Кој треба да го проповеда Христос?

3.angeli.so.truba


Исповедајќи дека Христијанството не е од овој свет „кој во грев лежи“, (1 Јов. 5,19), забораваме дека Бог го создаде човекот, според образ и подобие, давајќи му слобода дури и да Го распне и да се откаже од Него, а и светот со сè што е во него – зашто виде Бог дека е добро (Битие 1).

Господ е Милостивиот и Праведен Судија кој ќе му суди на светот, но и покрај тоа што човечкиот потенцијал за зло не бил сокриен од него, Неговата Богочовека промисла создава живот, Царство, кое е во светот, но на светот не му припаѓа, и кое ни вратите на пеколот нема да го одолеат – како што знаеме, Црквата.
Тоа Царство нема географски граници, административна јурисдикција, нити световна власт – но ниедна власт не може да го уништи. Но, од друга страна, тоа Царство, не е шеријат, и не може, нити пак треба да се наметне на светот наоколу. А вратите на Царството се отворени...


Гледајќи ги ставовите на многу православни христијани, не можам да не  забележам дека тие многу повеќе зборуваат за „светот“, отколку што светот зборува и мисли на нив. И ако толку сакаме светот да го запознае Христос, тоа ли е начинот да се посведочи? Зарем ќе било доволно апостолите да отидат до краиштата на вселената и да проповедаат дека се родил некојси праведник кого тие безбожните и грешните го распнале? Тоа е проповед на смртта, на една од многуте жртви на системот, но не и на Господ, Кој воскресна од мртвите.
Цело време го осудуваме светот и бараме, очекуваме тој да ни ги реши проблемите, а всушност ние сме му „должни“ на светот. Ако ние не станеме сведоци на тоа Царство Небесно кое е во нас, ако луѓето не можат да го препознаат Христос во нас, каде и како ќе го видат?
Особено  денес, кога паранојата за светскиот заговор се повеќе се зголемува, сè поприсутни се повици на бунт, отфрлање на системот, науката, медицината итн.  Светските заговори, безобразна политика од секогаш постоеле, но порано христијаните биле свесни дека тоа не е нивна работа. Паранојата не постоела.
Почнувајќи од примерот на светите бесребреници, кои биле лекари и по професија, па на други свети маченици, кои до последно ја исполнувале својата служба и долг во општеството.
Со други зборови, ако си лекар – лекувај, ако си професор – обучувај, ако си фармер – облагородувај ја земјата, ако си занаетчија – ковај и стани мајстор во своето дело. И што и да правиш, прави го со љубов, како служба на другите и благодарност на Бога. И се разбира, моли се.
Кога така ќе постапуваме, ќе имаме и добри лекари, професори, фармери, занаетчии, политичари, свештеници... И општеството ќе ни биде поинакво. Зашто Господ сèуште го праќа сонцето да свети над лошите и над добрите. Христијаните не го отфрлале светот, туку гревот во него. Кога ќе изгрее сонцето, ноќта сама исчезнува. А ако зајде сонцето во гневот наш... (Ефес. 4, 26), и ние сме дел од ноќта.
Тоа е условот за успех во секоја област: биди ти промената што сакаш да ја видиш во светот. Само за тоа ќе сносиме одговорност.

И за крај, ќе го споделам златното правило на

Св. Амвросиј Оптински:
„Живеј, не тагувај, никому не досадувај, и секому должна почит“.


А бидејќи луѓето се нели образ Божји, бајги сме должни.

Автор: Д.З.




Илустрација:  Добриот Пастир, 425 година, Равена, Италија

 Преминпортал, 29ти ноември 2020 лето Господово