(Продолжение)

Г л а в а 10

ПРАШАЊА НА УЧЕНИЦИ И ОДГОВОРИ НА СТАРЕЦОТ ЛЕОНИД

Прашања на младиот послушник Павел Петрович Тамбовцев кон старецот

18. Како да се избавам од расејувањето на мислите во време на молитва?

О д г о в о р: Моли се со уста, моли се и со ум, т.е. вклучувај го својот ум во разбирање на силата на молитвените зборови. Ако се вовлечеш во размисли по некој страничен предмет, штом ќе го забележиш своето невнимание, задлабочи ја својата сосредоточеност во молитвата. Секогаш постапувај така и ќе почувствуваш полза. Постојанството на умот ги привлекува особените дејства на благодатта.

19. Силно ме напаѓа мрзливоста. Како да се избавам од неа?

О д г о в о р: Ако се бориш со мрзливоста нерешително, никогаш нема да ја победиш. Но, ако застанеш спроти неа со цврста намера да се бориш, макар тоа да е сврзано со внатрешна болка, тогаш со Божјата помош ќе победиш. Да се спротивставуваш, макар и гонет, е знак дека си Божји верен и добар војник (1.Тим. 1, 18). А, да отстапуваш и бегаш е својствено на мрзливиот соработник. До самата своја смрт човек треба да бдее над себеси, за да не го победи мрзливоста, да не ги чуе во последниот ден страшните зборови на Срцепознавачот: Лукав и мрзлив слуго! (Мт. 25, 26).
Во Писмото е кажано: Оној што победува (Откр. 3, 21) ќе биде награден, а не „победителот" (како некој да може сам да го победи ѓаволот!). Без помошта на Седржителот не можеме наполно да го победиме непријателот, не можеме никогаш да придобиеме надмоќност над него. Венец се дава на оној што победува со Божјата помош, т.е., на оној кој излегува во борба со цврста намера да води војна до последното издивнување и кој никогаш не го остава оружјето дури и во минутите на најужасните опасности. Дури и кога е во неволен плен, тој пак не му го предава своето срце на непријателот. Таков воин, макар што трпи понекогаш пораз, никогаш не го остава своето свето усрдие и се жртвува себеси, окрилен од надежта. Така тој успева и се овенчува за својата цел како храбар човек, достоен за небесни почести.

20. Како да се избавам од безволноста, која го угнетува духот?

О д г о в о р: Веројатно ти се вовлекуваш по неа преку својата сопствена волја. Ако го изоставиш самораспоредувањето (вршењето на својата сопствена волја) и започнеш секое дело да го вршиш со Божји благослов, заедно со благословот ќе го ожнееш и душевниот мир и останатите плодови на Светиот Дух. Ако целосно ја оставиш својата волја, никогаш нема да го чувствуваш тешкиот мрак на безволноста. Дури и најсуровите бранови на страстите ќе стивнат. На нивно место ќе се појават: јасност на мислите, тишина на помислите, кротост на духот и вистински мир. Сето ова ќе те осени и ќе се насели во твојата душа. Ако ја запазиш постојаната будност и самонабљудување, ќе се уподобиш на мудрите девојки и ќе влезеш во брачната соба на Бесмртниот Женик.

21. Слушнав,  дека се претставени за пострижение во монаштво неколку браќа, од кои, некои дојдоа во ова свето братство по мене. И јас сакам да го примам ангелскиот образ, но, бидејќи го немам благословот на игуменот, збунет сум и тажам. Како да го востановам загубеното спокојство на духот?

О д г о в о р: Најпрво ти треба да се покориш на Божјата волја смирено и без никакви размислувања. Решението на игуменот ја изразува волјата на Управителот на вселената. Кој не се покорува на игуменот, тој не се покорува на Божјата волја, која управува се. А штом не се покорува на Божјата волја, таков човек се оддалечува од благодатта и се подметнува на разрушителна убиствена тага и на внатрешна збрка... Оние, кои се претставени за пострижение во монаштво, веројатно се подостојни од тебе. А ти, ако сакаш да ги добиеш надворешните обележја на ангелски образ (монаштвото), потруди се, прво, внатрешно да станеш ангел. Без внатрешното монаштво, надворешното нема да те спаси... Игуменот сметај го за исполнител на светата и прониклива Божја волја, зашто тој таинствено го носи образот на Исуса Христа... А смееме ли ние да Му се лутиме на Христа, кога сме должни да имаме мир дури и со оние, кои го презираат мирот (Пс. 119, 6). Бидејќи Бог гледа на срцето и на желбата и ги знае делата на секого (Пс. 32, 15), оти Он ги созерцува и идните наши постапки (Пс. 138, 16) и самиот крај на нашиот живот, тогаш зарем можеме да се сомневаме во тоа, дека Он како Себлаг устројува за нас се на најдобар начин? Штом Бог ќе посака нешто, тогаш и природниот поредок може да се наруши (Догматик на 7-ми глас). Зашто, Неговата благодат сама по себеси стои повисоко од секоја мудрост и од секоја сила на овој свет. Штом Бог решил, тоа не може да биде разрушено од никаква човечка сила... Ако ти станеш достоен за ангелскиот образ, биди уверен, дека ќе бидеш удостоен со него или пред твојата смрт, или по напуштањето на своето тело ќе бидеш претставен од ангелите на Господа во монашки чин... Бог гледа на желбата на срцето (1.Цар. 16, 7). - Земи ја за пример блажената Таисија (10 Мај). Таа развратна жена станала совршена монахиња моментно преку своето решително самоотворање. Таа пројавила желба да биде слугинка единствено на Бога и непоколебливо го предала своето срце на Христовото раководство. Кога во таквата решителност по патот ја стигнала физичката смрт, нејзиниот сопатник, преподобниот Јован Колов, кој, со помошта на Севишниот ја преобразил од развратниот кон спасителниот пат на покајанието, за свој голем восхит ја видел со својата чиста душа, како ангелите ја однеле измирената со Бога душа на Таисија нагоре кон непристапната Светлина. Таа се уште не била стигната до манастирот, не знаела во што се состои монашкиот живот, не била облечена во монашки облеки, но преку своето обраќање кон Бога, преку својот презир кон светот и кон самата себеси, моментно се удостоила да биде помилувана од премилосрдниот Божји суд и да се пресели во неракотворните Божји заедници... Таа станала совршена монахиња. На Високото Милосрдие Му било угодно да ги прекрати нејзините дни уште во самата минута на нејзината решителна желба. И, ете нејзината богоугодна помисла била овенчана како рамносилна на самото дело.
Ако ти се облечеш во образот на внатрешниот монах, не се обеспокојувај многу за надворешниот образ, макар што не е грешно и него да го сакаш. Оној Кој ги знае срцата, Кој секогаш го устројува за нас најдоброто, ќе се погрижи и за тебе според твојата вера и дела...

 

Друго:

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (1)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (2)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (3)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (4)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (5)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (6)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (7)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (8)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (9)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (10)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (11)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (12)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (13)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (14)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (15)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (16)

 

 Optinski.starci.jpg

Издавач: ЃаконијА  2004

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел