логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Во светлината на Божјото сезнаење, ниту едно нешто, макар колку тајно било, не останува сокриено. И најтемните нешта, извршени во најтемните ноќи и на најтемните места, видени се од Божјите очи, во светлина посветла од најсончевиот ден. Бог, во Својот премудар Домострој, тие нешта честопати ги открива и на другите, за нивен пример, прекор или поука. Така, неодамна, или поточно, пред една година, Божјата промисла на чудесен начин го отстрани велот што речиси едно цело столетие го криеше од очите на луѓето неправедното убиство на галичкиот свештеник, о. Овентиј Исаиев Фрчкоски и на уште тројца негови сожители, убиени во една ноемвриска ноќ, далечната 1918 година. Бог Промислителот, воскреснувајќи го нивниот спомен и овде на земјата, која одамна беше ги заборавила нивните имиња, како да сака уште еднаш да ги потврди Своите вечновистинити зборови дека, нема тајно, што не ќе стане јавно, ниту, пак, сокриено, што не ќе се разбере и излезе на видело (Лука 8,17)

o_Oventij.jpg

о. Овентиј

 

И колку сме Му благодарни што Он благоволил да го воскресне споменот и да ги открие чесните мошти на свештеномаченикот преку рацете на монасите од Бигорската Обител, истаа онаа во која некогаш и самиот тој бил ракоположен.

Првите зраци во расветлувањето на ова собитие, дојдоа до нашиот Старец, Архимандрит Партениј, од страна на стариот пријател на Манастирот, 94-годишниот ростушанец, г. Зендел Ахмедоски. Имено, според неговото, како и според сведоштвата на други постари жители на с. Ростуше, кога пред шест-седум десетолетија собирале дрва за огрев од планината Бистра, кај еден карпест процеп со мала пештера, во шумата под с. Галичник, тие гледале два непогребани скелети. За едниот од нив било јасно дека е на свештеник, бидејќи на него сè уште стоела нераспадната свештеничка мантија. Ростушаните дури и го нарекле тоа место „кај поповите“. Меѓутоа, поради страв за сопствениот живот, во тоа несигурно и политички неблагопријатно време, месните жители не се осмелувале да дознаат нешто повеќе за убиените личности, ниту, пак, да ги погребат нивните останки. Оттогаш поминале многу години и со текот на времето, самата природа привремено ги погребала коските, сокривајќи ги од погледот на сите. Можеби затоа, кога, пред повеќе од десетина години, некои наши браќа се обиделе, според кажувањата на дедо Зендел, да ги пронајдат моштите, не успеале во тоа; но, сепак, поверно е дека Божјата промисла сакала токму сега да се открие целосната вистина за нив. Па така, со благослов на Старецот, неколку наши браќа на два дена пред Митровденската задушница (5 ноември 2015 година), повторно според посочување на дедо Зендел, се впуштија во потрага по загубените коски. Овој пат, после целодневно трагање, тие, на чудесен начин и со Божјо содејство, беа успешно пронајдени во карпестиот процеп, покриени со тенок слој хумус, гранки, лисја и камења. Кога браќата се уваерија дека навистина станува збор за човечки коски, се вратија во Манастирот и го известија Старецот, кој, пак, веднаш ја запозна полицијата со настанот и побара професионален полициски увид. Два дена подоцна, на самата Митровденска задушница (сабота, 7 ноември 2015 година), монасите, овој пат заедно со специјален тим, составен од полицискиот службеник: Зоран Димитријески од ПС Маврово, докторот Соле Шотаровски, исто така од Маврово и тројцата инспектори по крим техника од СВР Гостивар: Трајан Гечески, Таџидин Халити и Енсар Решети, повторно отидоа на тешко пристапното место, каде професионалната екипа направи увид и откопа од земјата прилично голем број човечки коски. Пронајдени беа исто така, и четири чаури од пушка, катанец и клуч, неколку копчиња, парче олово и монета од 10 стотинки од царството Бугарија, од 1913 година, со натпис „съединението прави силата“. Според првичната проценка на докторот, пронајдените коски биле постари од 70 години и најверојатно припаѓале на две човечки тела. Сите пронајдени коски и предмети беа собрани и однесени на прецизно вештачење. Подоцна, вештачењето потврди дека навистина станува збор за коски на двајца мажи, на средовечна возраст, измачувани и убиени со стрелање. Балистичкото испитување, пак, докажа дека биле истрелани куршуми од француски и германски пушки, кои во тоа време ги користела српската војска.


По пронаоѓањето на коските, нашето братство преку медиумите упати апел до пошироката македонска јавност, доколку се најде некој што знае какви било податоци за овој необичен случај, да нѐ извести. Овој апел вроди со голем плод, така што за брзо време се јавија неколку личности, коишто едногласно потврдија дека најверојатно се работи за убиениот галички свештеник Овентиј Фрчковски, чијшто „гроб“ досега не беше познат за неговите роднини, пријатели, потомци...


Во меѓувреме, се пронајдоа и писмени сведоштва за ова големо политичко злосторство, извршено непосредно после воспоставувањето на српската окупаторска власт во Мијачијата. Имено, галичанецот Ристо Бужароски во своето дело „Галичка повест” соопштува многу детали за тоа како во 1918 г. биле убиени четворицата галичани: свештеникот Овентиј Фрчковски, Русе Михајловски (Бајрамовски), Евгениј (Евге) Галев Ванкоски и Јаков (Наќе) Наков Колоски. Овие видни и чесни жители на с. Галичник, по воспоставувањето на новата српска управа во селото, биле принудени секој ден да се пријавуваат во полициското началство. Меѓутоа, тие еден ден биле задржани и не биле пуштени назад. Нивните домашни, мислејќи дека се затворени во околијата, неколку дена со ред носеле таму храна и облека. По неколку дена властите залепиле плаката на црквата „Св. Петка“, во која пишувало дека, наводно, тие избегале и се барало да бидат пронајдени. Всушност, една ноемвриска ноќ 1918 г. (некаде се среќава дека тоа било на 18 ноември), сите тие биле стрелани од српската жандармерија. Телото на Евгениј Ванкоски било уште во тоа време пронајдено од некој козар и погребано в земја. Но, телата на другите тројца не биле никогаш пронајдени, а само се знаело дека биле ликвидирани некаде во месноста Франџола, во красјето помеѓу Трпченица и Кофилковица, имено точно таму каде што беа пронајдени коските. Меѓутоа, во тоа време било крајно опасно за секого што би сакал да дознае нешто повеќе за судбината на овие тројца галичани. Според сведоштвата на некои стари жители на Галичник, во нивното убиство учествувале четворица жандарми, од кои за едниот со сигурност се знае дека бил од Белград и се викал Живко. Впрочем, овој Живко, неколку години подоцна, пред некои печалбари од Галичник ладнокрвно раскажувал дека, кога бил на служба таму, учествувал во ликвидирањето на свештеникот Овентиј и другите негови сограѓани.


За маченичката смрт на отец Овентиј Исаиев пишува и македонскиот просветен работник, фотограф и револуционер, деец на Македонската револуционерна организација, прилепчанецот Георги Трајчев во својата „Книга за Мијаците“, објавена во Софија 1941 година. Според неговото сведоштво, „после 25 септември 1918 првата работа на официјалните српски власти после новото заземање на областа (т.е. на Дебарскиот крај), била да ги колат, заплашуваат и убиваат поразбудените личности, особено духовенството“. Во тој погром настрадал и архиерејскиот намесник од Галичник, о. Овентиј, кој бил убиен кај карпа близу Бигорскиот Манастир. Истото го потврдува и битолчанецот Љубен Крапчев во една своја статија посветена на свештеникот Овентиј, објавена на 15 март 1927 година, во списанието на македонската младина во Софија, „Родина“, год. 1, бр. 9. Сличен податок наоѓаме и кај современиот и познат бугарски историчар, Христо Милков, кој води потекло од галичката фамилија Фрчковски, и кој кажува дека о. Овентиј бил убиен кај карпа во близина на Бигорски, поради тоа што не сакал да ја прифати српската црковна јерархија. Опис на зографската дејност на о. Овентиј, како и извесни податоци за неговиот живот, дава и бугарскиот историчар на уметноста Асен Василиев во своето дело за преродбенски живописци, резбари и градители.


Впрочем, во тоа време, под ослободителното знаме на Македонија, паднале многу нејзини највидни синови, кои водени од двете најголеми заповеди за љубовта кон Бога и кон ближните, пожртвувано го давале животот за Татковината и за својот народ. Еден од скромните дејци за македонската слобода, кој евангелски го љубел и му служел на својот народ, па дури и го дал животот за него, е свештеникот Овентиј Исаиев Фрчковски. Тој е роден на 10 март 1862 година во тогашното планинско гратче Галичник. Син на сиромашни родители, Овентиј уште од малечок останува сираче. Бил внук на познатиот резбар Макариј Негриев Фрчковски, од неговиот син Исаија. Роден во таа позната уметничка фамилија, Овентиј од дете бил посветен во тајните на православниот иконопис. Како зограф работел на многу цркви ширум целиот Балкански полустров, вклучително и Романија. После долгата и неуморна работа како живописец, од здравствени причини Овентиј бил принуден да ја напушти макотрпната зографска дејност. Поради својата голема побожност, но и желбата да продолжи да му служи на својот народ, одлучува да стане свештеник. Така, во 1905 година, во Бигорскиот Манастир, тогашниот дебарски егзархиски митрополит Козма, кој бил родум Македонец од Орланци, Кичевско, и уживал голема почит и љубов меѓу народот, го ракоположил Овентија за свештеник, а подоцна го назначил и за архиерејски намесник во Галичник. Како свештеник, о. Овентиј неуморно му служел на својот народ цели 13 години, сè до неговата маченичка смрт.

А неговиот страдалнички подвиг се случил вака:

На 5 ноември (ст. сл.) 1918 година српскиот околиски началник, капетан Душан, со посредство на кодошите и поверениците на српскиот режим, Тома (кај Р. Бужароски стои Софре наместо Тома) Лоноски и Тодор Мангароски – Павловиќ, го повикал о. Овентиј во началството и го задржал до вечерта, кога биле доведени уште другите тројца граѓани од Галичник: Русе Михајловски, Јаков Колоски и Евгениј Ванковски. Следната вечер четворицата биле изведени надвор од градот, кон една висока и стрмна карпа, наречена „Големи рид“, од којашто биле измачувани и тепани надолу по шумата, а најпосле и стрелани. Со таков маченички крај го завршиле својот живот овие четворица чесни и угледни граѓани на Галичник.


За жал, истата зла судбина ги снашла не само овие четворица, туку и многу други Македонци од славната Мијачија. Во времето после Втората балканска и Првата светска војна, наслението во Река, како и во другите делови на Македонија, бил подложено на тешки репресии од страна на тогашната големосрпска хегемонистичка власт, за што сведочат многубројни документи и историски извори. Така, во еден допис од 1 март 1913 г. на тогашниот Дебарски Митрополит Козма, се вели: „На 30.ΧΙ.1912 српски офицери заедно со еден полициски службеник го изгонија игуменот од манастирот „Св. Јован Бигорски“, Н. В. Преподобие јеромонах Партениј, бидејќи не дозволувал во манастирската црква да се спомнува името на епископот Варнава (подоцна српски Патријарх – б.н.). Селските кметови насекаде биле заменувани со српски повереници, а селските свештеници биле спречувани со закана дека ќе бидат стрелани ако не го споменуваат името на епископот Варнава во црквата“. Подоцна, во 1918 г., игуменот Партениј, навистина, бил на ѕверски начин убиен, така што, по нарачка на српските власти, една разбојничка група го пресретнала на некој мост на р. Радика, го исекла на прачиња и го фрлила во реката. Слична маченичка смрт го снашла и велешкиот свештеник Иван Аврамов Чупаров, роден во с. Папрадиште, кој на 16 јуни 1913 година бил исечен на парчиња и фрлен во Вардар. „Така, отец Иван“ – пишува Стефан Н. Аврамов во своето дело „Револуционерните борби во Азот (Велешко) и Поречието“ (1929 г.) – „ја заврши својата пастирска кариера и, како роден син на Македонија, остана верен на тврдиот си мијачки род – не стана ’прави‘ Србин“.

 Jeromonah_Partenij.jpg

Јеромонах Партениј, игумен на Бигорски


 o_Ivan_Av_Cuparov.jpg

 

Иван Аврамов Чупаров

 Partenij_BIgorski.jpg

Игуменот Партениј со братството, 1912г

Синот, пак, на нашиот познат преродбеник и учител од Охрид, Глигор Прличев - Кирил Прличев, со своето дело „Српскиот режим и револуционерната борба во Македонија (1912-1915)“, сведочи: „При воспоставувањето на српската власт во Кичево и околината, биле арестувани во прво време сите градски учители и свештеници, како и највидните граѓани поради нивниот отказ да ја потпишат поднесената им декларација, дека тие биле одамна Срби. Истовремено со нив од околината биле арестувани и 106 души селани. Поради откажувањето да ја изменат својата народност, биле убиени јеромонахот Софрониј, игумен на Пречистанскиот манастир, и јеромонахот Теофан, калуѓер при истиот манастир. И двајцата биле извикани со измама од манастирот од српски стражари и под предлог, дека ги вика власта во Дебар, и двајцата биле застрелани, а свештеникот Георги Поп-Ангелов умрел како Исуса Христа, имено – бил распнат на крст и од двете страни биле распнати и двајца негови другари (...) Во Галичник со торби песок го биеја архиерејскиот намесник Павел Теодосиев, после го интернираа во Скопје, го мачеа во затворот и најпосле умре од маките (1917 г.), затоа што беше откажал да го споменува во црквата името на српската државна глава и на српскиот киријарх. Истиот, дури и погрозен удел го стаса и свештеникот Апостол Миронов од с. Тресонче: него, пак, го извлекле ноќно време од неговиот дом, го одвлекле во блиската гора, му го искршиле черепот, го обезличиле и во тие адски маки Божјиот и народен човек издивнал. Не беше поштедена тука ни старата револуционерка, курирката Андреевица, којашто ја убиваат поради стравот на Србите да не почне таа повторно, како во турско време, да спроведува туѓи чети“.

Jeromonah_Sofronij.jpg

Јеромонах Софрониј, игумен на Пречиста

o_Georgi_Angelov.jpg

 

о. Георги Ангелов

Великоспрскиот терор бил особено насочен против домородното македонско духовенство кое останувало до крај верно на својата црковна јерархија, Егзархијата, за чеиешто формирање зело активно учество. Иако во комунистичката, како и во дел од современата македонска историографија е присутен извесен негативен став за Егзархијата, сепак неоспорно е дака таа од македонскиот народ била сметана за своја домородна црква, бидејќи најголемиот дел од нејзин клир, вклучително и високиот, потекнувал од македонското население. Едноставно, Егзархијата била посакувана црковна јерархија и на нашиот народ, и најголемите синови на Македонија од XIX век, со кои ден денес се гордееме, пожртвувано го посветиле својот живот за нејзиното формирање и за нејзината дејност. Затоа, би било навистина голем грев доколку не погледнеме со благодарност кон Егзархијата, за која некогаш нашите предци ги давале своите животи. Треба да бидеме внимателни да не си го изгубиме нивниот благослов. Речиси сите македонски книжевници од преродбенскиот век се бореле за нејзиното создавање. Еден од многуте, на пример, бил и нашиот познат писател, општествен деец и револуционер, Натанаил, роден во скопското село Кучевиште, кој во септември 1872 година бил ракоположен за прв егзархиски митрополит во Охрид. Исто така, меѓу најгласните борци за создавање на Егзархијата бил и великиот македонски преродбеник, писател, учебникар, народен деец и духовник, Партениј Зографски, митрополитот Пољански и Нишавски, кој за малку ќе станел и првиот претстојател на Егзархијата. Митрополитот Скопски Неофит, роден во Охрид, архимандритот Панарет (подоцна Брегалнички епископ), по потекло од Ресенско, Митрополитот Велешки Мелетиј и Архимандритот Евлогиј, родени во Битола, се исто така, дел од автохтониот македонски висок клир на Егзархијата. Во борбата за создавање на оваа домородна црковна јерархија посветено учество зеле и македонските преродбеници: Браќата Миладиновци, Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи-Константинов Џинов, Аресени Јовков, Григор Прличев, Методиј Кусев и многу други. Оттука разбирливо е зошто нашиот народ, и покрај нечовечните притисоци, заплашувања и убивања од страна на српската хегемонистичка власт, дури ни по цена на животот не сакал да се откаже од својата Црква.

 


Тоа го посведочиле и многуте маченици како свештеникот Овентиј од Галичник. Затоа, со благослов на нашиот родољубив Старец и игумен Партениј, браќата монаси, исполнувајќи го светиот долг кон предците, ги откопаа неговите чесни мошти, заедно со моштите на неговиот сострадалник и ги положија во костурницата на Бигорскиот Манастир, нивниот духовен дом. На местото, пак, на нивната маченичка смрт, поставија голем крст и извршија молитвен спомен за покој на нивните души. Духовното благоухание и Божествениот спокој што одеднаш го исполни тоа мрачни место, посведочи за радоста на душите на покојните и нивниот небесен благослов за завршеното дело.

На свештеникот-маченик Овентиј Исаиев Фрчковски, и на сите што своите животи ги посветиле на својата родна црква и народ, како и за слободата на Македонија, нека им биде споменот вечен!

 01.jpg

02.jpg
  

03.jpg

04.jpg

 05.jpg

 06.jpg07.jpg

 08.jpg

 09.jpg

 10.jpg

 11.jpg

 12.jpg

13.jpg

14.jpg

15.jpg

16.jpg

Извор: Бигорски манастир

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 720
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Митрополит Европски Пимен (03.07.2020)

Да си споменеме за да поверуваме во она дека сė што е соединето со Бога е спасено, та освестеното да го примениме во нашите животи. Да престанеме да ги распнуваме...

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Митрополит Струмички Наум: Кажи само збор (04.07.2020 )

Исто така, извршен e и Литургискиот (Евхаристиски) збор, и тој е збор во сила; извор на слово во сила, кое повторно и повторно го обновува светот; затоа што Христос е...

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥  (03.07.2020)

О. Жарко Ѓорѓиевски ✥Беседа за св. Наум Охридски✥ (03.07.2020)

Свети Наум бил мудар учител, единствен раководител на монасите, решителен подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Тој постојано работел на преводи на светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на...

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Слово за фарисеите (03.07.2020)

Кој им е проблемот на фарисеите, тогашни, денешни и на сите времиња? Тоа што постојано бараат грешка; но не баш кај секој, туку посебно кај оној на кого се фиксирани....

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

Митрополит Струмички Наум: Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020)

И најважно од сѐ е – на секое зло да враќаме со добро, со љубов. За да ни биде дозволено да ја кажуваме оваа молитва треба и во мислите и...

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

О.Методиј Митановски: Беседа за 3-та недела по Педесетница

Важно е да напомнеме дека и покрај големите и епохални откритија на науката, животот на денешните луѓе не ѐ подобар. Напаротив создаден ѐ кај луѓето страв и немир, наместо радост...

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Кој се гневи, без причина, на братот свој (27.06.2020)

И така, не оди да се причестуваш со Светите Тајни Христови ако не си побарал прошка од братот свој, ако не си му одговорил со љубов или ако не си...

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: Умно-срдечната молитва – критериум за вистинско мачеништво (24.06.2020)

Наравоучение: православната психотерапија прави разлика меѓу искушенија што ни се случуваат затоа што душевно оздравуваме (очистување на срцето од страстите) или сме доволно здрави (просветлување на умот), од искушенија што...

Митрополит Струмички Наум: АНТИНОМИЧНОСТ (20.06.2020)

Митрополит Струмички Наум: АНТИНОМИЧНОСТ (20.06.2020)

 Антиномично е и кога просторно и временски ограничениот човек станува благодатно секаде присутен, и во време и во простор. Антиномична е и ситуацијата кога обичен човек стекнува таква слобода пред...

« »