Политичките стравови ги водат уметниците кон автоцензура
Ивана Васева

Политичката функција на уметноста во последно време е посебно чувствителна сфера на глобално ниво, па уметниците под притисок на јавноста се почесто се решаваат за самоцензура, коментираат критичарите на уметноста.
Своевремено арапскиот писател Салман Ружди ја крена на нозе светската јавност со неговата книга „Сатански стихови“, за што со години добиваше смртни закани. Истоветни закани деновиве се адресираат до холандскиот режисер Герт Вилдерс чиј краток филм „Раскол“ ги навреди чувствата на муслиманската заедница. Кај нас, пак, уметникот Атанас Ботев ја испровоцира и македонскат и грчката јавност со билбордите за изложбата на тема егејски егзодус. - Во последно време многу се внимава на таканаречениот навредлив говор, на тоа дали уметноста со некој свој дел ги повредува чувствата и човечките права на друга заедница. Сето тоа резултира со нарушување на правото на автономност на уметноста. Така, во ова наше време на демократија се воведува цензура или самоцензура, нешто што изгледа толку несфатливо. Засега светот нема друго решение освен за да ги забрани провокативните дела - вели културологот Роберт Алаѓозовски. Тој смета дека периодот од 60-тите до 90- тите години на 20 век беше златното време на авторската слобода, а во 90- тите години на минатиот век, со големиот судир на цивилизациите, почна да се губи удобноста на уметникот. - Сега таа апсолутна слобода на уметникот веќе е нарушена - вели Алаѓозовски. Според Алаѓозовски, ако уметниците одберат да работат дела со политички конотации и ако обработуваат чувствителни теми, треба да ги прифатат дебатите што следуваат и да видат колку нивната уметност е истрајна на времето. - Постои уметност, чијашто цел е да шокира, да предизвика скандал, да привлече внимание, да биде актуелна, а со самото тоа и да стане тема на дискусија, па дури и на критика (јавна критика е добредојдена, а така се станува и тема број еден) . Ако намерата на авторот била да шокира, тоа не треба да се потценува - вели ликовната критичарка Ана Франговска. Според Франговска, уметникот не може ништо да измени во општествените состојби, но, сепак, авторите што создаваат политички ангажирана уметност и имаат цел да бидат провокативни, иако не менуваат ништо конкретно, сепак го привлекуваат вниманието, и тоа не само на стручната јавност.

Уметникот треба да го зачисти општественото буниште

Сметам дека слободата на уметникот и неговото творештво се неприкосновени и дека е нужно авторите да го покажат својот став за општествените теми, колку тоа да не им се допаѓа на другите, коментира Искра Гешоска, теоретичарка на уметноста. - Уметниците и, воопшто, граѓаните мора да коментираат, да преиспитуваат и да прашуваат. Начинот на кој уметникот го прави тоа може да биде апстрактен, симболичен или многу директен и бучен бидејќи уметниците не ја сакаат ентропијата што ги прогонува. Задачата на уметникот е токму да ја дообликува ентропијата и да го извади на површина буништето на општеството повикувајќи не сите заедно да го зачистиме - вели Гешоска.

 

Извор: Време