Духовност
Одговори на современи проблеми
За девственоста и љубовта III
| За девственоста и љубовта III |
|
|
|
Некои луѓе кога ќе им се каже некоја забелешка, патат од егоизам. Тоа не значи дека сите кои патат кога ќе им се даде забелешка боледуваат од егоизам. Има луѓе кои од преголема ревност и пречувствителност ги зголемуваат своите грешки и паѓаат под товарот на дополнителното бреме (бидејќи се пречувствителни). Затоа треба да бидеме внимателни со чувствителните души кои се ревносни за да не им направиме неправда (со изговор, дека се егоисти) и така да ги осакатиме и да ги направиме бескорисни. Немој веднаш да го посетуваш гордиот човек чие самољубие си го повредил, додека неговите рани не зараснат, зашто во спротивно дури и со својата нежност (благи зборови) ќе ја продлабочиш неговата рана. Многу е подобро да одиш кај него кога раните со текот на времето целосно ќе зараснат и тој ќе заборави. На големото дрво кое има многу сокови немој веднаш да му ги сечеш сите гранки, зашто постојано ќе ги испушта своите горки сокови и ограноци. Истото важи и за духовниот живот на оние кои напредуваат со текот на годините. За лупење на презреан домат неопходен е нож (дури и ако доматот е зготвен и изладен) и многу пати иако се трудиме внимателно да го лупиме, од него не останува ништо: доматот страда, а ништо не останува. Затоа најдобро е човек да не обрнува внимание и да остави некои црни точки (на доматот). Зашто, не е разумно да го бараме од постарите монаси истото што го очекуваме од помладите, кои личат на свеж домат со танка кожичка која може да се излупи и без нож.
Кога Христос му дава иста плата на оној кој дошол во единаесеттиот час како и на оној кој дошол во првиот час, да ја прилагодиме нашата логика на логиката на Евангелието која според човечката логика ни изгледа нелогична. Кој ќе се обиде Божествената правда да ја истражи со својот ум ќе го изгуби оној малку ум што го има. И оној кој Божествената правда ќе ја ограничи на својот разум ќе полуди и ќе стане схизофреничен.
Оној кој постојано го остри својот ум со сознанија, а живее оттуѓено од Бога, на крајот од својот ум ќе направи меч со две острици. Со едната острица полека ќе се сечи самиот себе, а со другата другите луѓе со својот целосен човечки интелектуализам. Чудото е тајна која умот не може да ја објасни. Чудото како тајна може само да се живее. За да може некој да ја живее тајната мора прво од себе да го отфрли стариот човек и да се врати на некој начин, во состојбата пред Падот, мора да се здобие со чедност и едноставност која ја прави некршлива неговата вера, и мора цврсто да верува дека Бог може сè да направи. Кога од почетокот напредува со вера, без сомнеж, тој постепено ќе искусува мали, па се поголеми Божествени дарови и уште повеќе ќе верува, блиско живеејќи со Божествените тајни. Тој тогаш ќе стане богослов (теолог), зашто не ги сфатил Божествените тајни само со умот, туку и ги живеел во стварноста.
Големо зло е кога со ладно срце, богословствуваме само со својот ум, прогласувајќи го својот ум за Светиот Дух. Тоа се вика „енцефалологија (мозгословие)“ (т.е. теологија на мозокот), која раѓа Вавилонија (збрка). Од друга страна, во богословијата (теологијата) постојат многу јазици (многу дарови), но сите јазици се во согласност затоа што имаат еден Владика, Светиот Дух на Педесетницата, и сите се огнени.
Ние, православните, веруваме и исповедаме дека Божјиот Логос не е создаден, туку дека е роден „од Отецот пред сите векови“ и дека се „овоплоти од Светиот Дух и Марија Дева“ и донесе спасување на светот.
Светиот Дух не слегува со помош на машина, и затоа теологијата (богословието) нема ништо заедничко со духот на науката. Светиот Дух слегува Сам од Себе, кога во човекот ќе најде духовни предуслови за тоа. Духовен предуслов е човек да ја извади рѓата од своите духовни жици и да стане добар проводник, за да ја прими духовната струја на Божественото просветление и да стане продуховен научник, богослов.
Ако сакаш да ја фатиш Божјата „бранова должина“, Бог да те слушне како се молиш, врти ја бројаницата со смирение, зашто Бог секогаш работи на таа фреквенција, и смирено моли се за Неговата милост. Оној кој нема да проникне во смислата на молитвата, да ја смета за своја насушна потреба, ќе ја смета за некоја принуда. Таквиот личи на безумно дете кое ја врти главата од мајчините гради и бега од нејзината нежност и сигурноста на прегратката. Кога детето така прави, природно е потоа да биде болникаво и нервозно.
Внимавај да не ја трошиш својата скапоцена енергија на непотребни и суетни грижи. Така само телесно ќе се исцрпуваш и бесцелно ќе го расејуваш својот ум и Бог тогаш ќе ти даде умор и проѕевање за време на молитвата, и твојот труд ќе личи на Каиновата жртва. Природно е тогаш и твојата внатрешна состојба да биде како на Каин, многу немир и воздивнувања од ѓаволот, кој ќе биде покрај тебе.
Внимавај во молитвата да не бараш да видиш светлост, видување или ангели. Подвизувај се, смирено и стрпливо, и во идниот живот ќе ги видиш тајните Божји, а и во овој живот сигурно ќе се движиш. Некои барале да видат светлост и ангели, а наместо тоа, се јавувале демони во лажен лик и прелестна светлост и земале луѓе, наводно да ги однесат кај Бога, но ги фрлале во адскиот хаос. И ако повторно, во почетокот имаш тешка борба, немој да се обесхрабруваш, туку напротив знај дека непријателот со своето илјадагодишно искуство сфатил дека ќе напредуваш, затоа се обидува да те испаничи со своите закани, виденија во сонот и на јаве, и слично на тоа, за да те уплаши и поради тоа да го запоставиш својот подвиг.
Ако го игнорираш лукавиот и се повериш себеси на Бога, тој ќе се повлече. Но, по некое време, тој ќе ти се врати и ќе ти пријде од десно, како пријател, и ќе ти „помага“ уште построго да се бориш, ќе те части со горди помисли и ти ќе се чувствуваш како да цицаш слатка карамела. Ако не ја плукнеш, туку продолжиш да ја мласкаш (верувајќи дека си близу до светец, а подоцна и дека веќе си светец) ѓаволот ќе почне да ја емитува својата „телевизија“, јавувајќи се како светител или ангел и слично на тоа, додека не ти го разори умот или додека – не дај, Боже! – целосно не те уништи.
Ако себеси се сакаш повеќе од другите, мораш да знаеш дека не живееш со духот на Христос. Ако во себе препознаваш многу повеќе способности отколку во другите и ако поради тоа се гордееш, па дури и ако тоа е вистина, знај дека навистина си многу неправеден (зашто му правиш неправда на Бога) и многу неблагодарен, зашто не му си вратил за сè на Бога
Премногу работа и премногу грижи монахот го прават световен, кој потоа почнува да живее на световен начин, со својата напнатост и грижите од светот. Накратко, тој живее дел од адот уште во овој живот, со постојани немири и патења. Надежта во Бога е најголемата сигурност за човекот. Довербата во самиот себе е нашиот најголем и најлош непријател, која ненадејно и немилосрдно не носи и остава бедни на беспатица.
Немој како порој хаотично да се бориш, за да не ја потрошиш одеднаш сета своја сила, туку бори се усрдно и со расудување (посебно ако си таков по природа), за да не те фрли непријателот во напнатост, ако, од усрдност се присилуваш себеси, без расудување и над своите сили. Најдобар лек за нашата најголема трагедија е поголема трагедија на друг, под услов ние да ја споредиме со нашата за да ја сфатиме големата разлика и големата љубов која ни ја укажува Бог, допуштајќи мало страдание да дојде на нас. Тогаш дури и ќе му благодариме на Бога и ќе страдаме заедно со оние кои страдаат повеќе од нас, и од срце ќе се молиме на Бога да им помогне. Бог ќе го овенча оној кој не мрмори незадоволно, туку страда со радост, оној кој дури бара и нови неволји само за да му се простат неговите гревови и да може да учествува во Страдањата Господови, во знак на благодарност. Нека е благословен оној кој успева на ваков начин да го избрка плашливиот ѓавол, кој тогаш ги собира своите демони и исчезнува. Благословен е оној кој ја погодува таа мета. Нека добриот Бог го просветли и нека му даде сила (нека го утврди) целиот Свој народ, за да може Неговиот народ да го удира ѓаволот како мета, тој да не може да мрдне од адот (таму да го врши своето правило, и ако е можно да се покае), а да ги остави Божјите созданија на мира, да не додаваат нови, туку да ги отфрлат старите гревови. Помолете се за мене, слабо Божјо создание, чие „тело и душа боледуваат од многу гревови...“ Се надевам дека Бог со вашите молитви ќе ме удостои со вистинско покајание.
Со љубов Христова (Од книгата Солзи за светот - старец Тихон, старец Пајсиј, старец Порфириј) Подготви: Жаклина Стојановска
Друго:
Посети:982
Е-пошта
|
||||||||||||
| < Претходно | Следно > |
|---|
| Дома |
| Духовност |
| Иконопис и фрескопис |
| Манастирски туризам |
| Наука, Култура |
| Нешто неформално |
| Премин Магазин |
| За Нас |
| Downloads |
| Галерии |
| Акатист кон Семоќниот Бог, кога сме во духовно безсили... |
| neka Bog ni prosti i bide... |
| 01/12/08 19:33 Повеќе... |
| Од karolina |
| Поуки |
| PREKRASNI POUKI KOI, DOKO... |
| 01/12/08 17:37 Повеќе... |
| Од MIHAIL |
| Тома Хопко - ПРЕИСПИТУВАЊЕ ПРЕД ИСПОВЕД |
| Thomas Hopko, ne e nitu T... |
| 01/12/08 16:02 Повеќе... |
| Од lelo |
| ЕДУКАТИВЕН ВЕБ САЈТ ЗА ДЕЦА |
| dino e najdobar od sit... |
| 01/12/08 14:58 Повеќе... |
| Од ana |
| Тома Хопко - ПРЕИСПИТУВАЊЕ ПРЕД ИСПОВЕД |
| me zbuni komentarot na le... |
| 01/12/08 12:11 Повеќе... |
| Од suska |
![]() |
ФРЕСКОПИСУВАЊЕ НА ПАРАКЛИСОТ ФРЕСКОПУСУВАЊЕ НАДВОР ОД ОЛТАРОТ |