| СВЕТ БЕЗ СЕНКИ |
|
|
|
Ирина Монахова Што може да се разбере од околната средина, ако цел живот сме слепи? Сигурно не тоа што таа средина реално претставува, туку своја фантазија за неа, фантазија којашто не ја одразува самата средина, туку оној што фантазира. Што може да се разбере за животот, восприемајќи го на слепо, без светлина – некакви фрагменти на чувства и мисли, коишто никако не се вклопуваат во нешто цело, завршено и разбирливо, колку и да се трудиме. Јасно е дека на слепиот му е поважно да стекне вид, одошто подробно да ја објаснува својата околина. Зашто, со стекнувањето на видот, во еден миг, без какви и да е дополнителни усилби, тој може одеднаш да разбере сè. Потребна е само светлина.
Така и вистината не претставува некаква сложена творба на умот – нејзината пројава не содржи никакво дејствие, никаква суета, никакво странично влијание, таа ништо не засега, не преместува, не поставува од едно место на друго. Едноставно, само сè осветлува. А самата претставува светлина во споредба со која земната, сончевата светлина е – темнина. Дотолку повеќе, како што им се покажува, како што им се открива на родените одозгора, тој привлечен живот, земен живот, којшто многумина го сметаат за најголема скапоценост, всушност и не е највредното што постои – „има и посилен магнет“. Зашто, раѓањето одозгора не е само пројавување на вистината којашто сè осветлува и ја превртува скалата на вредностите, односно примање информација којашто се однесува на овој, земен свет, туку и примање информација за друг свет. Впрочем, сето тоа е взаемно поврзано, и самиот факт на присуството, на постоењето на друг свет, со соодветни други (квалитативно други – спротивни) својства, всушност и претставува извор на вистината и на светлината и истовремено причина за превртување на сета скала на вредности (или сила којашто го остварува тоа превртување).
*** На второто раѓање му соодветствува друг свет и друг живот во тој свет. Слично како што раѓањето во земниот свет означува почеток на нов живот, така и раѓањето одозгора означува почеток на друг живот во друг свет. Притоа доживуваш чудно, необично, но и интересно, великолепно чувство на нов живот откриен во недогледната иднина. Тоа е совршено конкретно чувство на огромна, бесконечна иднина неспоредлива со димензиите на земниот живот. Во споредба со неа, преостанатото време од земниот живот има безначајно мало значење (тоа, исто така, е сложен и подмолен момент – од гледна точка на зачувувањето на рамнотежата, поради истовременото постоење во две различнии димензии). Истовремено разбираш дека преостанатиот дел од земниот живот со секој изминат ден, како шагренска кожа, се скратува, и ја чувствуваш бесконечноста на своето постоење во другиот живот. Во најраните години, во самиот почеток на земниот живот, не ни е дадено да почувствуваме толку буквално што сè стои пред нас, како што тоа го чувствуваме во почетокот на вториот, бесконечен живот. Да не зборуваме за тоа дека и самата смрт – главниот страв, главното „плашило“ на земниот живот, тој постојан „дамоклов меч“ надвиснат над секој од нас – дури и таа потемнува, се префрла на втор план, и од некаков вџашувачки настан на крајот од нашиот живот, а за некого – просто катастрофа, се претвора во некаков краток интервал на застанување на единствениот и непрекинат пат без крај. И, се покажува дека нема слепа улица, ѕид што се попречува и во кој, на крајот од краиштата, удира сè што постои, туку, обратно, постои толку безмерна, безгранична перпектива, којашто не може, со ограничените земни можности, да се восприема и да се согледа целосно. Нема смрт, нема живот што завршува (или се прекинува) – има смрт којашто го менува животот – само го менува. Друго е прашањето – како, на кој начин таа смрт го менува секој конкретен живот. И дали на сите луѓе таквата перспектива на промена и на вечен живот ќе се покаже како велелепна. На сите ли им е потребна таа бесконечна перспектива, во која смртта е само кратка пауза, меѓуинтервал? Можеби некој ја претпочита смртта како целосен и конечен крај – за веќе да нема никакви неизвесни промени (и промени коишто не може да ги контролира), и сè да исчезне без каква и да е трага. За таквите, вечноста, неизбежната вечност, навистина претставува голем проблем.
*** Великолепието во пројавувањето на другиот свет не е во неговата красота и величие таму нема такви нешта. Светлината којашто осветлува сè, до самиот крај, до дното, светлина на вистината ете што има таму. Атмосфера којашто целосно се состои од љубов, само од љубов, како што земната атмосфера се состои од воздух ете што има таму. И, уште, целосно отсуство на времето, на временоста и на материјалноста. Да се пренесе целосно тоа со земни зборови, преку земни сетила, е невозможно, на земни јазици тоа е непреводливо. Но секој оној што има очи гледа, односно, секој оној што е роден одозгора, добивајќи при тоа раѓање уште еден свет, вечен свет го гледа тој свет. И тоа е единствената варијанта на спознавањето на тој свет само директно, непосредно да се види. Или при отсуство на такво непосредно спознание да се верува. Да се нацртаат неговите контури со помош на наши земни символи и поими е невозможно. Колку далечни, ограничени и бедни се нашите земни зборови, поими и размери што им ги даваме, во присуство на друг свет, во присуство на вечноста и на вистинскиот свет, свет без сенки, граници и прегради. Колку и да е тешко да си го претставиме тоа, но светлината на вистината и „атмосфера“ што се состои од љубов (слично како што земната се состои од воздух) нешта коишто се својствените на другиот свет далеку и недостижно го превасходат сето она што во земното поимање е превознесено до највисок степен, така што подалеку и повисоко и не може да се помести. И ете тоа, што таму слободно и бесконечно се наоѓа, превосходејќи сè што е земно тоа се само вистината, само љубовта „само“ од гледна точка на земната реалност, кадешто тие претставуваат ефемерни нешта и се вечно истиснувани на некое зафрлено место, истиснувани на заден план. И уште за вечноста: не дека е ефемерна во овој свет, туку тука воопшто ја нема. И ете, од тие ефемерни нешта, нешта коишто не се земаат сериозно, коишто се пренебрегнуваат, е сочинет, како од градежен материјал, целиот свет исто како што и земниот свет е создаден од земја, вода и воздух, при што првиот од нив, ефемерниот, е многу поцврст. На тие нешта, на кои тука не сме навикнати да водиме сметка, таму не само што мора да сметаме, туку мора и да им соодветствуваме. Но, тоа е веќе друго прашање коешто внесува драматична подробност во општото великолепие на другиот свет свет на радост. Тоа е, можеби, свет на радост, и тоа не за сите, туку за оние коишто учествуваат во него, или, поточно, за неговите деца, со еден збор за оние што живеат во него. За оне што живеат во него уште додека се во овој живот. Односно, за родените одозгора, за оние на кои другиот свет им е даден, подарен. (Можеби ќе продолжи...) д-р Драган Михајловиќ
Посети:872 Е-пошта
|
||||||||
| < Претходно | Следно > |
|---|
| Дома |
| Духовност |
| Иконопис и фрескопис |
| Манастирски туризам |
| Наука, Култура |
| Нешто неформално |
| Премин Магазин |
| За Нас |
| Downloads |
| Галерии |
| Промоција на "{x} - невидливо бело". од Митрополит г. Мето... |
| sogoleno do srz, vo presr... |
| 21/11/08 20:43 Повеќе... |
| Од m |
| Промоција на "{x} - невидливо бело". од Митрополит г. Мето... |
| sila si duci :zzz :zzz ... |
| 21/11/08 20:41 Повеќе... |
| Од m |
| Божествена Литургија во Св. Спас, Скопје (16.11.2008) |
| zal mi e sto ne bev na t... |
| 21/11/08 20:30 Повеќе... |
| Од johnpaul |
| Мошти на св. Климент патуваат во Бугарија |
| дејствата на ... |
| 21/11/08 20:30 Повеќе... |
| Од стефан |
| Промоција на "{x} - невидливо бело". од Митрополит г. Мето... |
| Дуци беее, па ... |
| 21/11/08 15:40 Повеќе... |
| Од babuska |
![]() |
ФРЕСКОПИСУВАЊЕ НА ПАРАКЛИСОТ ФРЕСКОПУСУВАЊЕ НАДВОР ОД ОЛТАРОТ |