логоFacebookTwitterYouTubeeMail

  НЕ ГИ ОСТАВАЈТЕ ВАШИТЕ ДЕНОВИ БЕЗ ЖИВОТ

3.angeli.so.truba

Ти дојде и ми рече дека едноставно посакуваш побргу да заврши денот кој штотуку започнал. Таа мисла која се родила во тебе, од тебе и за тебе претставува  затвор, задушување и заробеништво.
Вие  следите одредени правила; правила што ви обезбедуваат  да го поминете денот на безболен начин затоа што не очекувате да се случи нешто добро, живеејќи  во очај и немир дека ситуацијата нема да се влоши. Вашата болка, проблеми, грижи, мисли ве надвладеаја. Се оставивте во виорот на тагата, затоа што  престанавте да се надевате  и  престанавте да верувате.


Вие само продолжувате да постоите и ништо повеќе. И страдате. Сакате да ја прекинете ова тортура, но не правите ништо суштествено  за да ја надминете состојбата во која се наоѓате. Лелекате, ги правите вашите пресметки и повторно се  разочарувате. Се губите во помислите. И така, се чувствувате ментално уништени. Немате желба за ништо, иако вашето срце копнее за  Живот.
Велите дека сте уморни. Ако е така, одморете се; но не го отфрлајте Животот. Тоа не е решение. Не е исправна одлуката да ги оставите вашите денови без живот.


Сè она што влегува и се случува во нашиот живот, служи за оформување на нашата личност и нашето живеење. Решението  доаѓа кога ги прифаќаме нештата кои што сакаме да ги отфрлиме и моментите кои што сакаме да изчезнат. Само тогаш можеме правилно да се однесуваме кон сите прашања што ни се поставуваат. Таквиот пристап ќе ни го донесе мирот и веројатно дека ќе ни го понуди и решението. Ако одбиваме да ги прифатиме животните ситуации кои ни се случуваат, тогаш единствената работа што ќе ја постигнеме е постојано да страдаме и да го зголемуваме нашиот проблем.  Да не се преправаме дека не ги гледаме работите околу нас. За да надминеме одредена состојба, мора директно да погледнеме на неа, а не да се обидуваме да ја избркаме на магичен начин.

И уште една работа - превземете ја вашата одговорност. Не ја пренесувајте одговорноста само на другите или на околностите. Повеќе или помалку и вие сте виновни за се она што ви се случува. И, ако не сте виновни за тоа, виновни сте за нешто друго. „Во едно грешиме, а во друго сме казнети“, се вели во една поговорка.
И, ако имате потреба од помош ( а на сите ни е  потребна помош ), не двоумете се да дојдете и повторно  да разговарате со вашиот свештеник ( духовник ), не двоумете се да се молите, не двоумете се да разговарате со пријател за  кој што знаете дека ќе ве ислуша и ќе ви помогне. Во секој случај, отворете се за другите.  Сè станува смрт  во нашите животи кога се затвораме во школката на нашето его. Не правете го тоа.

Нашиот крст ќе стане наше Воскресение само тогаш кога ќе го прифатиме и кога смирението ќе влезе во нашето срце,смирение  кое ќе ни донесе покајание. И тоа повторно  ќе ни ја донесе  радоста во нашиот  живот наместо “смртта” што ја чувствуваме постојано.
Ако сето ова ви изгледа како празна теорија, не го читајте. Само излезете надвор и полека прошетајте... И тоа е нешто. Но, постојано имајте го на ум Бог, дури и за време на вашата прошетка. Затоа што само Тој може да ве ослободи од вашиот пекол, затоа што само Тој може да ве натера да го видите вашиот живот на поинаков начин, да го видите животот без „отстапки“, во неговата целосна полнота.

3.angeli.so.truba

Автор: архим. Павел Пападопулос
 
Извор: bogonosci.bg

 21ви септември 2020 лето Господово




Превод : Симеон Стефковски

 3.angeli.so.truba

  • Simeon Stefkovski

 



Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie