логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Издавачката куќа „Метаноја“ со особена чест и радост Ве поканува на промоција на книгата „Мирисливите бои на душата“ од Катица Трајковска Абјаниќ, настан во знак на сеќавање на авторката.
Промоцијата ќе се одржи во среда на 30ти октомври на малата сцена во Македонскиот народен театар со почеток во 19 часот. Промоцијата ќе ја отвори директорката на издавачката куќа „Метаноја“ Нада Милкова, заедно со ќерката на авторката Ена Абјаниќ Чаусидис. За книгата ќе говорат Коста Милков, отец Климент, дон Давор Топиќ, Емилија Џипунова, Искра Гешоска и Андреј Јованчевски. Промоцијата ќе биде проследена со музички илустрации од Маја Капсарова, а ќе биде прикажано и кратко видео во режија на Ана Глигорова.
Катица Трајковска Абјаниќ (1951 – 2018) е личност која остави траен белег врз македонската култура. Таа беше позната ТВ - новинарка, уредничка и авторка од областа на културата, која најголемиот дел од својот работен век ѝ го посвети на Редакцијата за култура и уметност во Македонска радиотелевизија. Таа беше една од пионерите на дигиталната уметност во Македонија, а го даде и совојот придонес за развојот на франкофонијата во Македонија.
„Мирисливите бои на душата“ е зборовен израз на нејзината духовна состојба во дванаесет месечната борба со болеста. Инспирирана од благодарноста, таа напиша куси раскази за средбите и личностите кои оставиле белег на нејзината животна отсечка. Оваа книга е израз на љубовта и страданието, но пред сѐ на благодарноста која секој од нас треба да ја има и во најтешките мигови од животот.
Книгата е поделена на неколку целини, па така освен кусите раскази на Трајковска Абјаниќ, поместени се текстови од Коста Милков, отец Климент, Емилија Џипунова, Кица Колбе, Андреј Јованчевски, Искра Гешоска и дон Давор Топиќ. Тие од различен аспект пишуваат за средбите со авторката, нејзините раскази и пријателствувањето со неа. Во оваа прилика изразуваме огромна благодарност затоа што го прифатија предизвикот да ја создадеме оваа книга како израз на љубов и благодарност кон Катица.
Срдечно сте добредојдени!

За авторката и за книгата напишаа:
„Зборовите се згуснати. Стануваат шифра и симбол. Сликата и зборот копнеат да се слеат еден во друг. Тоа се случува постојано во кусите раскази на Катица Трајковска Абјаниќ. Во молкот на записот нејзините зборови се преобразуваат во сликозбор. И откриваат длабоко, незамисливо страдање. Зборовите се дневник на нејзиното страдање. И тоа каков дневник! Преполн со благост и небеска леснотија. Тој дозволува само да се насети низ каква болка поминувала таа во близината на смртта. Сепак, записите се преполни со живот. Со силна жед за живот! За живот и убавина!“ – Кица Колбе



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie