логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 


ДИЧО ЗОГРАФ
Dico.Zograf2.jpg

Димитрија/Дичо Крстевич (1819-1872) е, несомнено, еден од најистакнатите македонски зографи, со импресивен творечки опус создаден во текот на бурниот деветнаесетти век. Наспроти брзаците на времето и темнината на заборавот, златниот одблесок од неговите икони се уште плени, откривајќи ни ја трагата која води кон чудесниот свет на овој мајстор на иконописот.

Деветнаесеттиот век е преломен период кога во Македонија се случуваат длабоки и сеопфатни промени. Тоа е време на силни потреси кои ја уриваат империјалната градба на Османлиското Царство, време на големи надежи кога се отвораат перспективите на иднината. Брзиот економски напредок на градовите го овозможува формирањето на македонското граѓанство кое постепено ќе се конституира во влијателен општествен и економски фактор и ќе стане носител на општествено-економскиот и културно-просветниот живот на македонскиот народ.

Благодарение на поволните услови, во Македонија доаѓа до економско и културно поврзување на населението од сите делови на земјата и до изградба на свеста за единството на народот, со што започнува процесот на македонското национално осознавање, кој со целата своја сложеност ќе се изрази во средината на XIX век, низ борбата за црковна еманципација. Влијанието на изменетите општествени односи ќе се почуствува врз широка основа, на духовен, културно-просветен и уметнички план. Се отвораат световни училишта, се афирмира народниот јазик, се помага издавањето книги и учебници, се јавуваат амбициозни иницијативи за градење на верски објекти. Значително се зголемува бројот на домашните градители, копаничари и зографи.

Од почетокот на векот, преку работилниците на Света Гора, Солун, Епир и во поголемите манастири од егејското и албанското крајбрежје и преку делата на зографите кои се школувале во овие центри, во Македонија се зацврстува влијанието на левантинскиот барок во мошне специфична форма. Следејќи ги актуелните текови во уметноста, повеќето зографи ја прифаќаат оваа ликовна концепција во која се вградени елементи и на западноевропскиот ликовен систем.

Во ова време на длабоки противречности и судири меѓу старите и новите сфаќања во уметноста, на македонската ликовна сцена ќе се појави Димитрија/Дичо Крстевич и со силата на својата дарба ќе го одбележи овој век означувајќи го воедно и блескавиот крај на една илјадагодишна уметност.

Dico.Zograf.jpg

Дичо зуграф смирени от Тресанче

Основен извор за добивање податоци за родословието и биографијата на зографот е неговата до денес зачувана ерминија (зографски прирачник) на чија прва страница, Дичо, со сопствена рака, напишал неколку белешки. Од овие белешки дознаваме дека бил роден во 1819 година, во селото Тресонче, и дека се оженил на 1 јули 1839 год. кога наполнил дваесет години. Зографот забележал и неколку позначајни информации за своите предци и за своите деца.

Се претпоставува дека Дичо, во младоста, го придружува татка си кој, според преданието, бил копаничар, и дека, следејќи ја традицијата, се подготвува за овој занает. По напуштањето на копаничарската работилница, каде стекнува солидно цртачко искуство, тој се приклучува кон зографска тајфа со која патува надвор од Македонија.

Освен од семејното предание, основни податоци за зографот добиваме и од неговите потпишани дела. Честите потписи се воедно и единствени патокази по кои може континуирано да се следи неговиот животен и творечки пат.
Денес, се уште е отворено прашањето за атрибуцијата на првичните дела на Дичо Зограф, за неговата работа во црквите од егејското крајбрежје, неговиот ангажман во црквата Св. Георгија во Лазарополе и идентификацијата со зографот Дичо Перкоски кој во 1841 г. е спомнат во ктиторскиот натпис од оваа црква.

Стилската и иконографската анализа на неговите најрани засега познати дела, како што е иконата Богородица Пантохора, од црквата Св. Јован Канео во Охрид, на која Дичо се потпишал во 1844 г., но и на дел од подоцнежните остварувања, укажува на пресудното влијание на зографите Михаил и Димитрија/Даниил. Овие зографи прв пат се појавуваат во македонската уметност во 1826 година, во Битола, како дојденци од Самарина (Епир) и како веќе формирани ликовни уметници. Семејството на Михаил Зограф постојано ќе се насели во Крушево останувајќи во тесна врска со манастирот Св. Јован Бигорски, каде што синот Димитрија ќе прими монашки завет и ќе го добие името Даниил. Мошне веројатна е претпоставката дека Дичо го учел зографскиот занает токму кај Михаил и Даниил, додека работеле во манастирот Св. Јован Бигорски во времето на игуменот Арсение, по 1830 година. Дичо, како исклучително надарен зограф, веќе со првите самостојни дела се претставува како достоен ученик на овие мајстори на иконописот.

Некаде околу 1844 г., по завршувањето на зографската обука, Дичо организира во Тресонче тајфа со променлив состав на сорабоници а подоцна и постојана работилница со свои ученици, создавајќи предуслови за едно богато и плодно творештво. Неговата дејност е концентрирана во регионите на Мала Река, Дебар, Скопје и Охрид, каде систематски работи на нови иконостаси, ги обновува и ги дополнува постоечките, осликува одделни ѕидни површини со живопис и работи на цели ансамбли во новоизградените и доградените цркви и манастири. Освен ограничени продори во кумановскиот, кичевскиот и струшкиот регион како и реализацијата на неколку порачки во Србија и Бугарија, тој својата дејност ја остварува според утврдена насока на движење во Западна Македонија, што упатува на неговата поврзаност со црковните власти и зависноста од нивните препораки. Високо образован, со длабоко познавање на богословијата, со знаење на грчкото и словенското писмо, упатен во клучните прашања кои ја брануваат македонската јавност, тој, без сомнение, и припаѓа на интелектуалната елита од ова време. Несомнени се неговите контакти со истакнатите културни двигатели како што се Јордан Хаџи Константинов-Џинот и Григор Прличев. Префрлањето на тежиштето на дејноста во Охрид, по трагичната смрт на браќата Миладинови во 1862 г., посредно упатува на неговата поврзаност со граѓанските првенци во битката за воведување народен јазик во образованието и црквенословенски јазик во богослужбата.

Неговата кореспонденција и писмената оставнина, не се достапни. Скудните податоци за неговиот живот не овозможуваат наполно да се расветли неговата личност. Тој, како и средновековните иконописци, ќе ја зачува таинственоста на уметник-чудотворец низ кој проговараат силите на една божествена инспирација оставајќи ја зад себе блескотната трага на своето ненадминато дело.

 Dico.Zograf1.jpg

Творештво

Првите позначајни самостојни остварувања на Дичо Зограф ги наоѓаме во непосредна близина на неговото родно место, во село Росоки, каде во храмот Воведение Богородичино ги изработил престолните икони од иконостасот. Најверојатно, оваа нарачка ја добил врз основа на пре-пораките на јеромонахот Даниил Зограф, составувач на летописот за подигањето на овој храм. Дичо ги изработил иконите Исус Христос Цар и Велики архиереј, Св. Јован Претеча, потпишани и датирани во 1844 год., и Богородица Одигитрија, потпишана и датирана во 1845 година.

Непосредно по завршувањето на работата во Росоки, Дичо ја презема нарачката за изработка на икони за храмот Св. Петар и Павле, во неговото родно село Тресонче. Со сликањето на престолните икони започнал во 1845 година кога ги датирал и ги потпишал иконите Св. Богородица Одигитрија, Исус Христос Седржител, Св. Јован Претеча и Собор на светите апостоли. Следната, 1846 година ги изработил иконите Св. Ншола Чудотворец, Св. Тријерарси и Св. Атанасие.

Дичо Зограф ја започнува својата дејност во скопската област, непосредно по средувањето на приликите по крвавиот бунт на Дервиш Цар од 1843 година. Неговиот прв ангажман е, според досегашните сознанија, во село Кучевиште кое во овој период е мошне важен регионален културно-просветен центар кон кој гравитираат околните села. Тука, во црквата Св. Богородица (Св. Спас), со помошта на соработниците, Дичо го обновува иконостасот. Денес е тешко да се утврди конкретно што работел тогаш бидејќи повеќето икони од оваа црква се уништени во пожарот од 1983 година. Единствената икона за која со сигурност може да се тврди дека е негова е од олтарната врата каде ја насликал иконата Архангел Михаил ја одзема душаша на богатиот, потпишана и датирана во 1845 година. Од останатите икони работени во овој период, оваа се издвојува со рафинираната изведба и сложената композиција.

Добриот впечаток што Дичо Зограф го оставил во Кучевиште му ја овозможил и првата поголема порачка во околината на Скопје - изработката на иконите за иконостасот во црквата Св. Георгија, во село Бањани. Зимата 1845-46 година тој ги изработил престолните икони за оваа црква. Од негова рака се и иконите на апостолите со композицијата на деисисот и празничните икони.

Истата година Дичо Зограф слика дел од иконите од иконостасот во манастирската црква Св. Илија Горни, над село Бањани. За обновата на иконостасот дознаваме од записот под престолната икона Богородица со Исус.

Зимата 1846-47 година Дичо ги изработил иконите од иконостасот во манастирската црква Св. Никита кај село Горњани. Престолните икони Св. Богородица со Исус Емануел, Исус Христос Седржител, потпишани и датирани на 20 декември 1846 година, Св. Јован Претеча, Св. Великоманешк Никита, потпишана и датирана на 15 фрвруари 1847 година, Св. Троиџ (Крунисувањена Св. Богородиџ) како и малата жона за целивање Св. Бесребреници Козма и Дамјан, се од раката на Дичо Зограф. Негова е и икната Св. св. Георгија и Димитрија која денес се наоѓа во оваа црква а која му припаѓала на иконостасот од црквата Св. Троица, во село Чучер. Судејќи според доскоро зачуваните остатоци од живописот во нишата на јужната фасада, Дичо во 1846 година го насликал и св. Никита на коњ, до влезот во црквата.

Во 1847 година, според натписот над влезната врата во наосот, обновена е црквата Св. Георгија, во село Бањани. По доградувањето на припратата, повторно е повикан Дичо Зограф. Од двете страни на влезот, над првата зона, поделена на декоративни полиња, тој ги насликал фреско-иконите Св. Георгија, Св. Богородиџ Одигитрија, Ису сХристос Седржител, Св. Јован Претеча и Св. Димитри победи зверја. Според натписот, овој живопис е завршен на 5 декември 1847 година. Претставата на Страшниот суд (Страшното второ Христово пришествие) сликана на целиот фронт од источниот ѕид на припратата, не е дело на Дичо Зограф. Оваа сложена композиција, со куриозитети каков што е ликот на Александар Македонски меѓу старозаветните цареви, е работена од послаб мајстор во подоцнежниот период.

По завршувањето на работите во регионот на Скопје, Дичо Зограф започнува да работи на повеќе големи проекти во Реканскиот крај. Во овој период тој е веќе прочуен зограф. Во полн напон на своите творечки сили тој го работи Кивотот за мошти во манастирот Св. Јован Бигорски според кивотот од Михаил и Даниил, сликан за истата манастирска црква, во 1833 година. Оваа, 1848 година, Дичо работи на иконостасот во храмот Архангел Михаил во село Битуше каде се потпишал на престолните икони на св. Никола, св. Илија, св. Георгија, св.св. Модест и Спиридон и св. Димитрија. Истата година ги насликал и медалјоните со ликовите на апостолите во внатрешноста на црквата. На покана од игуменот на манастирот Св. Јован Бигорски, Дичо ја започнал и обемната работа на живописот во манастирскиот метох во село Рајчица, во црквата Св. Георгија Победоносец. Во 1848 година тој работи во централниот дел од наосот а во просторот од внатрешниот травеј со слепа калота, во 1849 година. Според зачуваниот натпис од внатрешната страна над влезот, завршните сликарски работи ги изведува во 1852 година.

Во текот на 1848-49 година ги работи престолните икони за иконостасот во црквата Св. Богородица во село Вапа. Празничните икони од овој иконостас се работени во периодот од 1851 до 1853 година.

Во лунетата над влезот во храмот Свети апостоли Петар и Павле, село Тресонче, Дичо ги насликал светителите претставени во цел раст, со вообичаените атрибути и модел на црква во рацете. Според натписот под оваа композиција, живописот во храмот е завршен на 27 мај 1849 година.
Дичо Зограф го започнал сликањето на престолните икони за иконостасот во овој храм, кој е едно од неговите највпечатливи остварувања, во 1845 година, на почетокот од својата самостојна дејност. Празничните икони од иконостасот ги работи во периодот од 1847 до 1849 година. Во 1851 година ги изработил царските двери со претставата на Благовести и пророците Давид и Соломон, а во 1853, на јужната врата од иконостасот, ги насликал св. Харалампиј и врзаната чума. Ликовната декорација на иконостасот е монохромна (во регистер од сивосини до интензивно сини тонови). Покрај ико-ностасот, Дичо Зограф ја декорирал целата внатрешност на храмот во истиот стил и тоналитет.

Иконостасот во храмот Св. апостоли Петар и Павле во с. Тресонче бил конечно завршен во 1854 година. Ова би била годината кога Дичо Зограф ги завршил работите на декорирањето во внатрешноста на храмот, што значи дека подготовките за уредување на храмот траеле цели десет години.
Во меѓувреме, Дичо Зограф го слика портретот на дебарскиот митрополит Мелетиј, во машката трпезарија на манастирот Св. Јован Бигорски (16 јуни 1849), со својата тајфа ги работи иконите за иконостасот во црклвата Св. Никола, во село Кичиница (1849-50) и живописот во црквата Св. Ахил Лариски, во село Требиште. Врзан за храмот во Требиште со долгорочен договор, по завршувањето на работите на живописот (8 јуни 1850), тој ја започнува изработката на иконите за иконостасот кој ќе биде завршен дури во 1861 г. кога Дичо ја осликал певницата и го декорирал иконостасот. Во него ќе бидат вградени икони работени во периодот од 1849 до 1861 година.

Во 1850 година Дичо е повторно во село Росоки каде во храмот Воведение Богородичино ги изработува празничните икони за иконостасот и го работи живописот Воведение на пресвета Богородица во лунетата над влезната врата. За овој негов ангажман сведочи ктиторскиот натпис, испишан над влезот во храмот, над јужниот надвратник. Овде Дичо остварува низа нарачки се до 1854 година, меѓу кои се издвојува иконата Богородица со Исус и седумте допојасни претсШави на светители, во долниот дел, од 1851 год., и Св. Харалампиј, од вратата на ѓакониконот, која ја потпишал и датирал во март 1852 година

Во 1850-51 година Дичо е повторно повикан во Скопје. Во месноста Горни Забел, над манастирот Св. Никита и с. Горњани, врз темелите на старата манастирска црква Св. Благовештение, подигната е нова, мала еднокорабна црква. Дичо Зограф е ангажиран да ги изработи иконите од иконостасот. Тој ги насликал престолните икони, царските двери, празничните икони и иконите од Чинот.

Веројатно по завршувањето на работата во Горни Забел, Дичо изработил и неколку помали икони за скопските цркви. Во 1852 година работи на иконостасот во црквата Св. Димитрие, во село Волковија. Работејќи со соработниците на декорацијата од овој иконостас, ги насликал парапетните плочи, престолните икони, над нив ангелските глави во лунетите, и празничните икони. Ја потпишал и ја датирал, во април 1852 година, иконата Богородиџ Одтитрија.

Оваа година Дичо Зограф ја завршил и работата на живописот во олтарниот простор на храмот посветен на Богородичиното Благовештение во манастирот Богородица Пречиста, кај Кичево. Како и во хармот Св. Ахил Лариски во с. Требиште, и овде Дичо ги подготвува иконите за иконостасот во еден подолг период. Престолните икони се работени од 1853 кога ја датирал иконата Исус Христос Седржител, па се до 1864 г., кога ги датирал иконите Св.св. Никола и Спиридон и Св.св. Георгија и Димитрие. Речиси половина од празничните икони, според забележаните датуми, се од 1848 и 1849 година. Овие икони веројатно биле наменети за некоја друга црква, но поради обемноста на нарачката и недоволното време за изработка на нови, биле искористени за овој иконостас. Останатите празнични икони се од 1864 г. кога се изработени и иконите на апостолите и евангелистите со деисисната композиција.

Во 1853 година Дичо Зограф повторно го префрла тежиштето на својата дејност во Скопје и Скопско. Оваа година, ги изработил престолните икони од црквата Св. Никола, во село Љубанци.

Во 1854 година Дичо работи на иконостасот во црквата Св. Спас, во село Црешево. Ги изработил престолните икони и ги потпишал и датирал во 1854 година. Покрај иконите со апостолите со деисисот, ги насликал и празничните икони како и Распетието со Богородица и Јован од Крстот. Иако не се потпишани и датирани, судејќи според стилот и типот на светителите, Дичо ги насликал и малите икони за целивање од иконостасот.
По завршувањето на работата во село Црешово, Дичо изработил повеќе икони кои денес се наоѓаат во црквата Св. Спас, во Скопје. Од оваа година е и портретот на јеромонахот Самуил од манастирот Трескавец.
Во 1855 година Дичо, со соработниците, ги работи иконите од иконостасот и речиси целиот живопис во доградениот дел од наосот на црквата Св. Никола, во село Глуово.

За иконостасот во оваа црква Дичо ги изработил престолните икони, Светиот образ, апостолите со деисисната композиција, празничните икони и Распетието Христово. Едноставната монохромна декорација на иконостасот е исто така изведена од Дичо и неговите помошници. Од оваа година се и престолните икони од иконостасот во црквата Св. Никола, во село Маврово.

Следната година, Дичо Зограф е повторно ангажиран на еден поголем проект во близината на Скопје. Тој работи на иконите од иконостасот и живописот во црквата Св. Троица, во село Чучер. За оваа црква ги изработил речиси сите престолни икони и литискиот крст со св. Богородица, распнатиот Христос и св. Јован од Крстот. Судејќи според натписот до влезната врата на црквата, Дичо Зограф го работел денес уништениот живопис од старата црква. Овој живопис бил завршен на 29 октомври 1856 година.

Следната зима Дичо Зограф е во Куманово каде работи на иконостасот во храмот Св. Никола. Престолните икони ги завршил во периодот од декември 1856 до февруари 1857 година. Истата година ги изработил иконите од иконостасот во црквата Св. Богородица, во Забел, во близина на селото Старо Нагоричани, Кумановско.

По завршувањето на работите за кумановската црква Св. Никола, Дичо се враќа во Скопје и ги работи иконите за црквата Св. Никола, во с. Долно Водно (денес црквата е уништена). Од овој период се и иконите работени за црквата Св. Богородица, во Скопје. Истата година, за црквата Св. Илија, во село Кадино, слика две престолни икони - Св. Богородица со Исус Христос и Исус Христос Седржител, потпишани и датирани на 20 април 1857 година.

Кон крајот на 1857 година Дичо Зограф ја започнал обемната работа за црквата Св. Вознесение (Св. Спас), во село Драчево. На 26 ноември 1857 година се потпишал на иконата Св. Вознесение Христово. На иконостасот од оваа црква Дичо се потпишал и ја датирал иконата Архангел Михаил од левата олтарна врата, меѓутоа, освен иконата Св. Харалампиј, останатите престолни икони од овој иконостас не се сликани од него. Дел од празничните икони и иконите на кои се претставени апостолите и евангелистите, без сомнение, потекнуваат од неговата работилница. Во драчевската црква денес се наоѓаат над педесет помали икони од Дичо Зограф, значајни пред се поради богатиот иконографски репертоар.
Од 1857 г. се и иконите во црквата Св. Троица, с. Гуменџе, во Бугарија. Се потпишал на иконите Св. Троица, Св. Јован Крстител, Св. Георгија и Успеше на света Богородица.

Во 1859 година Дичо работи на иконостасот во храмот Св. Марена, во село Зубовце, кај Гостивар. Се потпишал и ја датирал престолната икона со претстава на св. Марена. Оваа година е формиран и иконостасот во храмот посветен на св. Петка, во Гостивар, за кој престолните икони ги работи од 1853 до 1856 година. Истата година тој ги започнал работите на иконостасот во црквата Св. Троица, во Врање. Од испишаните датуми врз иконите се гледа дека тој во Врање работел во зимата од ноември 1859 до крајот на месец март 1860 година. Иконите од оваа црква спаѓаат во редот на неговите најдобри остварувања.

Во овој период Дичо Зограф се наоѓа во зенитот на своите творечки можности. По завршувањето на обемните работи за црквата Св. Троица во Врање(1859-60), тој се враќа во Скопје, каде во престолниот храм Св. Богородица, на царските двери од иконостасот, донација на господин Јован Манојловиќ, ја насликал композицијата Благовести. Оваа година Дичо повторно работи на низа порачки за овој храм. Повеќето икони од оваа црква се уништени во пожарот од 1944 година.

Во 1860 година Дичо повторно работи и за црквата Св. Константин и св. Елена, во Скопје. Тогаш ја насликал иконата Богородица Одигитрија, завршена на 2 ноември. Од оваа црква е и шшшВоведение Богородичино, датирана во 1861 година. Истата година Дичо, на 23 март, ја завршил иконата Св.св. Никола и Стефан, за манастирската црква Св. Пантелејмон, во село Нерези.

Следната година Дичо Зограф дефинитивно ја напушта скопската област. Од 1862 година го префрла тежиштето на својата дејност во Охрид каде што станува еден од најбараните мајстори. Истата година тој го обновува иконостасот во црквата Св. Никола Геракомија. Се потпишал и ја датирал престолната икона Исус Христос Седржител и царските двери. Во црквата Св. Богородица Челница, на западниот ѕид од наосот, насликал две сцени од живописот. Според натписот, овој живопис е завршен на 20 ноември 1862 година. Истата година Дичо работи и во Струшко, за храмот Св. Архангел Михаил, во село Моришта, каде се потпишал на иконите Св. Јован Претеча и Архангел Михаил.
Значајно е да се одбележи дека Дичо Зограф работел и врз декорацијата на куќата на познатото охридско семејство Робеви, а по порачка на Фотијана Робева, сопруга на Тасе Стефанович Робев. Во месец декември истата година ја изработил и монументалната икона посветена на св. Седмочисленици со св. Еразмо и св. Јован Владимир, која според проучувачите на оваа тема, претставува преломен настан поради новото значење кое Дичо и го дава на композицијата во сообразност со програмата на преродбата. Од оваа година се и иконите Крштевање Христово и Распетието во црквата Богородица Перивлептос/Св. Климент.

Во 1863 година Дичо Зограф работи за црквата Успение на Богородица - Каменско. Во овој храм на еноријата Месокастро и Кошишта, обемниот живопис бил завршен во текот на 1863 година. За црквата Св. Никола - Влашка Маала, Дичо работи на иконстасот. Од оваа година е и иконата Св. Кирил, св. Климент и св. Методиј - јадро од композицијата со претставата на Седмочислениците.

Истата година тој работи на нарачката за црквата Св. Петар и Павле во Кула, Бугарија. Од иконите на иконостасот, три се од раката на Дичо - Св. Богородица, Исус Христос и Архангел Михаил, од кои првите две се потпишани и датирани со 20 август 1863 година.

Во црквата Св. Богородица Болничка се зачувани три икони - Св. св. Екатерина, Параскева, Јован и Матрона, Св.св. Василие Велики, Јован Златоуст и Григорие Богослов и Св.св. Кирик, Јулита, Еразмо и Стилијан, од кои првите две се потпишани и датирани во 1864 година. Оваа година, по порачка од браќата Прличеви, Дичо ја насликал иконата со ликот на св. Богородица од типот Слаткоцелувешта.

Следната година Дичо работи на иконостасот и живописот во храмот Св. Илија во село Селце, кај Гостивар, Според натписот, живописот бил завршена на 2 мај 1864 г., а иконостасот чија конструкција, според датираните парапетни плочи, со сцени од Стариот завет, била поставена истата година во април, бил завршен дури 1866 година.

Во 1866 година Дичо Зограф, судејќи по зачуваниот натпис, го обновил иконостасот во црквата Св. Богородица Перивлептос / Св. Климент. На парапетните плочи од иконостасот ги насликал композициите Лествиците Јаковлеви, Гостоприемството Аврамово и Палењето на Содома и Гомора. Истата година Дичо Зограф со син му Аврам и ученикот Петре Јованович работи на живописот и иконостасот во црквата Успение Богородичино, во село Гари, во непосредна близина на Тресонче. Препуштајќи им го поголемиот дел од работите на живописот на своите соработници, Дичо го формира иконостасот со икони работени во периодот од 1857 до 1866 година. Истата година Дичо, за прв пат, според досегашните сознанија, работи во регионот на Тетово, каде ги насликал престолните икони за црквата Св. Илија, во с. Стенче.

Следната, 1867 година Дичо е ангажиран во Струшко каде работи на иконостасот во харамот Св. Никола, во село Вевчани. Од истата година се и иконите во црквата Св. Илија, во село Градец, кај Видин, во Бугарија. Потпишани се и датирани иконите Архател Михаил, Св. Илија и Христос Велики архиереј, во декември 1867 година. Работејќи повторно во манастирот Св. Јован Бигорски ги слика портретите на јеромонахот Теодосиј и игуменот Јоаким, на источната страна од машката трпезарија, во 1868 година.

Стилски особености

Неговиот ликовен развој може да се подели на неколку периоди. Првиот е времето на неговото школување и обуката која завршува некаде околу 1844 година, кога Дичо превел ерминија од грчки на мијачки дијалект. Судејќи според неговите најрани творечки остварувања, тој е се уште под силно влијание на зографите Михаил и Димитрие/Даниил. Карактеристично за неговата работа од овој период е површинското решавање на формите и линијата како основно изразно средство. Во оваа фаза од својот ликовен развој тој се уште не е во состојба да се ослободи од графичката схема на образецот. Во сликањето на лицата преовладува основниот маслинесто-окер тон, при што окерот ја покрива целата површина, без нагласено осветлување на истакнатите делови. Облеките се крути и тешки, сликани површински, а диплите ги формира во вид на покуси и подолги линии, најчесто со златна боја. Независно од димензиите на иконата, ликовната обработка е педантна и минуциозна. Барокната декорација е се уште нагласено присутна.

Иконите од иконостасите работени кон крајот на четириесеттите години од овој век, не воведуваат во една повисока фаза од неговиот ликовен развој. Веќе се чувствува напредок, изразен во посигурното владеење со формата и подиференцирани премини во моделацијата на лицата и рацете. Тој ја открива функцијата на светлината во дефинирањето на формите со што кај него се јавува нов интерес за пластичните вредности.

Педесеттите години се период на творечка зрелост на Дичо Зограф. Иконите од иконстасите работени во ова време и се подредени на единствена формално-стилска и идејно-естетска концепција. Во реализацијата на престолните икони е присутно настојувањето ликовите да се предаваат во зголемен формат, со нагласена волуминозност и пластично обликување на формите што е постигнато со карактеристичниот начин на осветлување. Тој сигурно владее со моделацијата. Пластичниот ефект го постигнува со на-гласениот контраст и смалувањето на пасажите. Иконите се сликани на неутрална, најчесто златна основа, што на ликовите им ја дава бараната спиритуалност префрлајќи ги во еден надсетилен простор. Впечатокот го дополнуваат раскошните облеки на светителите. Неутралната заднина, иреалното осветлување и идеализираните ликови на светителите се во опозиција со инсистирањето на реални детали и транспозиција на елементи од емпириската стварност во структурата на сликата.

Кога работи мали формати, како што се празничните икони, според своите претходници и современици, ги исполнува композициите со множество ликови, со фантастична архитектура и пејзаж во заднината. Карактеристично за работата на Дичо е што, и покрај малите димензии, ликовите ја задржуваат формата и изразот, за разлика од неговите ученици и соработници кај кои ликовите, со смалувањето, најчесто се деформираат. Кога работи на живописот, тој не отстапува значително од иконописните решенија.
На почетокот од шеесеттите години, Дичо Зограф го достигнува крајниот дострел на своите творечки можности. Тој се ориентира кон усогласени премини во моделацијата смалувајќи го интензитетот на бојата што се користи при сенчењето и ја доведува до совршенство играта на светлината и сенките на лицата и рацете на светителите.

Од 1862 година Дичо Зограф го префрла тежиштето на својата дејност во Охрид, каде станува еден од најбараните иконописци. Како познат и баран мајстор, тој е соочен со многубројните порачки од градските енории, црковните одбори и донаторите. Во овој период работи икони и живопис за православните храмови во Охрид најчесто обновувајќи ги постарите иконостаси и досликувајќи ги недовршените. Меѓутоа, со зголемената продукција и се поголемото учество на неговите помошници во финалните работи, опаѓа квалитетот на ликовната изведба. Препуштајќи им голем дел од работите на своите соработници, како што се синовите Аврам и Спиридон/Спиро и учениците Петре Дебрели, Јосиф Радевич Мажоски и Христо Макриев, сиот негов труд е подреден на еден деловен однос, што лесно се открива во преповторувањето на еднаш утврдените композиции и иконографски решенија.

Одделните фази од неговото творештво претставуваат во основа една органска целост што е резултат на неговиот ликовен развој кој може да се следи преку стремежот кон постојано усовршување, кон достигнување еден повисок степен на творечка убедливост и зрелост.

***

Во 1872 г., по еден релативно кус, но творечки плоден живот, умира зографот Димитрија/Дичо Крстевич. Следната година е отворена железничката линија Солун-Скопје, Македонија ја губи битката за самостојна црква и се подготвува за првото оружено востание, на ликовната сцена се појавува нова генерација зографи која, прифаќајќи ги новите идеи и полека оставајќи ја зад себе сакралната уметност, ќе пробие нови патишта кон иднината. Светот, каков што го познаваше зографот Дичо, неповратно ќе исчезне во темнината на времето. Само понекогаш, во самракот на некоја селска црква, косите сончеви зраци ќе го запалат златото на иконите и, за миг, повторно ќе пламне божествената визија на овој, денес заборавен зограф.

 Издавач: НИП ЃУРЃА

Текст: Емил Алексиев


Dicho.izlozba10.jpg Dicho.izlozba12.jpg

Dicho.izlozba.jpg

ИКОНОПИСНОТО ТВОРЕШТВО НА ДИЧО ЗОГРАФ ВО СКОПЈЕ И СКОПСКИОТ РЕГИОН

Dicho.izlozba3.jpg Dicho.izlozba4.jpg

 Друго:

Потребна е целосна заштита на делата на Дичо Зограф

 

 

 

Посети:{moshits}

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Наука и Култура

Ноември 14, 2023
Tamara.Kotevska

По премиерата на новиот филм „The Walk“ во Њујорк на двојната кандидатка за Оскар - Тамара Котевска

Работејќи од нејзините разговори со Асил и другите деца бегалци, режисерката направи гласовна нарација (испорачана од друга девојка, а не од Асил што ја гледаме на екранот) која е резервна, поетска и застрашувачка. „Треба да најдам место каде што можам да ги…
Октомври 15, 2023

Почнува 8-то издание на „Киненова“

Со проекција на филмот „Зад стоговите сено“ на грчката режисерка Асемина Проедроу и доделување на наградата за особен придонес во филмската уметност на актерот Бранислав Лечиќ денес (13.10.) во Синеплекс со почеток во 20 часот ќе биде отворено 8 издание на…

„ПОЕЗИЈА ОД МАКЕДОНИЈА“ и „Версвил“

Авг 19, 2023 Литература 1257
TVIT762
Реномираното меѓународно списание за поезија „Версвил“, својот најнов број во целост го…

Промоција на Речник на медиумска писменост

Мај 31, 2023 Литература 1581
Ова лексикографско издание е прв сериозен обид за систематизирање на термините коишто се…

Православен календар

 

20/04/2024 - сабота

Велигденски пости; (на масло)

Св. Георгиј Исповедник; Преподобен Нил Сорски; Св. маченик Калиопиј; Преп. Данило Перејаславски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.Христов исповедник Георгиј Митиленски митрополит 7 април / 20 април 2024

Тропар на св.Христов исповедник Георгиј Митиленски митрополит 7 април / 20 април 2024

Пастироначалниче на скитското подвижништвово степите руски непроодни,Ниле ученику Христов облагодатен,денес и во веки Бога преку тебе Го прославуваме,и твоите подвизи...

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Словото Божјо, слово земно подаде,кое ти Свети епископе Методие во слава Негова го раздаде,а Он Началникот на животот устрои заради...

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Вистина непоколеблива имајќи во срцата вашиАгатоподе и Теодуле,познавте дека земниот живот е суета, сенка и сон,а верата во Љубовта го...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная