логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 


ВЕЧЕРНА
На Господи, повикав, земаме 6 стиха, и пееме стихири самогласни.
Глас 1: Сета твар се менуваше од страв, гледајќи Те кај висиш на крстот, Христе: сонцето се помрачи, и основите на земјата се тресеа: Господи, кој доброволно претрпе заради нас, слава Ти (2-пати).
Глас 2: Луѓето злочестиви и беззакони, зошто коваат завера против Христа? Зошто Го осудија на смрт животот на сите? Навистина големо чудо, зашто Создателот на светот во рацете на беззаконици се предава и на крст се издигнува Човекољубецот, за да ги ослободи од адот заробените кои викаат: Долготрпелив Господи, слава Ти.
Непорочната Дева, гледајќи Те денес како висиш на крстот, Слове, мајчински страдаше во своето срце, плачејќи горко и болно, од длабочината на душата, воздивнувјќи, и по градите удирајќи се, жално викаше: Тешко мене, Божествено чедо! Зошто си замина од очите мои, јагне Божјо!? Затоа и војските небесни од страв беа обземени, велејќи: Недостижен Господи, слава Ти.
Тебе, Творецот на сѐ и Бога, гледајќи Те на крстот, Христе, онаа што бессемено Те родила, горко викаше: Сине Мој, каде зајде Твојата убавина! Не можам да гледам како Те распнуваат неправедно: но побрзај, стани, за да го видам и јас Твоето тридневно од мртвите воскресение.


Глас 6: Денес Господарот на созданието стои пред Пилат и на крст се предава Творецот на сѐ; како јагне воден доброволно, со клинци се приковува и во ребрата се прободува и со сунѓер се напојува, Оној што пуштил мана; по образите го удираат Избавителот на светот, и од Своите слуги е исмејуван Создателот на сите: О, човекољубие Владично, кое за распнувачите Го молеше Својот Отец, велејќи: Отче, прости им го овој грев, зашто беззакониците не знаат каква неправда прават.
Слава: глас исти: О, какво беззаконо собрание Го осуди Царот на созданието, без да се засрами од добрините што му ги направи, за кои Он ги потсети, велејќи им: Луѓе мои, што ви направив? Зар со чудеса не ја исполнив Јудеја? Зар со еден збор не воскреснав мртовци? Не излекував ли секаква болест и немоќ? Што ми возвраќате? Зошто Ме заборавате? За исцеленијата – со рани Ме покривате! За животот – на смрт Ме предавате! На крст Го обесувате Добротворот, како да е злотвор! Законодавецот – како беззаконик! Царот на сите – како осуденик: Долготрпелив Господи, слава Ти.
И сега: Денес гледаме како се исполнува страшна и преславна тајна: Недопирливиот е фатен! Се врзува – Оној што од клетвата го одврзува Адама! Неправедно се испитува, Оној што ги испитува срцата и утробите; во затвор е ставен Оној што бездната ја затвора; пред Пилата стои Оној пред Кого со трепет стојат небесните сили; Создателот е биен од рацете на созданието; на крст е осуден, Судијата на живите и мртвите; во гроб се става разорителот на адот. Незлобив Господи, Кој сѐ трпиш милосрдно, и Кој сите си ги спасил од клетвата, слава Ти.
Вход со Евангелието. Светлино тивка: Прокимен на пророштвата, (Псалм 21, 18) гл. 4. Ризите мои ги разделија меѓу себе, а за туниката моја фрлаа ждрепка. Стих: Боже мој, Боже мој, чуј ме, зошто си Ме оставил?


Од книгата Излез (2. Мој. 33, 11-23), читање:
И тогаш, Господ зборуваше со Мојсеја лице в лице, како што човек зборува со пријател свој. Потоа Мојсеј се враќаше во таборот, а помошникот негов Исус, синот Навинов, младич, не излегуваше од скинијата. И му рече Мојсеј на Господа: “Ете, Ти ми велиш: ‘изведи го тој народ, и не ми јави кого ќе пратиш со мене, иако ми рече: ‘Јас те знам по името и ти најде милост пред Мене.’ Па, ако, сум нашол милост пред Тебе откри ми се да Те разберам, та и понатаму да најдам милост пред Тебе, и да узнаам дека овие луѓе се Твој голем народ.” И му рече Господ: “Јас Самиот ќе врвам пред тебе, и ќе те успокојам.” А Мојсеј му рече: “Ако Ти Самиот не појдеш со нас, тогаш не изведувај нѐ одовде, оти, по што ќе познаеме дека јас и народот Твој сме нашле милост пред Тебе, освен по тоа што Ти одиш со нас? И ќе се прославам јас и народот Твој повеќе од сите народи што се на земјата.” И Господ му рече на Мојсеја: “Ќе го направам и тоа, што го кажа, зашто ти најде милост пред Мене, и те познавам повеќе од сите.” Пак рече Мојсеј: “Покажи ми ја славата Своја.” Му одговори: “Ќе одам пред тебе со Моја слава, и ќе те повикам во името Мое: Господ е пред тебе, и кој е за помилување, ќе го помилувам, а кој е за утешение – ќе го утешам.” И потоа рече: “Но лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив.” И пак рече Господ: “Ене место при Мене, застани на онаа карпа! А кога ќе помине славата Моја, ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам; а кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе ме видиш од кон грбот, но лицето Мое не ќе ти се открие тебе.”
Прокимен (псалм 34, 1), глас 4. Пресуди им Господи, на оние кои ме навредуваат, и собори ги оние што се борат против мене. Стих: Земи оружје и штит и дојди ми на помош.


Од книгата на Јов (42, 12-17), читање:
И ги благослови Бог последните денови на Јова повеќе од напрешните: тој имаше четиринаесет илјади дробен добиток, шест илјади камили, илјада чифта волови и илјада ослици. Имаше и седум синови и три ќерки. Првата ја именува Емина, втората – Касија, а третата – Керенкапух. По целата земја немаше такви убави жени, како Јововите ќерки; татко им и ним им даде наследство меѓу браќата нивни. По ова, Јов живееше сто и четириесет години и доживеа да види синови и внуци до четвртото колено. Умре Јов стар и сит од животот.
Од пророштвата на Исаија
(52, 13-15; 53, 1-12; 54, 1), читање:
Ете, Мојот слуга ќе успее, ќе се воздигне, ќе се возвиси и возвеличи. Како што мнозина беа зачудени, гледајќи во Него – толку ликот Негов беше обезличен повеќе, отколку на секој човек, и видот Негов – повеќе, отколку на синовите човечки, – ! така ќе зачуди многу народи, цареви ќе ја затвораат пред Него устата своја, зашто ќе го видат она, за кое не им било говорено, и ќе го дознаат она што не го слушнале. Господи, Кој поверува на тоа, што го чул од нас и кому му се откри силата Господова? Зашто изникна Он пред него како младо дрвце и како стебленце од сува земја; нема во Него ни изглед, ниту величие; ние Го видовме, и во Него немаше изглед, што ќе нè привлекува кон Него. Он беше презрен и понизен меѓу луѓето, маж на болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Он беше презиран, и ние за ништо не Го сметавме. Но Он ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме, дека Он беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога. А Он беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме. Сите ние бевме заблудени како овци, се отстрани секој од патот свој, – и Господ ги возложи врз Него гревовите на сите нас. Он беше измачуван, но страдаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како овца Он беше одведен на колење, и како што е јагнето пред стрижачите свои безгласно, така и Он не ја отвори устата Своја. Он беше лишен од праведен суд. Но родот Негов Кој ќе го објасни? Зашто беше одземен од земјата на живите; заради беззаконијата на Мојот народ беше осуден на смрт. Му определија гроб со злодејци, но Он беше погребан кај богатиот, зашто не беше направил грев и во устата негова немаше лага. Но на Господа му беше угодно да Го понизи, и Го предаде на мачење; а кога душата Негова Му принесе милостивна жртва, Он ќе види долговечно потомство, и волјата Господова ќе напредува преку Неговата рака. Ќе се зарадува поради трудот на душата Своја и ќе види светлина. Праведниот Слуга Мој ќе ги оправда мнозина и гревовите нивни врз Себе ќе ги понесе. Затоа Јас ќе Му дадам големо наследство, со силните плен ќе дели, зашто душата Своја на смрт ја предаде, и меѓу злодејците беше вброен и ги понесе врз Себе гревовите на мнозина и за престапниците стана посредник. Развесели се, ти неплодна, што не раѓаш; воскликни и извикај ти, кој не си почувствувала родилни маки; зашто напуштената има многу повеќе деца од онаа, кој има маж, вели Господ.
Прокимен на Апостолот, глас 6: Ме положија во крајна бездна, во мрак и смртна сенка. Стих: Господи, Боже на моето спасение, дење и ноќе викам пред Тебе. Апостол до Коринтјаните, зачало 125 (1. Кор. 1, 18-31; 2, 1-2: Браќа, бидејќи словото за крстот: крај: Распнатиот. Алилуја: глас 1: Спаси ме, Боже, зашто влегоа води до мојата душа. Стих: Душата моја чекаше срамотење и страдање. Стих: Нека се помрачат очите нивни, за да не гледаат. Евангелие според Матеј, зачало 110 (27, 1-38; Лука 23, 39-43; Матеј 27, 39-54; Јован 19, 31-37; Матеј 27, 55-61: Во она време совет направија сите архиереи: Крај: Спроти гробот. Потоа, обична ектенија: Да речеме сите: И потоа: Удостој нѐ, Господи: Ектенија: Да ја исполниме нашата вечерна моитва. И остатокот. По возгласот, пееме од стиховните стихири подобни 4.
Стиховни стихири, глас 2. Подобен.


Кога Јосиф од Ариматеја Те симна од крстот мртов Тебе, Христе, Животот на сите, со смирна Те попрска и со плаштаница Те зави, и полн со љубов, со срцето и усните го целиваше Твоето нетлено тело: но обземен од страв, радувајќи се, Ти пееше: Слава на Твоето понижување, Човекољупче.
Стих: Господ се зацари, во убавина се облече.
Кога беше положен во нов гроб заради сите, Избавителу на сите, смешниот ад, кога Те виде, се исплаши, резињата се скршија, вратите се распадна, гробовите се отворија, мртвите станаа. Тогаш Адам благодарствено радувајќи се, Ти викаше: Слава Му на Твоето снисходење, Човекољупче.
Стих: Зашто ја утврди вселената, која нема да се помрдне.
Кога сакаше во гробот телесно да се заклучиш, Ти, кој според природата на Божеството си неопислив, и неопределен, дувлата на смртта ги заклучи, и сите царства адови ги уништи. Тогаш и оваа сабота ја удостои за божествениот благослов и слава, и за Твојата светлина.
Стих: На Твојот дом му прилега светоста, Господи, во текот на деновите.
Кога силите Те гледаа, како измамник клеветан од беззакониците, Христе, трепереа од неискажливото Твое долготрпение, но кога гробниот камен беше запечатен од рацете на оние што Ти ги прободоа ребрата, радувајќи му се на нашето спасение, тие Ти викаа: Слава му на Твоето снисходење, Човекољупче!


Слава, и сега: глас 5: Тебе, Кој со Светлина се облекуваш како со облека, кога Јосиф Те симна од крстот со Никодим, и кога Те виде мртов, необлечен и непогребан, од срце заплака и, ридајќи, говореше: Тешко мене, најсладок Исусе, од Кого сонцето, гледајќи Те на крстот, во мрак се облече, и земјата од страв се тресеше и се раздра црковната завеса; но, ете, сега Те гледам Тебе, Кој заради мене прими смрт: како да Те погребам, Боже мој, или со каква плаштаница да Те завиткам? Со кои раце да се допрам до Твоето нетлено тело? Или која песна да запеам на Твоето заминување, Милостиве? Ги величам страдањата Твои, го воспевам и Твоето погребение со воскресението, извикувајќи: Господи, слава Ти.
Потоа: Сега го отпушташ: Трисвето. По: Оче наш:

Тропар, глас 2: Набожниот Јосиф, кога од крстот го симна Твоето пречисто тело, со плаштаница чиста го завитка, и со мириси го прекри, во нов гроб го положи.

 

Друг тропар: Кога застана пред гробот, ангелот им викаше на жените мироносици: Мирисите им приличат на мртвите, а Христос му се покажа туѓ на распаѓањето.
Премудрост: и отпуст.

 

Извор: ПОСЕН ТРИОД

Подготви: Светланка Трајчева

Друго:

На Твоите ученици си им рекол, Благи: Бидете будни, оти не знаете во кој час ќе дојде Господ, за да суди секому (според неговите дела).

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Јули 01, 2019

„Осаменоста не е во тоа што сме сами, туку во тоа дека не постои ништо по кое копнееме.“

Јас сум академски сликар и наивен писател. Учев да бидам сликар, но писател – не. Впрочем, каде се учи за тоа? На пример, Толстој по занимање бил гроф, Чехов - лекар, Сент Егзипери, авијатичар – а да не го споменеме Чарлс Буковски, кој бил поштар“.
Мај 28, 2019

Свети Леонтиј Струмички, патријарх Ерусалимски

Живеејќи во покаен плач и солзи се издвојуваше по особеното почитување и љубов кон нашиот Господ и Неговата Пресвета Мајка. Иако сè уште млад, Преподобниот презема на себе еден тежок подвиг: одеше по улиците на царскиот град правејќи се дека не е со здрав ум,…

Акатист кон свети Нектариј Егински

Ное 25, 2018 Полезно и Потребно 1316
КОНДАК 12Трудејќи се, си ја умножил благодатта дадена од Бога, рабу Божји, добар и верен…

Житие на преподобна Параскева – Петка (Епиватска или Трновска)

Окт 30, 2018 Житија 1866
Света и преблажена маченичко Христова Параскево, убавино на девственичките, пофалбо на…

Светскиот првак Адам Ондра во посета на Бигорскиот и Рајчичкиот манастир

Окт 28, 2018 Настани 1240
Деновиве нашите две свештени Обители, Бигорски и Рајчица, ги посети во светски рамки…