Нови цркви предвидени на неколку локации во главниот град

Скопските населби Железара, Мичурин и Ченто ќе добијат нови верски храмови за верниците од православната вероисповед. Македонската православна црква ќе гради црковен комплекс во руски стил во населбата Железара што ќе се простира на површина од 4.500 метри квадратни. Верскиот комплекс ќе биде прв од ваков вид во земјава, во негови рамки е предвидено да се издигне црквата „Свето Преображение“, но и дом за старци, детска градинка, амбуланта, хотел, кујна, ресторан, сувенирници, резиденција на скопскиот епископ, дом на руската култура, фонтана и споменик на упокоените Руси во Македонија од 1917 година.

 

* Црква „Свето Преображение“ во населбата Железара

 

 

Како и традиционалните руски цркви, храмот ќе има две позлатени турбиња и камбанарија со девет камбани во висина од 30 метри. МПЦ минатата година ја купи градежната парцела со површина од 6.228 метри квадратни, на која е предвидено на почетокот од 2015 година да почне изградбата на храмот. Од МПЦ деновиве дојдоа и информациите дека ќе се гради нова црква „Свети Василиј“ во населбата Мичурин, општина Аеродром. Камен – темелникот на оваа црква ќе се постави на почетокот од декември, додека финансиските средства ќе бидат обезбедени од МПЦ и од самите верници преку донации.
 

* Црква „Света Лидија Македонска“ во населбата Ченто

 

Покрај идеите за изведба на овие два верски објекти, деновиве во населбата Ченто започна изградбата на црквата „Света Лидија Македонска“, која ќе се подигне со помош на МПЦ, донации од претприемачите и на локалното население. Овој храм ќе се простира на површина од 303 метри квадратни, со помошни простории од 320 метри квадратни. Во рамките на црквата ќе има камбанарија и крст во висина од 25 метри, дворна површина и фонтана.



#
Објавено на 24.11.2014 во категорија Вести.

Тагови: Верски, Културни, Образовни, Пензионерски домови, Скопје, Споменици и скулптури