На денот кога Светата Божја Црква го празнува св. Наум Охридски Чудотворец, во женскиот манастир Рождество на Пресвета Богородица во Калишта, Неговото Високопреосвештенство, Епископ Европски г. Пимен во сослужение на презвитер Стефан Санџакоски, отслужија Божествена Литургија.
„Владико Господи, Ти Кој си го создал човекот по Свој образ и подобие и си му дал можност за живот вечен, за потоа откога со гревот отпаднал од Тебе, не си го презрел, но си направил, преку воплотувањето на Твојот Христос, спасение на светот; Сам Ти прими го во небесното Твое Царство и ова Твое создание; откако ѓе го избавиш од ропството на ѓаволот. Отвори му ги очите на умот за да заблеска во него светлината на Твоето Евнгелие. Придај кон неговиот живот ангел на светлината, кој ќе го избави од секоја лоша демонска замисла, од средба со лукавиот, од демонот попладневен и до мечтаења поттикнати од лукавиот.“
Во текот на Литургијата, беше извршена и Светата Тајна Крштевање над чедото Божјо Петар, кој преку крштевањето, миропомазанието и причестувањето со Телото и Крвта Господови, постана член на Црквата Христова.
„Владико Господи Боже наш, стави ја на него Твојата моќна рака и сочувај го со силата на Твојата добрина, зачувај му го дарот неповреден и удостој го со живот вечен и со творење на дела кои се угодни пред Тебе.“
„Ти Кој со светото крштение си му дарувал на чедото Твое избавување од гревовите, и си му дал живот со повторното раѓање, Ти Сам Владико Господи, благоизволи светлината на Твоето лице, секогаш да сјае во неговото срце; неговиот штит на верата сочувај го неповреден од непријателот; облеката на нетлението во која се облече сочувај ја на него неосквернета и чиста, со благодатта Твоја сочувај го неповреден духовниот печат, зашто си милостив кон него и кон нас по множеството на Твојата милост. Зашто се благословува и прославува преславното и величествено Име Твое, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин“
„Благословен е оној на кого му се простени
гревовите.“
Создавањето, падот во грев и искупувањето, животот и смртта, воскресението и вечниот живот – сите суштински димензии, целата содржина на христијанската вера се обединети и поврзани во една внатрешна самозависност од еден единствен символ. Првичната најважна смисла и сила на тој символ е дека тој го соединува она што било разурнато, разделено и осакатено. Во едно такво разбирање осветувањето на водата пред Крштавањето престанува да е она во коешто на крај сме го претвориле – нешто како претходна церемонија по слободен избор, којашто само треба да произведе „материјал за Таинството“. Осветувањето станува она што било од самиот почеток – епифанија, откровение на вистинската смисла на Крштавањето како космички, еклисиолошки и есхатолошки акт. Космички, зашто е таинство на Новото Создание; еклисиолошки, зашто е таинство на Црквата; есхатолошки, зашто е таинство на Царството. И така, само ако го разбереме таинството на водата, ќе разбереме зошто човекот прво треба да го потопиме во вода, ако сакаме да го спасиме.
|