Трајче Јанчевски (Куманово, 29 јануари 1928) спаѓа меѓу најзначајните претставници на модерното македонско сликарство, создавајќи во текот на педесетина години својствен и препознатлив стил и израз, постојано збогатувајќи ја основната носивост на своето творештво со нови елементи и ликовни вредности, никогаш не отстапувајќи од елементарните свои сликарски принципи, првенствено водејќи грижа за супериорноста во сликарската процедура, а во интерес на трајноста на создаденото дело во духот на таканаречената “добра стара традиција”.
 Можеме да кажеме, како што впрочем го имаат истакнато повеќе познавачи на уметноста и ликовни критичари, дека основен проблем во неговото сликарство е третирањето на човечката фигура или фигурата на некое животно (птица, риба, коњ итн.) во просторот, што е колористички густо заситен и обвиен со необично, магично и метафизичко осветлување, поради што критиката најчесто со право го класифицира во оној специфичен тренд на современото сликарство, познат како “метафизичко сликарство” или како “магичен реализам”, напати споредуван, на пример, со искуствата и сликарските метафори на еден де Кирико.    
 Преку таквиот начин на осветлување, со помошта на примамливи светлосни ефекти (како голема поука од класичното и традиционално сликарство во европската уметност), Јанчевски им одредува извесно натприродно (односно надреалистичко) својство и битност на обичните “секојдневни” предмети и животни облици, и, на тој начин, “навидум статичната, фиксирана положба и распоред на фигурите добива поетична димензија, станува соодветен израз и богата, раскошна проекција на авторовиот сензибилитет”.
 Во неговата сликарска постапка посебно место има тонското моделирање и начинот на кој е дефинирана светлината. Наместо од еден извор, таа пулсира во секој насликан предмет, дури и во темнината, зрачејќи како “метализирана глазура на мракот”.
 Тој применува силна, смела стилизација, при што си задржува слобода сосем да исфрли некои детали, без разлика дали се тоа состојки на некој објект или пропорции на човечко тело. Фигурите на неговите слики како да се јавуваат од еден друг свет, или во нивната загатлива игра небаре се упатени на некој непознат свет што лежи во имагинацијата и сонот. Целта на авторот е: преку ликовните можности и средства да &  вдахне живот и нова смисла, уметничка суштина на “мртвата природа”. Затоа често како основен мотив на неговата композиција се јавува плодот, во разни облици и бои.
 Еден од најдобрите познавачи на неговото творештво, историчарот на уметноста Љубен Пауновски ќе напише: “Сликарството на Јанчевски мотивски е настрана од длабинските хируршки или апхеолошко-психолошки сецирања на животот, од најосетливите судири во човекот, кои го претставуваат трагичниот знак и немир на животот... мотивите се општи архетипски места според кои ги именува своите слики: мајка со дете, невиност и чистота во предизвикот на јадрите и плодни телесни форми; метафора за летот на човекот како организам и како мисла; приказна за големите и мали риби; респектирање на целокупното творечко дело на природата престорувајќи ги човечките глави во плодови, а плодовите во “портрети” или инсектите во цвет, а цветот во птица.”
 Оваа ретроспективна изложба има за цел да прикаже соодветен пресек на богатото пет децениско творештво на нашиот уметник.