Кон изложбата на ИРВИН поставена во Културниот центар „Мала станица“

ЗЛАТКО ТЕОДОСИЕВСКИ

По гостувањето на веќе легендарната Марина Абрамовиќ во не така далечната 1997 година во Музејот на град Скопје, групата ИРВИН е второ култно име од светската авангардна уметничка сцена што доаѓа во Македонија во овие транзициски години. Сосема случајно и Марина Абрамовиќ и ИРВИН припаѓаат и на уметноста на некогашните Ју-републики (Србија и Словенија). Тие сепак се вистински топ-ѕвезди на светското уметничко небо, уметници чиј што сугестивен концепт / творештво апсолутно ја обележи уметноста на крајот на минатиот и почетокот на овој век, творци чии што дела се наоѓаат во буквално сите најзначајни музеи во светот.

Повозрасните можеби ќе се сетат дека кон средината на осумдесеттите години на минатиот век групата ИРВИН почна да делува во рамките на уметничко-филозофското движење наречено Нова словенечка уметност (Neue Slovenische Kunst). Двата основни творечки принципи на групата, формулирани во 1984 година, беа (се) ретропринципот (како рамка за анализирање на историските искуства) и емфатичкиот еклектицизам (перманентна пермутација на гледањето). Од тогаш, па до денес, групата создаде специфичен ИРВИН-концепт, насочен главно кон инкорпорирање / (пре)испитување / ре-креација на уметноста и уметничките процеси на Балканот, фасцинацијата со минатото и традицијата и корелациите со сегашноста, со филозофско-естетските аспекти на уметноста, со Малевич ... истражување на концептуалниот ликовен јазик ... при што конечниот резултат по правило е брилијантен еклектичен ликовен колаж! 

 

Оттука Македонија - нејзината уметничка традиција - недвојбено припаѓа во нивниот уметнички видокруг, а со проектот Was ist kunst Macedonia на извесен начин се заокружува овој сегмент на нивниот концепт. Овој проект користи 12 (специфични) македонски икони (од Заводот-музеј Прилеп), врамени во специјално изработени WIK рамки, во постановка со извонреден „сјај“ и спој / континуитет помеѓу класичното и современото, традицијата и „новото“. Овој проект добива дополнителни значења и длабоки димензии во контекстот на делото Тело на уметноста (посмртниот ковчег на Малевич), оформувајќи реинтерпретација на историската ситуација - одарот на овој легендарен руски уметник во Домот на художниците во 1935. Признавајќи и самите дека ова им е едно од најдобрите дела, ИРВИН-овци понатаму ќе го вклучуваат во нивните идни презентации, што е особена чест за Македонија.

Покрај стожерниот проект Was ist kunst Macedonia (во синтеза со Тело на уметноста) претставувањето на ИРВИН во Скопје опфаќа уште три нивни битни дела - НСК Гарда (извонредно сугестивна серија фотографии на зародиш на создавањето на Балканска војска во НСК државата), Источната уметничка мапа и Процесија - од кои што последниве две повторно имаат директна врска со Македонија. Поточно, Источната уметничка мапа претставува коригирана историја на источноевропската уметност, во која што се вклучени и македонски уметници (Шијак, Станковски, Вангели, Зеро и Јанешлиева), додека делото Процесија го вклучува владиката Методиј Златанов во „религиозна“ процесија со „иконата“ Малевич помеѓу две војни во рацете. Согледано во целина, претставувањето на ИРВИН во Скопје не е само можност за нашата публика „во живо“ да види антологиски дела од оваа култна група, за кратко да бидеме и ние во центарот на светското уметничко внимание, туку едновремено претставува и достоен исказ на почит на групата кон Македонија, нејзината уметност, традиција и совремие. За жал, како по обичај, ние тоа не знаеме да го искористиме!