Во светиот и Велики вторник правиме спомен на параболата за десетте девојки. Зошто Господ, искачувајќи се во Ерусалим за да пострада во него, им кажува на Своите ученици вакви параболи? Затоа што овие параболи, вели Он, се однесуваат и на Евреите.

Всушност, Он ја раскажува параболата за десетте девојки за да обрне внимание на милосрдието, а истовремено ги поучува сите да бидат подготвени пред крајот, бидејќи за девството Он им зборувал повеќепати, како и за евнусите. Светото Евангелие ја предлага оваа парабола со цел некој, практикувајќи ја оваа добродетел, да не ги занемари другите, а особено милосрдието, со која се просветлува свеќата на девството. Пет од нив ги именува мудри, затоа што на девството тие му го придодале и изобилното масло на милосрдието, а пет – луди, кои исто така го имаат девството, но го немаат милосрдието – елејот. Затоа лудите (неразумни) девојки, иако го имаа поголемиот дел, го занемарија она помалото, па поради тоа во ништо не се разликуваа од блудниците. Ако овие последниве (блудниците) грешеа со телото, оние таму грешеа со нивното богатство.  Бидејќи ноќта на овој живот изминува, сите девојки заспале, односно умреле, бидејќи овде сонот ја означува смртта. Додека тие спиеја, среде ноќта се слушна повик и, оние што имаа доволно масло, кога се отворија вратите, влегоа со Младоженецот, додека лудите (неразумните), кои немаа доволно масло, Го бараа во мракот. Мудрите, иако сакаа да им дадат од своето, не можеа и, пред влегувањето на Младоженецот, им рекоа: „Ова нема да биде доволна за вас и за нас; затоа одете кај продавачите, односно кај бедните, за да си купите“. Но, по смртта, тоа не е можно. Тоа го покажува и расказот за Лазара и за богаташот, кога Авраам вели дека не е можно да се мине од едната страна на другата. Но, лудите (девојки), кога дојдоа непросветлени (без запалени свеќи), тропајќи на вратата, викаа вака: „Господару, Господару, отвори ни“. А самиот Господ им го дава овој страшен одговор: „Одете си, не ве познавам!” Како можете да го пресретнете Младоженецот без дарот, односно без милосрдието?“

 

 

 

 

На празникот на Преп. Марко и Кирил Аретуски; преп. Јован Пустиник

свештеникот Димче Бојковски отслужи Лирургија на Претходноосветени дарови.

Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

 

 Колку сме непостојани ние луѓето! Колку лесно може да не заведе и занесе световната суета, да потонеме во сонот на духовниот немар, едноставно да заборавиме на својата душа, спасението и вечниот живот во Бога. Лишени од елејот на добри дела и без плодови од талантот што Бог ни го дал, секој миг можеме да заспиеме со смртен сон и да се најдеме неподготвени пред Младоженецот на нашите души. Затоа светата Црква ни ја предлага Евангелската парабола за десетте девојки што како незапирлив будилник чука на вратата на нашата совест и со своите вразумителни поуки се обидува и во овие последни денови пред Пасха да ни ја разбуди желбата за богоугодни и милосрдни дела. Без нив како непресушен елеј нашата вера е само едно слабо пламенче кое лесно може да згасне, еден неумножен и неоплоден дар од Бога за кој секако ќе треба да дадеме одговор пред Него. Но да се запрашаме сега: колкумина од нас навистина наликуваат на петте мудри девојки од Евангелието и внимателно си го пазат запален светилникот на верата и духовната чистота, оддржувајќи го со елејот на добродетелен живот? .(Бигорски манастир)

Преминпортал (к.т.)