Иконите најдобар доказ за нашето постоење

 

Иконите низ вековите припаѓале на црквата, често биле преместувани за време на османлиската власт, а според акад. Грозданов ова се "ремек-дела од непознати автори на византиската, словенската и балканската уметност и едни од најубавите на Балканот"


Збирка од вредни икони кои датираат од 13 до 19 век пронајдени во 1991 година во кровната конструкција на црквата "Свети Ѓорѓи" во Струга, во саботата беа изложени во новоотворената галерија на икони во оваа црква. Иконите како што беше речено, низ вековите и припаѓале на црквата, биле нарачувани или подарувани, а дел од нив во несигурните времиња на османлиската власт биле носени од други цркви од Струшко.

За академик Цветан Грозданов оваа галерија на икони, кои се ремек-дела од непознати автори на византиската, словенската и балканската уметност, е една од најубавите на овој балкански простор, а Струга претставува клучна артерија на македонската преродба "Ние денес знаеме кои икони ги имаме и на кое време тие му припаѓаат". Тие се најдобар доказ за нашето постоење, смета академик Грозданов.

- Денеска честопати се зборува за подвоеност на античка и словенска Македонија. Такво нешто не постои. Христијанството е онаа филозофија, она верување кое ќе ги хомогенизира сите жители. Остра граница нема туку има континуитет на македонскиот простор од античкиот период, а дека словенскиот фактор бил многу моќен веќе од 7 век со големите населувања зборува фактот што охридската книжевна школа на чело со свети Климент ќе се наметне како одлучувачка во понатамошниот развој, истакна Грозданов. Според него оваа галерија ќе биде водилка за тоа кои зографски работилници, во кое време и како твореле и што му донеле на македонскиот народ и на сите православни луѓе.

- Со ова Струга, градот на браќата Миладиновци, центарот на македонската народна преродба, местото богато со археолошки наоди, пишувани споменици, со право го носи епитетот колевка на силен и нескршлив идентитет и интегритет. Оваа поставка е репрезент на силниот дух и моќта на македонската уметничка и културна традиција, порача министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска. Со тоа, како што рече Канческа - Милевска, се презентира уште еден дел од богатата ризница на бесценетото културно богатство кое го поседува Струга.

- Иконите што се најдени говорат дека претходно постоел друг храм, кој бил помал. Ние сме почестени што можеме на идните генерации, посетители на Струга и на Охрид да им го покажеме нашето културно благо, рече митрополитот Тимотеј.

Најстарата икона во црквата од оваа збирка е иконата на свети Ѓорѓија, која датира од 1267 година. Оваа икона е откриена во 1961 г., а набргу потоа за неа интерес пројавиле голем број историчари на уметноста. Иконата е влезена во сите значајни прегледи на византискиот иконопис од втората половина на 18 век, како и во каталозите на најубавите дела на средновековниот иконопис од Македонија.


Сузана ВРЕНЦОВСКА - Вечер