Свештеник ПАВЛЕ Гумеров
ПРАВОСЛАВНА АСКЕТИКА ЗА МИРЈАНИ
ГЛАВА III

БОРБА СО ПОМИСЛИТЕ
Отфрлањето на лошите помисли е неопходен услов за борба со страстите. Страста не се раѓа во човечката душа одеднаш. Светите Отци учат дека таа започнува со предлог – со приближување на искушението или соблазната.
Предлогот се појавува во свеста како последица на визуелни впечатоци или други причини, или како слика наметната од непријателот – ѓаволот – но против човековата волја, без негова согласност. Човек самиот решава дали ќе го прими предлогот во своето срце или ќе го одбие. Ако го прими, тој веќе почнува да го разгледува, и така станува „негово“. Оците го нарекуваат тоа соединување или разговор со помислата.
Третиот стадиум е наклонетост кон помислата – согласување со неа – кога волјата веќе е под влијание на грешната мисла и е спремна да премине кон дело. Во мислите, велат Оците, се извршува половина од гревот. Господ вели: „Зашто од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељуби, блуд, кражби, лажни сведоштва, хули“ (Мт. 15,19).
Апостол Јаков додава: „Потоа желбата, кога ќе затрудни, раѓа грев, а гревот, кога ќе се изврши, носи смрт“ (Јак. 1,15).
Грешната помисла што се вселила во душата неизбежно преминува во дело. Оној што си дозволува наметливи погледи, што не го чува својот вид и својот слух од соблазнителни слики и чии помисли се исполнуваат со нечистотија, не може да остане целомудрен.
„Зар може некој да земе оган во пазувите, а облеката да не му се запали? Зар може да оди по живи јаглени, а нозете да не ги изгори?“ (Изреки 6,27–28).
Затоа, оној што сака да води духовен живот треба да ги отсекува лошите помисли уште во нивниот зачеток. Бидејќи „блажен е оној кој ги фаќа и ги разбива твоите деца од камен“ (Пс. 136,9) – односно: блажен е оној што ги уништува помислите уште додека се мали.
Предлогот, како што кажавме, е нешто што не ни припаѓа – како штетен инсект кој налетува во нашата свест низ полуотворен прозор.
Некогаш читав во една книга од областа на психологијата дека нашите мисли не се наша вистинска „сопственост“. Она за што размислуваме е резултат на воспитување, околности, времето во кое живееме, земјата во која сме родени. Да сме се родиле во друго време и друго место, ќе мислевме поинаку. Ова важи и за православниот човек: грешните помисли може да произлезат и од непријателот на човечкиот род.
Но ова важи само додека мислата не ја примиме. Кога човек ќе ја прифати помислата и ќе почне да ја обработува, тој веќе се соединува со неа – таа станува негова.
Психолозите советуваат да ги одделуваме лошите мисли од добрите – да се „разведеме“ од лошите и да не ги сметаме за свои, а светлите и добрите да ги „поканиме“ во себе.

Слично на ова, свети Теофан Затворник вели:
„Голема заблуда е да сметаме дека сè што се јавува во нас е наше и дека мора да го браниме како себе си. Сето грешно дошло во нашиот живот однадвор, затоа мора да го оддалечуваме од себе; инаку ќе имаме издајник во своето срце. Оној што сака да води духовна борба мора да го препознае непријателот во себе; отфрлувајќи го грешното движење, да го прогласи за непријател, а потоа да разбуди омраза кон него во срцето. Тоа е најспасоносниот начин да се изгони гревот.“
Навистина, гревот и нечистотијата не се дел од душата; тие не се природни за човекот. Со крштевањето човек повторно се очистува како ангел Божји. Грешното доаѓа подоцна, кога ќе му дадеме согласност. А кога веќе ќе му отвориме место во душата, многу потешко се истерува.
Подготвил С.Стефковски