логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

 

(Од архивата на Преминпортал)

 

IV.
БИБЛИЈАТА - ОСНОВА ВО ОДДЕЛНИ АКТИВНОСТИ
И ДЕЈНОСТИ НА СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ


IV. 1) Свети Климент Охридски образован богослов

Свети Климент Охридски делувал во особено тешки историски, општествено културни, верски и политички прилики. Во верски поглед Македонија во тоа време се нашла вклештена помеѓу западното папско, римско влијание и јужноисточното притискање од Византија. Во земјата владеела неписменост и непросветеност.
Средината на ІХ-от век е исто така и време на засилена борба меѓу двете културни струи во црковниот живот на Исток и на Запад со богословски спорови, особено околу филиоквето (Гіііоцие).135
Во такви превирања, свети Климент требаше да мисионери, да просветува, да ја држи чистотата на верата, и тоа токму на раскрсницата на сите овие влијанија, зашто, веднаш по смртта на свети Методиј, неговите ученици бегаат од Моравија, а свети Климент, преку бугарското кнежество, во 886 година, стигнува во Македонија. Овде тој работи прво како учител во Кутмичевица, а во 893 година, станува епископ на Дремвица и Велика и прв словенски епископ на Балканот помеѓу византиските грчки епископи, во чија епархија се богослужело, беседело, пишувало и просветувало на народен старомакедонски, словенски јазик.
Свети Климент Охридски запознавајќи ја добро византиската култура, подготвил оригинални свои планови за создавање на една таква христијанска култура во Македонија - во Охрид, но со чисти, народни белези и специфики: јазик - словенско македонски, култура - народна, ерархија од истиот род, своја писменост и развој во сите сфери. Неговата реформаторска дејност била: верска, просветна, образовна, културна, црковна и општествено - политичка.
Кога ги анализираме книжевните творби на свети Климента, доаѓаме до заклучок дека бил солидно образован теолог и дека поседувал знаења кои можеле да се здобијат само преку едно солидно систематско проучување на сите богословски дисциплини.
За нас останува неодговорено прашањето, дали свети Климент како млад човек се школувал во некои високошколски центри на Балканот или во Цариград, зашто не можеме да претпоставиме дека ваквата теолошка и високообразована подготвеност, можел да ја здобие само од своите свети учители, свети Кирил и Методиј, за време на нивното мисионерско дејствување меѓу западните Словени. Оваа наша претпоставка се темели и врз фактот што тој како Македонски Словен не можел така солидно да го владее грчкиот јазик и да се оспособи да преведува, односно да учествува во преведувањето на Светото писмо - Библијата, а и други текстови од богослужбените книги, ако немал солидно високошколско образование и долго заедништво со светите браќа Кирил и Методиј.
За жал, ништо не се знае за образованието на свети Климент Охридски. За неговото образование можеме да си создадеме претстава врз база на неговите творби, кои ни говорат за човек што многу добро ја познавал теолошката литература, кој имал усет за композиција и мерка за израз и сликовитост. Тоа е силна гаранција за неговата висока наобразба. Инаку, тешко може да се помисли дека Византија би пратила неук човек во борба против латинското свештенство. Од млади години свети Климент го придружувал свети Методија. Се претпоставува дека свети Климент можел да се образува под закрилата на свети Методиј, уште кога овој бил управник на една словенска област, веројатно Брегалничката...
Тофилакт, пак, со многу реторство и цитати од Библијата, ни ја прикажува Светиклиментовата богата и плодородна учителска, писателска и црковна дејност.
Браќата, сигурно се погрижиле своето знаење да им го пресадат и на сите свои ученици, а особено на поспособните меѓу нив. Таков бил свети Климент Охридски.
Од кога датира учеништвото на свети Климент кај солунските браќа? Постојат претпоставки во славистичката наука дека свети Климент можел да учествува и во мисијата што светите браќа Кирил и Методиј ја воделе кај Хазарите, 859-861. Тогаш тој можеби го добил (монашкото) име Климент, во чест на откривањето на моштите од светиот отец Климент, епископ Римски (89-97?), којшто умрел на Крим, во прогонство. Или, пак, при чествувањето на споменот на свети Климент Римски, би можело, папата да се досетил да побара, еден од словенските учители, кој толку долго ги придружувал (можеби и ги носел) моштите на светиот папа Климент, да го понесе во идниот свој живот името на свети Климент маченикот, епископот Римски.
Многу значајна за свети Климента била и семејната школа која вдахновила во него љубов кон својот народ, кон татковината и кон верата. Со такви добродетели бил исполнет младиот Климент кога се сретнал со свети Методиј и со филозофот Константин (Кирил). Тој со успех ги учел сите науки што му ги предлагале неговите учители. Можеби свети Климент бил и во Магнаурската школа во Цариград, или, ако тој не бил таму, - тогаш, посигурно можеме да речеме дека Магнаурската школа се доближила до свети Климента, преку личноста и учењето на неговиот учител свети Кирил, кој бил познат професор на Магнаурската школа во Цариград. Љубовта кон знаењето и кон теологијата, свети Климента го натерала да се рашири и вдлабочи во познавањата на Божјото Откровение. Тој имал среќа да го слуша големиот учител Кирил и познатиот духовник свети Методиј. Од нив научил солидно познавање и на реториката, и на лингвистиката, и на литературата. Тоа знаење подоцна го преточил и во неговите творби.
Свети Климент Охридски многу постигнал и преку широкото самообразование и подвижништво. Токму тоа го запиша неговото име во историјата.
Α сето тоа придонесе, светото Православие, подоцна, да се здобие со свои праведници и од кај насод нашиот род: испосници, исповедници, маченици и светители, кои се подеднакво почитувани, не само од нашиот народ, туку и сите православни цркви на Исток.
Ако светите мисионери Кирил и Методиј беа високо учени луѓе, тоа и нивните придружници, секако, не можеа да бидат без пошироко познавање на Христовата наука и без познавање на еврејскиот, грчкиот и латинскиот јазик, како и на старомакедонскиот словенски јазик.
Ако даваме карактеристика на богословието и богословското творештвс на големиот светител, тогаш, најсликовито и кристално би рекле дека свети Климент е извонреден богослов, возвишен беседник и прекрасен пастир. Тој бил пример: и со животот и со добродетелите, и со дарбините и со знаењата, и со службата и со подвизите, и со творештвото и со целокупната своја личност, којашто била изградена според критериумите на Евангелието. Тој бил и ортодоксен догматичар, образец за добар пастир, даровит поет и книжевник, одличен мисионер, прекрасен стилист, сакан учител и цело едно духовно и образовно сокровиште.136
Во своето учење и во беседите, свети Климент на луѓето им го покажувал патот кон богопознанието и кон совршеното сознаниекон богосознанието. Тој им зборувал за вистинската мудрост и за вистинската спасоносна вера.137 Им докажувал дека целата Божја вистина се наоѓа само во Христовото Свето Откровение.


ІѴ.2) Свети Климент Охридски како мисионер (мисионерство и евангелизација)

Пример за идеален мисионер е Господ Исус Христос. Он ги испратил Своите ученици по светот, велејќи им: "Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам."138 "Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секо создание. Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го поткрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа."139
Мисионерската дејност е многу значајна активност во историјата на Црквата. Мисионерството е продолжеток на Педесетница.
Секој човек има право да го чуе Благовестието (Евангелието). Со таа блага вест тој е повикан на обраќање кон Бога, Којшто се открил во личноста на Богочовекот Господ Исус Христос. Во таа смисла нашиот Спасител им рекол на апостолите, а со тоа и на нивните наследници: "Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сё што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин!"140 Со последниве зборови, Он им дава храброст на апостолите и на сите мисионери и проповедници, дека ќе биде со нив "до свршетокот на светот".
Мисионерството - ширењето на Евангелието, се врши со моќта на љубовта.141 Евангелието може да се прифати, да се разбере и да се пренесува само, ако мисионерот учествува во неволјите и во радостите на луѓето од својата околина и ако се поистоветува со народот во кој живее и проповеда.
Нема евангелизација без човечка солидарност и без братско делу-вање. Во тоа, мисионерот го полага испитот на својата верност и одданост кон Бога и кон луѓето.
Мисионерството и евангелизацијата на свети Климента имале за цел: 1) просветување со светлината на Христовото учење и обраќање кон евангелските вистини; 2) разјаснување, толкување, заживување, задлабочување и заздравување на христијанската вера и христијанскиот живот според верата; 3) ограничување и одбегнување на гревот и злото, а приврзување на луѓето кон правдата и љубовта Божја; 4) сестрано помагање на луѓето во нивните духовни и материјални потреби и 5) христијанизација на црковното општество во духот на вистинско то свето Православие.142
Свети Климент Охридски, неоспорно, е голем апостол, проповедник на Светото евангелие и мисионер. Основно и најважно е дека мисионерот треба добро да го знае Светото писмо, а таков бил свети Климент. Она што е најзабележително во мисионерското дело на овој голем христијански ревнител е неговиот релативно брз успех во обраќањето и евангелизацијата на Македонските Словени.
Од неговото житие дознаваме дека тоа се должи, не само на неговото сестрано познавање на христијанската мисионерска активност, туку пред сё, на неговата охристовена личност и на силата на неговата љубов кон оние, на кои им благовестел и кои ги приведувал во светата христијанска вера и кон натамошното нивно усовршување во верата и во христијанскиот живот.
Неговото мачно патешествие со светите браќа Кирил и Методиј до Рим, низ Моравија, Панонија, Венеција и другите северни земји, дало богати резултати, бидејќи патникот свети Климент се запознал со многу значајното искуство на столбовите на словенското мисионерство и се приопштил кон "солта" на Црквата Христова.143


ΙΥ.3) Надворешното и внатрешното мисионерство на свети Климента

Учествувајќи во мисијата на светите браќа Кирил и Методиј во Моравија, свети Климент, иако кај истородно - словенско население, но далеку од својот роден крај и народ, во сосема други услови и прилики, вршел т.н. надворешно мисионерство, а по враќањето во Македонија, меѓу своите сонародници, тој развил силно внатрешно мисионерство.144 Тој ги утврдувал неутврдените во верата, ги упатувал неупатените кон вистински христијански живот и ги крепел слабите во надежта во Бога и во спасението. Тоа го правел со својата цврстина во верата и со чистотата во животот, а тие се основните квалитети за добриот пастир и успешен мисионер.145
Силите и способностите за врешење на такви возвишени дејности не се само од човечка природа, туку тие доаѓаат "одозгора"- тие се Божји дар. Само личности со изобилство на Божја благодат можат да извршуваат такви исклучителни дела.
Тој не проповедал само во црквите за време на богослужението, туку и многу повеќеодел кај луѓето, по нивните населени места, ги посетувал домовите нивни и народните собири. Знаел како да го разбуди нивниот интерес за верата, за Спасителот Господ Исус Христос, за Светото евангелие и за евангелскиот живот на новообратените во христијанството.
Тој, најчесто, говорел пред сите луѓе, но зборувал и одвоено: и со мажите и со жените, и со старите и со младите, а и со децата - и на сите им посочувал, што е тоа во Светото евангелие што тие дотогаш не го знаеле и каква светлина можат да доживеат, ако проникнат во спасителното дело на Господа Исуса Христа, а уште повеќе - од какво значење ќе биде тоа за нивниот личен живот, за хармонијата и радоста на семејствата, за силната и взаемна љубов во населените места и за ослободувањето од паганството и од лошите последици на паганската вера.
Во неговото мисионерско дело, ако сакаме да пронајдеме извесни негови специфични мисионерски правила, тогаш, иако тие теориски никаде не се изложени во неговите творби, ние можеме со сигурност да кажеме дека она што го рековме за мисионерската личност на свети Климента, претставува неисцрпен извор за посочување на ваквите правила.
Мисионерскиот успех на свети Климента се должи, исто така, и на тоа што, како Македонски Словен, тој добро ја познавал и старата многубожечка вера на Словените, а го познавал и животот оформуван со векови, врз основа на таквата вера. Ова му овозможувало новите христијански вистини да ги накалемува врз она што било позитивно во нивната дотогашна вера и врз манифестациите на нивниот личен и општествен живот.146
Дури во најново време, мисионерските центри за христијански мисии меѓу нехристијанските племиња, се служат токму со ова сознание: дека само оној што ги познава верувањата, обичаите, традициите и животот на тие племиња, може полесно и поуспешно да мисионери меѓу нив, зашто и тој е еден од нив. Па затоа, денес, за мисионери во одредени места, се подготвуваат луѓе од тие места - домородци, а не туѓинци; и тоа се покажува многу успешно мисионерење, бидејќи за народот нивниот човек е поприфатлив отколку странецот, а тој, пак, познавајќи си го својот народ, знае како да им пријде на луѓето. Таков бил и свети Климент.
Во неговото срце постојано одѕвонувале зборовите на Господа Исуса Христа: "Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте", зашто "Јас сум патот, вистината и животот."147 "По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе."148
Свети Климент не бил во Македонија само мисионер, бидејќи христијанството на овие простори веќе било познато и делумно прифатено, туку и просветител на народот со старомакедонска словенска азбука, со словенски книги, со воведувањето на народниот јазик во богослужението, подготвувајќи домородна ерархија, а со тоа создавајќи едно големо дело - поставување здрави основи за формирање на нова помесна Црква на овој народ.


ІУ.4) Свети Климент Охридски, добар пастир - архипастир. Светиклиментовото епископствување-епископската служба во Црквата

"Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага душата своја за овците. Јас сум добриот Пастир: и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене"!49

Улогата на епископот во Црквата Христова е особено значајна.
Епископите, според службата и назначувањето, се наследници на апостолите, односно на Господа Исуса Христа. Тие се негови апостоли во историјата, во времето и во денешната Црква. Тие имаат тројна власт: учителска, свештенослужителска и управувачка. Нивната служба секогаш треба да биде евангелски автентична. Улогата на епископот кој раководи со одредена епископија (диецеза) е врзана и со неговата служба на поучување и просветување.
Свети Климент Охридски бил епископ, раководен од духот на евангелската љубов и ревност за Божјата вистина кој целосно му се посветил на својот народ и на својата епархија. Тој својот личен авторитет го градел врз евангелските библиски основи, врз апостолските примери, врз темелите на соборноста на Црквата, почитувањето на преданието, традициите, искуствата и мудроста на паметните луѓе, а најпосле и врз сопствената мудрост и способност.150
Знаел мудриот епископ дека основата на ерархиското достоинство се темели врз непроменливите и трајни вредности и тоа: пред сё, врз литургиската смисла на пастирската мисија меѓу луѓето, како што се вели со општ збор - свештенослужење и проповедање. Во тоа е вечната тајна на спасението: да се земе учество во Христовата жртва преку примањето на Христа на светата Евхаристија и да се исполнуваат Неговите зборови искажани во Светото писмо.
Ликот на свештенослужителот го красат основните битни својства: вера, побожност, голема љубов кон Бога, љубов кон луѓето, доживување на жртвата Божја, жртвата за луѓето и живеење според Евангелието. Ова е како основна норма на неговиот живот и делување. Сето тоа е речено во посланијата на свети апостол Павле и на другите места во Библијата, каде што се зборува за ликот на епископот и свештеникот. Во Светото евангелие се вели: "Добриот пастир си ја полага душата своја за овците; а наемникот, кој не е пастир и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците. Наемникот бега, зашто е наемник и не се грижи за овците."151 "Добриот пастир ги познава своите и тие го знаат него; и штом ќе го чујат гласот негов, одат по него."152 И свети апостол Павле, вели: "Верно е словото: сака ли некој епископство, тој сака добра работа. Но епископот (свештеникот) треба да е непорочен, маж на една жена, трезвен, целомудрен, чесен, почитуван, гостољубив, поучлив; не пијаница, не силеџија, не лаком, туку кроток, мирољубив и не среброљубив... Да се клони од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука."153 И на друго место, вели: "Епископот, како Божји распоредник треба да е непорочен, негневлив, не пијаница, не тепач, не лаком за гнасна печалба, туку гостољубив, доброљубив, трезвен, справедлив, свет, воздржлив; кој се држи според вистинското слово, онака како што е научен, та да биде силен и да поучува во здравото учење, и да ги изобличува оние, кои се противат."154 Таков бил и свети Климент, кој станал за луѓето и пријател, и советник, и духовник - приближувајќи му се на секого во се, за да го спаси, како што рекол и свети апостол Павле: "За сите станав сё, та по каков и да било начин да спасам некого."155
Еден од богомудрите свети оци и учители на Црквата Христова е и свети Јован Златоуст, кој имал високо мислење за тајната на свештенството (свештенството е една од седумте свети тајни во Црквата). Според него, епископската или свештеничката служба е една од најголемите, бидејќи свештенослужителите уште на земјава вршат небесни работи, зашто таква власт добиле од Бога при ракополагањеτο каква што немаат ни ангелите, ни архангелите. Господ Исус Христос им рекол на апостолите, а преку нив и на епископите и на свештениците кои се нивни наследници: "Се што сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сё што разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото."156
Пастирот, според Светото писмо, е назначен од Бога, за да биде "сол на земјата, светлина на светот и светило - свеќник кој треба да им свети на сите".157 Тој е повикан да го чува светот (луѓето) од моралната расипаност, од духовната гниежливост, од лажното верување, од разните пороци, соблазни и искушенија. Како што храната кога ќе се осоли е повкусна и запазена од расипливост, така и пастирот со својата работа и живот треба да помогне за моралното и духовното запазување на верниците. Суштината на пастирската служба е во тоа, паствата да се доведе до духовно совршенство и до спасение, а пастирот да го следи развитокот на поверените души и да ги упатува на добриот пат кој води до спасението.
Возвишеноста и тежината на пастирската должност е и во тоа што, - на свештеникот му се поверени луѓе од различни категории на интелектуалното, карактерното и социјалното обележје. Затоа пастирството е толку возвишено, но и тешко, па за негово успешно извршување потребна е посебна благодатна сила, што ја добива пастирот при ракополагањето, но особено е важна и личната грижа и труд што тој го вложува за да се збогати и со евангелска и родителска љубов.
Покрај зборовите на пастирот, за морално раководење на паствата, особено е значаен примерниот живот на пастирот. Ако неговиот живот не се согласува со проповедта, тој нема да има успех во службата.
Христовите зборови од Евангелието: "Вие сте светлина на светот",158 означуваат божествена светлина кај пастирот, која тој во практика треба да ја развива во животот на верниците преку неговиот труд и залагање, а особено со својот личен пример. Оваа духовна светлина е својствена на благовестниците, пастирите и учителите на Црквата. Како што не можеме да го замислиме физичкиот живот на земјава без светлината и топлината на сонцето, така не можеме да го замислиме ни духовниот живот без Бога -Сонцето, чии зраци преминуваат преку Христовите соработници, свештенослужителите и се пренесуваат до светот - до луѓето, до верниците.
Знаел пастироначалникот свети Климент Охридски дека молитвата за пастирот треба да биде усрдна и неопходна за време на целиот негов живот. Преку неа тој го придобивал благочестието и се заштитувал од губењето на благодатните сили и енергии што му помагале за поправање на грешките, за правилно насочување на волјата и за вистинско вреднување на божествените и на човечките работи.
Тој бил, добриот пастир, кој според евангелските зборови "си ја полага душата своја за овците",159 бидејќи имал постојана и јасна врска со Бога, па затоа, полесно можел да се откаже и од себеси, само за да биде добар и верен проповедник на библиското - евангелско учење за љубовта.160
Владиката Климент никогаш не понизил ниту еден човек.
Свети Климент "епископствувал апостолски".161
Молитвата на душепастирот била делотворна, со дух и со вистина, зашто била срдечна и со прибрана мисла.
За Светиклиментовата топла и срдечна молитва влијаело и неговото живо сознание дека луѓето од паствата се наоѓале во духовно сиромаштво, во евангелско незнаење и беда. Од тоа се разгорувала и пламтела сострадалната љубов што ја имал светителот кон своите браќа. Тој бил сострадалник со верниците и се молел за нив и за себеси, за да добие Божја поткрепа и достојно да го исполни својот душепастирски долг. Секогаш имал на ум дека е духовен светилник и како добар набљудувач и надгледувач (επίσκοπος) забележувал и знаел колку луѓето жеднуваат за духовното, па се погрижил да им ги просветли и да им ги стопли душите. Исто така, тој ја забележувал и душевната радост што ја изразувале верниците кога ќе успеел да им внесе во нивните срца евангелска божествена светлина.
Нему срцето му горело по три светињи: по светињата на Божјиот олтар - каде што ги упатувал своите молитви кон Бога и принесувал бескрвна жртва; по светињата на црковниот амвон - каде што со ревност и љубов ги учел верниците; и по практичниот христијански живот - каде што со слово и со личен пример, на дело им давал поткрепа на сите. Свети Климент бил вистински Божји служител.
Не можеме да го замислиме свети Климента само како теоретичар, екс катедра, само како мисионер кој повикува да се пријде кон Христа и кон светата Христова Црква. Тој знаел дека само со повикувањето, со обраќањето на луѓето кон Господа Исуса Христа и со нивното влегување во светата Црква, нема да се заврши неговата евангелска мисија. За време на неговата мисионерска дејност, тој им ветувал на своите слушатели дека допрва ќе ги доживеат евангелските и Божји благодатни дарови во светата Црква, кои ќе ги хранат преку светите тајни и ќе им помагаат да се усовршуваат духовно за да постигнат христијанско совршенство. Ако делото на свети Климент останало само мисионерско, а не било продолжено и продлабочувано за време на неговата пастирска, односно архипастирска дејност, тоа ќе останело неплодно и без резултати.
Тој ја негувал и верско - народната традиција, а со тоа многу повеќе успевал да го всади евангелското учење во душите на верниците.
Не може да не го спомнеме и Светиклиментовото интересиран>е за својот народ и како општество во кое живеел и на кое му припаѓал и тој. Црквата на свети Климент била изедначена со народното и со општественото живеење и, просто, се поистоветила со народот, делејќи ја неговата судбина, неговото зло и неговото добро. На тој начин, свети Климент и неговата Црква ја постигнале големата вредност и пред историјата и пред својот народ, а и пред вечноста. Неговото битие е над конкретните историски и општествени констелации. Свети Климент и новоформираната Црква во Охрид и во Македонија, го надживеале времето и се вградиле во вечноста.
За релативно кусо време Светиклиментовото духовно стадо се зголемило извонредно многу. Тој сознавал дека со толку големо стадо не можел сам да раководи, духовно да го храни и да го пои, а и да го води во натамошното духовно изградување и во успешната борба против демонските сили и искушенијата од секаков вид. За да биде успешен во тоа, како и во областите на духовното исповедање - старчеството -монаштвото и други, тој започнал да подготвува свои помошници -ученици. Тука треба да ги бараме и мотивите на свети Климента за создавање на Охридскиот Универзитет и оспособување на епископи, свештеници, ѓакони и други свештенослужители и образовани кадри. Со Универзитетот е дадена можноста за оспособување на пастири и архипастири, како и високообразовани личности од сите сфери на животот.
Светиклиментовите ученици: свештениците, ѓаконите и ипоѓаконите, биле навистина луѓе повикани, "избрани од светот"162 за да се издигнат високо над светот и световното, та со силна вера да ја проповедаат Христовата наука, спроведувајќи ја најнапред во личниот пастирски живот. Свети Климент од нив барал, тие први да го прават она што ќе побараат да го прават и другите, за на тој начин, со личен пример да го проповедаат Евангелието. На свети Климента, како на Господа Исуса Христа, му било жал "да го гледа народот како овци без пастир"163 и направил сё за да го поведе својот народ кон спасението.
Целиот живот и делување на свети Климент биле во служба на Евангелието. На тој начин светителот си ја обезбедувал нормативната рамка на евангелската доследност и ортодоксија во животот на Црквата.
Светиклиментовата дејност може да ја поделиме на: пастирска, духовна, душегрижничка и просветна.
Свети Климент како вистински пастир секогаш размислувал библиски. Затоа тој бил вистински добар духовен раководител. Неговата пастирска дејност е целосна активност во служба на Библијата - на Евангелието, зашто, сё што работи пастирот, треба да биде вдахновено од Евангелието и да зрачи со евангелска порака.164 Евангелските пораки повикуваат на спасение коешто зависи од прифаќањето и спроведувањето во живот на евангелскиот закон на љубовта. Вистинското христијанско живеење претставува исполнување на Божјиот закон, а жив пример за тоа ни е прикажан во личноста на Господа Исуса Христа.
Образецот за вистинскиот пастир ни е даден во пастироначалникот Господ Исус Христос Кој, "не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина".
И свети апостол Петар на пастирите им препорачал: "Пасете го Божјото стадо што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради неправедна корист, туку од добро срце. И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото."167
И свети апостол Павле, на пастирот на Божјото словесно стадо, му порачува и вели: "Во сё претстави се сам како образец за добри дела."168
Свети Климент, сите овие библиски пораки, ги имал поставено во основата на своето архипастирствување и затоа тој ја нагласувал и потребата за духовно вежбање - аскеза и ги учел своите следбеници на себеодрекување, самовоспитување и служење до пожртвуваност.


IV.5) Свети Климент Охридски - сакан учител (организатор, раководител и учител во Универзитетот)

Познат е фактот дека свети Климент со учителска дејност бил ангажиран уште од првите денови по пристигнувањето во Моравија. Таму започнал со описменувањето на моравските луѓе и тоа: преку запознавањето со азбуката, читањето, пишувањето и, секако, со толкувањето на четивата од Светото писмо.
Според тоа, свети Климент и свети Наум, уште во Моравија биле духовници и учители. Тие со сите свои сили се оддаваат на учителска и книжевна работа и во Македонија. Во Опширното житие на свети Климента се вели дека петмината ученици - светите Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј имале учителска служба.
Свети Кирил (Константин), уште во насловот, а и низ текстот од житието е наречен "учител".
Како треба да се разбере именувањето "учител" за свети Кирила, за свети Климента и за свети Наума?
По сё изгледа со изразот "учител" се искажува црковната должност на овие свети учители во сите пастирски и учителски функции, како што бил учител и Господ Исус Христос, а бил и пастир и првосвештеник. Значи, изразот "учител" треба да се сфати и како наставник во верата, и како мисионер и како проповедник.
Со изразот "учител" бил именуван и свети Методиј. Во посланието од папата Адријан втори до панонскиот кнез Коцел, било запишано: "Не само тебе, туку и на сите други словенски области им го испраќам за Учител од Бога..."169
Во Опширното Климентово житие, напишано некаде при крајот на XI век, како и од словенската Служба на свети Климента, анонимниот Светиклиментов ученик вели дека светителот бил учител на Македонските Словени. Тој бил учител и учителствувал во потесна смисла на зборот и во евангелска смисла. Учителите биле практични воведувачи во тајните на буквите и во напишаното, но и толкувачи на напкшаното. Тие давале толкување за смислата на животот и за она што доаѓа по животот.
Кога говориме за Охридскиот Универзитет на свети Климента, за неговата организација и за неговата наставно - научна програма, ни се наметнува прашањето, кога, каде и како биле оспособени многубројните предавачи на тој Универзитет? Неоспорно е дека сите тие биле Македонски Словени. Останува само прашањето како биле одбрани и оспособени тие луѓе за таква одговорна и специјална работа? Сметаме дека на ова прашање има само еден единствен одговор, дека тие луѓе биле оние Македонски Словени, кои уште од самото доаѓање на свети Климента во Македонија, станале негови најблиски следбеници и ученици. Тоа биле, секако, млади луѓе, интелектуално надарени и со силна љубов кон својот учител и кон неговата евангелска проповед. Сигурно, свети Климент и ним им давал можност да учествуваат во неговото мисионерско дело, а за тоа, по сё изгледа, им посветувал посебно внимание и посебна грижа, подготвувајќи ги за проповед, за мисионерење и за учителствување.
Овде не смееме да ја запоставиме и посебната улога на свети Наум Охридски, за кого и науката, врз основа на новооткриените негови книжевни творби, говори за личност која била сестрано теолошки образована, со посебен интерес за монашкиот живот.
Свети Климент е иницијаторот, организаторот и вдахновителот на целокупната дејност на Охридскиот Универзитет. Тој е вистинскиот учител на сите учители ангажирани во оваа едукативна установа. Тој е духовниот раководител на овие учители кои се труделе да бидат како него, да го следат и да покажуваат ревност во оспособувањето на младите христијански богословски генерации - идните црковни раководители и продолжители на црковноста, просветата, книжевноста и на целокупното негово дело.
Тајната на неговиот успех е и во тоа што тој бил домородец и ги познавал сите оние што ги учел. Ако тој бил некој Грк, некој Сириец или Александриец, не ќе можел така да им се доближи на учениците, а ниту тие да го сметаат за толку близок. Тој го знаел она што тие го знаат, а им кажувал и нешто што тие не го знаат.
Тој другарувал со нив. Постојано живеел со нив.
Односот на Господа Исуса Христа кон апостолите, на свети Климента му служел за пример на неговото однесување кон учениците. Токму во тоа лежи тајната на неговиот зачудувачки голем успех.
И Опширното житие за свети Климент зборува за неговата учителска и книжевна дејност. Таму се вели: "Ние никогаш не го видовме да е без работа; тој ги учеше децата и тоа на разни начини -на едни им ги покажуваше формите на буквите, на други им ја објаснуваше смислата на напишаното, а на третите им ги водеше рацете за да пишуваат."
Откако ќе им ги покажел формите на буквите, свети Климент минувал на еден повисок степен на описменувањето, па на учениците им ја објаснувал и смислата на напишаното. Тој им ја водел раката на учениците, помагајќи им да научат да пишуваат. Со тоа, овозможил да ги читаат неговите состави, да ги препишуваат и да ги шират.
Оваа работа, според пишувањето на Теофилакт, свети Климент ја вршеше "не само дење, туку и ноќе, и се оддаваше на молитва, или се занимаваше со читање, или пак пишуваше книги, а некогаш, во исто време вршеше две работи: пишуваше и им предаваше на децата некакво знаење".
Свети Климент, работејќи во својата учителска дејност дење и ноќе, тој буквално ги исполнил библиските зборови од псалмите, во кои се вели: "Нема да им дадам сон на очите мои, ни дремка на веѓите мои, ниту на слепоочниците мои."170
Природно е што ваквите напори на свети Климента дале и големи резултати, бидејќи Климентовите "ученици биле најдобри од сите, во поглед на животното поведение и учењето. Од нив (учениците) - тој (некои) ги поставил за чтеци, (други) за ипоѓакони, ѓакони и свештеници". Во Светиклиментовите ученици треба да ги гледаме и првите народни учители кај Македонските Словени. Од Теофилактовото кажување се дознава како биле распределени учениците на свети Климент: "Во секоја област тој имал распределено по 300 ученици, без нивните помошници..." Од ова кажување на Теофилакта, може да се даде и едно мислење за тоа дека во Кутмичевица спаѓале седум помали области, во коишто биле распределени 3500 ученици на охридскиот просветител. Така, била создадена мрежа на просветни работници, која била најгуста и најзначајна во тоа време.
За учителската дејност на свети Климента е зборувано многу, но ние овде сакаме да ја потцртаме неговата особена активност како учител во просвештението на народот, зашто тој бил и свештенослужител и проповедник и распространувач на Христовото учење.
Во житието се одбележува и односот меѓу учителот свети Климент и неговите ученици и се гледа дека тој имал извонредно благ карактер, па дури и неговиот надворешен изглед бил отсјај на внатрешната душевна благост и затоа на сите им оставал особено силен впечаток. Се вели дека и царот Симеон кога разговарал со свети Климента "почувствувал освештение од неговиот изглед, зашто ликот на блажениот Климент вдахновуваше". Токму од неговиот благ карактер и природа, како и од евангелската љубов што ја имал во себе, произлегувале и неговите добри однесувања кон учениците. Свети Климент секогаш се однесувал со кротост и со татковска љубов кон своите ученици, а тие, пак, му возвраќале со полно послушание и синовска одданост, како што се вели во житието: "Го слушаа како татко". Затоа свети Климент во неговите духовни училишта подготвил добри ученици, односно добри чтеци, певци, ипоѓакони, ѓакони, свештеници, а секако и епископи, односно добри црковнослужители и свештенослу жители.
Едно е несомнено точно, дека во времето на свети Климента, во нашите македонски христијански храмови веќе не се богослужело и несе беседело на грчки или на латински јазик, туку на својот народен старомакедонски - словенски јазик. Богослужението се извршувало според словенскиот превод на Светото писмо и богослужбените книги, а проповедите, верниците ги слушале на свој јазик, од свои, домородни свештенослужители.
Свети Климент бил учител сё до својата блажена смрт.171 За Светиклиментовото учителствување во областа на Кутмичевица, Теофилакт знае дека тоа престанало во осмата година од неговото доаѓање во оваа област кога, по промените што настанале на бугарскиот престол, и доаѓањето на енергичниот и умниот цар Симеон, на бугарскиот двор се нашло за умесно и потребно, опитниот просветител свети Климент да биде унапреден за епископ на областа Дремвица и Велика. По напуштањето на Кутмичевица, на неговото учителско место дошол Светиклиментовиот другар (според некои и постар роден брат) свети Наум. Но, свети Климент и понатаму останал во жива врска со Универзитетот во Охрид и не престанал да учителствува, туку му го отстапил на свети Наума само раководењето со Центарот, бидејќи тој започнал да раководи со епархијата.


IV. 6) Свети Климент основоположник на ученоста

Свети Климент, преку проповедта на Евангелието и преку даровите на Светиот Дух, нас нё просветил и нё определил за народ богољубив како што тоа го направил кај нас и светиот апостол Павле уште во првиот век по Христа. Токму затоа тој се споредува и со Христовите апостоли и се нарекува "нов Павле, меѓу новите Коринтјани".172
Свети Климент Охридски, покрај верата, најмногу внимание посветувал на ученоста, образованието и просветата на народот. Оттаму, во Охридскиот книжевен центар, идеалот "ученик" се негувал со особена љубов и одговорност. Учениците на свети Кирил и свети Методиј, развивајќи го идеалот на своите учители, го издигнале идеалот на "ученикот" до високо достоинство. Свети Климент тоа го поставувал како задача пред своите ученици: секој да биде учен, образован и просветен.
Најголем пример во тоа на овој народ му дал токму свети Климент Охридски. Тој влијаел на својата средина не само тогаш, туку и на сите подоцнежни генерации. Прво, тој врз себеси го покажал патот на благоверието - евангелскиот пат кон Христа, потоа и другите ги научил да одат по тој пат, а на тоа го научил и целиот свој народ.
Христијанството го има големиот свети апостол Павле како камбана на љубовта Христова, а ние ги имаме и него и свети Климента. Тие се нашата алфа во сё. Со нив, со светиот апостол Павле, започнува нашето охристовување, нашата христијанизација, а со свети Климента и нашата евангелизација, оцрковување, просвета, книжевност, уметност, култура и сё.
Во македонската историја, ниту една личност не може да се спореди со него. Исто така, ниту една личност не е толку сврзана со ткивото на овој народ во сите сфери на неговото постоење и развој, како што е свети Климент. Ние немаме посветла личност од него. Тој неуморно работел за создавање на евангелската христијанска свест, просвета и култура. Затоа нашиот народ отсекогаш го нарекувал најголем просветител и учител.
Успесите на свети Климент се производ на неговата високообразована личност, но и на побожноста. Тој сё што правел било помагано и поткрепувано со силна и срдечна молитва. Во тоа е и тајната на свети Климента - на неговото издигнување и творештво, на неговата истрајност во доброто и на неговата мудрост и далекувидост.
Свети Климент како учител бил секогаш строг кон себеси, а многу поблаг спрема учениците. Тој спрема сите пројавувал ретка топлина на христијанска љубов. Тие тоа го чувствувале и затоа го засакале. Него учениците секогаш го слушале не поради страв, туку - само затоа што го љубеле. Го помнеле не по неговата строгост, туку по родителската љубов, што ја пројавувал кон сите.
Како наставник и воспитувач, тој не само што зборувал за верата, туку со својот личен пример сите ги доведувал до неа. Ништо така силно не делува врз промената и формирањето на личноста, како личниот пример на учителот и проповедникот на Евангелието. Латинската поговорка вели: "Зборовите поучуваат, а примерите привлекуваат" (ѴегЬа аосепі, есѕетр1а Ігасипі).173 Така, на пример, учејќи ги како да се молат, тој бил постојано со нив на молитва, па, и им кажувал и им покажувал, дека молитвата е најсигурно средство преку кое можеме да ја почувствуваме безграничната љубов Божја кон сите луѓе.
Свети Климент љубел со срце, не со уста. Неговото деноноќно присуство меѓу учениците и неговото духовно влијание врз нив, многу значело во нивната возраст, додека тие се оформувале како личности и како Христови пастири. Учениците ја гледале големата трудољубивост, неуморната молитвеност, како и строгиот подвижнички живот на својот учител. Тие не само што слушале или читале за светите оци од златниот период на христијанството (за свети Јован Златоуст, свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и други) и за нивните атрибути на вистинската духовност, туку во свети Климента имале верна слика, како тие изгледаат применети во човечкиот живот на земјава. Ова не е епско преувеличување, туку карактеристики на една света христијанска личност од типот на големите вселенски учители, а таков бил и нашиот свети Климент Охридски.
По примерот на трудољубивата пчела, која оди по полезното и миризливо цвеќе, свети Климент ја учел македонската младина да ги собира цветовите од убавото евангелско и светоотечко учење. Тој сакал да бидат изучувани и другите науки и затоа дозволил во неговиот Универзитет во Охрид да се изучуваат покрај теологијата и други науки и уметности. Светителот се раководел според зборовите од свети апостол Павле: "Сё испитувајте, за доброто држете се!"174 Ова тој им го препорачувал како правило на своите ученици.
Свети Климент се занимавал и со облагородување на областа. Гледајќи како целата епископија била прекриена со диви, неплодородни дрвја, тој се погрижил и од грчката земја донел плодородни, благородни дрвја, со чиешто пресадување и калемење ги облагородил дивите. Се разбира, ова има и преносна, симболична смисла на калемење врз дивите човечки души и нивно облагородување преку Светото евангелие.


IV. 7) Свети Климент Охридски - вистинскиот наш просветител

Некои од светиите во Црквата се именувани како просветители (φωτιστής), како што се: свети Григориј просветител на Ерменија, света Нина просветителка на Грузија, свети Фрументиј просветител на Абисинија, свети Кирил и Методиј просветители на Словените, свети Климент просветител македонски, свети Сава просветител српски и други.
На свети Климента епитетот просветител му бил даден уште во почетокот, кога биле пишувани житијата и богослужбата за него. Светителот е така именуван и наречен е просветител и учител, затоа што тој дошол во својата татковина за да го просвети својот народ. Свети Климент Охридски е наречен просветител според смислата на црковното значење на зборот просвета (просвѣцнние). Оваа проблематика кај нас најдобро ја разработува академикот Петар Хр. Илиевски (Светила незаодни - Словенските првоучители и нивните ученици, /Студии/, Скопје 1999).
Просветителството низ историјата е објаснувано и разбирано главно со две значења. Првото е ранохристијанското и црковно разбирање на изразот просветителство, како што се потврдува со посочените примери на светии, именувани како просветители на народите, во смисла на просветување со духовната благодатна и евангелска, библиска светлина. Α второто разбирање на просветителството, е од времето на XVI, XVII и XVIII век, од времето на ренесансата, кога на Запад се проширува новото разбирање на просветителството, како принцип на научното мислење и моќта на разумот. Ваквото разбирање го рашируваат француските енциклопедисти како ново сфаќање на западната англиско - француска и германска просвета и просветителство. Тие ја издигнуваат моќта на човечкиот разум и неговата природна рационалност и моралност. Според тоа, се она што не може да се стави во рамките на разумот и емпиризмот, било отфрлано како заблуда и непотребност. Како таква, во духот на ова разбирање на просветителството, е отфрлана и верата. Ова западно просветителство се проширило низ цела Европа, преку филозофијата, книжевноста, уметноста, науката, а особено преку природно - научните постигнувања. Сето тоа претставува и одреден револт кон схоластичкиот црковен авторитет на Западната црква. Како израз на тој револт против Западната црква, со ренесансата и духот на просветата, на Запад се појавува и протестантизмот, којшто ја истакнува лаичката морална и црковна автономија и се бори против клирикализмот на Запад. Од една, се отишло во друга крајност! Новиот дух на рационализам и слобода довеле до нови погрешни учења, а и до слобода и во моралот -односно, до неморалност. Ренесансниот дух на преродбата и просветителството, му овозможил на човекот нови и многу подопирливи, сетилни перспективи, отколку средновековниот аскетско - мистичен дух. Човекот целосно се зафатил со природното и заборавил на натприродното и на духовното. Затоа, за ренесансната мисла и просветеност, најважно и основно е да се верува во силата на разумот и пред се, на самиот себеси и на природата.
Пред тоа, пак, од IX до XIV век, Црквата на Исток знаела за просветителство и тоа во значаен подем преку отворање на високи богословски школи и давање опширно и сестрано образование. Познатите црковно - просветни центри на Исток создавале силни личности на духот, филозофијата и науката. Тие црковно – просветни центри и школи (σχολή - σχολαστικόν) развивале општообразовна и просветна дејност. Во таа смисла и свети Јован Лествичник е наречен схоластик, како и некои цариградски патријарси. Така разбрана просветата и просветителството го развивале и патријархот Фотиј во цариградската Магнаурска школа, каде што се здобил со високо образование и свети Кирил (Константин), наречен филозоф, а во тој дух работел и просветителскиот центар на Светиклиментовиот универзитет во Охрид. Такво е разбирањето на просветителството во Православието на Исток, за разлика од новото разбирање што се појавува на Запад, со ренесансата.
Свети Климент Охридски од Македонија отишол во Цариград и таму, останувајќи постојано крај големиот учител и филозоф свети Кирил - Константин Филозоф и кај брат му свети Методиј, тој бил подготвуван за големата просветителска дејност што ја развил подоцна во Македонија.175 Со нив тој станал она што бил: прв и вистински просветител на македонскиот и на сите словенски народи. Затоа Охрид потоа израснал во најзначаен духовен и просветен центар за целиот словенски православен род.
Просветителството, како што го разбирал и практикувал свети Климент Охридски во духот на источното Православие, е кристално јасно дека тоа значи "спознавање на Вистината". Тоа спознавање на вистината е според зборовите на Господа Исуса Христа запишани во Евангелието, каде што се вели: "И ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи".176 Преку Светиклиментовата просвета, учениците ја спознавале вистината како личност, како живот, како полнота на човечкото постоење во заедница со Бога, а не само како гносеолошка и логичка категорија или само морална норма и императив. Просветувањето во таквата вистина, значи полнота на човечкиот живот во Бога и со Бога и поставување на живо заедништво со "Светиот Дух Кој просветува", - а оттаму доаѓа и правилното разбирање на изразот "просвета" и "просветител". За Православието не може да има просвета и просветеност без Светиот Дух. Ваквото разбирање не значи отфрлање на човечкиот ум и способност, туку напротив, тоа значи дека човековата умна способност може природно, нормално и здраво да функционира, само кога е исполнета со Светиот Дух, Којшто оживотворува и просветува. Со тоа човечкиот разум не се уништува, ниту се смалува, туку неговите природни способности се умножуваат и се зголемуваат. Црквата секогаш го разбира човекот во неговата полна слобода и тоа: полна слобода и во љубовта кон Бога и во љубовта кон луѓето. На таа релација и на таквото заедништво меѓу Бога и човекот се изградува вистинската просветеност на умот и целата Богочовечка симбиоза и синергизам. Така ја разбирал просветата и просветеноста и свети Јован Златоуст и другите вселенски учители и архиереи од златниот век, како и светите Кирил и Методиј и нивните ученици, свети Климент и свети Наум охридските чудотворци.
За апостолите и просветителите Христови, просветата и просветувањето на луѓето не било само знаењето на човечките науки, а ниту, пак, само Светото писмо, туку пред сё, божествената благодатна светлина, делувањето на Светиот Дух, Кој богооткрива и го збогатува човекот. Тоа најмногу се изразува во благодатните свети тајни, во подвизите и добродетелите, што ја просветуваат и осветуваат човечката личност. На ваква просветеност бил научен свети Климент Охридски и откако се здобил со изобилство на благодатта Божја и со Светиот Дух, преку личните подвизи, така ги учел и своите ученици со неговата просветителска дејност и духовно усовршување. Едноставно, свети Климент просветувал преку живото и животворно Евангелие, преку словото Божјо и со благодатта на Светиот Дух. Такво е просветителството на свети Климента. Тоа е просветување на умот преку силата на благодатта и на даровите од Светиот Дух, а тоа, всушност, претставува правилно доживување на Христовото Евангелие во животот.

 Ratomir.Triptih2.jpg

 

ПРОТОЃАКОН
Д-Р РАТОМИР ГРОЗДАНОСКИ

БИБЛИЈАТА ВО ДЕЛАТА НА
СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ


PROTODEACON
RATMIR GROZDANOSKI, PH.D.

THE BIBLE IN THE WORKS
OF ST. CLEMENT OF OHRID


Скопје 2001

МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СВЕТИ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД

 

 Подготви: Стојанка Тежак

Друго:

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Ноември 25, 2018

Акатист кон свети Нектариј Егински

КОНДАК 12Трудејќи се, си ја умножил благодатта дадена од Бога, рабу Божји, добар и верен Нектариј, затоа направи и ние да ја завршиме духовната работа и стекнувајќи ја заработката, да Му запееме на Христа: Алилуја!
Октомври 30, 2018

Житие на преподобна Параскева – Петка (Епиватска или Трновска)

Света и преблажена маченичко Христова Параскево, убавино на девственичките, пофалбо на мачениците, пример за чистота, огледало на велокодушните, восхит на премудрите, чуварко на верата христијанска, изобличителке на лагата идолска, поборничке на Божественото…

Светскиот првак Адам Ондра во посета на Бигорскиот и Рајчичкиот манастир

Окт 28, 2018 Настани 772
Деновиве нашите две свештени Обители, Бигорски и Рајчица, ги посети во светски рамки…

ПРЕПОДОБЕН ПАХОМИЈ ВЕЛИКИ

Окт 18, 2018 Житија 1050
Паралелно со преподобниот Антониј Велики, основачот на пустинското, анахоретско монаштво,…

СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН ЖИВОТОПИС, ТВОРЕШТВО И КАРАКТЕРИСТИКА

Окт 18, 2018 Житија 997
Над сè, свети Ефрем си останува прекрасен проповедник – амвонот е почеток и крај на…

Беседи

„Лазаре, излези надвор“

„Лазаре, излези надвор“

Тие Негови зборови, пред сè, значат дека нема смрт за оние кои веруваат во Христа, зашто Христос подоцна на Марта ѝ вели: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во...

БEСEДА за барањeтo на живиoт пoмeѓу мртвитe

БEСEДА за барањeтo на живиoт пoмeѓу мртвитe

Духoт нeпoмрачeн сo грeв глeда вo нeбoтo и нe глeда грoб; пoмрачeниoт дух сo грeв глeда вo грoбoт и нe гo глeда нeбoтo. Грeвoт и дoбрoдeтeлта управуваат сo духoвниoт вид...

Митрополит Струмички Наум - Моќно превентивно или ризично куративно

Митрополит Струмички Наум - Моќно превентивно или ризично куративно

Бог е совршен, и како совршен, сѐ што прави – прави совршено. Кога Бог го направи човекот, всушност, направи бог – иако не по природа. Направи човекобог, кој треба да...

Жарко Ѓорѓиевски - Недела на преподобна Марија Египетска

Жарко Ѓорѓиевски - Недела на преподобна Марија Египетска

Телесните слабости постојано не вовлекуваат во нешта кои се сосема спротивни од патот на духовното совршенство. Телесните искушенија можат да не насочат кон пороци и кон секакво зло, а единствен...

Митрополит Струмички Наум: „Учителка“

Митрополит Струмички Наум: „Учителка“

Ајде повторно и оваа година – како во годините наназад, на Нејзиниот ден, да го обновиме нашиот подвиг – молитвеното правило „Богородице Дево...“ Оваа молитва, за нас раслабените, е последна...

БEСEДА за сeмoќта на збoрoт Бoжји

БEСEДА за сeмoќта на збoрoт Бoжји

Нo пoстoи рeд и начин пoмeѓу тваритe, видлив и дoстапeн за нас луѓeтo, а пoстoи рeд и начин нeвидлив и нeдoстапeн. Спoрeд тoј нeвидлив и нeдoстапeн рeд и начин, кoј...

Празникот Благовештение – првиот цвет на Пасхата

Празникот Благовештение – првиот цвет на Пасхата

Ете она што дојде да нѐ повика, сега ни се јави: Бог надумно се соединува со луѓето; со гласот на Архангелот прелеста се изгонува, а Дева радост прима; небото слегува...

Викарен Епископ Стобиски г. Јаков: Жртвена прегратка (31.03.2019)

Викарен Епископ Стобиски г. Јаков: Жртвена прегратка (31.03.2019)

Ако ги приклониме колената, а во срцето свое, во вистинскиот храм во кој Бог се вселува, не го поставиме Крстот, сме го промашиле суштинското значење на празникот, затоа што тоа...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥ Недела Крстопоклона (III Недела на Великиот Пост) ✥ 31.03.2019

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥ Недела Крстопоклона (III Недела на Великиот Пост) ✥ 31.03.2019

Според својата слободна волја човекот паднал во грев, па затоа и според својата слободна волја треба да се лекува и на крајот излечи од гревот и смртта. Бог не ги...

« »