логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Кој е градот кој го роди и порасна овој божествен маж, пред неговиот подвижнички живот, не можам да наведам со точност и сигурност. Но, градот во кој денес живее и кој го храни со амброзија, го спозна уште пред нас великиот апостол Павле, бидејќи секако и тој се наоѓа сега во оној небесен Ерусалим, во кој постои Црквата на првородените, чиешто „живеалиште е на небесата“ (Филип. 3,20).

Таму наситувајќи се ненаситно со нематеријалното сетило и гледајќи ги невидливите богатства, ги прима достојните награди за своите трудови. И откако како награда за непрестајните трудови го здоби небесното наследство, се весели вечно заедно со оние, чија што нога веќе стои на прав пат (Псал. 25,12). Како, пак, го заработи ова блаженство овој славен, тоа ќе го изложам во продолжение.

Овој преподобен отец на возраст од приближно 16 години се принесе себеси на Христа како „жртва благопријатна и угодна“ (Филип. 4,18), со стапувањето во јаремот на монашкиот живот на гората Синај. Од неговото пребивање во ова видливо место, одеше и се упатуваше кон невидливиот Бог. И туѓинувањето го следеше како закрилник на духовните девојки, т.е. на добродетелите на душата. Со ова туѓинување ја отфрли секоја недолична дрскост и се облече во благодоличното смирение и така уште при влегувањето го протера демонот на себедопаѓањето и на довербата во себеси. Се потчини и ја довери неговата душа на неговиот во Господа духовен отец како на еден одличен морепловец, и така безопасно го помина ова велико, опасно и разбранувано патување во овој живот.

Толку многу умре за светот и за неговите желби, како да имаше душа без разум и без волја и потполно отуѓена од природните склоности и посакувања. Иако пред ова небесно „незнаење“ имаше стекнато добра светска мудрост – нешто чудно, бидејќи најчесто гордоста на световната мудрост го уништува смирението во Христа.

Откако така живееше деветнаесет години и се украси со подвизите на блажената послушност, кога веќе светиот старец кој го воспитуваше беше заминал од овој живот, тогаш самиот тој стапи во подвигот на исихастичкиот живот, држејќи ги во своите раце, како силни оружја, свештените молитви на неговиот старец, за да ги уништи со нив тврдините на сатаната.


Ја избра арената на неговите пустински подвизи на оддалеченост од осум километри од соборниот манастирски храм, во местото наречено Тола, и таму проживеа цели четириесет години, без мрзливост и нетрудољубивост, секогаш разгорен од горешта љубов (еротас) и од пламенот на божествената љубов (агапи). Но, кој е способен да ги опише и да ги пофали со зборови усилијата кои ги вложи во ова место преподобниот? Како нема да излезат на површина сите оние трудови кои тајно ги посеа без да го гледа некој? Но, земајќи ги како мали побуди некои од познатите негови подвизи, да го слушнеме преподобниот живот на великиот преподобен.

***



Јадеше од сето она што им е дозволено на монасите, но многу оскудно. Така што со голема мудрост го победуваше истовремено демонот на високоумието и на надменоста. Бидејќи со малку храна ја притискаше на секој начин лудата и ненаситна господарка – стомакот, и заедно со нејзиното лишување велеше: „молкни, престани“ (Марко 4,39), т.е. затвори ја твојата уста. И со тоа што јадеше малку и од сите јадења ја победуваше и ја потчинуваше тиранијата на суетата. Исто така, пак, со потполната самотија и избегнувањето на средби со други луѓе, го изгаси пламенот и печката на плотските желби, сѐ додека да ја направи сета пепел и да ја умртви.

Храбро храбриот го избегна, со милоста Божја и со лишувањето од неопходните нешта за да се сочува себеси, и поклонувањето на идолите (т.е. среброљубието и приврзувањето за материјалните нешта).

Ја воскресна својата душа од смртта која ѝ се закануваше во секој миг, значи од унинието и неработливоста, боцкајќи ја со бодежот од спомнувањето на смртта.

Со умртвувањето повторно на секоја „пристрасност“, можеби и со некое чувство на нематеријалните и небесни богатства, ги пресече врските на тагата. Претходно, пак, го имаше умртвено со мечот на послушноста, измачувачкиот гнев.

Со телото кое не излегуваше надвор и со словото кое уште повеќе не излегуваше од неговата уста, ја усмрти пијавицата на суетата која ја простира насекаде својата мрежа како пајак.

И што направи? Победата и наградата против осмото зло, значи, потполното очистување од противбожната гордост. Ова очистување го започна самиот со послушноста, како втор Веселеил[1], го усоврши Господ на небесниот Ерусалим, кој самиот лично дојде и го издигна против гордоста смирението, без кое не е можно да биде победен ѓаволот и неговата дружина.

***

Но, и на кој дел од венецот што го плетам да го сместам изворот од солзи на преподобниот? Дар кој не се наоѓа кај многумина. Оваа тајна работилница на овие солзи се сочува до денес и тоа е една мала пештера која се наоѓа на крај, во подножјето на планината, и на толкаво растојание од неговата и секоја ќелија, колку што е потребно за да ги затне своите уши пред гласовите на суетата, да стигне, пак, до небото со воздишки, со извици и призиви на божествената помош, како оние кои се забележуваат кај тие што се удирани со мечови и вжештени железа и на кои им ги вадат очите.

Сонот што го зафаќаше беше толкав, колку што беше потребно за да не претрпи штета неговиот ум од бдеењето. Пред сонот, пак, се молеше многу и ги средуваше текстовите кои ги пишуваше, бидејќи тоа му беше како узда за унинието. Сиот пат на неговиот живот беше молитва непрестајна и љубов неискажлива кон Бога. Тој ноќе и дење се претставуваше пред најчистото огледало на неговата чистота, без да сака да се насити, или подобро, без да може да се насити.

***

Некој монах по име Мојсеј, почувствува во своето срце дека се разгорува од љубов кон овој богоносен отец и го молеше многу, користејќи ги за посредници многу од отците, за да го прими како негов ученик, за да ја научи од него вистинската философија. Убедувајќи го со неговите молби, го придоби блажениот, за да го прими кај себе како послушник.

Се случи еднаш да му заповеда светиот отец да пренесе доволно почва за да одгледуваат зеленчук. Мојсеј навистина стигна до местото што му го покажа и усрдно ја исполнуваше заповедта што му беше дадена. Но, кога помина времето и дојде пладне, кога жештината како фурна го разгоре местото, бидејќи беше месец август, Мојсеј премале и уморен многу од пренесувањето на почвата, помисли дека треба малку да се одмори. (За да има сенка) се испружи под една огромна карпа и, како што беше нормално, заспа. Но, човекољубивиот Бог, кој не сака од ништо да бидат огорчени неговите вистински слуги, го престаса со неговото благоутробие злото, токму во часот, кога животот на Мојсеј беше во опасност. Веднаш ќе ви раскажам како се случи тоа. Великиот наш отец Јован, додека седеше во неговата ќелија, по неговиот обичај, читајќи и беседејќи со себе и со Бога, заспа во еден лесен сон, и тогаш гледа некој свештен маж, кој се обидуваше да го разбуди и како да го исмеваше за сонот, му велеше: „Јоване, како ти спиеш безгрижно, додека Мојсеј се наоѓа во опасност?“ Тогаш скокна од сонот и веднаш почна да се моли, користејќи ја молитвата како оружје за спасение на неговиот ученик.

Доцна вечерта, кога се врати Мојсеј, го праша дали можеби му се случило нешто страшно или ненадејно. „Една огромна карпа – му одговори тој – во текот на пладневните часови од денот, ќе ме згмечеше и ќе ме скршеше, додека спиев длабоко под неа, ако не го слушнев – така ми се причини – твојот глас. Тогаш успеав со едно брзо и нагло скокнување да станам и да се оддалечам, кога во истиот миг ја видов карпата како се крши и паѓа на земјата“. Слушајќи го ова толку смирениот преподобен, ништо не му раскажа за неговото видение на својот послушник, но во себе со силни извици и чувства на љубов Го воспеваше и Му благодареше на Бога.

***

Овој човек Божји беше и лекар на скриените страсти. Еднаш еден монах кој се викаше Исаак, имаше силни плотски напади и поради тоа беше полн со тага и безнадежност. Брзо дојде кај преподобниот и со солзи и воздишки му ја откри неговата внатрешна борба. Сечудесниот, откако се восхити од верата и неговото смирение, му рече „дојди, брату мој, да се помолиме заедно, и благиот и милосрден Бог нема да ја превиди нашата молба“. Уште не ја имаа завршено молитвата, и страдалниот монах падна со лицето на земјата. А милосрдниот Бог ја услиша молбата на неговиот слуга, и така го покажа вистинит пророкот Давид (види: Псал. 144,19). Змијата, пак, т.е. демонот на плотската борба, удиран со камшикот на топлата молитва на преподобниот, побегна. Поранешниот болен се виде себеси потполно исцелен и веќе невознемируван. Се восхити поради ова и исполнет со изненадување Му благодареше на Бога Кој го прослави својот слуга, и за слугата кој беше прославен.

Некои, пак, лукави луѓе, набуцкани од завист против незаборавниот отец кој богато го распространуваше словото на благодатта и ги наводнуваше сите оние кои му се приближуваа со чистите води на неговото учење, го осудуваа како „дрдорко и празнословец“, обидувајќи се на овој начин да ја сопрат големата полза што ја придонесуваше.

Тој, пак, знаејќи дека „сѐ е можно преку Христа Кој ни дава сила“ (Филип. 4,13) и не сакајќи да ги воспитува само со зборови оние кои му доаѓаа заради полза, туку многу повеќе со молчењето и читањето на неговиот пример, исто така – како што вели и Писмото – за да ги пресече поводите на оние кои бараат поводи, замолкна за одреден период и го прекина медоносниот тек на неговото учителско слово. И ова го направи, бидејќи сметаше дека е подобро да им наштети за кратко на оние кои му посакуваа добро, оние кои можеби и со молчењето би ги офајдил, отколку уште повеќе да ги раздразни оние неблагодарни осудувачи и да ја зголеми лудоста на нивната злоба. Тогаш тие му оддадоа уважување и го испочитуваа неговото повлекување и смиреномудрието на мажот, почувствуваа дека прекинале еден извор на толку голема полза и станале виновни за голема штета кај сите, и почнаа да го молат и просат заедно со другите да го продолжи словото на неговата поука, така што да не трпат штета со неговото молчење, оние кои ги бараа неговите спасителни зборови.

Тогаш веднаш се повлече оној кој не беше научил да противречи и пак продолжи со неговиот претходен ред.

Бидејќи толку многу му се восхитуваа, зашто ги надминуваше сите во сѐ, сите заедно монасите како еден нов Мојсеј го издигнаа насила во игуменскиот престол. Така оние кои знаеја добро да ги проценат способностите на секого, го поставија факелот во светилникот на игуменството и не ги измамија своите надежи. Бидејќи се искачи и тој на богопроодната Гора (како и Мојсеј), влезе во свештениот мрак и го доби богонапишаниот закон и созерцание, напредувајќи врз скалилата на духовното искачување. Со словото Божјо ја отвори својата уста, го привлече Духот и остави да излезе слово добро од доброто сокровиште на неговото срце.

Крајот на неговиот земски живот го најде врз делото на раководење на Израилците, т.е. на монасите. Но не личеше на Мојсеј во едно нешто: бидејќи овој сигурно се искачи во горниот Ерусалим, додека оној – не знам како – го изгуби долниот Ерусалим[2].

***

Сведоци за ова што го велам се сите кои се радуваа од неговите дејства и од поуките на Светиот Дух и се спасија, но и оние кои уште се спасуваат. Најдобар сведок на спасението кој ја предизвика и учителската мудрост што ја имаше, е новиот Давид; освен тоа и нашиот добар пастир Јован, којшто го молеше топло и го убеди Великиот да слезе од Синај, да дојде духовно кај нашиот ближен и како еден нов Боговидец да ни ги донесе богонапишаните таблици, коишто надворешно содржат практични, додека внатрешно, пак, созерцателни поуки.

Други биографски податоци

Еднаш дојде авва Мартириј, старецот на авва Јован, кај великиот Анастасиј, и овој кога ги виде му вели на авва Мартириј: „Кажи ми, авво Мартириј, од каде е овој младиов и кој го замонаши?“ А тој му одговори: „Твој слуга е, отче, и јас го замонашив“. Аууу! Авво Мартириј – му вели со восхит – кој да рече дека си го замонашил игуменот на Синај!“ И не излага светиот, бидејќи после четириесет години стана наш игумен.

Некогаш повторно неговиот старец авва Мартириј го зеде со себе самиот Јован и отидоа заедно кај великиот Јован Саваит кој тогаш пребиваше во пустината Гуда.

Штотуку го виде старецот, стана, стави вода, ги изми нозете на Јован и ја целиваше неговата рака, додека на авва Мартириј не му ги изми нозете. Кога, пак, му побара објаснување за ова неговиот ученик Стефан, старецот му одговори: „Верувај ми, чедо мое, дека јас не знам кој е овој младиов. Јас го примив игуменот на Синај и нозете на игуменот ги измив“.

И авва Стратигиј, во денот кога се замонаши авва Јован, на возраст од дваесет години, претскажа за него, дека ќе се покаже како голема ѕвезда.

И уште нешто почудесно: во денот кога беше востоличен како наш игумен и беа дошле во манастирот речиси шестотини гости, кога седнаа на трпезата и јадеа, виде некој со кратка коса, обвиткан со чаршав како Јудејците, којшто трчаше насекаде и со власт им заповедаше на готвачите, на икономите, на магационерите и на другите служители. Кога замина народот и седнаа служителите да јадат, го побараа оној кој трчаше насекаде и заповедаше, но не го најдоа. Тогаш слугата Божји, нашиот отец Јован, ни рече: „Оставете го. Не направи ништо чудно господарот Мојсеј со тоа што служеше на неговото место!“

Во една друга прилика кога завладеа суша во областите на Палестина откако го замолија жителите, се помоли и падна изобилен дожд. И ова не е неверојатно, бидејќи „Господ ја исполнува волјата на оние кои се бојат од Него и нивните молења ги услишува“ (Псал. 144,19).

Треба да го знаеме и ова: дека Јован Лествичник имаше брат, некој чудесен авва Георгиј, когошто уште додека беше жив го постави за игумен на Синај, а самиот тој (Јован) се повлече во исихија (тихување, безмолвие), којашто уште на почетокот овој мудрец ја имаше земено за своја сопруга.

Кога требаше да замине кај Господ нашиот нов Мојсеј, најпреподобниот игумен Јован, до него беше и плачеше авва Георгиј, неговиот брат, и му велеше: „Ме оставаш и си заминуваш? Јас се молев, ти да ме испратиш мене. Бидејќи, господару мој, не можам без тебе да го раководам братството. А сега, напротив, јас те испраќам тебе!“ Тогаш му одговори авва Јован: „Не се нажалувај и не се вознемирувај, бидејќи ако најдам слобода пред Господ, нема да те оставам таму да останеш сам ни година“. По десет месеци и тој замина кај Господ.

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Извадок од книгата „Лествица“, изд. на Повардарската епархија

[1] Веселеил бил син на Уриј и Марија, сестрата на Мојсеј, од племето Јудино. Бог го избрал и надарил со посебен талант да ја изработи скинијата. Се зема како пример за послушност.

[2] Старозаветниот Мојсеј не влегол во Ветената земја затоа што се посомневал во заповедта Божја, кога Бог му заповедал да удри еднаш со стапот во карпата за да потече вода, а тој удрил двапати (види: 4.Мојс. 20,11).

 

 

https://crkvaveles.wordpress.com/2019/04/11/jovan-lestvichnik/

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 648
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Св. Климент Охридски: Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Св. Климент Охридски: Поука на вознесение на Господ наш Исус Христос

Поради тоа, браќа, бидејќи нè очекува бесконечна мака, да се потрудиме преку подвиг да ја избегнеме, со милостина да го пречекаме бедниот и да го угостиме, примајќи го туѓинецот, гладниот...

Митрополит Струмички Наум: Недела на слепиот (23.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Недела на слепиот (23.05.2020)

Бог е праведен. Сепак, на оние кои се одрекле од светот и световните работи им ветил стократно повеќе уште во овој живот, а плус и Царство Небесно: „Вистина ви велам:...

Храмот е срце

Храмот е срце

До тој Ден, којшто ние сме собрани данеска да го празнуваме. До денот, во којшто светлото Сонце на Правдата дошло да го осветли овој свет и да изгрее од гробот...

Митрополит Струмички Наум: Пробивање низ темнината (18.05.2020)

Митрополит Струмички Наум: Пробивање низ темнината (18.05.2020)

Но, бидејќи над вистинската вера, низ вековите, незабележливо се наталожиле и одомаќиниле уште неколку темнини, денес, оној што ќе поверува, ќе треба да се пробие и низ овие темнини; а...

Митрополит Струмички Наум: Како се сведочи Човекот (16.05.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Како се сведочи Човекот (16.05.2020 )

Откако ја стекнува нејзината доверба, Богочовекот Христос ѝ ја покажува и вистинската вера: „Жено, верувај Ми дека иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате...

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски: БЕСЕДА во Недела на Самарјанката(17.05.2020)

Телото ја прима онаа храна, која во суштина е еднаква со телото. Телото е од земјата и храната за телото е од земјата. Затоа телото во овој свет се чувствува...

БEСEДА за силата штo Бoг им ја дал на прoрoчкитe збoрoви

БEСEДА за силата штo Бoг им ја дал на прoрoчкитe збoрoви

Слoвoтo Бoжјo e какo oган на кoјштo сe радува правeдникoт прeмрзнат вo студeнилoтo на oвoј свeт; и слoвoтo Бoжјo e какo oган кoј гo изгoрува нeправeдникoт, кoгo oвoј матeријалeн свeт...

Викарен Епископ Јаков Стобиски - Немам човек...

Викарен Епископ Јаков Стобиски - Немам човек...

Да го фрлиме фенерот на Диоген, да се откажаме од потрагата по човек во темнината на овој свет и во сеопштата расчовеченост. Таа потрага за нас заврши во оној миг...

„Мрзливитe рацe брзo ги врабoтува ѓавoлoт а врeднитe - ангeлoт“

„Мрзливитe рацe брзo ги врабoтува ѓавoлoт а врeднитe - ангeлoт“

Вo oвoј свeт на нeпрeстајнo движeњe и нeпрeстајни прoмeни, чoвeкoт, сакал или нe, мoра да бидe врабoтeн, билo сo дoбрo, билo сo злo дeлувањe. Мрзливиoт чoвeк, всушнoст, нe e врабoтeн:...

« »