логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

Митрополит Антониј Сурошски

Испитувајќи се самите себеси, ние сме склони кон навистина ѓаволско расудување. Тоа, всушност, се состои во следново: сето она што во мене ми изгледа привлечно, сè што ми се допаѓа, тоа е моето „јас“. Сето она, пак, што ми изгледа грдо, изопачено, одбивно, или, пак, она што другите го сметаат за одбивно и грдо во мене, она што создава напнатост во однос на околината, го земам како некакви дамки, како нешто што ми е внесено или наметнато од надвор. На пример, луѓето често велат: „Јас од сето срце настојувам да бидам поинаков, но животните околности  ме прават таков каков што сум.“ Не, животните околности само разоткриват дека сте таков. Во преписките на Макариј, еден од оптинските старци, се поместени две или три писма разменети со некој трговец, кој пишува: „Ме напушти слугинката. Во замена, ми предлагаат да земам некоја селска девојка. Што ми советувате, да ја земам или да не ја земам?“ Старецот му одговара: „Се разбира, земи ја.“ По извесно време трговецот повторно му пишува на старецот: „Батјушка, дозволете ми да ја избркам. Таа е вистински демон; од мигот кога дојде кај мене, јас постојано се гневам. Изгубив секаква самоконтрола.“ А старецот му одговара: „И не помислувај да ја избркаш. Тоа е небесен ангел што ти е испратен од Бога, за да согледаш колку злоба има во тебе, којашто претходната слугинка никако не можела да ја извлече на површината.“   

И така, ми се чини дека, ако погледнеме на себе со сета сериозност, веќе нема да можеме да кажеме: сето она што е добро, хармонично, прекрасно  тоа сум јас; а сето друго  тоа се само дамки, случајности коишто немаат ништо заедничко со мене, тие просто се прилепиле за моето тело... Всушност, тие не се прилепиле за телото, туку пуштиле корен во длабочината на нашето битие. Само што тоа нам не ни се допаѓа, и ние го обвинуваме кого ќе стасаме, или, пак, вината ја префрламе врз околностите во кои живееме. Колку пати сум слушнал на исповед: „Ете, тоа се сите мои гревови,“  по што покајникот застанува да земе здив (гревовите обично се исповедаат мошне брзо) и изнесува долго оправдување, докажувајќи дека во случај околностите во кои живее, а кои му се дадени од Бога, да биле малку поинакви, тој ќе немаше никаков грев. И кога понекогаш ќе ми кажат: „Јас, навистина, сум виновен, но што сакате вие? Јас имам тешта, имам зет, имам тоа и тоа, имам реума и артрит, ја преживеав руската револуција...“ и сл., не еднаш се случило  кога човекот, кој ја завршил својата исповед, ја очекува молитвата за разрешување на гревовите  да кажам: „За жал, но исповед  тоа е помирување со Бога, а помирувањето е нешто што треба да дојде од двете страни. И така, пред да ви дадам разрешување во името на Бога, можете ли вие да кажете дека Му проштевате за сета штета, за сето зло што Тој ви го направил, за сите околности во кои Тој ве довел и поради кои не сте станале свет?“ На луѓето ова обично не им се допаѓа, но тоа е вистинито и е од суштинска важност: ние сме обврзани самите себеси да се прифатиме во целост, такви какви што сме. Ние не постапуваме добро ако сметаме дека сме она прекрасното, а дека за сето останато е виновен Бог (имено, виновникот најчесто е Бог, а не ѓаволот, зашто, всушност, Бог е Тој што треба да го спречи ѓаволот да прави зло  во крајна линија, барем она зло што го прави спрема нас!).

Што треба да правиме? Може ли да се најде некаква инспирација, некаква поддршка во постапката којашто произлегува од тоа што го согледавме?
Да, се разбира, можно е, и тоа „се разбира“ го поткрепувам со два моменти. Како прво, Јован Кронштатски прекрасно напишал  во дневникот во кој го опишува своето внатрешно искуство, дека Бог никогаш не ни дозволува да го видиме злото во нас, доколку не е уверен дека нашата вера, нашата надеж се доволно силни за да издржат пред таквото согледување. Сè додека тој гледа дека ни недостасува вера, дека ни недостасува надеж, Тој нè остава во релативно незнаење; во нашите внатрешни темнини ние ги разликуваме само оние опасности коишто Тој ни ги поставил, а коишто можеме да ги почувствуваме на слепо. Кога, пак, Тој ќе види дека нашата вера станала цврста и жива, нашата надеж доволно силна за да ја издржи одвратноста на она што ќе го видиме, а притоа да не се поколебаме, тогаш Тој ни дозволува да го видиме она што Тој самиот го гледа  но само според мерата на нашата надеж и на нашата вера. И така, пред нас е двојно откровение од кое можеме да извлечеме извесна полза; прво  тоа е голиот факт: јас себеси се сметав за трпелив човек, а таа селска девојка го разоткри во мене моето нетрпение, грубоста и нескротливоста. Но, од друга страна, ако Бог ми дозволил да го видам тоа, значи дека Тој знае дека сега имам сили да се справам со проблемот, знае дека сум во состојба да ги победам искушенијата и внатрешно да се променам.

Вториот момент го поткрепувам со зборовите на преподобниот Серафим Саровски, којшто велел дека е од суштинска важност да се согледаме во целост, односно да не го согледуваме само она што во нас е прекрасно, она што одговара на нашиот призив за вечен живот, туку, исто така, и сето останато. Зашто тоа што веќе му е созвучно на Христос, на Бога, тоа што веќе му припаѓа на Царството, во извесна смисла не претставува интерес за нас: важно е останатото  без оглед  дали е тоа пустина или густа шума  да го претвориме во рајска градина. И тука, тргнувајќи од образот даден од преподобниот Серафим, би сакал да истакнам дека сме должни да се анализираме самите како материјал којшто Бог го дал во наши раце и од кој можеме да создадеме уметничко дело, нешто што ќе влезе како составен дел на Царството на хармонијата, убавината, вистината и животот. Во таа смисла во нас треба да постои истата прибраност, истата јаснотија на погледот, со кои располага и еден уметник.

Уметничкото дело коешто еден уметник сака да го создаде, е условено од два фактора: од една страна, со замислата на уметникот, со тоа што тој сака да создаде; од друга  со материјалот со кој располага. Вам ви е познато дека не можат да се направат исти дела од различен материјал: ако сакате да направите крст од слонова коска, нема да земете парче гранит; ако сакате да подигнете келтски крст, нема да почнете да го правите од грчки мермер, и сл.  едноставно затоа што тоа, што сакате да го претставите, може да се искаже само во рамките на можностите на дадениот материјал. И така, доколку не сте безнадежно тврдоглави (безнадежно како за Бога, така и за самите себе и за другите), и ако во вашите раце имате некаков материјал, тогаш прашањето не е во тоа „како да направите мермер до слонова коска или гранит од крива гранка“; вие, едноставно, погледнувате на тој материјал и велите: „Какво уметничко дело може да произлезе од материјалот што го држам во рацете?“

Токму така треба да дејствуваме во нашиот внатрешен живот. Мораме да научиме да гледаме со разумен, со прониклив поглед, со што е можно поголем реализам, со најжив интерес во оној материјал којшто го имаме во рацете, зашто ние можеме да градиме само од тој материјал. Ако вие сте Петар, тогаш не сте Антониј, и што и да правите, нема да станете Антониј. Никој нема да бара од вас да бидете она што не сте, но може да побара да бидете тоа што сте. И тоа е суштинското нешто: ако не го земете целиот материјал, нема ништо да направите. Не си вообразувајте, занимавајќи се со утврдувањето на вашиот ум, на вашето восприемање, односно со половината од вашата индивидуалност, дека ќе можете да создадете цел хармоничен човек. Во одреден миг ќе забележите дека не можете да го направите тоа, но тогаш пред вас веќе ќе биде некакво чудовиште, некаква недовршена фигура, и големо количество неискористен материјал!

И тука се потребни храброст и вера. Пред сè вера во онаа смисла, како што веќе реков, дека Бог ни дозволува да го видиме само она што можеме да го поднесеме; и храброст: нам воопшто не ни претставува задоволство да го видиме сето наше безобразие. Можеби се сеќавате на зборовите на св. Венсана де Пол пред огледалото, зборови коишт случајно ги слушнал неговиот татко кој во тој миг влегувал во собата: „Боже, јас сум премногу безобразен за луѓето, но можеби Ти ќе ме примиш таков каков што сум?“ Можеби за луѓето јас сум премногу безобразен, но Бог ме сака, инаку Тој не би ме повикал во постоење, не би го направил тој творечки, рискантен потег, повикувајќи ме во постоење токму мене  и тоа не за одредено време, туку за вечност. 

Од друга страна, ако сакаме да имаме одредени релации со луѓето околу нас, мораме да бидеме реални, а не фиктивни личности. Ние можеме еден со друг да имаме творечки осмислени односи само ако јас сум  реален, и ако мојот собеседник, исто така, е реална личност. Таа реалност мора да го опфати целиот човек, тој не смее да се задоволи со делумна реалност, со реалност до извесна граница.
Со ова сакам да го кажам следново: кога нас, како деца, ќе нè повика директорот на училиштето на рапорт, зашто сме направиле некоја пакост, тогаш во него го гледаме само неговото звање  директор. Пред нас не стои човек, туку директор, како што може да стои и полицаец, лекар, чиновник. Нам не ни паѓа на ум дека во тој човек постои и нешто друго.

Има еден мошне силен стих од Евтушенко, во кој тој опишува како ученикот гледа на наставникот. Тој го гледа и размислува: Што му е денес? Тој е некако чуден! Предава математика, а веќе направи две грешки при собирањето. А еве, сега му се скрши кредата и тој прекина да пишува и сè избриша, макар што ни рече да препишеме сè од таблата  и така натаму. На крајот од стихотворбата го гледаме наставникот како заборава да си ги облече палтото и капата, и како излегува од училиштето; и последната фраза: „жената на наставникот си заминала од дома“. Ете ја ситуацијата: тој бил само наставник, но не и човек. Тоа е нашата ситуација во однос на другите, и ситуација во која ние ги поставуваме другите во однос на нас самите. Додека не ја смениме таквата ситуација, ние нема да станеме реалност, и другите, исто така, нема да бидат реалност за нас. Невозможно е да се сретнете со призрачно суштество, или со нешто што е уште помало од индивидуум, кој сепак претставува некаква реалност, макар и таа реалност да е болна, затворена, лишена од секаква ширина. Тоа важи и за односот спрема Бог, и за односот спрема луѓето, зашто ако ние го гледаме само наставникот, а не човекот, тогаш, пристапувајќи му на Бога, ние често собираме фрагменти од некакво знаење, од некакви сфаќања за Него, и застануваме да се молиме не пред живиот Бог, тук пред идол кого што сме го составиле од образи и поими, вистинити во онаа мера во која секој образ и секој поим  соодветствува на нешто во Бога, но коишто стануваат пречка во оној миг, кога ќе си речеме: тоа е Бог.

Односот кон личност е совршено поинаква. Јас пред малку напоменав дека проблемот тука е сосема поинаков: работата не е во тоа да се видиме себеси како личност  ние тоа не можеме да го постигнеме. Личност, персона  тоа е она за што сме повикани да станеме, надминувајќи го индивидуумот којшто емпириски можеме да го набљудуваме во нас самите. Личноста може да биде откриена само во Оној, Кој ја познава, односно само во Бога. Во нас постои личност којашто е образ на Живиот Бог. Однадвор таквата личност изгледа како индивидуум. Еве една аналогија: ние сме слика на уметникот, слика којашто од столетие во столетие се реставрира, така што станала сосема непрепознатлива. Ние сме станале карикатура на образот Божји. Ако ја покажете сликата на некој добар познавач, тој внимателно ќе ја погледне и ќе каже: на овој портрет веѓата, дел од лицето несомнено се нацртани со раката на уметникот, а сето останато  не. Тогаш, проучувајќи ја таа веѓа  техниката, бојата, совршеното движење на четкицата со која е нацртана  обидете се да ги симнувате, слој по слој, сите тие премази. Симнувајќи еден слој, ќе кажеме: овој слој е подлабок од претходниот, но сè уште не е насликан со раката на уметникот; тој слој е фалшив во однос на цртите на веѓата, со онаа палета на бои којашто, веќе без сомнение, му припаѓа на уметникот... И така постепено ќе успееме да ја очистиме сликата, да се вратиме кон праобразот ослободен од насобраните изобличености. 
И токму тоа ние мораме да го направиме со самите себеси. Но како? Апостол Павле советува да се најдеме себеси во Христа и да Го најдеме христа во нас. Во таква форма тоа едвам дека може да биде повик: како да се најде Христос таму каде што, очигледно, Го нема, зашто тој е сосема покриен со обезобразувачки слоеви? Можам да ви дадам прост одговор, којшто можете да го испробате и кој, според мене, може да донесе плод. Кога го читате Светото Писмо, особено Евангелието, ако сте искрени и ако не застанете уште од самиот почеток во побожна поза, и ако не велите: сè што ќе прочитам тука е  вистина, зашто тоа го кажува Бог, и јас сум должен сето тоа да го одобрувам и да го поддржувам, зашто на тој начин ќе заземам правилна позиција во очекувањето на Судот Божји,  ако вие едноставно сте искрени во однос на самиот себеси, ќе видите дека во Евангелието потојат три вида пораки. Едните со ништо не нè засегаат, и во тој случај ние без напор сме подготвени да кажеме: ако Бог така вели, значи дека е така. Тоа нас не нè засега, зашто ние не гледаме никаква можност да ги примениме тие зборови во нашиот живот, и со самото тоа тие не претставуваат никаква опасност за нашиот егоистички комфор и за нашето откажување да го следиме Евангелето.

Постојат други места, и ако сме доволно искрени, ќе кажеме: не, ова не е како што треба... Јас имам чесна парохијанка. Ги читав лекциите за заповедите за Блаженствата, по кои таа ми пријде и ми рече: Владико, ако вие тоа го нарекувате блаженство, нека ви биде. Да бидам гладен, промрзнат, оставен, прогонуван  не ... И така, ако имате макар и четвртинка од нејзината искреност, ќе отфрлите три четвртини од Евангелието  но јас сè уште не сум песимист.   

Земете пример: Христос ни го открива повредениот, незаштитениот, победениот и затоа презрениот Бог. Да се има таков Бог е само по себе непријатно! А кога Тој уште ни вели: Јас ви дадов пример, а вие следете го, тогаш навистина можеме да кажеме  „не“. Но, кажете го тоа.
Сепак, ние не сме сосема црни, и ако сте искрени од аспект на двете страни, односно ако не се браните од привлечноста на Евангелието, затоа што тоа е опасно за вас, ќе видите дека постои едно-две места во Евангелието, две-три фрази од кои ви се озарува умот, се просветлува, се разгорува срцето, се собира волјата во желбата да се следи тоа слово, зашто е прекрасно, вистинито, совршено и целосно се совпаѓа со она што во самите вас е најдлабоко; самото ваше тело се упатува по тој пат.

Забележете ги тие места; колку и да се ретки, тоа се местата во кои вие веќе се совпаѓате со Христос, места кадешто во портретот, покриен со мноштво слоеви, сте ја откриле раката на уметникот, островчиња на нијанси на првообразот. И тогаш имајте го на ум следново: во таа фраза, или во тој евангелски образ, истовремено сте пројавени и Христос и вие; и штом ќе го откриете тоа, веќе нема да ви биде потребно да се борите со својата природа за да можете што е можно повеќе да се доближите до евангелскиот дух; доволно ќе биде да ја следите својата природа, туку онаа вистинската, и не природата на лажниот образ, придодаден од надвор, туку на оние црти коишто се нацртани со раката на уметникот. Работата не е во тоа да постапувате спротивно на она што сакате да го направите (христијаните тоа често го нарекуваат „да бидеш добродетелен“: колку повеќе сакам да направам нешто, толку е подобродетелно да не го правам тоа), туку во тоа да кажете: еве едно, две места во коишто најдов што е тоа што во мене самиот е вистинско. 

Јас сакам самиот по себе да бидам највистинскиот образ... Направете така, и кога ќе го направете тоа внимателно, да бидете во радост и сè повеќе ќе станувате тоа што сте вие самите, и ќе забележите како се појавува друг светлосен зрак, друго, приступачно место, блиско, со неколку слова коишто ве поразуваат. Постепено портретот ќе се расчистува, ќе се појави една цртичка, понекое обоено место... И така ќе ве обземе сето Евангелие, но не како окупациска војска, којашто ве окупира со сила, туку преку дејство што ве ослободува, и како резултат на тоа дејство вие ќе станувате сè повеќе она што сте. И вие откривате дека да бидете тоа што сте, значи да бидете според образот на Оној Кој посакал да биде според нашиот образ, за да бидеме спасени и за да се промениме.

И така, постојат два различни, но корелативни патишта на самоспознавањето: спознавањето на „јас“  на индивидуумот кој се потврдува себеси, кој самиот себеси се спротиставува, кој го отфрла и го негира другиот; она „јас“ коешто не сака да се види самото такво какво што е, зашто се срами и се плаш од своето безобразие; она „јас“ коешто никогаш не сака да биде реално, зашто да се биде реален значи да се застане пред судот Божји и пред судот човечки; она „јас“ коешто не сака да слуша што за него кажуваат луѓето и, уште повеќе, што за него вели Бог, словото Божјо.

И, од друга страна  личност којашто го наоѓа своето задоволство, својата полнота и својата радост единствено во откривањето на својот првообраз, совршениот образ на она што таа личност е, образ којшто ослободува, отвора  образ што сè повеќе се открива  и со самото тоа сè повеќе го уништува индивидуумот, сè додека од него веќе нема да остане ништо спротивно, ништо самопотврдно, туку ќе остане само личност  ипостас којашто претставува однос. Личноста  која секогаш била само состојба на љубов на оној којшто сака, и на оној којшто е сакан  се пројавува ослободена од заробеништвото на индивидуумот и повторно влегува во онаа хармонија којашто претставува Божествена Љубов, Љубов којашто нè содржи сите нас и којашто се открива во секој од нас, како во втори светлини коишто зрачат околу себе Божја светлина.

 



Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Јули 01, 2019

„Осаменоста не е во тоа што сме сами, туку во тоа дека не постои ништо по кое копнееме.“

Јас сум академски сликар и наивен писател. Учев да бидам сликар, но писател – не. Впрочем, каде се учи за тоа? На пример, Толстој по занимање бил гроф, Чехов - лекар, Сент Егзипери, авијатичар – а да не го споменеме Чарлс Буковски, кој бил поштар“.
Мај 28, 2019

Свети Леонтиј Струмички, патријарх Ерусалимски

Живеејќи во покаен плач и солзи се издвојуваше по особеното почитување и љубов кон нашиот Господ и Неговата Пресвета Мајка. Иако сè уште млад, Преподобниот презема на себе еден тежок подвиг: одеше по улиците на царскиот град правејќи се дека не е со здрав ум,…

Акатист кон свети Нектариј Егински

Ное 25, 2018 Полезно и Потребно 1097
КОНДАК 12Трудејќи се, си ја умножил благодатта дадена од Бога, рабу Божји, добар и верен…

Житие на преподобна Параскева – Петка (Епиватска или Трновска)

Окт 30, 2018 Житија 1664
Света и преблажена маченичко Христова Параскево, убавино на девственичките, пофалбо на…

Светскиот првак Адам Ондра во посета на Бигорскиот и Рајчичкиот манастир

Окт 28, 2018 Настани 1098
Деновиве нашите две свештени Обители, Бигорски и Рајчица, ги посети во светски рамки…

Беседи

БEСEДА  за Христoвoтo мирoтвoрствo

БEСEДА за Христoвoтo мирoтвoрствo

Да, и пoкрај тoа штo сè уштe има вoјни. Глeдај, вoјнитe пoмeѓу христијанскитe нарoди нe сe истo штo и вoјнитe пoмeѓу нeзнабoжцитe. Нeзнабoжцитe вoјувалe сo гoрдoст, христијанитe вoјуваат сo срам....

Антониј, Митрополит Сурошки: Преображение

Антониј, Митрополит Сурошки: Преображение

Мојсеј влегол во тој облак и му било дозволено да разговара со Бога како пријател со пријател; му било дозволено да види како Бог поминува покрај него, сè уште без...

Митрополит Струмички Наум: Преображение, наше (18.08.2016)

Митрополит Струмички Наум: Преображение, наше (18.08.2016)

„Според православната црковна антропологија на Светите Отци, суштината на умот се наоѓа во срцето како духовен центар на човекот, а енергијата на умот преку  сетилата се расејува по светот. Насочувањето...

Свети Лука (Војно- Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Свети Лука (Војно- Јасеницки): СЛОВО ЗА УСПЕНИЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Многу е важно правилно да разбереме и да ги запомниме зборовите на тропарот на великиот празник на Успението на Пресвета Богородица: „... По Успението не си го оставила светот, Богородице...’’.Нејзината...

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Нашето одење во црква

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Нашето одење во црква

Ние можеме да се молиме за здравје и за сè друго што нам ни се чини дека е добро да бараме, но не смееме да очекуваме дека ако одиш во...

Митрополит Струмички Наум: ВО СТИЛОТ НА СВЕТИОТ ПРОРОК ИЛИЈА

Митрополит Струмички Наум: ВО СТИЛОТ НА СВЕТИОТ ПРОРОК ИЛИЈА

Сите сме жртви на суетата, помалку или повеќе. Забораваме дека гревот што го „препознаваме“ кај нашиот ближен, според Светите Отци, постои и во нас или е најчесто само наша проекција....

Митрополит Струмички Наум: „ВНАТРЕШЕН  и НАДВОРЕШЕН АВТОРИТЕТ“

Митрополит Струмички Наум: „ВНАТРЕШЕН и НАДВОРЕШЕН АВТОРИТЕТ“

Просто, сме станале верна копија на старозаветните Црква, храм и свештенство – во нивната изобличеност, со слични рестриктивни правила кон обичниот верник (сепак носител на царското свештенство) и со ист...

 Викарен Епископ Јаков Стобиски: За маченички етос

Викарен Епископ Јаков Стобиски: За маченички етос

Имаме можност да бидеме маченици Христови – во секоја минута, во секоја секунда од нашиот живот. Мачеништво е да се избориш со една лоша помисла, со помисла на завист, со...

Архимандрит Партениј Бигорски: Острастеноста – пат кон демоноопседнатост

Архимандрит Партениј Бигорски: Острастеноста – пат кон демоноопседнатост

Оваа состојба на демоноопседнатост не е некаков мит или обична приказна, или пак, средство за заплашување. Не, таа е реалност и постои. Колку и да се обидуваат некои да ја...

« »