логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Искуството во живеењето со, соработувањето и раководењето на една ликовна манифестација како Ликовната колонија Галичник, која зад себе годинава ќе има 29 ануелни изданија, е животно искуство кое не само што ми го предочи многу живо процесот на конципирање, зреење и создавање на една уметничка каписла во финален производ, туку е еден креативен духовен простор кој нуди прибежиште на многу конекции, познанства, инспирации, размени на енергии и знаења, провокации, спојувања, исповедања, солзи, болка, смеа...нешто што може да се дефинира како мала заедница, комуна, семејство. И така, 29 години, се формираа нови семејства од кои некои остануваа да опстојуваат, од некои само одредени членови ја продолжуваа активната комуникација, а други се распаѓаа заради физичката далечина, како што впрочем бива и со реалните семејства...како и да е споменот кај ниту еден учесник не замре...Кого и да сретнам по светот, со особено свежа меморија се присетува на топлината на својата уметничка фамилија... а топлината секако доаѓа од главата во семејството, па неминовно во оваа прилика ќе го споменам таткото на оваа ликовна манифестација – маестро Нове Франговски, кој иако физички не напушти во март 2017 година, без него не ќе беше возможен ни Common Space, ниту пак нашето учество во ваков состав на Сараевска зима.
Дали е возможно да се опише едноставно што е тоа поинакво што го нуди Галичник како место? Дали е возможно со малку зборови да се опише зошто во тие малку денови се создава толку многу креативна енергија? Дали може да се каже како апсолутната слобода и навидум индолентен однос прераснува во одговорност и поврзувачка моќ која раѓа нови духовни слоеви? Дали детето, кучето, домашната средина се предност или слаба страна??? Дали пак новите медиуми, кои ги воведов пред 8 години, се погодок или грешка, бидеќи никогаш незнаеш што и дали воопшто ќе добиеш нешто како резултат на еднонеделниот „креативен одмор“? И дали овој кураторски текст ќе прерасне во исповед, наместо во анализа, како концепт по себе, или чувствувам морална должност да дадам интро?
Светлана Волиц, Рок Богатај, Рената Папишта, Фидан Бејтулаху, Симон Далеманс, Џулија Хопкинс, Ана Јовановска, Ангел Миов и Горанчо Ѓорѓиевски, учесници на последната сесија на Галичката колонијата во август 2017, ми ги дадоа одговорите на моите прашања и докажаа дека Галичник за уметниците е Сродно место кое се приврзува за срце на секој еден кој ќе ја почувствува близината на ѕвездите таму. Уметниците кои учествуваат доаѓаат со свои сознанија и претходни работни концепти кои ги истражуваат и работат. Галичник им нуди веројатно едно ново ослободувачко чувство, една вдахновеност, една можност за интерконекција, и физичка и духовна. Платформа каде може на поинаков начин да се исполат и реализираат многубројните „лични пејзажи“, или „пејзажи на душата“, да се „соработува“ со локалното, со даденото, или пак со стекнатите искуства и сознанија за сличното или различното, за нештата кои не оптеретуваат и морат, на кои сакаме да реагираме или да бидеме социјално ангажирани. Така се создаде Common Space, со многу разговори, со многу дружења, со многу непроспиени ноќи, со неповрзани и неважни разговори или со сериозни и опсежни анализи, критики, сугестии и развивања на нови идеи. Делата се само производ кој нужно следеше на доживеаното и кои како визуелна матрица нудат интеракција со публиката.
Влијанието на локалниот пејзаж и визуелната промена и сензации направени со директно или индиректно интервенирање од човековата рака ги инспирираа делата на Рок Богатај (фото-документација од инсталација ин ситу) и Симон Далеманс (фотографии). Светлана Волиц (повеќеканално видео) и Рената Папишта (полиптих од фотографии) пак, користат некои претстави од Галичник, кои се само сегмент од многубројни други претстави и имиџ колажи со кои се доловува концептуалност, фрагилност, постојаност, заборав, мобилност, присуство на духот, своевидни внатрешни пејзажи на опстојувањето. Фидан Бејтулаху во своето видео се занимава со компарација на ритуалите и обичаите на двата соседни народи (Косовари и Македонци), кои се толку различни, а толку слични. Џулија Хопкинс е воодушевена од Скопската бруталистичка архитектура која е занемарена и надвладеана од небулозниот необарок – неокласицизам на објектите од Скопје 2014. Македонските автори: Ана Јовановска, Ангел Миов и Горанчо Ѓорѓиевски се понастрана од локалниот контекст виден во директна смисла, но говорат за прашања кои се социјално ангажирани (како во делото на Ана Јовановска која го артикулира своето родно Куманово преку интердисциплинарно интервенирани фотографии на одредени негови локации пред и по интервенција); поставуваат прашања за улогата на авторот, неговата себеидентификација и границите на игривоста со која се создава едно уметничко дело (Ангел Миов со своето видео „Цртеж или портрет или патка“) или пак ја проблематизираат позицијата на кураторот во едно општествено уредување или пак говорат за моќта како уметник, да цитира, реитерпретира и иронизира, при тоа и кураторот и уметникот се клучен дел во магичниот политичко-социјален круг ( „Горански ... Чекајќи го“ на Горанчо Ѓорѓиевски).
Секоја резиденција е своја приказна, креативна, енергична и моќна. Уметниците од Common Space го докажаа тоа, укажаа на силината на идејата и на опстојноста која една резиденција од мал пост-транзициски профил може да ја има.



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie