логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

 

Човекот, „херојот“ на сечие време, вообразениот господар над природата, самозамислениот творец на технолошкото „совршенство“, соочен со феноменот наречен ’смрт‘, со тој негов најголем кошмар, станува едно бедно, уплашено и крајно немоќно битие. Зашто, како што се изразил некој поет, „смртта вид нема, но сè што има вид на земно суштество – го проголтува“. Конечноста на човечкото суштествување неизбежно го поставува прашањето за смислата на земниот удел, за предназначението на животот. Несомнено, проблемот на смртта навлегува длабоко во фундаменталните и ги подрива егзистенцијалните основи на човекот. Следствено, човекот не останува бездејствен во однос на смртта, туку се обидува против неа да се бори, да ја игнорира, да ја надмине.

Како таков, овој проблем го проткајува целокупното книжевно наследство на човештвото, и не би биле претерано смели, доколку би рекле дека историјата на книжевноста е, во суштина, историја на прашањето за смртта. Во најстарото сочувано дело на светската книжевност „Епот за Гилгамеш“, средишна тема е токму смртта: кралот на Урук, Гилгамеш, го губи својот најблизок пријател, Енкиду, кој после сите заеднички борби и победи, умира. А сенката на Енкиду суровата вистина ја соопштува: „Погледни, пријателот што ти го прифати, за кого срцето ти се израдува, црвите го гризат како стара облека“. Со ова студенило на смртта се среќава и Одисеј кога по совет на маѓепсницата Кирка, слегува во подземниот свет. Таму ќе ја види и сенката на славниот Ахил, кого Одисеј го поздравува и му ласка како на крал на преисподната. Но, Ахил му одговара дека радо би бил роб во царството на живите, одошто крал на подземјето… Со смртта храбро ќе се бори и Орфеј, божествениот пејач, и многу ќе направи за љубената Евридика, за од светот на сенките да ја извади, но накрај во него ќе мора засекогаш да ја остави… И „Божествената комедија“ на Данте се одвива во царството на сетните сенки… Со битисувањето или смртта се занимава и Шекспировиот „Хамлет“: што друго би можело да претставува монологот „да се биде, или да не се биде“, освен вечното прашање на животот и смртта? Со него ќе занимаваат и Владимир и Естрагон, протагонистите на Бекетовиот апсурд, чекајќи го Годо, и размислувајќи дали да е подобро да умрат или да живеат и бидејќи тоа им се чини сеедно, сакаат некаде да одат, но не се помрднуваат од место…



И што различно во овој поглед ќе можеме да кажеме за сите други дела, еманации на човечкиот поглед за смртта, почнувајќи од египетската „Книга на мртвите“, тибетската Бардо Тодол, па сè до „Сизиф“ на Ками и „Dasein“ на Хајдегер? Целата сериозна светска книжевност, од самите свои почетоци до денес, се прашува каква е смислата на човековото битисување во свет преполн со смрт и умирање. Очигледно, човештвото, уште од падот на првосоздадените, останува во сенката на смртта, како што се изразил Светиот цар и пророк Давид.

Оваа страшна состојба на човекот ја оплакал и Богочовекот Господ Исус Христос, кога заплакал над Својот пријател Лазар, кој веќе четири дена бил во гробот и веќе беше почнал да се распаѓа и да мириса. „Плачејќи над него, Христос плачел над секој човек, создаден за бесмртност, а потонат во смртност. Плачот Христов е најсилен доказ за трагичноста во која западнал родот Адамов. Но, со Своето неискажливо вочовечување, спасително страдање и жизненосно Воскресение, Синот и Словото Божјо смертию смерть поправ и заедно со Себе го совоскресна и паднатиот Адам. Времето на книгите на мртвите заврши, а се исполни времето за Книгата на живите“ (Архим. Партениј Бигорски).

Така, во евангелска смисла смртта е само премин, „таинствен премин и таинствена вечност“. За верните, христољубиви луѓе, таа е само една преселба од Црквата земна, во Црквата небесна. А Црквата Божја е „влез во воскреснатиот живот Христов, заедничарење во вечниот живот, радост и мир во Духот Свети. Таа е исчекување на ’невечерниот ден‘ на Царството, не некој ’друг свет‘, туку исполнување на сите твари и животот во Христа. Во Него смртта постанала споделување на животот, бидејќи Он ја исполни неа со Себе, со Својата љубов и светлина“ (А. Шмеман).

Значи, сите ние кои сѐ уште сме во тело, како и оние што веќе го оставиле телото свое, сите сме една Црква, едно тело во Христа. Живите и упокоените припаѓаат на едно единствено семејство. И како што ние живите чувствуваме силна потреба да разговараме еден со друг, да се грижиме еден за друг, да се љубиме еден со друг, јасно ни е тогаш колку попотребно им е на нашите заспани во Христа да ги спомнуваме во молитва, да разговараме со нив. Починатите непрестајно нѐ молат да мислиме на нив. Нашите упокоени живеат и знаат кога си спомнуваме за нив. Затоа треба да вознесуваме молитви и за нив. Да чуваме надеж во Христа за нив. Црквата Божја совршено јасно го знае тоа, па затоа востановила и посебни денови – задушници, во кои правиме особен молитвен спомен за душите што ги напуштиле своите тела. Таа молитва, не само што им помага на нашите починати, туку воспоставува и силна врска со целиот друг свет, со ангелите и светиите. Таа станува наша комуникација со нив.

Бидејќи верни на ова црковно човекољубие и мудрољубие, браќата на нашата Света Обител, собрани околу својот Старец, Архимандрит Партениј, заедно со бројните верни, извршија молитвен спомен за покојните наши отци, мајки, браќа и сестри, во оваа саботна Задушница пред Педесетница, пред неделата кога започнува присуството на Црквата во светот. А таа, Црквата, е место за средба на сите верни во Христа, починати и живи, кои се сакаат еден со друг, во љубовта Божја.

 

 

Извор: Бигорски манастир



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Декември 09, 2019
7.Vselenski.sobor

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има најголема слобода и моќ пред престолот Божји, и нејзе Црквата, по Бога, најмногу ја почитува и прославува во своите безброј молитви и химни, како најсилна заштитничка и…
Декември 05, 2019
7.Vselenski.sobor

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни односи. Религиозниот човек размислува во рамките на првата категорија, а црковниот човек размислува и дејствува во откровението на втората категорија.Догматиката е многу…

Старец Георгиј Капсанис: МОНАСИТЕ СЕ ЕКСПЕРТИ ВО НАУКАТА НА ПОКАЈАНИЕТО

Луѓето прво треба да го распнат и да го погребат своето поранешно „јас“ (т.е. егоизмот,…

Свети великомаченик Димитриј Солунски

Ное 09, 2019 Житија 150
st-demetrius
Благочестивиот Димитриј пред царевите ги поставил Божјите заповеди. Го возљубил Господ…

Митрополит Струмички Наум-Царството небесно прилега... на простување (19.08.2017 )

Ное 07, 2019 Беседи 381
7.Vselenski.sobor
Честопати и мене ме прашуваат зошто примам или им помагам на луѓе за кои мнозина од…