КАНОН НА
ЧЕСНИОТ И ЖИВОТОТВОРЕН КРСТ ХРИСТОВ


ТРОПАР, глас 1ː
Спаси ги, Господи, луѓето Твои, и благослови го наследството Твое, победа над душманите подари им на Православните Христијани, и со Крстот Твој чувај го народот Твој.

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, и сега и секогаш, и во сите векови. Амин.

Крстобогородиченː Твоето застапништво имајќи го, Пречиста, и со молитвите Твои од зло избавувани, и со Крстот на Синот Твој секогаш заштитувани, по заслуга Тебе благочестиво сите Те величаме.

ПСАЛМ 50.

КАНОН, глас 4ː
творение на Григориј Синаитː

песна 1ː
ирмосː Ќе ја отворам устата моја, и таа со Дух ќе се исполни, и слово ќе ѝ прословам на Царицата Мајка, силно ќе торжествувам, и ќе ги воспеам радувајќи им се на чудесата Нејзини.

Припевː Слава, Господи, на Крстот Твој чесен!

Крсту сесилен, похвало апостолска, на преподобните утврдување и на верните знамен, на ерарсите и мачениците слава, победа и утврдување на сите кои те фалат.

Крсту сечесен, четвороконечна сило, благолепие на апостолите и крепост на мачениците, на раслабените здравје си им, на мртвите воскресение, а на паднатите воздвижение.

Славаː Крсту, биди ми сила, биди ми крепост и тврдина, и избавител и соборец на боиштето мое, штит и заштита, победа и утврдување мое, секогаш чувајќи ме и покривајќи ме.

И нињеː На Крстот, Сенепорочна, Синот Твој штом Го здогледа, мечот на тагата утробата Твоја ја раскина, и воскликна ридајќи од болкаː но веднаш ја прослави силата на крстот.



Песна 3ː

Ирмосː Песнословците Твои, Богородице, жив и неисцрпен Извору, во собор духовен утврди ги, и во божествената слава Твоја со венци на слава удостој ги.

припевː Слава, Господи, на Крстот Твој чесен!

Крсту сечесен, оружје на преподобните, двосек мечу Христов, на верните украс, на болните исцеление и застапништво, и на умрените воскресение.

Крсту, темелу на благочестието, уништувач на демоните си, и на Црквата благолепие; погибел на нечестивите, и срам на демоните во денот на Судот.

славаː Крсту животоносен, крепост моја биди, и победа, и штит, и ѕид неразрушив, изгон на демоните, на помислите смирение, и на умот мој сохранение.

и нињеː Срамното распетие и смртта неподобна, Твојот Син ги поднесе, Дево Владичицеː но кога се вознесе, како Бесмртен, ја урна врашката демонска сила.

СЕДАЛЕН, глас 8ː

Тајно го изобрази, Исус Навин во дамнина крсниот образ,  кога рацете свои крстовидно ги простре, Спасе мој, сонцето го запре дури враговите не ги положи пред Тебе, Божеː сега, пак, зајде тоа, на Крстот гледајќи Те, додека крепоста смртна Ти не ја разруши, сиот свет со Себе подигајќи го.



Песна 4ː

ирмосː Седејќи во слава на Престолот Божествен, во облаци лесни, со нетлени стапки дојде Иисус Пребожествениот, и ги спаси оние што воспеваатː Слава, Христе, на Силата Твоја!

припевː Слава, Господи, на Крстот Твој чесен!

Како светов четириконечен, и како меч тросек сечејќи ги началствата на мракот, нѝ го изобрази, Крсту, возвишеното оружје Христово, и непобедливата победоносност сесилна.

Твојата висина, животоносен Крсту, воздушниот кнез го бие, длабочината твоја во бездната змијата ја смачкува, ширината на ништо не слична, го урива кнезот светски со крепоста твоја.

славаː Вознесувајќи се, паднатите со себе ги понесе, и подигајќи го естеството земно, на престолот Божествен си му се сопрославил, Крсту, висино возвишена, мосту светски, побрзај и душата моја од понорот на страста вознеси ја.

и нињеː Крстообразно дланките Свои рашири ги, Пречиста Отроковице Богородице, кон Оној Кој на Крст распнат беше, молитвите свои принеси ги, за сите кои верно Тебе Ти се молиме.



Песна 5ː

ирмосː Се ужаснаа сите од Божествената слава Твоја, зашто Ти, Неискусобрачна Дево, во утробата Своја Го имаше Бога на сѐ, и Го роди безлетниот Син, мир давајќи им на сите што Те воспеваат.

припевː Слава, Господи, на Крстот Твој чесен!

Крсту единочестен, лествицо небесна која нѐ возведува кон светињите, Христова висина си и слава, изобразителен символу Божји, на видливиот и невидливиот свет.

Крсту, образу со сила неопишана, на водите осветување, и на воздухот очистување, осветување и просветување сечие, знамен на храброста, и Христов скиптар непоколеблив, враговите во земја што ги сотира.

славаː Крсту сесилен, погуби ги враговите злочестиви, што безумно те мразат и хулат; јазиците нивни спали ги, и згасни го роптањето нивно. О, Крсту сесвет и христоносен, запази нѐ во крепоста твоја.

и нињеː Царице и Владичице на сѐ, со скиптарот на рождеството Твое, уништи ги оние, на крсната сила што хулатː и дај му крепост и смелост, победа и помош на Православниот народ Твој.



Песна 6ː

ирмосː Овој Божествен и сечесен празник празнувајќи го, богомудри на Богомајката со раце да ѝ заплескамеː Од неа родениот Бог Го славиме!

припевː Слава, Господи, на Крстот Твој чесен!

Крсту, на сите воскресение, Крсту, на паднатите исправување, на страстите умртвување и на плотта скротување, Крсту, на душите слава и светлост вечна.

Крсту, на враговите погубување, Крсту, на злочестивите рана и заробување, и крепост на верните, на благочестивите пазител, и на бесовите изгонител.

славаː Крсту, на страстите гибел, Крсту, на помислите одгонител, Крсту, на поганото искушение пораз, и на душите наши ловец.

и нињеː Кога Крстот ќе се подигне, паѓаат духовите на демонските чинови, кога Крстот снисходи, нечестивите се ужаснуваат, како  молња гледајќи ја крсната сила.



КОНДАК, глас 4.
Ти, Кој доброволно на Крстот се вознесе, истоимениот нов народ Твој со штедроста Своја дарувај го, Христе Божеː возвесели го со силата Твоја благоверниот Православен народ Твој, дарувајќи му победа над непријателите, на помош имајќи го оружјето на мирот Твој, - победата непобедлива.

ИКОСː
Оној кој до третото небо вознесен беше во рајот, и зборови неизречени и божествени слушна, кои недостапни се јазикот човечки да ги збори, на Галатјаните напишани, - како љубители на Писмото ги прочитавме и познавмеː јас, вели, не дај Боже со нешто друго да се пофалам, освен со Крстот Господов, на кого страдајќи страстите ги уби. И ние, токму затоа, го почитуваме Крстот Господен, како пофалба на сѐː зашто спасително за нас е тоа дрво, оружје на мирот и победа непобедлива.


Песна 7ː

ирмосː Не ѝ послужија на тварта,  богомудрите, како на Створителот; туку огнената закана мажествено ја сотреа, и радувајќи се пеејаː Превоспеан од отците Господи и Боже, благословен Си!

припевː Слава, Господи, на Крстот Твој чесен!

Крсту живототворен, ти си книга на животот, запечатена со силата на седумте збора на Животодавецот, Кој на тебе умреː со нив, од седумте смртни гревови мене разреши ме.

Крсту, наставнику на доблестите четвороначалниː книго на мудроста, на правдата мерило, на храброста сило, и темел на воздржаниеː настани ме со нив во Градот Небесен, - Четириаголен.

славаː Дрвен Крсту триделен, трите во мене сили душевниː разумот, чувствата и волјата, со трите доблести божествениː верата, надежта и љубовта – укрепи ги, и кон созерцание Троично воздигни ги.

и нињеː Крстообразно рацете ширејќи ги, Чиста, кон Оној Кој рацете Свои на дрвото крстообразно ги простре, и естеството наше го вознесе, и ја уништи толпата демонска, не престанувај да се молиш.

Песна 8ː

ирмосː Отроците благочестиви во печката, рождеството Богородично ги спасиː тогаш ова претскажано, а сега остварено, целата вселена ја поттикна да Ти пееː воспејте Го дела Господа, и превозносете Го во сите векови!

припевː Слава, Господи, на Крстот Твој чесен!

Величество на страданијата Христови си, и лак, и копје, и меч, оружје непостидно и сила непобедива, подножје Христово, и победа над демоните, знак на Царството и скиптар на верните, Крсту победоносен.

Го подигна и го совоскресна нашето паднато естество, со Христа на тебе распнатиотː висино божествена, длабочино неизглаголива, ти си Христов знак, животоносецу, Крсту сештедар и ширино безмерна, и знак на недостижната Троица.

славаː Вие кои со усните, со душата и срцето Крстот Господен го целивате, пристапете сега, да го прославиме сите и да го возвеличаме и поклонувајќи се, со песна пречиста да кажемеː радувај се, богатство возвишено, Крсту, украсу црковен.

и нињеː Дрво на живот и спасение, дрво на бесмртност, дрво на промисла, дрво триљубезно, нетлено и неразрушиво, Крсту троделен, дрво чесно, на Троица образот триипостасен го носиш.



Песна 9ː

ирмосː Секој земнороден со Духот просветен нека заиграː нека торжествува естеството на бесплотните умови, почитувајќи го свештеното торжество на Богомајката; и нека воспеваː Радувај се, Себлажена Богородице, Чиста Приснодево.

припевː Слава, Господи, на Крстот Твој чесен!

Кој ќе ги возвести, како што е напишано, светољубив Крсту, дејствата твои, силите твои и чудесата? Воскресението на мртвите со кое сиот свет со себе го подигна, вознесувајќи се кон Бога, Севозљубен.

Тврдино на верните, Крсту триблажен, знаку и пофалбо, дрво сесилно, Крсту Христов велик и совршен, на апостолите пофалбо, на преподобните утврдување, на мачениците крепост и тврдина, на царевите победа и слава.

славаː Радувај се, Крсту, образу и многуимен, дрво триблажено, страшно и себлаженоː Радувај се, Крсту сесвети сесилен, радувај се, пазителу на животот наш, севоспеан Крсту Господен.

и нињеː Чесен Крсту, пазител на душата и телото биди ми, со образот твој бесовите гонејќи ги, душманите губејќи ги и страстите гасејќи ги, и благослов давајќи ми, и живот и сила, со содејството на Светиот Дух и со чесните молитви на Пречистата.



 

Изворː ДОМОСТРОЈ, РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО ’95 бр. 11/12

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

24-ти септември  2018 лето Господово

Друго:

 

  • Поуки од Светите Отци