логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Ве известуваме дека на 25 декември 2015 година (петок), со почеток во 20 часот, во НУ Национална галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам ќе биде отворена ретроспективна изложба под наслов „Внатре... Томо Шијак (1930-1998)“. На изложбата посветена на еден од најзначајните претставници на македонската авангарда, еден од екстремно продуктивните и најинвентивните и, следствено на тоа, и од најзначајните македонски уметници, ќе бидат претставени над 100тина дела од целокупното негово творештво.

Томо Шијак (1930-1998) е еден од неколкумината автори, уметнички родени во педесеттите години на дваесеттиот век, кои се издвоија како означувачи на авангардистичките текови на тогашната македонска ликовна уметност, со секогаш немирен, дури хиперактивен, истражувачки дух, поради што можеме да го карактеризираме како автор со најмногу варијации на стилски ставови кај нас. Шијак до крајот на својот живот останува доследен на смелото експериментирачко дејствување и на препознатливите дела кои, со развојот на модернистички трансфигурираната концепција на неговите најиновативни и естетски најзначајни „мусандри“, во колективната македонска уметничка меморија ќе останат запаметени како икони на објект-артот што зрачат со аурата на нивната трансцендентална моќ. Мноштвото дискурси на неговото творештво секогаш се движат помеѓу две дијаметрално спротивни крајности што го дразнат внатрешниот конфликт со намера за постигнување хармонија помеѓу фигурацијата и апстракцијата, рациото и спиритуелноста, уметноста и техничките достигнувања, следењето на современите авангардни процеси во уметноста и почитта кон традиционалното...

Ретроспективната изложба и монографското издание за творештвото на Томо Шијак задолжително во себе ги инкорпорираат сите претходни истражувања посветени на овој автор и најзначајните концепти во доменот на објект-артот. Истражувачкиот проект, ретроспективната изложба и монографското издание се дел од програмските активности на Националната галерија на Македонија за 2015 година. Сите неопходни активности за овој проект се комплетно реализирани со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. Изборот на делата што ги третираат сите фази во целокупното творештво на Томо Шијак стилски и тематски, на одредени места, имаат улога да потсетат и да ги рехабилитираат одредените творечки фази на авторот.

 

Томо Шијак е роден е 15. 03. 1930 година во Косово Поле, а детството го поминал во Добрево, Пробиштип, ја завршил Средната художествена школа во Скопје и заминал на студии во Љубљана. Имал повеќе самостојни изложби и студиски патувања во повеќе земји: Франција, Италија, Германија, Белгија, Швајцарија, Австрија, Велика Британија итн.

Неговите дела се наоѓаат во повеќе јавни институции, организации, музеи, галерии и приватни лица во земјата и странство: во Скопје, Белград, Загреб, Струмица, Штип, Охрид, Тетово, Куманово, Сараево, Подгорица, како и во Софија, Солун, Њујорк, Чикаго, Бостон, Торонто, Сиднеј, Лондон, Берлин, Нирнберг, Келн, Диселдорф, Солинген, Лајхлинген, Леверкузен, Братфорд, Торино, Рим итн.

Добитник е на наградите: Втора награда на Есенскиот салон во Бања Лука (1977), Нерешки мајстори на изложбата на ДЛУМ (1986), Орден на трудот со сребрен венец од Претседателството на СФРЈ (1986), Наградата „11 Октомври" за долгогодишни остварувања (1988).

Со групата „Мугри“, формирана во 1960 година изложувал во 3 наврати. Забележително е неговото активно учество на престижни манифестации и на суштествени поставки што презентираат прегледи на најзначајните достигнувања на македонската ликовна уметност кај нас, во регионот и во светските центри (одвоено, но и во рамките на пошироки федерални селекции, како дел од различни групни избори на најзначајните современи македонски и југословенски уметници во Скопје, Белград, Љубљана, Загреб, Париз, Лондон, Брадфорд, Рим, Нирнберг, Торино, Диселдорф, Виена, Истанбул, Атина и многу други) и говорат за неговото вреднување од неговите современици и од следните генерации. Помеѓу преостанатите значајни претставувања (детално наведени во биографскиот дел), секако се издвојува Биеналето во Венеција во 1978 година, кога Томо Шијак го изложува своето дело „Ден“ и „Ноќ“, заедно со Петар Хаџи Бошков и Душан Перчинков од Македонија, групата „Шемпас“ од Словенија, Иво Фришчиќ од Хрватска и Предраг Нешковиќ од Србија, како официјални претставници на СФРЈ на Биеналето во Венеција на тема „Од природата кон уметноста и од уметноста кон природата“.

На изложбата се презентирани дела од Националната галерија на Македонија, НУ Музеј на современата уметност - Скопје; Македонската академија на науките и уметностите; Собрание на Република Македонија; Народна банка на Република Македонија; ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ - Скопје; НУ Завод и Музеј - Куманово; Галерија „РА“, како и од голем број приватни сопственици.

Изложбата во Националната галерија на Македонија ќе трае до крај на февруари 2016 година.

Со почит,

Национална галерија на Македонија



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie