Media-Lies

 21/10/2015   Актуелности, Поуки - совети

 

Поттикнат од изјавите на „добронамерните“ наши новинари и црковни „аналитичари“, не можев, а да не ја искоментирам реалната состојба, за која тие пишуваат.

Во ставовите на нашите „демохристијански“ медиуми и црковни „експерти“ постојано прелетуваат некакви анализи, обработка на донирани информации од непознати извори, кокетирање со потсвесните чувства за национален и религиозен идентитет, и нивна целосна примитивизација преку фрлањето на вината за сопствениот неуспех на некоја виша сила, политика, Црква. А Бог, верата, татковината, се користат како заштитни знаци, кои се толкуваат по желба, се разбира, со цел да се угоди на оние кои го претставуваат Народот.

Така, црковните експерти спомнуваат некакви си скандали, прецрквувања, нечии си мантии, „бришење на Македонскиот народ“, борба за дрес-кодот на невестите, па дури и без никаков срам си дозволуваат да ги откопуваат старите рани на луѓето, правејќи зомби претстави, и сето тоа го препишуваат на Црквата. И подигрувајќи се со најпримитивните чувства на луѓето, сакаат да пренесат нечија порака. И како после секоја претстава – следува аплауз.

Меѓутоа, ваквите крвави претстави повеќе ме потсетуваат на арени, отколку на театри. Не смееме да дозволиме, жедта за крв, гневот од својот неуспех и желбите за промени, агресивно и хаотично да ги нафрламе на општеството, државата, Црквата – ближните. Да, драги мои, вината и заслугите ги носиме сите.

Црквата е едно Тело, кое го сочинуваме сите христијани – подеднакво. И за нејзиниот успех/неуспех, сите имаме одговорност. Која е нашата одговорност, кога не сме попови? Одговорноста е да станеме достојни садови на Светиот Дух, да покажеме дека сме носители на царското свештентво (1 Пет. 2, 9), спомнувајќи си за целиот свет на олтарот на нашето срце. Свештениците се избраници од народот, кои се повикани да претстојуваат за нас пред Бога, и да Му ги принесуваат: „Твоя от Твоих“… Христос ги избрал апостолите, тие ги избирале нивните ученици и кажале неколку карактеристики за свештенството:

    Верно е словото: сака ли некој епископство, тој сака добра работа,
    2. Но епископот треба да е непорочен, маж на една жена, трезвен, целомудрен, чесен, почитуван, госпољубив, поучлив;
    3. не пијаница, не силеџија, не лаком, туку кроток, мирољубив и не среброљубив;
    4. својата куќа добро да ја управува и да има деца послушни со полно достоинство;
    5. зашто, кој не умее да ја управува својата куќа, како тогаш ќе се грижи за Црквата Божја?
    6. Да не е новопокрстен, за да не се возгордее и падне во суд со ѓаволот.
    7. Тој треба уште да има и добро сведоштво од надворешните, за да не биде укоруван и да не падне во примката на ѓаволот…

(1 Тим. 3 глава)

Расчинетите свештеници, кои толку вешто се тргаат од приказната, а кои се една од главните причини на споменатиот проблем, имаат сериозни канонски пречки. Нивното непокајание и упорствување во гревот ги довело до состојбата да го изгубат чинот, а икономијата кон верниците, која сеуште трае, толку време им овозможуваше да манипулираат со луѓето.

Соблазна е црковниот имот да припаѓа на Црквата, а не се соблазна да се одржуваат игранки во светите храмови? Соблазна е да се даде епитимија за гревот, а не е соблазна свештеници кои ја разрушиле својата домашна црква, кои упропастиле нечии души, да се претставуваат како пастири? Доколку Црквата постапеше според „несоблазнителните“ критериуми, истите тие новинари први ќе ги линчуваа свештениците за нивните гревови.

А Црквата не ги линчува и не ги казнува. Со нашите гревови, ние самите се оддалечуваме од Црквата. Задача на сите нас, како Црква, како заедница, е да се поучуваме, да ги носиме слабостите еден на друг, додека човек се труди во покајание. Но, моментот кога ние ќе почнеме да упорствуваме во гревот, кога ќе го земеме гревот како норма, ние самите се откажуваме од вероучението на Црквата и се одделуваме од Неа. Одлуката на Црквата, ќе биде само констатација на нашата состојба. Нема магиски пристап на давање/одземање на благодатта. Тоа е разликата меѓу канонски православен свештеник, и расчинет православен свештеник. А официјалното признавање или непризнавање, ќе си дојде само по себе – доколку живееме православно.

Свештениците кои го погазиле учењето на Црквата, и упорно го газат, очигледно е дека немаат многу заеднички делови со православното учење на Црквата, па и луѓето кои се црквуваат со нив, излегуваат следбеници на нивното учење. За жал, така се формирале и се формираат многу секти. Прифаќањето на канонски свештеници, и повторното примање на Таинствата, ќе значи истовремено и откажување послушност на расчинетите свештеници. А доколку човек смета дека во ред е да се има такво свештенство, тој веќе го одбрал својот пат, и самиот се одлачува од Светите Тајни на Црквата.

Додека е жив, човекот има можност за покајание. Официјалната припадност, и магиското учество во Таинствата нема да ни донесе спасение, доколку ние не почнеме да личносно да се преобразуваме во Црквата, дозволувајќи во нас да се појави Ликот Христов, откако ќе го видеме во лицето на ближниот. И само тогаш ќе можеме да ги решиме проблемите во Црквата. Доколку се сметаме дека сме христијани, православни христијани, ДОЛЖНИ СМЕ да си го искористиме правото да бидеме нејзини активни членови (на Црквата). Тоа подразбира, учевство на Светата Литургија, читање на Светите Отци.. Тогаш, сè ќе ни биде јасно. А надворешното непрофесионално коментирање, и емоционални говори придонесуваат само штета, пред сè наша лична, а потоа и на заедницата, општеството, државата, Црквата.

Православните верници во Австралија мораат да се запознаат со Православното учење на Црквата, да живеат според него и истото да го бараат од своите свештеници, и тоа ќе навистина ќе им помогне да го решат и црковниот проблем, и вистински да се обединат, па и самите на крај да израснат свештеници.

Познајте ја вистината, и таа ќе ве ослободи… (Јн. 7, 32)

 
Златко Дивјаковски

(личен став на авторот)

Поврзано:Соопштение од Светиот Архиерејски Синод