|
Страница 1 од 2
Досега никој не ги прашувал родителите што тие би сакале да учат нивните деца. Се разбира, тоа би било крајно непродуктивно. Но, ако тоа (непрашување) важело и важи за сите предмети што некогаш децата ги учеле или сега ги учат во училиштата, би било коректно истото да важи и за веронауката. Зашто, наеднаш сите почнаа да се прашуваат и да ги прашуваат (родителите) дали треба или не треба да се учи веронаука. Во морето (дез)инофрмации што во последно време го исполнуваат образовниот етер, нормален здравомислечки човек сигурно си го поставува прашањето: „Што бауч е таа веронаука? Какви црни учења се кријат во неа?? Каква извитоперена личност веронауката може да направи од моето дете?
Не сум философ, и не сум теолог. Можам само да се пофалам дека имам неколку книги од двете области. Решив по метода на случаен избор да изберам една книга со философска содржина, и една книга со богословска. Сакав да проверам дали некоја од двете книги ќе внесе во мене немир, смут, неспокој, растројство или слична негативна атрибуција, и, обратно, дали ќе стекнам трошка мир, спокој, увереност и слични на нив позитивни душесостојанија при читањето. Одговорно тврдам дека изборот на текстовите е сосема случаен (без умисла). Какви, пак, духовни расположенија можат да предизвикат двата текста кај децата, оставам да проценат читателите. И да се определат: бауч ли е веронауката, или нешто друго...
Еве ги текстовите:
1. ФИЛОСОФИЈА
Философ: Карл Густав Јунг. Писание: „Одговор на Јов“
... „Меѓутоа, која е вистинската причина за историскиот настан очовечување на Бога?
За да можеме да одговориме на ова прашање, ќе мораме да му пријдеме од подалеку. Како што видовме, Јахве поседува некаква одбојност кон употребата на своето сезнаење во однос на својата динамика на семоќност. Најинструктивен пример во тој поглед секако е неговиот однос спрема Сатаната; работите се секогаш такви што изгледа како Јахве воопшто да не е упатен во намерите на својот син. Меѓутоа, тоа доаѓа оттаму што Јахве воопшто не го користи своето сезнаење. Ова може да се објасни само на тој начин дека во толкава мера бил маѓепсан и зафатен со своите сукцесивни акти на создавање, што Јахве притоа го заборавил своето сезнаење. Сосема е сфатливо дека волшебното отелотворување на најразновидни предмети, кои никогаш порано и никаде не постоеле со таква сликовитост, го предизвикало бескрајниот занес на Бог.
...
Уште во времето на Јов, Јахве е опиен од огромната моќ и величина на својата творба. Во споредба со тоа, што значат задевањата на Сатаната и ламентациите на луѓето, ... па дури и ако ја носат опачината на Бог? Јахве изгледа сосема заборавил што значи тоа, инаку сигурно не би го игнорирал тотално човечкото достоинство на Јов.
Ако се разгледува однесувањето на Јахве во целост, сè до повторното појавување на Софија, тогаш во очи паѓа несомнениот факт дека неговата работа ја следи една инфериорна свест. Секогаш одново се забележува недостиг од рефлексија и отсуство на однос кон апсолутното знаење. Неговата свесност се чини дека не е ништо повеќе од примитивна „awareness“. Овој поим може да се опише со свест која само забележува. „Аwareness“ не знае за рефлексија и за моралност. Само се забележува и слепо се дејствува... Денес таквата состојба психолошки би се означила како „несвесна“, а правно како „непресметлива“. ...
Нешто слично на ова забележуваме во чудната промена до која доаѓа во однесувањето на Јахве по епизодата со Јов. Се разбира, не можеме да се сомневаме во тоа дека тој во почетокот не е свесен за моралниот пораз што го доживеал со Јов. Навистина, во неговото сезнаење, овој факт отсекогаш постоел и не е незамисливо дека тоа знаење, несвесно и постепено, го доведува (Јахве) во ситуацијата со Јов да постапи толку неразумно за, по пат на двобој, со тоа да стане свесен за нешто, доаѓајќи до одредено сознание. Сатана, кому не без причина подоцна му е дадено името Луцифер, умеел почесто и подобро да го користи сознанието отколку неговиот татко. Изгледа дека меѓу божјите синови тој бил единствениот кој развивал толку многу иницијатива. Во секој случај, тој бил оној кој на Јахве му ги создавал оние непредвидени тешкотии за кои во сезнаењето се знаело дека се нужни, дури и неопходни...
Победата на победениот и на угнетениот е очигледна: Јов морално стоел повисоко од Јахве. Творбата, во тој поглед, го надраснала Творецот. ... Надмоќта на Јов не може веќе да се отстрани од светот. Со тоа настанала една ситуација која навистина бара за неа да се размислува и да се рефлектира. Од таа причина, Софија се вмешува. Таа го поддржува неопходното самонабљудување, овозможувајќи ја на тој начин одлуката на Јахве да стане човек.“...
[„Одговор на Јов“. Превод Ѓоргија Мишков, „Ѓурѓа“, 2007 (Страници 61-64)]
2. БОГОСЛОВИЕ
Богослов: Св. Ефрем Сириски. Писание: „За стравот Божји и за последниот Суд.“
„Навистина е почеток на мудрост стравот Господов. Мудар е оној кој се бои од Господа. А кој се бои од Господа, тој ги држи сите заповеди Негови, и во целост ја исполнува волјата Негова и го извршува секој збор Негов.
Стравот Божји е врв на сите знаења: каде што него го нема, таму нема да најдеш ништо добро.
Патот Господов е прав пат; по него одат мудрите; а кој не оди по тој пат, тој скита во безизлезни несреќи.
...
Кој се бои од Господа, тој е над секој страв. Тој ги отстранил и ги оставил далеку зад себе сите ужаси на овој век.
...
Смртта, којашто му е страшна на секого и којашто предизвикува ужас кај смтрниците, на богобојазлив човек му изгледа како гозба. Дури и смртта се плаши да му се приближи на оној кој се бои од Бога, и дури тогаш му се приближува кога ì е наредено да ја раздвои неговата душа од телото.
...
Каде што превладува страв Божји, таму владее смирение...
Но, бидејќи престанавме да се боиме од Бога, пред Кој сè трепери, ние се боиме од животните коишто се под наша власт и коишто во самиот почеток ни ги предал нашиот Творец да ни служат: не за да се плашиме од нив, туку тие да се плашат од нас.
Ние го изопачивме прекрасниот поредок, така што сега се плашиме и бегаме од животните, затоа што веќе го немаме во себе стравот Божји. Не се плашиме од Бога, но затоа се плашиме од животните. Бидејќи не ги почитуваме заповедите Божји, чувствуваме ужас дури и од бубачки. Со страв бегаме од гнасен и одвратен црв. Бог ни одредил да го газиме со нозете, а ние со ужас трепериме пред него.
Се плашиш од проколнатата змија, а не се плашиш од Бога? Од шкорпија бегаш со ужас, а не трепериш пред Божјото слово? Лавот во тебе предизвикува смртен страв, од мечка, тигар и од пес бегаш во ужас и во трепет. Но стравот Божји во јамата ги врза во окови лавовите коишто беа затворени со праведникот кој се боеше од Бога. Телото на светиот за забите нивни беше како железо, и тој ги скроти ѕверовите зашто беше исполнет со страв Господов.
Бидејќи престанавме да се боиме од севишниот Бог, дојде гревот со своите ужаси и нè наведе на страв и трепет. Кој прави грев, гревот во него предизвикува страв, и човекот мора пред него да трепери и да го сокрива; зашто, гревот е смртен отров. Гревот со себе носи страв и мора да се сокрива веднаш откако ќе биде сторен; затоа што не сака да се разоткрие колку е гнасен и погибелен.
Бидејќи гревот е гнасен, тој се крие; бидејќи е отров, тој се сокрива; а кога не би бил толку омразен, не би се стремел кој тајност, и кога не би бил толку отровен, не би сакал да остане во тајност. Од човек што прави грев, самиот грев бара човекот да се плаши од него, да го сокрива во себе и да не го покажува, зашто, инаку, би се видела сета гнасотија на гревот. Гревот се бои од прекор, го избегнува срамот, зашто се срами од својата унакажаност и не сака да види светлина. Окото избегнува и да го погледне оној што има одвратно лице, а оној што има прекрасно лице, окото сака да го гледа. Бидејќи темнината е особено гнасна, ниту едно око не сака да ја види, а бидејќи светлината е особено пријатна, ниедно око не може да ì се изнагледа. Гревот лази во темнината и бега од светлината; зашто, кога би се покажал во светлината, секој би бегал од него. Гревот талка во темнината и се стресува од најмал звук. Кој прави грев, се плаши и од сопствениот глас.
Ако тајното извршување грев предизвикува толкав страв кај грешникот, колку ли ќе биде голем неговиот ужас кога гревот ќе се разобличи? И ако гревот уште тука го фрла грешникот во таков ужас, какво ли измачување ќе предизвика во него кога ќе застане пред Судијата? И крадец и прељубник чувствуваат срам кога ќе ги види еден човек; каков ли срам ќе ги обземе кога ќе мораат да застанат таму каде што ќе ги гледаат и небото и земјата?“
Резиме:
Философијата е наука која отсекогаш се изучувала во образовниот систем. И никој не се потресувал и не се потресува поради тоа. Ниту еден денешен родител не се запрашал дали постои опасност по духовното здравје на неговото дете од изучувањето на бладањата на философите. И ниту еден политичар нема да ја гради својата предизборна кампања врз паролата: „Долу философијата“. Но, затоа секој сака да профитира од веронауката. Секој на свој начин. А само едно е потребно: Никој никого ништо да не го прашува, и веронауката да стане обичен предмет, како и секој друг, а не бауч и за родителите и за децата, и за општеството во целина.
(А писанието ова го посветувам на извесна г-ѓа Најчевска. Така ми сугерираат некои коментари на текстот „Школско богословие“, објавен на овој Портал.)
Подготвил (набрзина): Михајловиќ Драган (недоктор по телолошки и философски науки)
Во врска со овој текст:
Посети:1542
Е-пошта
1. Пратено од (@_@), на 26-05-2008 23:49 Михајловиќ Драган, многу си јак!  |
2. Пратено од n., на 27-05-2008 08:28 Децата мораат да изучуваат веронаука (насловот на текстот укажува на тоа!!!)да ги нахранат своите душички малку, па потоа откога ќе се нахранат може нешто да се разговара Инаку се повеќе ќе почнеме да се плашиме и од сопствениот глас, немајќи вистинско огледало, немајќи светлина во животот, живеејќи во темнина, ползејќи... Зошто било каква дилема околу толку бараните вистински вредности  |
3. Пратено од Ахилеј, на 27-05-2008 18:09 Сегашното повлечи-потегни околу веронауката може да се спореди со следново... кој од родителите (и сите други) кои спорат, докажуваат и побиваат во врска со веронауката би се согласил на своето дете да не му дава јадење, се додека тоа самото не стане доволно свесно и прибрано за да избере храна по сопствениот вкус и потреба?! Значи, отприлика до десетгодишна возраст... ајде да го видиме јунакот, нека се јави! |
4. Пратено од ристо, на 27-05-2008 20:16 Зошто сега толку дилеми и теми кога веќе еспериментот е направен. Изминативе 50год.неучење веронаока зар не ни е доволен доказ до кое ниско морално и духовно ниво паднаа неколку генерации.И сега во транзициониот период самите не коментиравме дека “се е труло“ и нели почнавме и продолжуваме од темел да едуцираме кадри кои постепено ќе ја извлечат земјата од оваа длабока криза.И не само веронаука туку целиот образовен систем да се прилагоди од кој ќе зрачи добротоњубие и авторитативноста,на самите учители кои ќе се красат со доблести и моралност. |
5. Пратено од Каролина, на 27-05-2008 23:16 Веронауката да ја изучуваа до ден денешен нашите деца , нивните поколенија и ние самите сега ќе немавме многу проблеми и нејаснотии,а затоа ќе бевме сега почесни и повредни најпрвин кон самите себе си и ке знаевме вистински да се сакаме себе си и ближниот свој.Слогата и трпението ќе ни беа главното оружје во борбата против секој оној кој денес јавно не погазува во нашиот идентитет и вера,во нашиот јазик и држава, оти тогаш секое дете , мислам и на нас кои сме веќе големи деца ќе знаат дека Македонија ја пишува во Светото писмо-БИБЛИЈАТА.Амин |
6. Пратено од Трајче, на 10-06-2008 13:28 Родителите не се тие коишто можат да проценат дали на децата им е потебна веронаука или не, како што не знаат ниту дали им е потребна билогија, хемија... Затоа, да им веруваме на теолошките авторитети, а не на правниците, филозофите, економистите... Зашто, никој не ги прашува филозофите дали на децата им е потребна биологија, како што ни биолозите никој не ги прашува дали на децата им треба историја... Секој да си одлучува во својата сфера... |
7. Пратено од mimi, на 10-06-2008 15:11 Trajce, i roditelite se prasuvaat dali sakaat negovite deca da imaat veronauka, a roditelite se najpovikani da odlucuvaat za svoite deca, so pomos na strukata, se razbira.Poednostaveno, na decata im e potrebna veronauka, pogotovo vo ova vreme na haos. Potrebno im e da gi zapoznat pravite vrednosti vo životot, a bez Boga - ne odi, veruvaj. |
8. Пратено од Трајче, на 10-06-2008 16:51 Мими, а зошто родителите се прашуваат само кога се работи за веронаука? Зошто за сите други предмети одлучуваат „експерти“, а само за веронауката теолошките експерти не се доволни експерти, па мора да се прашуваат сите останати... општествената јавност, родителите, (квази)научниците, академиците...? |
9. Пратено од mimi, на 10-06-2008 19:26 Eh, Trajce, preteski se tvoite prasanja, edno samo znam deka na prvo mesto treba da bide domasnoto vospitanie, mislam pri toa sega samo na veronaukata; da ne begame od verata, taa ne odrzala, neli? Ne gledam pricina zosto vo Mk ne bi se vovela veronauka, a pri toa da bidat soglasni, ama bas site. |
10. Пратено од Трајче, на 10-06-2008 20:11 Правилно размислуваш, Мими. Само, има еден проблем. Колку родители се воцрковени, за да можат да им ја пренесат правилно верата на своите деца? Да не се претвори нивното веропоучување во славење една-две слави годишно и во посета на црковен храм на еден или два празника годишно? И, дури и да сме воцрковени во извесна мера, дали воопшто сме подготвени како родители на таква „жртва“, каква што е веропоучување на своите деца? Мислам дека некаде на овој Портал сретнав една мисла од св. Григориј Богослов: „Секој може да флозофира, но на секого не му е дадено да богослови“ (или нешто во таа смисла). |
11. Пратено од mimi, на 10-06-2008 21:23 Vo pravo si Trajce, mozebi jas i filozofiram i pokusuvam da bogoslovam no si mislev...ete prilika roditelite da naucat nesto od decata, koga ovie bi pocnale da izucuvaat veronauka, a ke priznaes, deka ednas treba od nesto da se pocne, da ne bi zavrsilo samo na edna slava i...da ne pisuvam popusto, ti me razbiras. E, pa malku dobra volja, decata nesto polezno da primat. |
12. Пратено од Трајче, на 10-06-2008 21:55 Мими, за проба, обиди се да го објасниш случајот со Ананија, којшто продал нива, но не ги предал на Црквата сите пари од продажбата, туку се обидел дел од парите да ги задржи (сокрие) за себе. Кога апостол Петар му рекол: „Ти не излажа луѓе, туку Бога“ , Ананиј во истио миг паднал мртов!!! (Дела 5:1-5). Како ќе му објасниш на детето дека Бог е апсолутно добар, милостив, благ, човекољубив... ако тој Бог казнува со моментална смрт човек кој дел од сопствените пари си ги сокрил за себе!! Тешка е веронауката, потешка од математика+физика+хемија+биолог
ја... |
13. Пратено од mimi, на 10-06-2008 22:09 Pretpostavuvam, kako sto rece Mitropolitot Pimen, na decata bi mu se davala najprvo meka hrana. |
14. Пратено од Трајче, на 10-06-2008 22:18 Добар одговор, Мими... Само, колку мека храна има во Писмото... ? Поздрав. Ако си родител, искрено ти посакувам да имаш жива домашна Црква. |
15. Пратено од mimi, на 11-06-2008 09:22 Ima Trajce, ima. Samo e prasanje kako da se pristapi do deteto.Za primer, ke go citiram avtorot na "Mojata prva Biblija" Kenet N. Tejlor,cetivo za deca so ilustracii:Poraka do roditelite Ovaa djepna kniga so bibliski storii e namenata za nasite najmladi citateli..Ve molam, vo tekot na sedmicata ne ostavajte ja na polica, tuku citajte ja so svoite deca. Preku storiite i ilustraciite, na vasite deca ke im bidat pretstaveni velikanite od Biblijata. Veruvam deka, pritoa, ke bidat zasadeni znacajni temi vo nivnite srca, koi ke rastat vo tekot na nivniot zivot. pred se, storiite govorat za Boga Otecot, za Negoviot Sin Isus Hristos, i za Svetiot Duh, kako i za Bozjata griza za vistina i pravda vo zivotot na lugjeto. Mnogu od storiite ke najdat primena vo zivotot na vasite deca, a ednostavnoto prasanje na krajot od sekoja storija ja naglasuva vistinata i pomaga tie da gi zapametat vaznite fakti. So godini pisuvam na ovaa tema, so cel da im pomognam na decata da ja zapoznat Bozjata milost. Se nadevam deka i ovaa kniga ( koja verovatno e i posledna ) ke ja ispolni svojata cel vo zivotot na vaseto dete. Bog neka go blagoslovi sekoe dete na poseben nacin. P:S Ovaa ilustrirana Biblija ja ima nasekade vo MK.I ne mora da go bombardirame deteto odma so Del.5:1-5 koga ke porasne sam ke dojde do tie prasanja pozdrav. |
|