Уште необјавено

Глава 6

КАРАКТЕРИСТИКАТА НА ОТЕЦ ЛЕОНИД И НА НЕГОВАТА СТАРЕЧКА ДЕЈНОСТ

Вистинската светост се крие себеси. Затоа, внатрешниот живот на Божјите угодници обично останува непознат за околните. Постојано општејќи со многу народ, отец Леонид секогаш пред нив се однесувал како најобичен човек. Дури и за најблиските негови соработници и ученици, неговиот духовно-благодатен живот останувал тајна, позната само на Бога. Затоа, никој не можел и не може да даде целосна и исцрпна карактеристика за отец Леонид и за неговата благодатна старешка дејност. За него и за неговиот наследник по старештво - отец Макариј - еве како пишува познатиот руски црковен писател од XIX век, епископ Игнатиј (Брјанчанинов): „Двајцата старци биле напоени со мудроста од светоотечките писма за монашкиот живот, самите се раководеле од тие писма и според нив ги поучувале и другите кои ги молеле за поучен совет. Умот им бил украсен со свети мисли. Тие никогаш не давале совет од себеси, туку секогаш се служеле со реченици од Светото Писмо или од светите отци. Тоа им придавало сила на нивните совети. И оние кои беа подготвени да приговараат против човечкото слово, го ислушувале „Божјото слово со побожност и наоѓале дека е оправдано да му се покоруваат" (Аскетические опьітьі, дел 1).

Силата на раздаваните духовни совети при двајцата прекрасни старци доаѓала, освен по горенапишаниот пат, уште и по патот на активното применување на монашките правила во нивниот сопствен духовен живот. Тие самите се учеле на смирение, послушание, трпение, кроткост, целомудрие, воздржание итн., не само од книгите, но и од практиката, т.е. самите во текот на многу години се обучувале во вистинското отсекување на својата волја под раководството на опитни наставници и преку своето смирение и послушание го добивале дарот на духовната расудливост, така што кога - после таква активна обука - станале старци, тие можеле благодатно да раководат и други по духовниот пат, кој самите го изминале во младоста како најревносни послушници.

Затоа, не особено образованиот отец Леонид бил за сите кои се обраќале кон него за духовни поуки и совети - жива книга. Тој учел и со слово - како да се разбира Светото Евангелие, и со дело - како да се победуваат искушенијата и да се оди по патот на совршенството. Заради неговото послушание и смирение Бог му дал духовен разум, со чија помош тој лесно ги распознавал духовите, следејќи ги апостолските зборови: „Возљубеш, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите дали се од Бога (1Јован 4, 1). И додека неискусните и недуховни луѓе лесно се подавале на измамата на лажливите духови, отец Леонид јасно ја чувствувал нивната игра и ги изобличувал како бесовите, така и нивните жртви, измамени од нив. Со тоа тој имал за цел на последните да им помогне во нивното спасение.

Кон 1830 г. Отец Леонид ја посетил Софрониевската пустина. Во тоа време таму се подвизувал во доброволен затвор јеросхимонахот Теодосиј, кого мнозина го сметале за духовен маж и видовит човек, бидејќи тој ја претскажал војната во 1812 г., а и други настани. Отец Леонид се посомневал во неговата светост. Откако поразговарал со затвореникот, старецот го запрашал, како ја дознава и претскажува иднината. Затвореникот одговорил, дека Светиот Дух му ја навестува иднината. На прашањето од старецот - на кој начин му се навестува, тој објаснил, дека Светиот Дух му се јавува во вид на гулаб и му говори со човечки глас. Согледувајќи дека тоа е јавна ѓаволска измама, отец Леонид почнал да внимава на затвореникот, сугерирајќи му дека не треба да веруваме на такви нешта. Но, тој се налутил и со негодување му возвратил на старецот: „Јас мислев дека ти, исто како другите, сакаш да добиеш полза од мене, а ти си дошол мене да ме учиш!" Отец Леонид се оддалечил и напуштајќи го братството, му кажал на игуменот: „Внимавајте на вашиот 'свет' затвореник, да не се случи нешто со него!" Отец Леонид само што стигнал до градот Орел, кога таму дознал дека Теодосиј се обесил.

Некои од оние монаси кои доаѓале за совети кај отец Леонид му доверувале дека тајно носат вериги за умртвување на телесните страсти, но при сето тоа, немаат никаков душевен мир. Се покажало дека, самоиницијативно примајќи такви сурови подвизи, тие монаси не ги поднесувале со смирение ниту испратените им од Бога маки, ниту какви и да било забелешки и укори од страна на луѓето. Нешто повеќе - измачувајќи ги своите тела со вериги, тие потхранувале омраза и злопамтење против оние кои ги навредувале, се оддавале на самољубие, а некои од нив стигнале до опасната состојба на наполно прелестени (измамени) од ѓаволот. Отец Леонид без церемонија ги симнал веригите на таквите лекомислени подвижници, учејќи ги дека тешките телесни подвизи, ако не се придружени со смиреномудрие и духовна расудливост, не донесуваат никаква полза,туку напротив, им штетат на неразумните ревнители на спасението.

Особена црта на отец Леонид била неговата евангелска простота. Својата мудрост тој ја откривал, или поточно, ја криел во најпрости зборови. Обраќањата кон луѓето му биле, исто така, крајно прости. Тоа му се допаѓало на простиот народ и на интелигентните луѓе кои ја сакале простотата.
Некои ученици и почитувачи на отец Леонид споделиле со своите блиски, дека крајно се срамеле и се затворале пред други старци и исповедници - строги и сериозни, а пред старецот Леонид, благодарение на неговото просто, нежно и непринудено обраќање, срцата им се опуштале и тие лесно му доверувале дури и такви гревови, какви што самите пред себе тешко си ги признавале.

Крајната простота на отец Леонид понекогаш граничела со полујуродивост. Некои ова си го објаснувале со околностите, во кои се наоѓал старецот, со човечката непотврдена вест која лесно се шири, која можела духовно да му наштети поради тајната човечка завист и на крајот со отворено гонење против старецот. Меѓутоа, најверојатно е дека Самиот Господ го умудрувал да им принесува полза на ближните на таков полујуродив начин, прикривајќи се под превезот на „безумството" заради Христа (спореди 1. Кор. 1, 18, 21, 23, 25, 27 и др.). Та, нели и самиот премудар св. ап. Павле во тој дух советува: Ако некој од вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар (Кор. 3, 18).

Впрочем, постапувајќи како полујуродив, старецот се чувал од суетната човечка прослава, толку опасна за големите подвижници.
Некои се соблазнувале од простиот и шеговит тон на старецот, а други - од тоа што бил прилично полн и имал изглед не на аскет, туку на многу добро хранет човек. Всушност, неговата полнота произлегувала не од некаква невоздржаност во јадењето, зашто тој примал храна во мошне ограничено количество, туку тој страдал од некаква тешка болест, при која, размената на материите се нарушува и организмот почнува да трупа излишни и маснотии тешки за човекот.

Отец Леонид никако не се вознемирувал од мислата, што ќе кажат луѓето за него и како ќе ги оценат неговите дејства. Тој рамнодушно ги поднесувал критиките, раководен од единствената грижа - да му помага на бедниот и страдален народ. Дури имало некои куриозитетни случаи.
Оптинскиот јеромонах П. раскажува, дека еднаш како послушник дошол кај отец Леонид уште со други тројца послушаници. Тие клекнале пред него на колена и секој му ја откривал својата болка. Во тоа време влегол некој новопристигнат војник кој носел златошиени еполети. Старецот го запрашал:
- Што сакате?
- Слушав многу за Вас и дојдов во Оптина да Ве видам! - рекол тој.
- Повелете, погледнете ме! - му вратил отец Леонид, станал од своето легло и почнал со двете раце да ги гали градите и стомакот, потоа се свртел од едната страна на другата пред новодојдениот, се свртел со грбот и на крајот се свртел пак со лице кон посетителот, повторувајќи: „Ете, молам, разгледајте ме!"
Војникот се збунил и сплеткан отишол право кај игуменот да се пожали од тој необичен прием. Тој објаснил дека дошол во светото братство жеден да добие духовна полза, а ете како го пречекал старецот; се вртел пред него!
- А Вие, како се јавивте пред старецот и што му кажавте? - запрашал отец Мојсеј.
- Јас му реков, дека многу сум слушал за него и дека сакам да го видам.
- Според Вашето прашање Ви бил даден и одговорот - рекол игуменот и продолжил: - Понекогаш отец Леонид е полујуродив, но Ве уверувам, тој е мудар и свет старец! Одете повторно кај него!
Војникот се вратил кај отец Леонид и му се поклонил до земја, при што старецот го запирал да не го прави тоа.
- Простете, баќушка! - рекол гостинот. - Јас не успеав да Ви објаснам зошто сум дошол, а, и Вас не Ве разбрав.
Тогаш баќушката им дал знак на послушаниците, кои се уште биле таму, да се оддалечат, а сам се затворил со посетителот и цели два часа се занимавал со него. Не е познато што разговарале. Но, тој поклоник останал цел месец во манастирската соба за гости и многу често одел кај отец Леонид. Откако отпатувал од манастирот, тој испраќал писма до игуменот, објаснувајќи, дека дошол во состојба на потполн очај, но, дека старецот Леонид го оживеал и воскреснал...

Се знаат и други исти случаи на полујуродивство, од кои фарисејски настроените луѓе се соблазнувале, но кои пред простосрдечните посетители и пред духовно умудрените луѓе ја разоткривале длабоката расудливост на старецот и неговата безгранична љубов кон народот. Да ги презреш предрасудите на светот и да се раководиш единствено од љубов кон луѓето и од грижа за нивното спасение - тоа им е својствено само на големите подвижници кои целосно се откажале од светот и ги симнале од себе неговите окови. Таков бил старецот Леонид. Смел и великодушен, искрен и неустрашив, тој секогаш дејствувал смело, секогаш откриено и како таков предизвикал гонења против себеси. „Е, што? - велел тој. -Земете ме, судете ме, ако ви е дадена власт за тоа! Јас живеам и одам пред мојот Бог! Живеам за моите ближни, откако отфрлив секакво лице-мерие и страв од човечки суд. Не се плашам од никого, освен од Бога. Ко-га совеста ми е чиста, срцето во мене весело ми игра како кај младенче. Штом целиот мој живот е како еден ден, поминат во служење на моите чеда во Христа, од што тогаш да се плашам?!"
Така чувствувал и мислел големиот старец! А, гонењата следеле и по неговата смрт.

Во 1831 г. тој пишувал: „Нашиот архипастир (епископот Николај) е незадоволен од нас заради клеветите. Но, Архиерејот на идните богатства (Евр. 9, 11), нашиот Господ Бог знае повеќе од него и според тоа може повеќе да не раководи. Нека биде волјата Господова!... Милостивиот наш Господ прави се по Своја волја за наша полза, макар што навидум се служи со спротивни средства за нас... Со помошта на Премилостивиот Господ Бог да истраеме и ќе видиме!..."

Кон никого отец Леонид не се приврзувал со исклучителна љубов, туку сите ги сакал подеднакво. Неговата тага за заблудените во него се изразувала со верата во Божјата Промисла. На еден свој духовно близок човек тој му напишал: „Ве молам да не давате на други совет да доаѓаат кај мене. Нека решаваат сами како сакаат, без инсистирање од Ваша страна. Бог е силен да помогне и без мене недостојниот!" Затоа пак, оние што доаѓале доброволно и простосрдечно кај него, тој ги примал со љубов и тие имале голема полза.

Понекогаш отец Леонид се обраќал кон високоинтелегентни луѓе, така што тоа изгледало многу просто од аспект на човечката учтивост и воспитание. Тоа се гледа од следниов случај. Отецот И. вака го пренесува своето сеќавање на својата прва посета кај старецот Леонид: „Уште како светски човек јас веднаш ја посетив Оптина и посакав да добијам благослов од отец Леонид. Кај него дојдов едно рано утро. Уште немаше никој. Само една жена коленичеше пред него. Неговиот ќелијник му кажува за мене:
- Дошол еден млад човек по име Иван Иванович.
- Нека почека! - се слушна силниот глас на старецот.
Јас седнав во претсобјето на една клупа. Откако го заврши својот разговор со жената, старецот високо извика: - Вањушка!
Јас не можев ни да помислам дека тој повик е упатен кон мене (официјалниот гостин) и затоа мирно си седев на местото. Келијникот прозборе, откако се насмевна: - Баќушката Ве вика Вас!
На мене - губерниското конте, таквиот патријархален однос ми се стори мошне неочекуван. Но, од ова, јас не почувствував никаква навреда. Напротив, тоа просто обраќање на големиот старец, некако ми се допадна и ми ласкаше. До денес, јас тоа си го спомнувам со некаква душевна радост.
- Вањушка! Дојди тука! - продолжи старецот и додаде со љубов: -
Еј, сега ќе те истепам!

Се приближив до старецот, добив благослов, паднав на колена и му раскажав за моите проблеми кои ме обеспокојуваа. Старецот ме ислуша со татковска љубов, поразговара со мене, внесувајќи преку тоа радост во моето срце и при збогувањето ми претскажа дека ќе дојде време кога ќе станам монах. По 7 години тоа негово претскажување се исполни."

Така, со својата простота отец Леонид засекогаш го придобил срцето на Иван Иванович.
Но, баќушката не бил секогаш ласкав. Понекогаш пројавувал неочекувана грубост. Тој чувствувал кого како треба да го пречека. Но и кога бил суров, тој тежнеел кон спасението на човечката душа и го постигнувал. Раскажуваат ваков случај: Недалеку од Оптина живеел некој горд земјопоседник кој се фалел дека само со еден поглед кон отец Леонид веднаш можел да разбере каков човек е тој. И ете, еден ден тој го посетил старецот. Ќелијата била полна со народ. Новодојдениот гордо влегол внатре. Тој бил необично висок и доста полн човек. Отец Леонид ставил дланка над своите очи, како што се поставува рака при силно сонце, за да се види подобро некој предмет, го погледнал гостинот и рекол: „Види каков ќутук доаѓа. Дошол да види каков човек е грешниот Леонид, а самиот тој е калпазан! Цели 17 години ниту се исповедал, ниту се причестил!" Тие зборови толку го поразиле земјопоседникот, што почнал да трепери. Пред сите признал, со солзи в очи, дека е голем грешник и дека навистина 17 години не бил на исповед и не се причестил со светите Христови Тајни...

Се знаат и други слични случаи на проникливо изобличување од старецот.
Друг еден богат земјопоседник, кој одделувал многу нешто од своите средства за светото братство, до длабока старост живеел незаконито со една своја кметска селанка. Таа јавна тајна била крајно одвратна, дотолку повеќе што земјопоседникот си имал законска жена и женети синови и ќерки. Бидејќи знаел колку многу го помагал манастирот и колку сите му се задолжени, тој намислил да се исповеда при отец Леонид, сметајќи, можеби, дека така лесно ќе се издигне неговото реноме пред луѓето. Тој го замолил игуменот да ја уреди таа исповед. Меѓутоа, какво било изненадувањето на богаташот, кога дознал дека, старецот откажал да го прими на исповед. Земјопоседникот бил крајно настојчив човек. Тој почнал засилено да дејствува преку игуменот и други влијателни лица. Многуте молби најпосле го предомислиле старецот. Тој се согласил да го прими, но изјавил дека не одговара за последиците. Богаташот се исповедал, ама старецот не му допуштил да се причести, истакнувајќи ја, се разбира, како главна причина неговата незаконска врска. Може човек да си претстави каква шлаканица било тоа за гордиот земјопоседник, кој не бил навикнат некој да му противречи. Тој се чувствувал длабоко понижен и пред ќерка си, со која дошол на поклонение во манастирот, и која, знаејќи за таа незаконска врска на својот татко, била многу задоволна од она што се случило. Посредништвото на игуменот и на други лица за омекнување на казната не помогнале. Непопустливоста на старецот се покажала потврда од сите застапништва. Длабоко засегнат, земјопоседникот се вратил во својот дом. Не поминало ниту месец по ова и тој ја прекинал својата незаконска врска. Така, со својата строгост отец Леонид спасил една душа која пропаѓала!

Старецот Леонид умеел истовремено да биде и крајно строг и крајно полн со љубов, оти бил издигнат над секакви страсти и пристрастија.
Еден негов ученик раскажува: „Често се случуваше баќушката да ми упати такви строги и горчливи укори, така што едвај се држев на нозе да не паднам. Но, веднаш потоа, старецот сам ќе се смиреше како дете и така ќе ме успокоеше и утешеше, и на душата ми стануваше лесно и радосно. И јас си заминував смирен и весел, како баќушката да ме пофалил, а не укорил."

Криејќи ја својата духовна мудрост и смирувајќи се себеси, старецот успевал да ги смири и другите. Тој прекрасно знаел како и со што да ги посрами гордите и на кој начин да ги вразуми, та не само да го почувствуваат тешкото изобличување, туку и да се поправат. Бог му давал да види, кој колку може да понесе и Севишниот го раководел како да ги утешува оние кои се склони кон очај. При својата видлива простота, дури и грубост, отец Леонид имал благодатен однос кон луѓето. Тоа не навредувало, туку привлекувало! Неговата искреност претставува целосна спротивност на очигледното лицемерие во светските односи, за кое Псалмопевецот говори: Устите им се помеки од масло, а во срцето им е непријателство; зборовите им станаа како елеј, но тие се стрели (Пс. 54, 22). Кај отец Леонид се забележувало токму обратното; дури и во неговите „жестоки" и остри зборови секогаш се пројавувала само светата вистина. Зад секој негов необјаснив збор или постапка ѕиркала неговата незлобива душа полна со љубов, зафатена само со една мисла - како секому да му помогне во спасението.

Некои од посетителите во манастирот наидувале на оние браќа, кои не биле добро расположени кон старецот. Откако го виделе тоа, неговите ученици - по човечка слабост - се натажувале и плашеле, дека тие браќа ќе ги привлечат посетителите кон себе и нема да ги пуштаат кај старецот. Но, отец Леонид не се плашел од тоа и им кажал на своите ученици: „Не обеспокојувајте се! Своите секогаш ќе го најдат својот." Со тоа сакал да каже дека, оној што искрено бара спасение, секогаш ќе си најде соодветно добар наставник. А кој, при својата желба да се спаси, покрај ова, се рако-води и од човечки сметки или е двоедушен или неверен или самонадежен или во се нешто гледа сомнително - тој ќе наиде на таков наставник, каков што му одговара, но кој не ќе му биде од полза.

Старецот еднаш му кажал на еден од своите ученици: „Ако ти си простосрдечен како апостол, ако не ги криеш (на исповед) своите човечки недостатоци, ако не се преправаш како побожен и не лицемериш, ти ќе одиш по најкраткиот пат на спасението и ќе ја привлечеш кон себе Божјата благодат. Не лагата, не лукавството, туку отвореноста на душата - ете што му е пријатно на Господа, Кој е смирен по срце (Мт. 11, 29) и Кој рекол: Ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно (Мт. 18, 3).

Меѓу учениците на старецот Леонид не можеле да се задржат лукави луѓе и лицемери. Таквите брзо го напуштале, гледајќи дека лажната светска учтивост и лицемерната чесност се непригодни за старечката ќелија, во која од почеток царувала духовната простота и детската нелукавост. Меѓутоа, таа не означувала наивност, ниту глупост, ниту слабоумие. Сите чувствувале дека е невозможно да го излажат старецот, било со изопачени вештини, било со лажно смиренословие. Старецот како некој искусен и внимателен психолог знаел многу добро колку вредат надво-решните пројави, несоодветни на внатрешната состојба на душата, и не одобрувал кога некој изнасилено сакал да се покаже смирен, усрден или побожен. Тој, таквиот го нарекувал „химера." Еднаш некој го прашал што разбира тој под овој збор. Старецот одговорил: - „Си гледал ли како цветаат краставичките? Има вистински цвет, кој дава плод, а има и цвет без заврз - тоа е пустоцвет, од кој не се раѓа краставичка. Имено, тоа е химера. Старецот барал од своите ученици не надворешни пројави на почит кон него, туку покорно и смирено исполнување на она, што тој им го наредувал со оглед на нивното лично спасение.

Преку благодатната сила на отец Леонидовите совети многу разнишани семејства биле закрепени и смирени, многу порочни луѓе - излекувани од своите погибелни слабости, многу расколници - вратени кон Православието.

Сите, кои со вера се обраќале кон отец Леонид едногласно сведочат дека во неговата ќелија чувствувале внатрешен мир, срдечно успокоение и радост. Дојдените со голема тага си заминувале со олеснение. А, оние кои се исповедувале при него се растоварувале од своето гревовно бреме. Ако тие пропуштале да кажат нешто, било поради заборавање, било поради срам, старецот ги поттикнувал и тоа да го исповедаат. Тој го имал необичниот благодатен дар да ги напомнува заборавените гревови.

Еден од оптинските јеромонаси раскажува: „Пред да дојдам за монах во Оптинско братство, еднаш дојдов тука да се причестам. Се исповедав пред манастирскиот исповедник, но, во мојата душа чувствував некаква вознемиреност и неспокој. Затоа се обратив кон старецот Леонид. Баќушката ми рече:

- Вознемиреноста веројатно ти доаѓа од тоа, што не си открил пред духовникот се, како што треба при исповедањето.
И потоа, за неколку минути ми ги напомна неисповеданите мои гревови и велеше: „Не си го извршил ли ти, на пример, тоа и тоа?..."
Откако признав, дека самиот сум виновен за точно таквите гревови, вознемиреноста ми исчезна. Јас се успокоив и со мир во душата се причестив." Друг пак, ученик на отец Леонид раскажува дека, откако ги исповедал пред старецот своите мисли, понекогаш ќе скриел по нешто од страв и срам. Отец Леонид ја ислушувал исповедта и потоа го напомнувал скриеното со зборовите:
- А, зошто го премолчуваш тоа и тоа?...
Сочувствувајќи со оние кои доаѓале за помош при него, отец Леонид ги олеснувал и духовно и телесно. Тој лекувал страдални од разни болести, дури и бесни. За таа цел ги помазувал со елеј од кандилото, кое постојано горело пред иконата на Владимирската света Богородица, подарена од неговиот старец Теодор. Секој добивал помош според својата вера.
Победата над бесовите за отец Леонид била можна, бидејќи тој претходно ги победил своите страсти. Никој не го видел помрачен од страста на гневот. Во него немало раздразнетост. При најтешките негови искушенија, особено во време на гоненијата против него, тој никогаш не негодувал, никогаш не пројавил нетрпение и малодушие, ниту паѓал во тага, туку секогаш бил весел. Некои се чуделе на тоа негово постојано благодушно расположение и го прашале, како го придобил сето тоа.
- Живеј попросто! - одговарал старецот - Бог и тебе нема да те
остави.

И потоа додавал: „Леонид секогаш беше последен во манастирите. Тој, никогаш не се откажуваше од никаква порака на игуменот. Во навечерието на големите празници другите одат во црква, а Леонид го испраќаат во чифликот да донесе сено за коњите на пристигнатите гости. Потоа, пак го испраќаат, уморен и без вечера, да пее на певница. Тој се покоруваше без негодување. Погрижи се и ти да живееш така, па Господ ќе ја пројави и кон тебе Својата милост!"

Овој прекрасен подвижник имал постојан допир со светот преку своите посетители, но светот немал власт над него. Старецот за световниот дух претставувал непристапен остров кон кој се втурнале брановите на овој свет, без да можат да го разнишаат. Бродоломците од светските бури се спасувале во ќелијата на старецот како во тивко пристаниште.

 

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (1)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (2)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (3)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (4)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (5)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (6)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (7)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (8)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (9)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (10)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (11)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (12)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (13)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (14)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (15)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (16)

 Optinski.starci.jpg

Издавач: ЃаконијА

2004

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел