
Ја сакам ли чистотата, едноставноста и светоста? Дали сум извалкан од нечисти помисли, зборови и дела? Дали е мојот ум извалкан од демонски рационализации и предрасуди? Или сум чист и отворен кон сè што е добро? Дали моето тело се потчинува на животинската сетилност и похотата? Дали се моите помисли и дела чисти, или зад нив секогаш стојат скриени намери и потреби? Дали може да ми се верува и вистинољубив сум во доследноста при остварувањето на целите и потполно чесен во сè? Или премолчувам, и залажувам, мамам и лажам? Дали сум лицемерен и претенциозен? Дали сум роб на некоја страст: на јадењето, пиењето, пушењето, работата, игрите, спиењето, или на нешто друго за што попрво може да се каже дека ме поседува мене, отколку обратно? Постои ли темнина и нечистотија која ме ослепува и оддалечува од слободата и светоста во Бога?
Блажени се миротворците...
Дали сакам и создавам мир? Дома, на работа, во Црква, во општеството, и во целиот свет? Дали сум гневен и нестрплив? Дали се впуштам во расправии и докажувања? Дали другите ги наведувам на гнев? Дали верувам во вистинитоста на зборовите „сврти го другиот образ”? Или возвраќам со физичка сила? Дали го сакам насилството? Дали ги ценам агресијата или моќта? Дали трагам по внатрешниот мир и тишина кои се основа на мирот во светот?
Блажени се прогонетите
заради правда...

Дали некогаш сум бил гонет заради правда? Дали сум подготвен да бидам? Дали сум подготвен да го дадам својот живот за вистината без желба за одмазда? Дали учествувам во нешто добро, што предизвикува осуда во мојата околина? Или одам по линија на помал отпор, без да се впуштам во работи од полза на луѓето, во рамките на семејството или работата, Црквата или општеството во целина? Дали премолчувам работи кои се лоши од страв, кукавичлук или мрзливост? Дали одбегнувам од oговорност? Дали ја сакам сигурноста? Дали го бранам својот сопствен ништожен живот без оглед на Божјата правда? Дали, всушност, се срамам од Христа?
Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата...
Дали мојата радост и веселба се во Бога или во овој свет, во неговите страсти, моќи, имоти и слави? Дали сум еден зловолен подлец, љубоморен и самоволен? Дали очајувам, дали сум без надеж? Дали сум песимист и сомничав? Дали се жалам и ширам мрак и неспокојство кај другите? Дали мојата вера има некакво влијание врз моите дела и ставови во врска со случувањата во животот? Дали навистина обрнувам внимание на доблестите и Му верувам на Бога и се радувам на таа доверба? Дали е моето богатство во Бога или во мене самиот? Дали е мојот живот „со Христа, во Бога, на небесата” или сум навистина човек на ова време, со телото, со умот и со душата? Дали верувам и навистина ги уживам „радостите на верата”?


Повеќе:

 

 

Превод од српски
Презвитер Игор Калпаковски

Посети: {moshits}

 



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Декември 09, 2019
7.Vselenski.sobor

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има најголема слобода и моќ пред престолот Божји, и нејзе Црквата, по Бога, најмногу ја почитува и прославува во своите безброј молитви и химни, како најсилна заштитничка и…
Декември 05, 2019
7.Vselenski.sobor

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни односи. Религиозниот човек размислува во рамките на првата категорија, а црковниот човек размислува и дејствува во откровението на втората категорија.Догматиката е многу…

Старец Георгиј Капсанис: МОНАСИТЕ СЕ ЕКСПЕРТИ ВО НАУКАТА НА ПОКАЈАНИЕТО

Луѓето прво треба да го распнат и да го погребат своето поранешно „јас“ (т.е. егоизмот,…

Свети великомаченик Димитриј Солунски

Ное 09, 2019 Житија 153
st-demetrius
Благочестивиот Димитриј пред царевите ги поставил Божјите заповеди. Го возљубил Господ…

Митрополит Струмички Наум-Царството небесно прилега... на простување (19.08.2017 )

Ное 07, 2019 Беседи 398
7.Vselenski.sobor
Честопати и мене ме прашуваат зошто примам или им помагам на луѓе за кои мнозина од…