Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Јануариј епископ и другите со него
21 април / 4 мај

Со благодатта Христова го изгасна огнот на страстите,
о, Јануарие епископе, така подвигот твој пример стана
за твоите сострадалници: Фауст, Прокул, Сосиј, Дизидериј, Евтихиј и Акутион со кои низ оган помина.
Ти кој ѕверови скроти, мртви воскресна со
силата Христова, моли се за нас да добиеме спасение
по твоите свети молитви.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (04.05.2020)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2019 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Светиот свештеномаченик Јануариј и другите со него

Овој светител беше епископ во Кампанија Италијанска. За време на гонењето на Максимијан беше изведен на суд и мачен на разни начини, а тој поднесе сѐ трпеливо. Кога го фрлија во оган, огнот се разлади со невидлива роса и маченикот стоеше неповреден сред огнот и Му пееше пофалба на Бога. Тогаш му го стружеа телото со железни четки дури коските не му побелеа, но маченикот поднесуваше незлобливо и трпеливо. Неговиот ѓакон Фауст и чтецот Дисидериј, коишто ги гледаа неговите маки, плачеа по својот духовен отец, но и нив ги врзаа и заедно со епископот ги поведоа во градот Путеол и ги фрлија во затвор. Во истиот затвор беа затворени за Христа и путеолските ѓакони Прокул и Сосиј и двајца лаици христијани Евтихиј и Акутион. Сите седуммина ги фрлија пред ѕверови. Но ѕверовите не ги ни допреа. Тогаш ги убија со меч, а неаполските христијани тајно го пренесоа телото на Свети Јануариј во својот град и чесно го положија в црква. На гробот на овој светител до денешен ден се пројавуваат многубројни чуда. Меѓу бројните чуда запамтено е и тоа дека една бедна вдовица, на којашто ѝ беше умрел синот единец, ја зеде од црквата иконата на Свети Јануариј и ја положи на својот мртов син плачејќи и молејќи го светителот. И нејзиниот син оживе. Свети Јануариј пострада чесно во 305 година.