логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

 

 

Македонските уметници Славица Јанешлиева - Бачварска, Гоце Наневски и Игор Сековски, од 14 март (во 14 часот), како дел од богатата програма на меѓународниот фестивал „Сараевска зима 2019“, во галеријата на АЛУ Сараево, ќе се претстават со заедничката изложба „Триплет“.
Меѓународниот фестивал „Сараевска зима“, под покровителство на УНЕСКО, со исклучително богата и квалитетна програма од сите видови на уметности, се одржува по 35-ти пат, од 7 февруари до 21 март 2019 година. Оваа година на фестивалот учествуваат 1 500 уметници од 41 земја во светот под слоганот „Бучава и бес“.
Изложбата „Триплет“ е селектирана од организаторот на „Сараевска зима“ и презентира дел од рецентната продукција на овие три македонски современи автори со исклучителна и богата биографија. Секој од авторите реферира на специфична тема од современото општество и живот (глобално и локално) на експлицитен визуелен јазик, добро познат на македонската ликовна публика, а е резултат на индивидуалните интереси, истражувања и изложбена активност.
Славица Јанешлиева - Бачварска ги изложува објектите „Имигрант, емигрант или можеби јас“ (2016/17) и „Споменик за крајот на 20-от и почетокот на 21-от век“ (2016), визуелизации со кои ги заматува границите на локалното и глобалното, давајќи им нови значења и интерпретации.
Гоце Наневски  претставува дел од проектот Анатомија на векот од 2017 година односно видеата “Судбина” и “Ние вампирите”  како и објектот “Срамота е да нема змии овде” од 2015 година. Делата реферираат на моралните, етичките, културните и егсистенционалните аномалии како наметнати референтни вредности во општеството.
Игор Сековски се претставува со делата „ „ (2019) и „Quo vadis“ (2014), кои се однесуваат на прашања поврзани со транзициската неизвесност и егзистенција и општото чувство на изгубеност и вртење во круг, притисокот за остварување заокружена и прецизна артикулација, и неможноста за комуникација.
Воедно изложбата „Триплет“ е можност за меѓународно присуство и видливост на современото македонско ликовно творештво.



Поуки од Светите Отци

krusevoexport