EMGN-Fox-Village-In-Japan-17
 
 
13/05/2015   Поуки - совети

Во Египет, каде што во длабоката христијанска древност имало многу големи манастири, еден монах се дружел со неук, прост селанец – фармер. Еднаш, селанецот му рекол на монахот:

– И јас, исто така, го почитувам Бога, кој го создал овој свет! Секоја вечер турам козјо млеко во чинија, и го оставам под палмата. Ноќе, Бог доаѓа и го пие моето млеко. Многу Му се допаѓа! Ниту еднаш не се случило, да остане нешто во чинијата.

Слушајќи ги тие зборови, монахот не можел да не се насмее. Тој добродушно и пристапно му објаснил на својот пријател, дека Бог нема потреба од козјо млеко. Сепак, селанецот настојувал на своето. И тогаш, монахот му предложил следната ноќ, тајно да внимава што се случува, откако садот со млекото ќе го остави под палмата.

Речено – сторено: Ноќта, монахот и селанецот се скриле во близина, и под месечевата светлина, брзо виделе како кон садот се прикрадила некоја лисичка, и го излокала целото млеко.

341-1

Селанецот тоа откритие го погодило како гром од ведро небо.

– Да, – скрушено признал тој, – сега гледам: тоа не бил Бог!

Монахот се обидел да го утеши христијанинот, и почнал да му објаснува, дека Бог – е Дух, дека Тој е сосема поинаков во однос на нашиот свет, дека луѓето Го спознаваат на посебен начин… Но, селанецот само стоел пред него со наведната глава. А потоа, заплакал и си отишол во својата колиба.

Монахот исто така се упатил кон келијата. Но, кога дошол до неа, тој зачудено видел на вратите Ангел, кој му го преградувал патот. Монахот во страв паднал на колена, а Ангелот му рекол:

– Тој прост човек немаше ни воспитание, ни писменост, ни мудрост да Го почитува Бог поинаку, отколку што тоа го правеше. А ти со својата мудрост и писменост му ја зеде и таа можност. Ќе речеш, дека несомнено си постапил правилно? Но, едно не знаеш, о мудрецу: Бог, гледајќи на искреното срце на тој селанец, секоја ноќ ја испраќаше кај таа палма лисицата, за да го утеши и да ја прими неговата жртва..

 

Архимандрит Тихон Шевкунов

Извадок од книгата „Несвети, а свети“

Извор: Преспанско- пелагониска епархија