логоFacebookTwitterYouTubeeMail


Почитувани,

Ве информираме дека на 04 декември 2009 година (петок), со почеток во 20.00 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе се отвори Ретроспективна изложба на академскиот сликар Свето Манев, насловена “40 Години творештво”.
Изложбата ќе трае до 27 декември, 2009 г.

Во својот 40-годишен творечки јубилеј, авторот Свето Манев  заокружува еден сликарски плоден период, потсетувајќи нè  повторно на темите: човек, коњ, кентаур. На изложбата ќе бидат поставени околу 80 дела, слики, цртежи (во комбинирана техника) и графики. Сликарот Манев разоткрива, нему својствени, ликовни патишта во  толкување на современата човекова егзистенција, низ силни контрасти, драматичност, спротивставено време, контрастни судири, контрастни преиспитувања, конфликти. Овој автор македонското современо сликарство го збогатува со една нова метафора, драматично претставувајќи нè на  времето во кое живееме.
Тој нè воодушевува во неговото ликовното творештво со зачудувачката цртачката вештина. Манев црта со леснотија и сигурност, а тоа во уметноста на многу автори недостасува. Неговите форми се карактеризираат со волуменозност, исполнетост и сигурност во изведбата.
Творештвото на Манев í припаѓа на фигуративната ориентација, но со изразита надреалистичка организација. Затоа можеме да го толкуваме и да го карактеризираме како синтеза на реалните и  иреалните видувања на светот и неговите корелации. Современиот човек и неговата психа, распната меѓу соништата на метафизички копнежи во светот на стварноста.
Свето Манев, преку прецизниот, успешен и префинет цртеж, сè повеќе ни се наметнува како поет на современата човекова тегобност и грчовитост. Правоаголната сликарска севкупност која слободно егзистира во вознемирената материјална просторност, ни нуди разјадено човеково егзистирање, притеснето и осамено во залудните обиди да се надмине надвиснатата, морбидна материјална вистина. Со специфичната симболика и ликовната зрелост, Манев отвора нови сликарски патишта во своето еволутивно творештво.
Тој е свртен кон силата на драматичноста на човековото освојување на просторот. Набиените форми на човек, коњ, кентаур со необична динамика и вистинска експлозија на органските елементи на телото, вешто цртачки моделирани, се основната вредност на неговите ликовни творби.
Основен творечки принцип на Свето Манев е високиот професионален однос спрема ликовните можности и техничко-технолошките тајни, при што целата концентрација е насочена спрема бескрајните варијанти на човековото битие, со разновидни трансформации, поттикната од личните  искуства, но сепак поврзани со естетската суштина на работите.
Уметничкиот ракопис на Свето Манев заслужува огромно внимание, пред сè бидејќи внесуваа еден нов здив во нашата современа ликовна мисла, што излегува од рамките на регионалното и се пробива со сигурност кон пошироки ликовни простори.

Свето Манев е роден 1945 година во Свети Николе, Р. Македонија. Академија за применета уметност (И и ИИ степен) на отсекот сликарство завршил во Белград во 1970 година, кај Миодраг Вујачиќ Мирски, Александар Томашевиќ и Рајко Николиќ.
Работел на конзерваторско-реставраторски зафати и заштита на фреско-живопис на десетина цркви и манастири во Македонија, како и на конзервација и документација на античките мозаици во Хераклеја кај Битола.
Член е на ДЛУМ и на ликовната група “77”. Од 2002 год. е професор на ФЛУ по предметот акт. Студиски престои имал остварено во Англија, Холандија, Грција, Полска и други земји. Излагал на многу изложби во нашата земја и во странство.

 

Со почит,
НАЦИОНАЛНА ГАЛЕРИЈА НА МАКЕДОНИЈА



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie