логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Верата е духовна способност всадена од Бога во душата на човекот за да го води кон тврдо и непоколебливо убедување дека Бог е: Творец, Промислител и Спасител на светот и човекот. Неа ја има само кај човекот. Кај животните вера нема. Мртвата и жива природа ја докажува Божјата премудрост и сила со своето хармонично и планско движење, а неразумните створови – животните, преку инстинктот. Само човекот, како разумно создание преку својата душа и разум треба да сознава дека светот и сè во него не е игра на некоја слепа и случајна стихија, туку дело на Бога. Душата тоа го чувствува во себе, а разумот со објаснува. Осмислување на својот живот и внатрешен душевен мир човекот не може да има додека душата не му се поврзе со Бога. „Како што еленот ги бара потоците, така и мојата душа Те бара, Тебе, Боже: Жедна е мојата душа за Бога“ – вели пророкот Давид.
О, Господи, Ти си нè создал за Себе, и нашето срце не може да биде мирно дури не се смири во Тебе

 

Сета природа и сè во неа има своја задача, дадена од Бога, та исполнувајќи ја, да укажува и на својот Творец „Ако бев славеј – вели римскиот филозоф Епиктет (I. в) – ќе го правев тоа што го прави славејот; ако бев лебед, ќе го правев она што го прави лебедот; но јас сум разумно создание и ми приличи да Го прославувам Бога“. „Зашто она што не може да се види (Божеството), се гледа – вели Апостол Павле – уште од создавањето на светот преку созданијата“ (Рим. 1,20). Обидите на луѓето да го осмислат својот живот надвор од верата во Бога, завршувале со неуспех и очајание, или покајание и враќање кон Бога. Тоа многу убаво ни го илустрира Блажени Августин, кој својот живот го минувал долго време во безбожно талкање, расипништво и неморал. Под товарот на грижата на совеста и незадоволноста од таквиот живот, откако се смирува во верата во Бога, вели: „О, Господи, Ти си нè создал за Себе и нашето срце не може да биде мирно дури не се смири во Тебе“.


Она што е храната за телото, тоа е верата за душата

Она што е храната за телото, тоа е верата за душата. Како што телото е осудено на пропаст и згинување, ако го лишиме од храна, така и душата лишена од верата во Бога, гние, пропаѓа и станува плен на злото. Еднаш, еден младич, за да се подбива со верата, запрашал еден стар калуѓер: „Оче, кажи ни, зошто ни е верата?“ Старецот одговорил: „Синко, тоа е исто како и да прашаш: зошто ни се лебот, воздухот и водата. Кој не може да го разбере ова, тој е лишен од најнужното во животот“. Верата е составен дел на вистинскиот живот на човекот. Таа го издигнува човекот над другите створови и го прави да биде човек. Со создавањето на човекот, всадена му е и верата. Значи, верата не е дело на човекот, ниту е измислена и создадена во определен период од неговиот живот, но е стара колку и човекот. Можеме дури да кажеме дека не човекот ја измислил религијата, туку дека таа го нашла веднаш со неговото создавање. За веродостојноста на ова тврдење говорат најстарите а и најновите научни, историски и етнографски истражувања. Аристотел (384-322), најуниверзалната глава на античката научна и филозофска мисла, врз основа на своите истражувања, категорички тврди: „Безбожен народ нема“. Најголемиот римски мислител и филозоф Сенека (4 г. пред – 64 по Христа), вели: „Никогаш, ниеден народ не се наоѓал на таков степен на неморал и беззаконие, за да не признавал никакво божество“. Најплодниот антички историчар Плутарх, (50- 126), кој напишал околу сто и дваесет дела од историјата на народите, повеќето од кои ги посетил и се запознал со нивните обичаи, вели: „Погледнете го лицето на земјата; вие ќе најдете градови без утврдувања, без науки, без хиерархиски ред, ќе видите луѓе без постојани живеалишта, кои не знаат да употребуваат монети, кои немаат поим за бескрајните уметности, но вие не ќе можете да најдете ниедно човечко општество без вера во божество, ниту град во кој да нема ниедно светилиште, да не се вршат: молитви, жртви, клетви“. Римскиот оратор и државник Цицерон (144-43), тврди дека „меѓу луѓето нема народ толку див и груб за да не сознава дека треба да има еден Бог“. Спрема Платон (424-347), „сите луѓе, како Хелените така и варварите, веруваат во Бога“.

И истражувањата на најновите патешественици, етнографи, мисионери и др. водат кон ист заклучок. Така еден современ научник – мисионер имал прилика да се сретне во некоја зафрлена индиска провинција со некој париј (роб). „Грешно ли е некој да украде пари? – прашал мисионерот. – Одговорот гласел: „Да!“. „А ако некој убие друг?“ – „И тоа е грешно“, одговорил робот. – „Па ти ги знаеш Божјите заповеди!“, рекол мисионерот. – „Кој те научи на нив?“ – „Бог“. „А каде е Бог?“ – пак прашал мисионерот. „Ете тука, внатре, тука, внатре“, – одговорил робот, покажувајќи на своите гради. И така, секој, „кој го проучува човечкиот живот во сегашноста и минатото се уверува дека религијата не е настаната од желбата и волјата на луѓето, како секирата, ралото или перото, но дека таа го нашла или снашла човекот, пред тој да ја најде неа; пред и да помисли за религијата, таа веќе била во него“. Таа е всадена во душата на човекот како негово битно својство, исто како во семето на едно дрво или растение што се всадени и дадени: коренот, стеблото, гранките и плодот. Значи, научните факти и личните чувства на луѓето „со чисто срце“, неспорно одат во прилог на религијата.



Но, општопозната е и вистината дека луѓето се готови да ја негираат точноста и на такви научни факти какви што се: математички, геометриски, алгебарски формули и аксиоми, само ако тие навлегуваат во интересите на луѓето, односно се против нивните интереси. Од оваа реалност не може да биде имуна ни верата во Бога, бидејќи оди против интересите на оние луѓе кои живеат живот спротивен на Божјата волја. Место да се откажат од својот неморален живот и ослободат од темнината на гревот, тие му го свртуваат грбот на Сонцето на вистината, не сакаат да живеат под благодатните Негови зраци, туку му објавуваат „војна“ и го негираат Неговото постоење. Да веруваш во Бога, велат некои, значи да веруваш во „ништо, во она што го нема“. Ако е така, ќе прашаме ние: зошто тогаш објавувате војна на нешто кое не постои, т.е. на „ништо“? Не ли е ова бесмислица?! Повикуваш луѓе за борба против непријател кој не постои. Ги мобилизираш луѓето за борба против „ништо“. Што ќе помислат луѓето за оној човек кој ќе ги повика да му помогнат со српови и секири за да го уништат непријателот, и ако на прашањето: каде е тој? – добијат одговор: – го нема; или кога прашаат што е тој, им се одговори – тој е „ништо?!“ Непријателот мора да постои и да è „нешто“ зашто само тогаш има смисла објавувањето војна. Значи, негаторите на Бога, индиректно Го чувствуваат Бога во себе како противник на нивните дела, и затоа објавуваат војна за да Го уништат. Но, залудна е таа нивна работа. Подобро би им било да не зборуваат за Него, отколку да Го негираат.

Злото не мирува. Штом ја завладее душата на човекот тоа го тера во борба против изворот на доброто – Бога. „Во Бога веруваат само простите и неучените“ – ќе ви речат некои бранители на безбожието. „Науката одамна раскинала со таа заблуда. Носителите на прогресот мораат да се борат против старото и да ја бранат вистинската наука“, ќе нè убедуваат „учените“ и „прогресивните“. Но, и овие аргументи им се нишаат на стаклени нозе. Пред сè, ќе треба да ги запрашаме: која е таа наука што се занимава со Бога и докажала дека Бог не постои? Науката која се занимава со Бога е теологијата, а токму таа со семожни аргументи докажува дека Бог сигурно постои и дека без Бога светот и животот не можат да се замислат. Други науки како што се: астрономија, математика, физика, хемија, геологија, итн. итн. не се занимаваат со Бога. Може да се зборува само за претставителите на овие науки, како луѓе кои во Бога веруваат или не. Ако би отишле во таа насока и тука не цветат црвени трендафили за безбожниците, зашто најголемите научници секогаш признавале дека постои Бог. На тоа ги побудувала законитоста што владее во нивните науки и хармонијата што ја гледаат во бескрајниот космос. Ако сакаме да бидеме доследни во нашите тврдења, ќе треба да заклучиме дека не учените, но неучените, или „учените а недоучените“, Го негираат Бога. Затоа една латинска поговорка вели: „Чувај се од човек кој прочитал само една книга“. А англискиот философ од XVII в., Франсис Бекон (1561-1620), на едно место со право вели: „Човечкиот ум е склон кон безбожие кога располага со малку философија, но длабокото познавање на философијата ги доведува луѓето кон верата“. За поука да им ги дадеме следниве зборови на Св. Кирил Ерусалимски: „За нештата што се однесуваат на Бога, големо знаење е да го признаеме своето незнаење“.

Стравот и неразбирањето на природните стихии може да биде причина за оживување на верата во Бога како заштитник од истите, или пак да им се покоруваат и ги молат тие сили да се смилуваат над нив. Навистина луѓето плашејќи се од природните појави, бараат заштита од Бога. Но вистина е, исто така, дека ако постои можност за сознавање на тие стихии, нив прв ги сознава човекот, па постепено би требало да се ослободува од верата во Бога. Меѓутоа фактите говорат дека колку повеќе ги сознаваа тајните на светот луѓето стануваат порелигиозни. Најмалку ги знаат и разбираат појавите во светот животните, па според таа логика, тие би требало да бидат и најрелигиозни. Меѓутоа кај животните стравот не раѓа религија. „Никој не е набожен ако на таа набожност е извор стравот“ – вели Цицерон.

Некои тврдат дека верата во Бога ја измислилиле поробувачите, кои плашејќи се од своите робови, им говореле дека робовладетелството мора да постои, угнетувачи и угнетени мора да има затоа што така останало од Бога и секој кој се бунтува, се бунтува не само против угнетувачот, но и против Бога. Во прилог за неточноста на ваквото тврдење најпрво да го наведеме фактот дека религијата не се појавила во робовладетелството, туку многу порано, во почетоците на општествениот животот, кога сите луѓе биле еднакви и немало ниту угнетувачи нити угнетени. Потоа, малку е веројатно дека угнетувачот, ако не можел да ги смири со силата на својот меч што постојано висел над нивните глави, ќе го направи тоа со некаква невидлива измислица. За да можел да манипулира со верата во Бога како средство за скротување на бунтовните робови, таа морала да постои и кај нив, имено тие морале да имаат некакви, макар и најпримитивни сфаќања за Бога. Од каде им е таа идеја?! Потоа, ако е точно горното тврдење, логично би било сите угнетувачи да бидат религиозни, а угнетените нерелигиозни. Меѓутоа, верата во Бога ја наоѓаме и кај едните и кај другите, што говори дека не ја измислиле угнетувачите за угнетените.
На ова веднаш да го надоврземе и тврдењето на некои, дека верата ја измислиле жреците „свештениците“, та користејќи ја наивноста на своите верни, и наплатувајќи големи давачки за услугите, да живеат удобен и раскошен живот. Ова тврдење е логично исто како и тврдењето дека хранењето го измислиле гостилничарите, та користејќи ја нивната глад, ги научиле луѓето да јадат и од нивните апетити влечеле корист. Вистината е обратна: гостилничарите не ја измислиле храната, зашто луѓето знаеле за неа и без и пред нив. Телесната потреба бара да се спрема соодветна храна. Така е и со жреците. Тие не ја измислиле религијата зашто таа постоела и кога немало жреци. Но, луѓето како се оддалечувале од Бога, или пак сакајќи да бидат поблизу до Него, задолжувале посебни луѓе со своите молитви да го сторат тоа.

 „Ако постои Бог, би требало да Го видиме“ – велат некои. Но, Бог е Дух и само со духовни очи може да се „види“. Ние не го гледаме и нашиот разум, па тоа не значи дека го немаме. Разумот не го гледаме, но неговите дела се видливи и затоа велиме дека некој има или нема разум. Бога не Го гледаме, но каде и да се свртиш околу себе, или погледнеш во небото со безброј ѕвезди, ќе мораш да признаеш дека тие имаат свој, иако за нас невидлив, Творец. Ако не сакаме да се сложиме со ова, тогаш сосема е во право пророкот Давид, кој вели: „Рече безумникот во своето срце, нема Бог“. Значи, причина за неверувањето не е гледањето или негледањето на Бога, но срцето. Како што од матен извор не може да излегува бистра вода, така и од злото срце не може да се појави чиста вера во Бога. За да се чувствува Бог во срцето, треба да се живее со Него. Како што гитарист не се станува ако се нема покрај себе гитара и не се вежба постојано, така не може да се стане религиозен, ако се одбегнува она што Бог го бара. Блажен Августин дури живеел безбожнички, не можел да Го осети Бога, а кога се покајал, така силно го почувствувал Неговото присуство во својата душа, што вели. „Јас Те познав Тебе Боже, но не без Тебе, но со Тебе, зашто Ти си светлина која ме просвети“ (Пс. 2,75).

Против аргументи и аргументи во прилог на Божјото постоење има и други, но и изнесениве јасно говорат дека против аргументите водат до нелогични заклучоци.

Дали го признаваме или не постоењето на Бога од тоа Бог не губи ништо, исто како што не губат сончевите зраци од тоа дали ќе им се свртиме со лице или ќе им обрнеме грб. Тоа може само нам да ни користи или штети. Од Бога не може да се избега. „Каде да отидам од Твојот Дух и од Твоето лице? – вели пророкот Давид. Ако се искачам на небото Ти си таму, да слезам во подземјето, и таму си. Да се дигнам со крилја над земјата и да се преселам на крајот на морето, и таму Твојата рака ќе ме води, и ќе ме држи Твојата десница“ (Пс. 139,7-10).

Затоа на секој од нас како императив ни се поставува верата во Бога да ја пазиме, а за оние кои не ја признаваат, да Го молиме Бога поскоро и тие да Му се вратат, и сите да станеме деца на едниот Отец.

Извор:https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/nashata-vera-vo-boga/



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Мај 10, 2020
3.angeli.so.truba

Емануел Рембер: Читањето е убава мрзеливост и вистински лек

-Чудно е тоа што изолацијата ја доживувам како миг во кој сè е замрзнато. Секако дека сè уште пишувам дневник. Но, во суштина малку пишувам. По неколку реченици на врвот од изолацијата. Ме обзема некое нерасположение. Оваа нова состојба ме води кон некоја…
Април 29, 2020
3.angeli.so.truba

„Ако има волја има и начин“ – Џорџ Бернард Шо

Бидете секогаш чисти. Бидејќи вие сте прозорот низ кој го гледате светот. Демократијата е процес кој ни гарантира дека никој нема да владее подобро од тоа што заслужуваме. Кога човек сака да убие тигар, тоа се нарекува спорт. Кога тигар сака да убие човек,…

Вангел Наумовски уметник кого Салвадор Дали го нарече „сликар од бајките“

Апр 06, 2020 Ликовна уметност 314
3.angeli.so.truba
Со името на охридскиот сликар Вангел Наумовски (22. 3. 1924, Охрид – 13. 6.2006, Охрид),…

Мала Историја на Христијанството и на Светот

Јан 12, 2020 Друго од култура 772
Mudreci.pustina1
Св Јован Крстител е дете на Првосвештеникот Захарије и Елисавета. Захарие веднаш беше…

Скопје и Истанбул се среќаваат во јазикот, литературата, историјата

Ное 24, 2019 Литература 1006
7.Vselenski.sobor
– Градовите ја имаат функцијата на поврзување луѓе, вери и народи, како и нивните…

Беседи

О.Жарко Ѓорѓиевски✥Беседа за св. Наум Охридски✥  (03.07.2020)

О.Жарко Ѓорѓиевски✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020)

Свети Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Тој постојано работел на преводи на светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на...

 Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020 )

Кој им е проблемот на фарисеите, тогашни, денешни и на сите времиња? Тоа што постојано бараат грешка; но не баш кај секој, туку посебно кај оној на кого се фиксирани....

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

И најважно од сѐ е – на секое зло да враќаме со добро, со љубов. За да ни биде дозволено да ја кажуваме оваа молитва треба и во мислите и...

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

Важно е да напомнеме дека и покрај големите и епохални откритија на науката, животот на денешните луѓе не ѐ подобар. Напаротив создаден ѐ кај луѓето страв и немир, наместо радост...

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

И така, не оди да се причестуваш со Светите Тајни Христови ако не си побарал прошка од братот свој, ако не си му одговорил со љубов или ако не си...

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020)

Наравоучение: православната психотерапија прави разлика меѓу искушенија што ни се случуваат затоа што душевно оздравуваме (очистување на срцето од страстите) или сме доволно здрави (просветлување на умот), од искушенија што...

Митрополит Струмички Наум: АНТИНОМИЧНОСТ (20.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: АНТИНОМИЧНОСТ (20.06.2020)

 Антиномично е и кога просторно и временски ограничениот човек станува благодатно секаде присутен, и во време и во простор. Антиномична е и ситуацијата кога обичен човек стекнува таква слобода пред...

БEСEДА  за угледувањe на мравкитe

БEСEДА за угледувањe на мравкитe

Вoлјата на Твoрeцoт, Кoј нè испратил вo oвoј свeт e да твoримe дoдeка смe вo свeтoт. Самиoт Гoспoд Исус запoвeда: Твoрeтe, стражарeтe! Oн ги фали oниe кoи ги умнoжуваат дадeнитe...

Архиепископ Андреј Римаренко: Беседа на Неделата на сите Светии

Архиепископ Андреј Римаренко: Беседа на Неделата на сите Светии

Сите светители кои денес ги славиме го следеле Христовиот пример. И секој од нив, во своето време, во своите животни околности, ја исполнил Божјата заповед за љубовта кон Бога и...

« »