Кога не си дозволуваш да ја примиш Божјата прошка

Понекогаш човекот вели дека побарал прошка, но продолжува да живее како пресудата никогаш да не била укината. Се сеќава на гревот, постојано го врти во мислите, се срами, се обвинува и како да не се осмелува повторно да биде среќен. Верува дека, ако престане да страда, тоа значи дека повеќе не му е жал. И така го претвора покајанието во бескрајно казнување.
Но вистинското покајание не бара самоуништување. Тоа бара вистина, преземање одговорност и промена. Вината која со години го држи човекот заробен може да крие и еден облик на гордост: „Мојата грешка е толку голема што дури ни милоста не може да допре до мене.“ А тука треба јасно да се каже: човекот не е поголем од Божјата прошка.
Да ја примиш прошката понекогаш може да биде потешко отколку да го оплакуваш гревот. Тоа значи да прифатиш дека не можеш сè да поправиш преку сопственото страдање. Можеш да поправиш што сè уште може да се поправи, можеш да побараш прошка, можеш да го промениш својот живот. Но доаѓа момент кога треба да ѝ дозволиш на Божјата милост да биде поголема од осудата што самиот си ја изрекол над себе.Кога срцето ќе се затвори за да не биде повторно повредено
Понекогаш човекот стигнува до едно чудно место: повеќе не плаче, но повеќе ни не се радува. Ќе прими убав збор, но не му верува. Некој го сака, а тој се прашува каков интерес има. Ќе се случи нешто убаво и веднаш се плаши дека ќе го изгуби. Не мора да значи дека е злобен. Можеби тоа е срце кое било толку многу повредувано што научило повеќе ништо да не очекува.
Но оваа одбрана има своја цена. Ѕидот подигнат против болката ја запира и љубовта. Човекот повеќе не се разочарува толку лесно, но повеќе не се ни трогнува. Станува тежок за допирање, понекогаш ироничен, понекогаш студен. Вели: „Повеќе не ми е гајле.“ И можеби токму тука најмногу боли: фактот што некогаш му било неизмерно грижа.
Бог не го присилува таквото срце. Неговото исцелување бара време, вистина и многу трпение. Понекогаш започнува преку човек кој останува покрај тебе без да бара ништо. Другпат преку исповед, молитва, или преку една солза што ќе дојде по години.
Не треба да ја мешаме окореноста со силата. Вистинската сила е повторно да можеш да чувствуваш, без да му дозволиш на стравот од минатото да ти ја затвори иднината.
Кога немирот станува затвор без ѕидови
Постојат луѓе кои легнуваат уморни, а се будат веќе притиснати од тежина. Нивниот ум никогаш навистина не спие. Ги брои проблемите, замислува несреќи, повторно ги проживува разговорите, пресметува пари, болести, деца, иднината, загубите. Телото лежи, но душата цела ноќ трча. И еден ден човекот повеќе не знае како изгледа мирот.
Постојаниот немир може да стане затвор без ѕидови. Сè изгледа итно. Секоја ситница добива тежина на трагедија. Човекот станува раздразлив, плаче без причина, повеќе не може да ги поднесува бучавата, луѓето, па дури ни сопствените мисли. Молитвата се прекинува по два збора, а внатре постојано се слуша истата заповед: „Мораш сè да решиш!“ Но кој може да понесе сè? Кој може да го контролира животот, здравјето, иднината, луѓето, смртта?
Понекогаш душата се кршe токму затоа што премногу се обидувала самата да биде свој бог. Да предвиди, да контролира, да спаси сè. Исцелувањето започнува кога товарот ќе се сподели: со Бога, со духовникот, со блиските луѓе, а кога е потребно, и со лекар или психолог. Молитвата не значи да го негираш проблемот. Таа значи да кажеш:„Господи, ова повеќе не собира во мене. Го ставам во Твои раце.“Кога стравот од осаменост ќе ја претвори љубовта во прилепувањеСтравот од осаменост може да го натера човекот да ја помеша љубовта со прилепувањето. Повеќе не сака слободно, туку со страв: „Не заминувај. Не оставај ме. Кажи ми повторно дека ме сакаш.“ Тишината станува закана, доцнењето станува напуштање, а една природна дистанца може да се доживее како катастрофа.
Зад оваа потреба често се крие една постара рана. Можеби отфрлање, можеби недостаток на сигурна љубов, можеби оној рано научен страв дека луѓето си заминуваат. И тогаш возрасниот човек бара од една единствена личност да го поправи сето она што му недостасува со години. Но ниту еден човек не може да го носи овој товар без да се скрши.
Исцелувањето започнува кога љубовта повеќе не се бара како доказ за сопствената вредност. Молитвата, исповедта, вистината за раната и, понекогаш, психолошката помош можат повторно да го постават овој глад на вистинското место. Бог не бара раскинување на односите, туку слобода на срцето.
Да можеш да сакаш без да контролираш.
Да можеш да останеш без да се изгубиш себеси.
Да можеш да ја примиш љубовта без човекот покрај тебе да го претвориш во единствениот извор на твојот живот.
Кога молитвата е сува, а срцето сепак останува пред Бога
Постојат периоди кога човекот ќе застане на молитва и повеќе ништо не чувствува. Зборовите тешко излегуваат, умот талка, срцето изгледа студено. И се појавува стравот: „Дали Бог ме напушти? Дали изгубив сè?“ Можеби не. Можеби токму тука започнува една подлабока вера, вера која повеќе не живее само од чувствата.
Лесно е да се молиш кога душата чувствува мир. Тешко е да останеш кога не добиваш никаква утеха. Да кажеш: „Господи“, а да не чувствуваш ништо, но сепак да не си заминеш. Да влезеш во црква уморен, да застанеш пред иконата и да немаш ниту солзи, ниту зборови. Само да останеш.
Духовната суша не е секогаш духовна смрт. Понекогаш тоа е местото каде што паѓа потребата од чувства и останува вистината. Бог не е помалку присутен затоа што срцето не Го чувствува. А највистинската молитва понекогаш може да биде токму онаа што ја кажува празната душа:
„Господи, не чувствувам ништо, но не сакам да се оддалечам од Тебе.“
Мајка Силуана Влад
Подготви С.Стефковски
21.09.2026


























