Духовност
Прашања до духовникот
ЗА МОЛИТВАТА
| ЗА МОЛИТВАТА |
|
|
|
Старец Порфириј Кавсокаливит
Самиот Господ ќе нé научи на молитвата
Човекот ги бара на небото радоста и среќата. Го бара вечното далеку од сите и од сé, бара да ја најде радоста во Бога. Бог е тајна. Он е молчење, Он е бескраен, Он е сé. Склоноста на душата кон небото ја има целиот свет: сите бараат нешто на небото. Кон Него се насочуваат сите битија, макар и несвесно.
Пред молитвата душата треба да се подготвува со молитва. Молитва за молитвата. Слушнете како се моли свештеникот тајно, додека се чита Апостолот на Божествената Литургија: Во молитвата влегуваме без да го забележиме тоа. Потребно е да се најдеме и во соодветна клима. Дружењето со Христа, духовниот разговор, изучувањето, пеењето, кандилото, темјанот стануваат соодветна клима, за да се врши сé едноставно, во простота на срцето (Прем. Сол. 1, 13). Читајќи ги црковните песни и богослуженијата со љубов, без да забележиме стануваме свети. Се веселиме со Божествените зборови. Тоа веселие, таа радост е нашиот труд, за да влеземе лесно во атмосферата на молитвата. Тоа е, како што велиме, загревање. Можеме при тоа и да имаме во умот убави слики од некои места што сме ги виделе. Тој труд е благ и бескрвен. Но да не го забораваме тоа што го вели Господ: Без Мене не можете да правите ништо (Јован. 15, 5).
Самиот Господ ќе нé научи на молитвата. Нема да ја научиме самите, ниту некој друг ќе нé научи на неа. Да не велиме направив толку метании, и сега ја обезбедив благодатта, туку да бараме во нас да засветли непреодната светлина на Богопознанието и да ги отвори нашите духовни очи, за да ги разбереме Божествените зборови.
Божјата благодат нé учи на нашиот долг. За да ја привлечеме, потребна е љубов и копнеж. Божествената љубов бара божествена љубов. Љубовта е доволна за да нé доведе во соодветна "форма" за молитва. Христос Самиот ќе дојде и ќе влезе во нашата душа, доволно е само да најде одредени работи кои Му се угодни: добро волја, смирение и љубов. Без нив не можеме да кажеме Господи Исусе Христе, помилуј ме.
За да дојде Христос во нас, кога Го повикуваме со Господи Исусе Христе, треба срцето да е чисто, да нема ниту една пречка, да биде слободно од омраза, од егоизам, од злоба. Треба да Го љубиме и да нé љуби. Меѓутоа, ако имаме во себе нешто што е за осуда, тогаш пак постои една тајна. А тајната е да побараме прошка или тоа да му го кажеме на духовникот. Но за тоа е потребно смирение, како што рековме. Ако се сообразиш применувајќи ги Божјите зборови и немаш грижа на совест и имаш мир и вршиш добри дела, тогаш влегуваш во молитвата благо, без да го забележиш тоа. Потоа чекаш благо, полека полека, додека да дојде благодатта.
Достоји стануваат оние кои посакуваат и копнеат да бидат Христови, оние кои ñ се предаваат на Божјата волја. Да немаш никаква волја, тоа има голема вредност, тоа е сé. Робот нема никаква своја волја. Да немаме никаква своја волја може да се случи на благ начин: со љубовта кон Христа и со исполнувањето на Неговите заповеди. Оној кој ги има Моите заповеди и ги пази, тој е оној што Ме љуби. Оној што Ме љуби, пак, ќе биде возљубен од Мојот Отец и Јас ќе го возљубам и ќе му се јавам (Јован. 14, 21). Потребна е борба. Треба да се бориме со кнезот на темнината и на овој век (Еф. 6, 12). Треба да се бориме со лавот кој рика (1. Пет. 5, 8). Не е дозволено во борбата да победи селукавиот. Тоа претпоставува солзи, покајание, молитва, милостиња, прозба придружена со доверба во Христа, а не со маловерие. Само Христос може да нé извади од обрачот на осаменоста. Молитва и покајание и милостиња. Дајте барем една чаша вода, ако немате пари. И да знаете дека колку повеќе се осветувате, толку повеќе се услишуваат вашите молитви. Да не Го присилуваме Бога со нашите молитви. Да не бараме да нé ослободи од нешто, од болест и сл. или да ни ги реши нашите проблеми, туку да бараме сила и поткрепа од Него, за да имаме трпение. Како што Он љубезно чука на вратата од нашата душа, така и ние љубезно да го бараме тоа што го посакуваме и ако Господ не одговара, да запреме да го бараме. Кога Бог не ни дава нешто што упорно го бараме, Си има причина за тоа. Има и Бог Свои "тајни". Штом веруваме во Неговата добра промисла, штом веруваме дека Он знае сé од нашиот живот и дека секогаш го сака доброто, тогаш зошто да не покажуваме доверба? Да се молиме едноставно и благо, без страст и без присилување. Знаеме дека и минато, и сегашно и идно, сé е познато и голо пред Бога. Како што вели Апостолот Павле, ...нема создание сокриено пред Него, туку сé е голо и откриено пред очите Негови (Евр. 4, 13). Ние да не настојуваме. Навалувањето прави повеќе зло отколку добро. Да не се напнуваме да го стекнеме тоа што го бараме, туку да ñ го оставаме на Божјата волја. Затоа што колку повеќе го бркаме, тоа толку повеќе се оддалечува. Значи, трпение и вера и спокој. И ако ние го заборавиме (тоа што сме го барале), Господ никогаш не заборава, и ако е за наше добро, ќе ни го даде тоа што треба и кога треба. Во молитвата да го бараме само спасението на нашата душа. Не рече Господ: Барајте го најпрво Царството на Бога... и сé друго ќе ви се придодаде (Мат. 6, 33)? Лесно, најлесно Христос може да ни даде сé што посакуваме. И гледајте ја тајната. Тајната е во тоа никако да не треба да имате на ум намера нешто конкретно да барате од Бога. Тајната е во тоа да го барате вашето соединување со Христа несебично, без да велите дај ми го ова, она... Доволно е да велиме Господи Исусе Христе, помилуј ме. Бог нема потреба ние да Го информираме за различните наши потреби. Он знае сé неспоредливо подобро од нас и ни ја пружа Неговата љубов. Работата е во тоа да одговориме на таа љубов со молитвата и со пазењето на Неговите заповеди. Да бараме да биде Божјата волја. Тоа е од најголем интерес за нас, и тоа е набезбедно за нас и за сите кои се молат. Христос ќе ни даде сé богато. Кога постои макар и малку егоизам, тогаш не бива ништо.
Кога имаме со Христа однос на апсолутна доверба, тогаш сме среќни, имаме радост. Ја имаме Рајската радост. Тоа е тајната. И тогаш извикуваме заедно со Апостолот Павле: За мене Христос е живот, а смртта придобивка (Фил. 2, 1), и Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене (Гал. 2, 20). О, што е сето ова! (Благодатна) Лудост! Сé да се прави едноставно и благо. Треба сами да Му пристапуваме на Бога во простота и чистота. Што вели премудриот Соломон? Потребна е простота (едноставност). Размислете за Господа во добрина и во простота на срцето барајте Го, бидејќи Го наоѓаат оние кои не Му се неверни (Прем. Сол. 1, 1 - 2). Простотата е свето смирение, односно апсолутна доверба во Христа. Да Му го даваме на Христа целиот наш живот. Во Литургијата велиме ...целиот наш живот на Христа Бога да Му го предадеме. А на друго место, Тебе Ти ги доверуваме сиот наш живот и надеж, човекољубив Владико, и Та молиме и Та повикуваме... (Литургија, молитва пред Оче наш).
Дојде еден владика пред некое време за да разговараме. Зборувавме за молитвата. Му велам: Кога ја губите Божјата благодат, немојте да правите ништо. Продолжете го вашиот живот и вашата борба едноставно, благо, додека без агонија повторно дојде љубовта и копнежот кон Христа. И тогаш сé оди добро. Тогаш благодатта ве исполнува и се радувате. Богослуженијата се е една тајна. Дајте им се (учествувајте во нив со сета душа) и Божјата благодат таинствено ќе дојде.
Да Му се молите на Бога со отворени раце. Тоа е тајната на светителите. Штом ги отварале своите раце, ги посетувала Божјата благодат. Отците на Црквата ја употребуваат како најуспешна еднореченичната молитва: Господи Исусе Христе, помилуј ме. Клучот за духовниот живот е молитвата. На молитвата не може да нé научи никој, ниту книгите, ниту старецот, ниту никој. Единствениот учител е Божјата благодат. Ако ви кажам дека медот е сладок, тачен, таков и ваков, нема да сфатите, ако не го вкусите. Истото и во молитвата, ако ви кажам вака е, чувствуваш така итн., нема да разберете, ниту ќе се помолите, освен преку Светиот Дух (1. Кор. 12, 3). Само Светиот Дух, само Божјата благодат може да ја вдахне молитвата. Не е тешко да ја кажете молитвата, но не можете да ја кажете правилно, затоа што клоца вашиот стар човек. Ако не влезете во благодатната атмосфера, тогаш не ќе можете да се молите. Штом чуете навредлив збор се натажувате, а штом чуете добар збор се радувате и блескате? Со тоа покажувате дека не се подготвени, ги немате претпоставките. За да дојде Божјата благодат, треба да ги стекнете претпоставките, односно љубовта и смирението. Инаку се создава реакција. За да влезете во таа "форма", ќе тргнете од послушанието. Прво треба да му се дадете на послушанието, за да дојде смирението. Гледајќи го смирението, Господ ја испраќа Божјата благодат, а потоа молитвата доаѓа сама, неприсилено. Ако не сте послушни и ако немате смирение, тогаш молитвата не доаѓа и постои страв од прелест. Да се подготвувате полека полека, благо благо и да се молите во умот. Што е во умот, тоа е и во срцето.
Превод:
С. С.
Е-пошта
|
||||||||
| < Претходно | Следно > |
|---|
| Дома |
| Духовност |
| Иконопис и фрескопис |
| Манастирски туризам |
| Наука, Култура |
| Нешто неформално |
| Премин Магазин |
| За Нас |
| Downloads |
| Галерии |
| Арх. Георгиј Капсанис- ГОСПОДОВАТА МОЛИТВА |
| .....pa so Isusova ima de... |
| 21/11/08 23:41 Повеќе... |
| Од nadez |
| Младите битолчани учат за верата од холивудски филмов... |
| SIROK SOKAK=SIROK PAT = ... |
| 21/11/08 22:41 Повеќе... |
| Од lpa |
| Промоција на "{x} - невидливо бело". од Митрополит г. Мето... |
| sogoleno do srz, vo presr... |
| 21/11/08 20:43 Повеќе... |
| Од m |
| Промоција на "{x} - невидливо бело". од Митрополит г. Мето... |
| sila si duci :zzz :zzz ... |
| 21/11/08 20:41 Повеќе... |
| Од m |
| Божествена Литургија во Св. Спас, Скопје (16.11.2008) |
| zal mi e sto ne bev na t... |
| 21/11/08 20:30 Повеќе... |
| Од johnpaul |
![]() |
ФРЕСКОПИСУВАЊЕ НА ПАРАКЛИСОТ ФРЕСКОПУСУВАЊЕ НАДВОР ОД ОЛТАРОТ |