Македонскиот фолклор живееше во воздухот кој го дишев


Музичкиот Александар Македонски, како што неодамна го нарекоа странски медиуми... Едно од најпознатите светски пијанистички имиња... Симон Трпчески, за првиот инструмент, песна, концерт...


Првиот инструмент...
Првиот инструмент, кој го добив како играчка, е едно мало пластично клавирче кое се уште ми стои дома. Моите сигурно предвиделе дека ќе биде нешто од мене. Првата љубов сепак ми беше хармониката. И, како подарок од татко ми, на околу 4-годишна возраст, ја добив малата хармоника од руско производство "Малиш". Подоцна, на 8-годишна возраст, моите ми го купија и првото пијанино "Петроф".

Првото вљубување во инструментот...
Идејата беше спонтан одговор од страна на моите родители, на моите предиспозиции и евидентната љубов кон музиката, иако бев толку мал. Јас во семејството, покрај родителите и брат ми и сестра ми, растев и со баба ми Божана. Бев опкружен со добриот стар македонски фолклор кој живееше во воздухот кој го дишев. Кога ја зедов хармониката во раце за првпат, веднаш почнав да произведувам мелодија со десната рака. Заемната магија меѓу нас беше повеќе од очигледна.

Развивање на патешествието, први концерти...
Патешествието беше многу внимателно градено од моите родители, од сите страни, се со цел јас да имам добро, нормално и безгрижно детство. Полека и сигурно, како што бев учен. Првиот јавен настап ми беше на квалификации за "Прва хармоника на Југославија", во тогашниот Дом на Младите "25 Мај" (денешен Младински културен центар), 1984 година, а следеше настапот на истиот фестивал, во Соко Бања, Србија, истата година, пред 10.000 гледачи, се разбира, вон конкуренција. Освен на настапите во основното училиште "Едвард Кардељ" (денес "Ѓорѓија Пулески"), како и во Пионерскиот Дом "Карпош" (денес Детски Културен Центар Карпош), почнав да одам во МБУЦ "Илија Николовски-Луј" каде започнав да учам пијано. Таму ми беа и првите настапи на пијано.

Првата научена песна...
"Билјана платно белеше"

Сегашните омилени инструменти...
Се разбира, пијаното си има посебно место. Но хармониката секогаш ќе си остане мојата прва љубов. Инаку, како боја на звук, ги сакам хорната и харфата.

Анегдоти...
1. Пред настапот во Соко Бања, почнав да икам. А бидејќи требаше освен да свирам, и да пеам, буквално пред самиот почеток на настапот, татко ми ми даде кока кола". Икањето ми престана и се беше во ред.

2. Во Перт, во Шкотска, не ми стигна куферот. Излегов да свирам во фармерки, обични чевли и кошула. Сите беа среќни.

3. Во Франција, на фестивалот во Roque D'Antheron, на отворена сцена во шума, пред 2000 гледачи, почна да врне дожд. Концертот беше прекинат за публиката да добие дождовни мантили. Сите останаа. По 10 минути концертот продолжи. Истиот е снимен од Радио Франција.

4. На еден концерт во Македонија пред неколку години, на сцена се појави скакулец. Имаше интересна светлозелена боја. Добро е што успеав да го оддалечам од клавирот за да не ми одзема концентрација.

5. На концертот со легендата Владимир Ашкенази во Сан Франциско, пред почетокот на една од варијациите, заѕвони мобилен телефон. Маестрото, пред да го отсвирам акордот ја прекина изведбата. Штама во преполната сала. Јас не знаев дали да се смеам или да плачам. Тој со сериозна интонација побара да се исклучи мобилниот телефон. Штама уште неколку секунди. Се сврте кон оркестарот и продолжи со варијацијата. Внатрешно, се чувствував многу необично заради уникатната ситуација, но се созедов и продолжив со изведбата која наиде на прекрасен одѕив кај публиката.

6. На концертот во Елса, во близината на Сент Луис, сега во април, на пауза имаше проблем со денферот на клавирот (кој инаку беше во одлична состојба). Ситуацијата се искомплицира. Првпат во животот сменив сала. Цела публика се префрли во другата сала на "Принсипиа" колеџот каде свирев. На еден концерт, свирев во 2 сали и на 2 клавира. Чудо невидено.

7. На последниот концерт во Скопје, една голема мува ми правеше друштво. Важен е психолошкиот момент на концентрација во ситуација кога таа се движи на капакот на клавирот, а во даден момент ти поминува до увото и ти мораш да најдеш дел од секунда за да ја избркаш а тоа да не се одрази на интерпретацијата. За среќа, бев многу снаодлив.

Дејан ТРАЈКОСКИ