логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Скопје, 27 јуни (МИА) - Првиот Фестивал на француски и франкофонски филм ќе се одржи во Охрид од 1 до 5 јули во организација на Министерството за култура на Република Македонија и Филмскиот фонд во соработка со Амбасадата на Република Франција, Високата школа за аудиовизуелна реализација од Париз и Европската филмска академија од Скопје.

Фестивалот во Центарот за култура во Охрид ќе го отвори министерот за култура Арификмет Џемаили и францускиот амбасадор во Република Македонија Бернар Валеро. Во текот на петте Фестивалски денови ќе биде прикажана селекција од десет филмови од најновата француска продукција и два краткометражни филмови.

- Република Македонија уште од многу одамна бележи соработка со Република Франција на полето на афирмација и презентација на македонската култура, во таа насока ќе наведам само еден пример, повеќе од 40 години на еден од најстарите Универзитети на светот на Институтот за ориентални јазици и цивилизации во Париз се изучува македонскиот јазик, рече на денешната прес-конференција државниот секретар во Министерството за култура Елизабета Канчевска-Милевска.

Да се потсетиме, посочи таа, и на изложбата на македонските икони што ја отвори тогашниот претседател Жак Ширак која беше посетена од 183 илјади посетители во средновековниот музеј КЛИНИ во Париз, голем број дела од македонските водечки автори се преведени на француски јазик како што се Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Славко Јаневски, Владо Урошевиќ, Јордан Плевнеш, Горан Стефановски, Луан Старова и многу други.

- Ова е само дел од соработката на полето на културата помеѓу Република Македонија и Република Франција. Република Македонија и градот Охрид-град на УНЕСКО ќе бидат домаќини на еден настан кој е вистински доказ на лидерството на Република Македонија во Југоисточна Европа во откривањето на вредностите на Европската култура, истакна Канчевска-Милевска.

Таа рече дека многубројните презентации на македонскиот филм, македонскиот театар, македонските музички уметници, се претставени во поголем број на француски градови.

- Министерството за култура свечено го обележува чинот на почетокот на француското претседателство со Европската Унија со филмови кои носат длабоки естетски вредности, и како што велеше таткото на Европа Жан Моне – Културата ќе биде основен двигател на идниот заеднички Европски дом кон кој се стреми Република Македонија да стане рамноправен член на оваа заедница, потенцира Канчевска-Милевска.

Затоа, додаде таа, почетокот на ова лето нека биде во знакот на големите имиња на францускиот филм и нека отвори надеж дека Република Македонија ќе биде голем предизвик за нови откритија на идните филмски проекти и копродукции што ќе значат нови достигнувања на Македонската и Европската кинематографија.

Францускиот амбасадор во Македонија Бернар Валеро на прес-конференцијата рече дека целта на Фестивалот е да се претстави тоа што е најдобро и најново во филмската продукција во Франција.

- Амбицијата ни е од Македонија да направиме една земја која би била референтна во поглед на филмот и во поглед на културата. Со една конкретна реализација сакаме да покажеме дека културата може да биде во служба на развојот на една територија, на еден град на една држава, посочи Валеро.

Со овој филмски фестивал, истакна тој, целта ни е да се комплетира една политика која ја водиме неколку години на полето на филмот. - Многу битно е овој Фестивал да стане простор за средба за дијалог и соработка меѓу луѓето кои ќе бидат присутни, додаде Валеро.

Јордан Плевнеш, амбасадор и ко-претседател на на Филмскиот фестивал истакна дека Фестивалот има натпреварувачки карактер, а селектор е Ив Алион главен и одговорен уредник на списанието „Аван Сен Д Синема“.

Тој посочи дека направена е една естетичка селекција која ќе ја оценуваат иманентни филмски личности од балканскиот регион. Претседател на жирито ќе биде Лордан Зафрановиќ, а членови Сучица Уневска и Антонио Митриќевски.

По завршувањето на Фестивалот ќе биде доделена почесна Златна маска за најдобар филм, животно дело, актер, актерка и за сценарио.

На Фестивалот ќе присуствуваат голем број реномирани режисери, продуценти, дистибутери и уметници од Франција и регионот, голем број на познати имиња на Светската и Европската кинематографија.

Фестивалот ќе биде отворен со филмот посветен на животот на големата шансониерка, Едит Пјаф, „Живот во розово“ на Оливие Дан, додека за затворањето на Фестивалот во Античкиот театар е предвидена премиерата на новиот филм на Клод Лелуш „Џебен роман“. На оваа свечена проекција Клод Лелуш се очекува да дојде заедно со актерите од филмот, Доминик Пинон и Фани Ардан. рп/дма/14:28



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie