Стремежот да се живее комфорно никогаш не обезбедува долгорочни резултати. Човекот којшто трага по материјални задоволства и удобности постојано е немирен, зашто неговото внатрешно битие е празно и неисполнето со животворните духовни сили кои се толку потребни за душевен спокој. Тој ја бара постојаната среќа, ја бара „победата на правдата“ на земјата, но како последица од неговата потрага се стекнува само со страдање во својот дух; и никогаш не живее добро, зашто под зборот „добро“, тој ја подразбира само современата удобност. Современиот човек се одрекува од Христовата Црква, се плаши од неа, зашто во неа го гледа мечот со кој ќе треба да ги отсече страстите што неуморно го влечат кон пропаста во која тој навикнал да ужива. Страста никогаш не го задоволува човекот; похотта го влече кон нови ликови и настани, нови предизвици кои му овозможуваат уживање, но на крај го оставаат празен, та во него настанува духовен пустош.  

Можеби ќе кажете дека на Запад сепак, е убаво, сепак, постои нешто добро. Но денес како да заборавивме дека сета негова култура, сѐ она со коешто тој уште може да се пофали и гордее, во своите корени го има Христијанството! Она малку добро што можеби останало таму е плод на христијанизацијата во минатото. Да! Христијанството ги издигна поетите, уметниците и научниците кои живееја на тлото на Западниот свет, ги поткрепи со моќта на својата совршено морална наука, со благословот испратен од Бога, со силата на Крстот Христов; а сега Господ од Крстот плаче гледајќи ја пропаста на современиот западен човек, кој одлучил да Го избрка Него од своето постоење.  

Можеме да кажеме дека денес, на човекот кој живее на Запад познати му се поимите: правда, ред, тој знае и за креативност, меѓусебно почитување, толерирање на различните „култури и традиции“, верска рамнодушност, недискриминирање на разните неетички, неморални малцинства. И како резултат на тоа настапува отсуство на чувството за грев. Таквиот човек си мисли дека може да биде полезен доколку само совесно си ја извршува својата работа, ако го почитува соседот и можеби само еднаш во својот живот им помогне на вдовиците, осамените, старите и болните; или, пак, ако го почитува од песок изградениот западен систем на правила, сиромашен со духовна длабочина. И токму тоа е идеалниот лик на западниот човек, кон кој се стреми нашата денешна младина.

Младиот човек треба добро да размисли дали навистина сака пристоен живот исполнет со духовна содржина, или само земен комфор, по цена на одрекување од Христа. Зашто тоа нема да ја засити неговата животна глад, ниту ќе го напои со животворен нектар. Западот ниту од далеку не е идеален; преисполнет е со суровост, немилосрдна борба за опстанок во која се погазуваат основните морални начела, најпрекрасните традиции, борба во која заради постигнување на целта се ранува и раскинува не само сопствената душа, туку и душата на најближниот.  

А младиот човек само сака да изгради цврст и стабилен живот, и уверен е дека на Запад тоа е можно. Но не се ѕида куќа од песок, оти ќе заврнат дождови, и реки ќе надојдат и ветрови ќе дувнат и навалат на таа куќа, и куќата ќе падне. А паѓањето е страшно (спор. Матеј, 7, 26 - 27).

Извор: Бигорски манастир