Глава 4

ГОНЕЊАТА ПРОТИВ ОТЕЦ ЛЕОНИД

Кај светиот апостол Павле читаме: „Сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидатгонети (2.Тим. 3, 12). Тоа илјада пати е докажано како вистина.
Преземани од ѓаволот, кој не може спокојно да го гледа напредокот во доброто, гоненијата обично се спроведуваат од луѓе заразени од завист кон благочестивите Божји угодници. Други луѓе пак, не се опседнати од нечестиви желби да ги гонат своите собраќа. Напротив, тие често имаат некаква ревност по Бога, но не секогаш разумна. Облечени во мантијата на благочестието, тие во името на Бога и божемно раководени од Неговата правда, ги започнуваат гонењата против вистински праведните луѓе, вообразувајќи си дека на Бога Му пршесуваат служба (Јн. 16, 2). Така се случило и со старецот отец Леонид.
Успесите на Божјото дело среде монаси и мирјани при неуморната активна проповед на старецот, природно, не му се допаднале на пеколниот непријател на човечкото спасение. Особено го збеснувало откривањето на гревовните мисли и желби при спроведување на исповедта од старецот. Гаволот многу добро знае, дека преку откривање на помислите и преку исповедта се разоткриваат и осуетуваат сите негови пеколни планови и подлости. Затоа тој се насочил да го уништи старештвото во Оптина уште во неговото појавување. За постигнување на таа цел тој се послужил со оптинските непросветени монаси, кои, до доаѓањето на отец Леонид во нивниот манастир не го познавале старештвото, а секој се подвизувал и се спасувал без старечки надзор и без духовно раководство, како што самиот сметал за добро. Тие браќа главно обрнувале внимание врз надворешните монашки тешкотии, а не врз внатрешната состојба на душата, во која, дури и при надворешно послушание можат да беснеат разни погубни страсти. Кога отец Леонид проговорил за старечкото раководство, за исчистување на совеста, за доброволно откривање на помислите, за отсекување на своите желби и за откажување од своите сфаќања, со еден збор - за внатрешниот духовно-благодатен подвиг, сето ова им се сторило како некакво ново, непознато учење, кое, некои го нарекувале дури и „ерес." Старите браќа, кои поради својата возраст не можеле толку лесно да се прекршат, почнале јавно да негодуваат и да се искажуваат против таквите „новововедувања." На Леонидовите ученици тие гледале со недоверба и омраза, при што старецот ги учел да бидат смирени пред возрасните оптински браќа. Но, незадоволните преку ова не се чувствувале задоволни, туку мрмореле и ги заразувале со своето негодување и другите браќа. Исползуван бил и аргументот дека кај отец Леонид се собираат за совети и поуки многу надворешни посетители, и со ова, наводно, се нарушувал манастирскиот ред. Всушност, немало апсолутно никакво нарушување на манастирските поредоци, бидејќи, како што видовме, посетителите го барале старецот Леонид не во скитот, не во манастирот, туку во неговата ќелија, изградена кај пчеларникот, понастрана од скитот. Кон тие незадоволници се присоединиле и некои монаси, лично незадоволни од игуменот отец Мојсеј, кој, како што знаеме, самиот жеднеел за воведување на старештвото во Оптинскиот манастир и високо ја ценел духовната дејност на праведниот старец Леонид.
Во 1830 г. калушкиот архијереј Гаврил ја посетил Оптина и гледајќи колку се неосновани доказите на оние кои негодуваат, ги свикал сите браќа и во нивно присуство го искажал нагласеното внимание кон игуменот отец Мојсеј, а на незадоволните остро им забележал и ги повикал кон поправање. Тоа ја омекнало атмосферата во Оптина и макар што бранувањето среде возрасните браќа не стивнало сосема, сепак отец Мојсеј и старецот Леонид можеле спокојно да ја продолжат својата досегашна дејност.
Некои од незадоволните браќа го напуштиле Оптинското свето братство, но тоа не го намалило бројот на монасите, зашто постојано придоаѓале нови млади сили, кои го зголемувале бројот на братството. Среде многу тешкотии старецот продолжил да го врши своето свето дело. Некои агенти на злото распространувале среде простиот народ лоши гласови за отец Леонид, без да го познаваат лично. Други пак, скептици, слушајќи од луѓето восхитени одзиви за старецот, можеле да добијат од него голема духовна полза и не обѕирнувајќи се, велеле: „Ајде да отидеме и да видиме каков е тој старец." Тие оделе без вера при отец Леонид и, се разбира, не добивале никаква духовна поука, туку уште повеќе ја зголемувале недовербата кон старецот со која си навлекувале тешки гревови.
Вистина е, дека за неинформираните, воведувањето на старечкиот институт во манастирите изгледало како новост. А всушност, старештвото постоело уште од најдревни христијански времиња и се среќавало во сите познати манастири. Основачот на монаштвото во Египет, св. Антониј Велики, по 35-годишни аскетски подвизи, станал, по зборовите на св. Атанасиј Велики, благ лекар за целиот Египет, т.е. духовен раководител и наставник на сите монаси и мирјани кои прибегнувале кон него. Такви биле повеќето од древните аскети. Дури и светите столпници, откако долго се подвизувале во самотија, кон крајот на својот живот се претворале во учители и лекари на страдалното човештво...
Но, мнозина од простите оптински монаси не го знаеле ова и старото го нарекувале - новост. Така или инаку, за да ги избегне немирите, новиот калушки владика Николај наредил отец Леонид да ја напушти својата ќелија кај пчеларникот и да се пресели во манастирот, откако строго забранил таму да го посетуваат светски луѓе и од двата пола. Волјата на архијерејот требало да се исполни. Но, бидејќи во манастирот не се нашла слободна и соодветна ќелија за отец Леонид, старецот привремено бил преместен во скитот. Меѓутоа, под притисок на разните интриги, наскоро следела заповед старецот веднаш да биде преместен во манастирот, што и се случило на 2 февруари 1836 г. Со длабока болка и со солзи во очите скитските браќа го испратиле старецот од скитот до манастирот. Тие биле вистинско духовно семејство, на кое му се одземал таткото и раководителот. Сега тие останале сираци.
За мудриот и високо-духовен игумен архимандрит отец Мојсеј и за неговиот роден брат отец Антониј, кој по ова бил началник на скитот, било многу тешко да го спроведат архијерејското распоредување. Тие биле поставени меѓу два огна - требало да се покорат на волјата на владиката, а истовремено сознавале колку погрешна е таа негова волја. Тие знаеле дека старецот е сосема невин и дека животот му е рамноапостолски.
За невино прогонуваниот старец страдале многубројните негови почитувачи и духовните синови и ќерки, кои, во неговото лице имале брз разрешител на нивните тешки животни прашања, верен советник во недоумиците и сомневањата, поткрепител во нивните тешкотии, опитен наставник во духовните борби и благодатен утешител при сите несреќи и незгоди во нивните животи. Затоа нивната тага била неизмерна...
Но, самиот старец со прекрасно душевно спокојство ја поднесувал постигнатата тешкотија, и дури не се сметал за гонет и малтретиран. По овој повод, тој му пишувал на еден предан духовен син: „Вие сте паднале во малодушност поради својата безгранична благорасположеност кон мене и мислите, дека сум во положба на притеснет човек. Меѓутоа, јас се чувствувам спокоен при тие божемни непријатности. Уверен сум дека со мене не може да се случи ништо, што не е дозволено од Бога. Ако пак, за моите гревови на Бога Му е угодно да ми испрати нешто непријатно, јас сум должен да го примам со покорност. Зашто, од Неговата рака не можеме никаде да избегаме." „Ако сите ме фалеа - му пишувал старецот на некого - тоа би било лошо за мене, по зборовите на Самиот Спасител: Тешко вам, кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас' (Лука 6, 26). Господ, навистина, се врши за наша полза, без Него ни влакно од главата наша нема да загине (Лука 21, 18). Што се однесува пак, до оние кои со усрдност се обраќаат кон мене недостојниот и според својата вера добиваат полза, тогаш Господ е силен и сега да му даде утеха на секого што ја бара и е достоен за неа. Тој ја дава, како преку пастирите, поставени од Св. Дух, така особено преку Своите скриени слуги. Само едно е потребно - оние кои бараат утеха во своите маки и недоумици, претходно да се подготват со вера и благорасположение да ги исполнуваат Господовите заповеди и црковните уредби и да ги бараат и примат со смирение и срдечна простота советите кои им се даваат. Од своја страна, јас Му благодарам на Господа; во својата совест чувствувам спокојство и не се оптоварувам ни најмалку од моето преместување."
Меѓутоа, Калушкиот епископ Николај преку московската тајна полиција добил анонимна достава, во која се повторувале семожните обвинувања против старецот отец Леонид и против Оптинскиот игумен отец Мојсеј - на пример, дека тој манифестирал несправедливо претпочитување на скитските старци пред оние кои живеат во манастирот, дека скитот во многу односи го поткопувал манастирот и дека тој, ако не биде уништен, преку него би можело да дојде до пропаѓање и разурнување на древното братство итн. По тој повод од игуменот отец Мојсеј биле побарани објаснувања. А, на отец Леонид му било забрането да ја носи големата схима на себеси, зашто бил пострижен за схимник ќелијно, без указ од епархиската канцеларија. Заедно со ова, се повторувала строгата забрана за примање посетители.
Таа забрана била повторувана многупати а, отец Леонид секој пат покорувајќи се на архијерејската волја, го прекинувал примањето на посетители. А и самиот тој сакал малку да се одмори од својот старечки труд, дотолку повеќе што во тоа време бил веќе 68-годишен. Во едно свое писмо, соопштувајќи дека по архијерејска волја престанал да прима посетители, тој исповедува, дека дури и да би му било дозволено да го продолжи своето старештвување, неговата телесна немоќ и изнемоштеност не му помагале да ги задоволува жедните луѓе за духовно раководство.
Но сепак, отец Леонид не можел долго да ја одбива Богодадената обврска да ги утешува и советува оние што доаѓале кај него. Зашто, независно од забраната, во манастирот доаѓале лица кои навистина имале крајна потреба. Тие се обраќале со упорна молба кон игуменот за содејствие да бидат примени од отец Леонид. Игуменот пак, како духовен човек, не можел да им откаже на таквите поклоници. Имајќи ги во предвид нивните трагични состојби и самиот понекогаш ги одведувал при старецот. А, кога игуменот не се решавал да го стори тоа, посетителите се обраќале кон самиот владика, кој, трогнат од нивните солзи, најпосле благословувал отец Леонид да ги прими.
Веднаш примајќи ги испратените од владиката или оние кои игуменот му ги доведувал, отец Леонид повторно ги отворил вратите за сите, образложувајќи вака: Ако е забранет приемот, тогаш никој не треба да се прими. Штом пак, може некои да бидат примени, тогаш треба да се примаат сите. За таков начин на делување отец Леонид постојано бил укоруван, а некои дури гледале во него голема самодоверба и желба да биде учител. Всушност, праведниот старец бил далеку од секаква мисла за човечка слава. Тој длабоко ги сакал страдалниците и не можел да не им помогне. Меѓутоа, вака не мислеле неговите непријатели и обвинители.
Еден ден, игуменот отец Мојсеј, обиколувајќи го манастирот видел голема толпа народ пред ќелијата на отец Леонид. Тоа го вознемирило, затоа што од неодамна беше добиена од архијерејот нова заповед да не се пуштаат посетители кај старецот. Игуменот влегол во ќелијата.
- Отец Леонид! - рекол тој. - Зошто примате луѓе? Зарем владиката не забрани секаков прием!
Наместо одговор, старецот замолил да излезат од собата оние со кои разговарал и им рекол на своите ќелијници да внесат еден сакат човек, кој во тоа време лежел пред вратата на неговата ќелија. Тие го донеле на раце и го положиле пред старецот. Игуменот сето ова го гледал зачудено.
- Ете, погледнете го овој човек! - ја започнал својата заштита старецот. - Гледате ли дека сите негови делови на телото се поразени? Господ го казнил за неговите нераскаени гревови, бидејќи извршил некакви престапи. За сето ова тој сега страда. Тој е жив во пеколот. Но, може да му се помогне. Господ го довел кај мене, за да се покае искрено и за да можам да го изобличам и поучам. Смеам ли да не го примам?! Што ќе кажете вие за ова?
Слушајќи ги објаснувањата на отец Леонид и гледајќи го пред себеси страдалникот, отец Мојсеј се растреперил. Но, кога се созел, проговорил:
- Меѓутоа, архијерејот прети дека ќе Ве испратат на заточение!
- Е, и што од тоа? Ако сакате, испратете ме во Сибир, запалете клада и фрлете ме во оган! Јас ќе останам истиот Леонид. Јас самиот никого не повикувам, но оние кои доаѓаат при мене не можам да ги изгонам. Особено среде простите луѓе мнозина загинуваат од неразумност и имаат потреба од духовна помош. Како можам да ги пренебрегнам нивните духовни потреби кои повикуваат?!
Игуменот не можел да возврати ништо на ова и се оддалечил молчеливо, оставајќи го старецот да живее и дејствува како што Самиот Бог ќе му покаже.
Во 1837 г., т.е. следната година по преместувањето на отец Леонид од скитот во манастирот, Киевскиот митрополит Филарет, со кого отец Леонид се познавал уште како игумен на Белобержескиот манастир, го посетил Оптинското свето братство. Митрополитот бил придружуван од Калушкиот епископ Николај. Високите гости го разгледале манастирот и биле многу задоволни. Митрополитот Филарет пројавил особена благонаклоност кон игуменот отец Мојсеј и кон смирениот старец отец Леонид. Тој знаел каква благодатна духовна работа врши последниот и со своето внимание го залечил и омекнал непријателскиот однос кон него. Откако забележал дека отец Леонид не носи схимничко одејание, митрополитот го запрашал во присуство на епископот Николај:
- А, зошто не си облечен како схимник?
Старецот молчел, за да не го открие Епархискиот архијереј кој му забранил да ги става на себе карактеристичните белези на схимниците.
- Ти си схимник - продолжил благочестивиот митрополит - и треба да носиш схима.
Од тој ден до крајот на својот живот отец Леонид почнал да го носи схимничкиот голем параман. Киевскиот митрополит пројавил благопожелен интерес и кон осигурување од прикривање на скитот и на тој начин го зацврстил неговиот опстанок. Воопшто, високата посета на сеопшто почитуваниот Киевски митрополит и неговото благонаклоно внимание, укажано на игуменот и на старецот, имало многу благотворни последици за Оптинското свето братство и за неговиот скит. Самиот преосветен Николај престанал да се доверува така некритично на поткажувачи и зли луѓе.
Така, гонењето на отец Леонид стивнало. Макар што продолжил да живее во манастирот, отец Леонид веќе послободно општел со скитските браќа, кои за цело време на гонењата не престанале да го сметаат за свој отец и незаменлив раководител. Сега тие почесто го посетувале во манастирот за да ги лекуваат своите душевни слабости. А и самиот отец Леонид одел редовно во скитот, каде што секоја сабота и недела ги поминувал среде своите сакани духовни чеда. Народот пак, насекаде го следел - и во манастирот и во скитот, за да добиваат од него - кој благослов, кој совет, кој исцеление.
Еднаш во Оптинскиот манастир дошол архијерејскиот намесник на градот Белев, протојерејот Јован Глаголев, кој многу го почитувал и сакал отец Леонид. И старецот му возвраќал со истите чувства. Гостинот го нашол старецот опкружен од селанки кои го прашувале де за едно, де за друго. Отец Глаголев се осмелил да запраша: - Баќушка, како не ви здодеа да се расправате со тие бабички?
- Навистина, отец Јован - одговорил старецот - тоа би требало да биде ваша работа! Меѓутоа, како вие ги исповедувате? Ќе им зададете две-три прашања и тоа е целата исповед. А, би требало да влезете во нивната положба и да вникнете во нивните состојби, да разберете како им е во душата, да им дадете полезен совет и да ги утешите во нивните несреќи. А вие, го правите ли тоа?... Ќе се оправдате дека немате доволно време да се занимавате со нив надолго и нашироко. Но, ако и ние не ги примиме, кај кого ќе отидат тие бедните со своите страдања?
Протојерејот сфатил колку е неумесна неговата забелешка кон праведниот старец и колку вистинити се неговите зборови.
Друг пат, некој јеромонах А. патувал од градот Козелск за Смоленската губернија и минувал низ осамени селца. Откако дознале, дека патникот доаѓа од Оптина, сите селани го прашувале за отец Леонид и сакале да дознаат нешто за него.
- А вие, откаде го познавате? - прашал отец А.
- Како да не го познаваме отец Леонид! Та, тој за нас, бедните и прости луѓе, е повеќе од роден татко. Без него ние би биле група сираци!
Таков спомен, потраен од мермерните и гранитни споменици, беше подигнал во срцата на простите селани прекрасниот старец отец Леонид со својата татковска љубов и грижа за нив!

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (1)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (2)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (3)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (4)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (5)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (6)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (7)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (8)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (9)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (10)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (11)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (12)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (13)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (14)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (15)

арх. Серафим - ОПТИНСКИТЕ СТАРЦИ (16)

 

 Optinski.starci.jpg

Издавач: ЃаконијА

2004

Главен и одговорен уредник: Митрополит Брегалнички г. Агатангел