4 април 2011

Обидете се да изброите колку пати во последните 48 часа сте виделе или слушнале како некој го спомнува спектакуларното слатко видео со две бебиња кои „зборуваат“. Како што поминува времето, а ЈуТјуб сензациите стануваат се повеќе популарни и многу поглупави, се почесто се наоѓате во ситуација во која чувствувате силен нагон, луѓето кои тоа ви го пикаат под нос да ги предупредите дека виртуелните будалштини ги намалуваат општествените критериуми и дека полека се претвараме во она што пред неколку години имавме можност да го видиме во филмот на Мајк Џуд „Идиокраси“.

Секако, тоа не го правите бидејќи не сакате луѓето да помислат дека сте лик кој мрази бебиња или смета дека секој вид на забава мора да биде „паметен“. Таквите луѓе никој не ги сака и денес-утре можат да станат единствено дете кое не го познаваат на роденденските забави. Двете бебиња кои „зборуваат“ во секој случај се симпатични и не се разликуваат премногу од сличните видео клипови, но кога во вечерните вести ќе видите најобична домашна снимка која да бидеме реални е мила пред се на родителите на близнаците, се чувствувате дека со оваа приказна нешто не е во ред, бидејќи потсетува на праксата на иритантни мајмуни кои инбоксот ви го преполнуваат со Пауер Поинт презентации и урнебесни вицови за разлики меѓу жените и пивото.

Тривијалното е ново спектакуларно

Тоа не е ништо ново бидејќи и претходно на вести гледавме репортажи за селанец кој одгледал најголема репка, или жена која го научила соколот да менува програми, но се работи за поголема слика и ако се свртите околу себе, се чини дека пренатрупаноста со тривијални нешта излегла од контрола.

Исто така, голема репка е голема репка, сокол кој користи далечинско не е секојдневна појава, но овие бебиња прават нешто што го прават сите бебиња. Се смејат, мафтаат со рацете и нешто неартикулирано брбљаат. Но, тоа што некогаш беше цена која моравте да ја платите кога ќе ги посетевте гордите родители, денес е вест која ја пренесува целиот свет. За таква состојба не можете да обвините едно ТВ шоу, блокбастерите и инстант ѕвездите, интернет трендовите, таблоидите или навиките на новите конзументи. Тривијалното стана хит, а некои би рекле и еден од показателите на тренд на заглупување.

Ако почнете од ТВ програмите, многу брзо ќе сфатите дека се состојат од реалити и сапуници и дека вообичаените аргументи „ако не ти се допаѓа смени на друг канал“, едноставно повеќе не вреди бидејќи бирате меѓу неколку различни варијанти иста глупава содржина. Единствено што снимаме се сапуници и реалити, а домашните филмови и така не ги гледаме бидејќи немаат вампири и супер херои.

Не можеме да ги обвинуваме уредниците, но голем дел од вината е навистина нивна, бидејќи не гледаат да има квалитет туку на првиот знак на пад на гледаноста реагираат со укинување, маргинализирање или создавање на понуда која може да парира на глупавата содржина на конкуренцијата која повеќе е гледана. Глупавите работи од секогаш биле повеќе гледани од тие кои бараат барем минимален интелектуален напор, но се чини дека претходните уредници не се воделе исклучиво според вкусот на љубителите на сапуници и реалити.

Јованче и Марика – оскаровски материјал

Но, во оваа борба за гледачи, како да се заборава фактот дека се помалку луѓе го избираат телевизорот како примарен извор на забава, а уште помалку за информации. Една од причините без никакви сомнежи е потпросечниот квалитет на понудите па излегува дека телевизиите се борат за гледачи кои се уште не сфатиле дека уредниците ги ценат и ги сметаат за будали. Тука почнуваме, бидејќи телевизијата во ова не е осамена.

Кино понудата врие од будалштини па гледаме „сериозна“ верзија на Црвенкапа, роботи кои плачат и се претвараат во автомобили, бесмислени очајно напишани и уште полошо одглумени филмови за вампири што е најголем феномен, а специјалните ефекти најчесто се тука за да ви го одвлечат вниманието од фактот дека темата е бесмислена. Сезоната на хитови почнува се порано, а девет од десет блокбастери спаѓаат во сфера на забава за малоумници па филмот „Инсепшан“ го користиме како пример на комплициран и тешко сватлив филм.

Филмот на Нолан е се, само не е комплициран, но во оваа фаза сме веќе толку многу заглупавени што идејата за сон во сонот се чини како неописливо замрсена и тешко остварлива. Музичката индустрија нема квалитетни и оригинални изведувачи туку ЈуТјуб сензации кои како да се натпреваруваат во пишување на што подебилен сингл кој ќе избие на прво место. Да, Ребека Блек во овој момент е омразена, а пред десет години таков антиталент не би добил ни пет минути таква слава.

Кој знае двојка, кој не знае... 0?

Фотографиите се почесто се заменуваат со вести, но ужасно сме шокирани кога некој ќе открие дека се помалку читаме. Глупост, секако дека читаме и секако дека читаме глупости. Книгите за самопомош и автобиографиите на познатите кои не се во состојба ни да ги напишат бидејќи не се во состојба да состават една реченица, а и тешко е да се поверува дека луѓе на 30 години имаат премногу материјал за зрел поглед наназад.

Но, на кого му е дојдено до пишуван збор, бидејќи ако ги разгледате Фејсбук профилите на своите деца и за секунд ако престанете да размислувате за опасноста од интернетот, многу лесно ќе забележите дека детето ви е неписмено. Неписмен ви е и средношколецот, неписмен ви е и студентот, а кога и ако дипломира и понатаму ќе биде неписмен, бидејќи читаат само тоа што мора да го читаат. И резултатите на телетекст. До минатата недела не знаевме дека „0“ постои како оценка, но стрпете се, има време за се.

Понатаму, морате сериозно да ги прелистате шоубиз рубриките за да најдете вест без голи жени или ѕвезда која е ѕвезда поради тоа што го прави, а не поради тоа со кого спиела. Зошто воопшто кариерата ја почнале со песни кога сите знаат дека вистинскиот пат е да се соблечат пред камери, да јаваат некој стар јазовец и потоа да направат прв сингл. Истражувањата покажаа дека тоа е најбрз пат до албум.

Понекогаш мора да се запрашате за болниот третман на зборот „истражување“, бидејќи излегува дека се поголем број истражувања покажуваат со кој познат глумец жените би легнале, дали позитивниот поглед на свет може да ги зголеми градите и постои ли хормон за неверство. Со такви релевантни истражувања најчесто се бави неименуван британски универзитет па почнувате да се сомневате дека името на универзитетот се крие, бидејќи некој може да забележи дека огромни пари одат на истражување на појави за кои никој не се интересира.

Накусо, ги спуштивме критериумите и проклето ги спуштивме. Можеби малку е драматично и параноично да се збори за планирано заглупување, но дали ние ќе зборуваме за тоа или не, понудата станува се полоша и полоша и само е прашање на време кога тоа бебешко зборење од видеото ќе стане хит сингл. вз/

Извор: МИА