логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Утре, 24 септември 2016 година со почетокот во 20:00 часот во Старо забавиште (над киното) во Струмица ќе се одржи шестото издание на меѓународната манифестација „100 Илјади поети за промена“.

Струмица како и секоја година повторно е домаќин на шестата по ред манифестација „100 Илјади поети за промена“, настан кој ќе се одржи на 24 септември 2016 година. Ова е настан кој е дел од глобалната манифестација „100 Thousand Poets for Change“ - меѓународна манифестација која годишно се оддржува во повеќе од 100 држави, меѓу кои е и Република Македонија уште од самиот почеток. Глобалното движење „100 Илјади поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ го реализира шестото издание на поетската манифестација „100 Илјади поети за промена“.Манифестацијата „100. 000 поети за промена“ е од меѓународен карактер и годинава се одржува во повеќе држави во светот, односно, имаме најавено 500 настани во над 100 земји во светот!

Програмата на манифестацијата започнува во 17:00 часот со читање на средношколци од општина Струмица, а ќе биде проектиран и документарниот филм за македонскиот современ поет Анте Поповски. Во 20 часот ќе биде отворена изложбата на плакати од дваесетина дизајнери кои се дел од конкурсот кој секоја година е дел од програмата, ќе биде промовиран зборникот со поезија од 60 автори кои учествуваа на претходно објавениот конкурс, проследено со поетско читање од автори од Македонија и надвор. Во оф програмата која е новитет годинава во Сцена 112 во 23:00 часот ќе настапи хип хоп составот Исказ од Србија.

Темите кои се најчеста инспирација за авторите и поетите кои учествуваат на манифестацијата, обработуваат проблеми поврзани со општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, заштитата на планетата Земја. Проблеми поврзани со глобалното затоплување, со ранливите општествени групи. Преку овој проект ќе се согледа дали поезијата е доволно моќна да иницира позитивни промени во државите, промени во начинот на размислување, во односите меѓу луѓето. Да се промени гледиштето на светот со зборови, мисли, поезија; размислувања и разговори со самите себе; внатрешни промени наспроти големата слика.
100 Илјади поети за промена се поддржани од годишната програма на Општина Струмица.



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie