ПО ОТКРИВАЊЕТО ДЕСЕТ КИЛОГРАМИ ТРАХЕИ НА ПЛАОШНИК

Четирите илјади бронзени монети, кои деновиве беа пронајдени крај западните ѕидини на Плаошник во Охрид, потекнуваат од византискиот период и биле сопственост на манастирскиот комплекс во кој се наоѓало Светиклиментовото училиште, вели археологот Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културно наследство. Монетите се пронајдени крај западните ѕидини на возобновената Светиклиментова црква „Свети Пантелејмон“. Станува збор за повеќе од десет килограми трахеи - монети од бронза со чанкаст облик, кои заради специфичноста на ковањето се вдлабнати во средината. - Во моментов е невозможно прецизно датирање на монетите. Знаеме само дека потекнуваат од 13 век. Тие треба да се исчистат, а потоа да се извршат анализи и да се утврди кој византиски владетел се наоѓа на нив, и точно за која декада на тринаесеттиот век станува збор - вели Кузман. Археолозите ги пронајдоа монетите во депо, сместени во вреќа.

Според Кузман, се работи за поголема заштеда на пари, веројатно собирани за потребите на манастирот. Црковните пари, според археолозите, веројатно биле чувани во посебна просторија и биле користени за секојдневните потреби на манастирот: за трговија, за набавка на предмети потребни за вршење на црковните обреди, за храна, облека и други намирници неопходни за црковниот живот. - Со оглед на фактот што Светиклиментовиот манастирски комплекс во тој период имал богат црковен живот, развиена трговија и соработка со други црковни комплекси, не изненадува фактот дека на едно место се пронајдени толку многу пари - констатира Кузман. На крајот на минатата година, на само пет метри јужно од местото каде што се пронајдени трахеите, археолозите откопаа керамичко грне со повеќе од две илјади сребрени монети со венецијанско потекло. - Сребрените монети, кои потекнуваат од Венеција, зборуваат за богатиот живот на Светиклиментовата црнава, која од десеттиот до четиринаесеттиот век била центар на македонска писменост и комуницирала со други значајни црковни центри - вели Кузман.

Со наездата на Турците во петнаесеттиот век, престанал да функционира овој значаен културен и манастирски комплекс, а црквата изградена од свети Климент Охридски била претворена во џамија. Во Светиклиментовиот манастир се наоѓал и првиот Словенски универзитет, жариштето на словенската писменост и култура, местото каде што биле удрени темелите на Охридската книжевна школа.

Кате Антевска- Време

Посети:{moshits}