логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Би сакале да ве информираме дека на ден 27.10.2016 година, четврток, со почеток во 19.00 часот, во Националната галерија на Македонија, објект мултимедијален центар Мала станица ќе се одржи самостојната изложба на Марина Цветановска – Мартиновска со наслов „За(д) празнината“.
Во прилог текстот кон изложбата:
„За полното во празното, за третата димензија во дводимензионалното, за многузначноста на белото, за јадреноста на сенката, за линијата која го дефинира волуменот, за логичноста на несфатливото, за визуелната измама на истренираното око и за уште многу други аспекти поврзани со клучни ликовни елементи и нивните соодноси, говори Марина Цветановска Мартиновска во својот најнов проект „За(д) празнината“. Цветановска – Мартиновска и претходно истражуваше голем дел од овие јукстапозиции, но во различна констелација или сооднос, со различни материјали и некогаш во контрасни пенетрации. Во конкретната нова епизода, т.е. нов визуелен циклус таа го одбира форексот како материјал, кој е доволно „монохроматски“,„тврд“, „рамен“ и „еластичен“, за во контраст да даде многу мекост, транспарентност и облост. Авторката термички интервенира за да го свие и за да исечените форми ги истакне во простор (автопортрети, раце, ивици од листови, писма, пакети); го шие на машина со празен бод или со конец во боја за да постигне перфорација, линија, графичка игра врз тврд материјал; групираните и концептуализирани објекти (со градациски формални визуелизации) ги поставува во простор (создавајќи инсталација и влегувајќи во „полнотијата“ на белото со бело)...итн. Формалната асоцијативност и препознатливост има цел да ја пренесе пораката на авторката и да биде визуелно и концепциски декодирана од реципиентот. „Леснотијата“ на содржинскиот фундус го става акцентот врз ликовната згуснатост и инвентивност. Играта на светлото и сенката ја имаат главната ролја во концепциската целисходност и во креирањето на просторната повеќезначна „присутност“ во просторот. Како завршна констатација, на оваа пре-концентрирана анализа, би го апострофирала и зен, т.е. медитативниот елемент на проектот, кој произлегува од полнотијата на празното и од звучноста на белото“. (Ана Франговска, куратор)
Изложбата ќе биде отворена до 3.11.2016 година.



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie