логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Почитувани,

Ве известуваме дека на 24 декември 2009 година (четврток), во 11 часот во Националната галерија на Македонија, објект Мултимедијален центар Мала станица, ќе се одржи прес конференција по повод ретроспективната изложба на уметничката група ЗЕРО.
Групата 0 или ЗЕРО, на што повеќе инсистираат нејзините членови (Александар Станкоски, Игор Тошевски, Беди Ибрахим, Перица Георгиев, Синиша Цветковски, Златко Трајковски, Миодраг Десовски и Татјана Миљовска) настана спонтано низ дружењето на одреден број уметници, дипломирани на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Уште тогаш стана јасно дека станува збор за група на млади творци, изразити и посебни индивидуи, на кои што им се заеднички побуната родена во овие наши простори и настојувањето да создадат посебен ликовен јазик кој нема да биде пречка за меѓусебно поврзување во заеднички замислените проекти. Работата на групата Зеро се сообразува со некои посмодернистички постулати во уметноста на осумдесетите години, поврзувајќи одредени искуства на енформелното сликарство, неоекспресионизмот, разни елементи на поп-артот, сликарството на графитите како и можностите на видео артот и инсталацијата. Притоа, посебно треба да се нагласи различното инвентивно користење на скулптортските инсталации, комбинирани со ефекти на светлина и звук, својства на хепенингот и слично.
Групата ЗЕРО е дел од оние појави што дојдоа како резултат на ослободувачките процеси од половината на осумдесетите години. Реализираа повеќе мурали (Младински културен центар, Основно училиште Тефејуз, Галерија 7 во Скопје и Дом на млади во Штип). По нивното неформално престанување со работа како група, членовите на ЗЕРО и понатаму творат и самостојно излагаат и нема да се погреши ако се каже дека тие се основоположници на денешната рецентна македонска современа уметност.
За концептот на изложбата и сите  останати информации за Ликовната група ЗЕРО ќе имате можност да се информирате на закажаната прес конференцијата.
Изложбата ќе се отвори на 25 декември 2009 (петок) во Мултимедијалниот центар Мала станица во 20 часот.

Со почит
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie